Симон Дракул. „Белата долина“ Снегот врнеше целиот ден у бога и небото ниеднаш не порасте над врвовите на највисоките дрвја, но тие тројца постојано продолжуваа да чекорат. Денот беше сиот затнат од магличав, густ врнеж, само тоа нив тројцата ниеднаш не ги натера да се подвоумат и да се поколебаат во својата зачекореност. Беа тројца селани и го цепеа високиот наврнат снег, оставајќи зад себе една длабока бразда, во која стапалките едвај се распознаваа; не многу далеку зад нив врнежот веќе почнуваше да ја зарамнува таа нивна трага, но тој ниеднаш не ја скуси нејзината змијолика издолженост низ длабоко притулената снежна шума, бидејќи за тоа време тие веќе имаа пробиено уште толку во матната белина напред. Одминуваа, нишкајќи се, неизгубени низ тоа снежно море. Дишеа од развиорените снежинки пред своите лица. Се веднеа под тежината на спуштеното небо над нивните ќулавки. Тонеа длабоко над колениците во мекиот јужен снег и ниеднаш не застануваа да почиваат. А погледот им остануваше постојано заталкан и на самата граница од изгубеноста во разресеното и ниско стежнато небо, кое изгледаше како над шумата да беше налегнат со своето руно некој со години нестриган овен, под кое беше исто онака топло и заглушно. Од тоа руно, трпеливо и споро се ронеше снегот, паѓаше бесшумно и кружејќи, имаше чудно мек допир во својата залебденост, носеше блага вртоглавица во погледот, со плавната развиорена спорост на своите роеви-роеви снежинки, што надоаѓаа повеќе од сите страни, отколку озгора, густо и со некаква волшебност исполнувајќи го просторот меѓу небото и земјата. На тој простор беа дрвјата. Беа едни сосем бели дрвја, имаа вклапнати ветки под тежината на перниците окит; мируваа, невистинити, дополу скриени во овнешкото руно небо, и само понекогаш, многу ретко, знаеја да дадат од себе знак на живот. Всушност тоа секогаш беше само едно од тие дрвја, кое ќе стореше само едно движење, едно такво движење, како кога се сонува тежок, долг и морничав сон, и беше секогаш тоа само една ветка што се исправаше нагоре, како празна дланка во несвесно замавнување, што оттурнува нешто од пред лицето, додека под неа веќе се ронеше истресениот окит. Тогаш и многу други гранки ќе ги подигнеа своите згрчени прсти, и ќе се растовареа. Тоа шумата продолжуваше да трае; една бела шума од снег. Одвреме навреме од длабочините на таа шума допираше само уште чкртањето на некоја скршена гранка, или пак погибелниот писок на некој отчешнат пар, кој стивнуваше толку бргу, што се чинеше како некој да ја придушил токму штом зинал да вресне. Кога беше ручек време, оној напред застана и извади од торбата парче леб и парче сланина. За тоа време двајцата по него го настигнаа и тој им пресече од лебот и од сланината. Притоа не рекоа ништо, и оној напред уште веднаш продолжи да разгазува. Одеше јадејќи и воопшто не мислеше дека на двајцата по него им е полесно да чекорат по неговите стапалки. Беше тоа едно толку големо човечиште, што не можеше за него да биде врзана една таква ситна кривоглешчинка за разгазувањето. А снегот под неговите чекори како сам да се расцепуваше. Секогаш сакаше да избрза напред и дури кога ќе се оддалечеше од оние двајца назад, можеше да го има усетот задоволство што е сам со сета таа неразгазена белина. Тогаш бараше со погледот ненаврнати дири од зајаци и од друга дивина меѓу стеблата; гледаше кревки букови фиданки, тутнати со своите круни под снегот; изнаоѓаше парче зеленце во таа еднообразна белина: – притулена смрека, илузија за зеленило пред отворените погледи на засонуваните зајковци, кои ги одбираат своите земни легла само во смреките, помислуваше тогаш, а беше најсреќен кога можеше сосем да заборави на оние двајца влечковци по него. Тогаш се чувствуваше скоро ослободен од нешто замрсено и погано и мислеше само на тој снег, гледаше само наврнати дрвја пред себе и откриваше голинки и пресеки, според кои знаеше дека тука некаде поминува и патот, повеќе со некој инстинкт во себе, отколку по нешто видливо, немаше ништо заедничко со тоа како изгледаа тие места лете, кога ја немаше оваа белина, кога беше сува земја и кога беше зелено. Освојуваше чекор по чекор од таа беспределна белина и тоа сега никој не можеше да му го расипе. Никој не му тежеше со своето присуство, и тој изнаоѓаше сè поинакви радости за својот поглед, и за своето тело; беше доживување за него тоа што можеше да ја сака слободно таа бела тишина пред себе и постојано да си изнаоѓа едно чудно, само насетено, но и секогаш вистинско разбирање со тој простор. Беше тоа за него речиси како разговор со некој од оние ретките, стари пријатели, за кого воопшто не си се надевал дека некогаш ќе го сретнеш; токму таква му беше неговата средба со белата снежна шума. Во таквите куси мигови, кога му успеваше да заплива сам и сосем по таа белина, чекорот му стануваше лесен како на елен, а во него се насобираше некое гнездо топлина, што раздразнува меко, гаделичкајќи го во градите, и му беа потребни само уште неколку такви длабоки и слободни здивнувања за да ја изгуби сосема тежината на туѓото присуство и да запее. Да вресне нешто без смисла и без ниеден збор, само еден таков див, долг и докрај ослободен вресок. Толку беше големо тоа негово откривање за себе, дека тој ете може пак нешто и да сака, на еден ваков чист и само негов начин; да го сака токму така незаоглавено; дека ќе го имаше заборавено тоа ниеднаш досега и дека никој не успеал да му го одземе. Еј, ти, бела шумо, врескаше во себе. Го викаа Змејко. Уште од изутрина кога го напуштаа селото, Змејко гледаше да биде колку се може понапред од оние двајца. Тогаш, во скржавите зимни мугри, угаснати од врнежот, зад нив само уште кусо време мижуркаа неколкуте осветлени прозорци на селото. Потоа се развиделуваше, а тие тројца пред да навлезат во шумата, се обѕрнуваа уште по еднаш да го видат селото и не видоа ништо. Насекаде беше само снег. А Змејко ни кај себеси не си го поднесуваше тоа обѕрнување; уште веднаш налутено зачекори напред. И продолжи така целиот ден. Вториот понекогаш ќе застанеше и ќе го подзачекаше последниот за да му рече нешто. Вториот исто така беше еден висок човек; тој беше Претседателот на Задругата, сите му го имаа испозаборавено неговоти име и го викаа Претседателе. Неговото лице сега беше црвено од потта и на места лилаво и модро. Оној последниот беше малечок, со едно ситно телце, така што едвај им стасуваше до рамениците на двајцата напред. Под неговата ќулавка наѕиркаа само двата краја на мустаќите, исукани и сиви, како вршкови од глувчи опашки. Тој долго ќе климаше со главата и со мрморење ќе го одобруваше она, што ќе го речеше Претседателот, заминувајќи по него. Третиот беше бригадир на градежната бригада на Задругата; сакаше и нему да му го заборават името и да го викаат Бригадире. Го викаа Језекил. Со Змејко ниеднаш не проговорија. Ни тој ниеднаш не успеа сосем да ги заборави нив двајца. Го расцепуваше снегот напред, честопати и со гневни чекори, знаејќи постојано дека уште ниеднаш и никој не ќе може да смисли за него такви луѓе, со кои би можел помалку да разговара, од оние двајца назад. Преминуваа од една шума во друга. Ретко ќе се најдеа зачекорени по голините од пресеките. Небото паѓаше сè пониско, Змејко ги водеше низ снежната шума како по друм, без ниеднаш да се подвоуми. На неколку места ги вкрстија стапалките со нови, недонаврнати дири на дивина. Притоа сите тројца помислија на своите пушки на рамената. На едно место сурија диви свињи го имаше испревртено снегот, изваѓајќи на површината партали слепени оломнански лисја од шумурината. Беа поминати како ветер и ја имаа збришано надолу по една долка меѓу стеблата. Сите тројца сега пак помислија на своите пушки на рамената, само на еден сосем поинаков начин. Одминаа понатаму. Дишеа ретка пареа. Беше топло. Сега се спуштаа по една бескрајна удолничава шума. Стеблата како сеништа, несвршливи, се подаваа од врнежот. И набргу од некаде почна да се прикрадува приквечерината. Тоа не беше темница. Беше само некоја подизгасната видливост, некоја бледа сенка, се кончеше во кночки неосетни нишки од зад сите стебла, надоаѓајќи, празноока. Еднаш ноќта зеде сосема видливо да настапува. Тогаш тие тројца, секој за себе, помислија дека го имаат и во градите тој снег. Беше некаква грамадна грутка, истоперена таму, во нивните гради, заедно со измореноста; воопшто не беше студен. Беше само некаква подлипнатост и од неа дишењето стануваше потешко и носеше болни блажеви во слабините, како местото на здивот во градите да беше зафатено од нешто друго; од тоа чекорење стануваше сосема тешко. Тоа Змејко го чувствуваше како напор при пречекорувањето, воопшто не како некакво заоглавување; но на Претседателот, а осебено на Језекила, тоа сосема им ги скусуваше чекорите, и тие често застануваа и дишеа со сапови. Продолжуваа, сепак; се немаше каде. Дишеа густа пареа. Квечерината беше многу побеспокојна и се спушташе понеумоливо и од врнежот; во неа исчезнуваа дури и меките допири на снежинките. Сè наоколу исчезнуваше во некакво оловн осенеење, а тие во него остануваа сосема сами. Беше една попуста желба со своето чекорење да се покаже и своето постоење под тоа ниско небо, што гмечи со тоа колку е црно, но секогаш на крајот остануваат изгубени, и секој за себе, и сите тројца заедно, во својата заталканост. Набргу, сепак, тие се настурија до голината на една длабока долина, и Змејко уште веднаш ја изнајде напред во снегот затрупаната врата на шумската пилана. Кога стасаа другите двајца, Змејко веќе седеше крај печката, направена од големо бензиско буре, што се разгоруваше, а на ѕидот од греди висеше неговата пушка, сосема сува. Оние двајца долго пуфтаа со нозете, трсејќи го снегот од обувалата. После тие ги тресеа со метлата и своите ќуркови, во чија волна на јакните снегот беше така впиен, што можеше да биде исчистен само кога ќе се стопи. Кога беа готови, тие влегоа и седнаа еден до друг на широкиот дрвен кревет. Едно време останаа тука, сосем склупчени, како никој да не ги беше прибрал под стреа од нивната заталканост, која само по некоја среќа можела ете и да има крај, и чиниш се чувствуваа непријатно од тоа гостопримство. Беа изгубени, и едвај се изнаоѓаа себеси. Имаа бледи лица на виделината од малото фенерче на ѕидот. Дури некогаш доцна тие во себе ги изнајдоа и зборовите, и првин прошепнаа по нешто, тивко и скришно, само за себе, додека по подот си играше одблесокот од вратничката на разгорената печка, која боботеше и потплуснуваше со металот што се усвитува. Во прозорецот веќе беше опрено мечкиното руно на ноќта, црна и дива. А оние сега како допрва да ги откриваат ѕидовите и нивната волшебна моќ да ги оделат од дивината; им требаше доста време за да се изнајдат сосем и да почнат да ги бришат своите пушки. Лицата сè уште им останауваа бледи. А во секое нивно движење стоеше подлипнатоста и вчудовиденоста. Змејко имаше сосем црвено лице и веќе си беше како дома, прифаќаше нешто околу фенерчето со малечко, топчесто шишенце, многу помало од неговата тупаница. Виделината беше мека и испресечена од неколкуте вкрстосани жици околу пламенчето. Еднаш сепак и оние двајца се насмевнаа за нешто, и уште веднаш и нивните лица им станаа црвени. Набргу се навечераа и позаспаа. Змејко спиеше на постелата, што си ја посла за себе во ќошот, а оние двајца легнаа на креветот. Беа гости, и тој им го отстапи своето легло. Беше длабока ноќ, кога волците почнаа така да завиваат под нивниот прозорец, што сите тројца уште веднаш заборавија дека пред малку спиеле. Лежеа будни и гледаа во темничината што ја исполнуваше густо и до врв нивната собичка. Во неа исчезнуваше сè, дури и ѕидовите; не можеше да се распознае никаков знак ни од прозорецот; во него темничината беше најгуста. Беше една таква темничина, што се чинеше дека може и да биде гризната, а тие беа скаменети и заслушани во морничавите писоци, што настасуваа од сите страни; што речиси ги обиколуваа во еден сосем стеснет круг. Завивањата почнуваа веднаш крај нив, на неколку чекори од нив; тоа ги тераше при секој нов писок да се ребрат, збрани во студените трпки на голиот страв. Многу ретко можеа да останат лежјќи во мекиот полушепот на врнежот, кој сосем не беше тишина; очекувањето на новиот писок секогаш зинуваше во нив со уште една поужасна бела морница. Змејко лежеше во својата постела од неколку ложници од овчи штавени кожи, што му го обгрнуваа телото и просто ги извлекуваа од него сите болки од измореноста, оставјќи го издолжен и опуштен. Тој го познаваше многу добро она, што се случуваше сега надвор. Беше тоа една скоро постојана глутница волци, што шченеше и живееше тука, во Белата Долина, и сега палавееше во снежната ноќ. Беше крајот на јануари, и тој одсекогаш знаел дека тоа со волците мораше токму вакво да биде. Но, нему му беше многу понезнајно и тешко со она, што се случуваше тука, внатре, во неговата собичка од пиланата, во која сега беше и толку пријатно топло. Од она надвор тој знаеше што може да очекува; но тој не можеше воопшто да биде сигурен во она, што можеше да се случи тука, крај него, во собичката. Му пречеа оние две џишки од цигарите, што веќе тлееја на креветот. Понекогаш тие зажаруваа така што и темничината во собичката стануваше од нив злослутно црвена. Потем тие пак продолжуваа само да тлеат. Мислеше дека ќе биде добро ако сè сврши на тие две жарчиња, што бодат. Ги познаваше добро оние двајца на креветот, тој знаеше дека никогаш во ништо не можеш да си сигурен со едни такви двајца. Но, не можеше ништо. Остануваше, издолжен и притаен, во својата постела и не првпат посака нешто со што би им помогнал. Бараше тој низ себе сето време, и пред својата сознајност во тоа, нешто што би можел да им рече, за да прекине таа напнатост, но ниеднаш не изнајдуваше ништо. И полека веќе стануваше нервозен од тоа. Беше најмногу нервозен кога се усвитуваа оние две жарчиња; пренапрегнатоста тогаш му се плескаше врела в лице, а под мишките се завиваше во два задушни гомарни витла. Се чувствуваше како со свои очи да го гледа ширењето на некаков подмолен пожар, кого нити имаше со што, нити пак имаше волја да го гасне. Се штуткаше, со тоа чувство во себе, како да растрчува наоколу со него голорак; скоро сеќаваше како се поти. Знаеше дека можеш да си сигурен во некого дека е страшливец, но дека е многу незгодно тоа со свои очи да го видиш, а тој да е свесен и за тебе и засебе во тоа. Сакаше барем да се сочува оние двајца да не го вовлечат и него во онаа своја каша, што ги оземаше сега целите; се мачеше да изнајде нешто, со што би го одвратил тоа од нив, но и низ сето време продолжуваше само да молчи во миризливата топлина на ложниците околу своето тело и на лицето; и сето време продолжувајќи сè побеспомошен да го сеќава само тоа како оние тонат. Понекогаш, ретко, можеше да издивне. Понекогаш многу ретко, можеше да им рече: Одете по ѓаволите. Ионака еднаш моравте да го знаете сево ова. Сега можете да го сетите, – им зборуваше во себе, збрани на креветот и вслушани во силните писоци на дивината надвор. И одете полека во триста ѓаволски мајки, со тие ваши цигари. Само стиснете ја петелката, – и ги предупредуваше, – зашто секој неуспех во тоа изгледа многу грдо; уште погрдо кога ќе се гледа вака, оддалеку и однадвор. ... Дојдоа синоќа за да го остават него тука, а утре оние двајца да си заминат назад во селото, далеку од тука едно летно претпладне пат. На Змејко му беше мака што не помисли ниеднаш и на една ваква ноќ, што не беше сигурен дека во неа ќе биде со овие двајца вака. Ги знаеше тој ваквите ноќи; во нив и сам не можеше да спие мирно; но тој сега немаше ни трошка од она свое неспокојство. Оние и тоа му го расипуваа и му го разнесуваа нему. Му го одземаа неговото сопствено доживување на Белата Долина, и најповеќе токму со тоа му тежеа со своето присуство. Знаеше сега добро дека требаше да ги одврати и да не се согласи да дојдат со него; но во своето легло сега можеше само уште да се глода заради тоа. Можеше да си дојде тука и сам, та тие со ништо не му го олеснија своето доаѓање. Занеше дека беше тоа во оние двајца таму само една таква неразбирлива желба, што ги тера сите мажи да појдат еднаш и да преспијат среде снегот; да се најдат себеси еднаш мирни сред тој снег, а потоа долго да прикажуваат за тоа како за нешто големо од својот живот. За него тоа воопшто не беше големо; беше нешто секојдневно и обично, и тој ретко мислеше дека е со нешто поголемо од неговото сфаќање на суровостите од својот делник. Можеби дури и си го сакаше тој, сето она, што се случуваше сега надвор. Но, и тоа негово сакање беше мирно, со полно познавање, па и со некое просто разбирање и за дивината. Кога сакаа, тогаш еве им можност и да се обидат, мислеше понекогаш и со предизвик кон оние двајца. Сега можете да се обидете, – им зборуваше во себе, едвај потсмирен, од својата постела. Обидете се во тоа. Вие сте големи јуначишта, а овие славеи вака пеат. Набргу му успеа да се оддалечи толку од оние двајца, што веќе престануваа да му пречат и жарчињата од нивните цигари. Најпосле она си остануваше да си биде нивна работа, работа на секој од нив. Тогаш пушти ги сами нека си ја вршат. Можеше сега дури да му биде и сеедно за тоа, и тој се сврте на другата страна. Му беше сеедно, исто како што му беше сеедно кога рече дека може да дојде ваму и сам, кога се согласи да дојде и да остане тука сам; исто онака како што му беше сеедно додека чекореше сиот поминат ден напред по неразгазената белина на снегот; и кога не се погрижи ниеднаш дали оние двајца продолжуваат да идат по него и дали им е ним полесно да чекорат по разгазената негова трага. Мислеше сега дека ќе треба да остане тука дестина, или повеќе дена; да причека времето да разјужи, а тоа можеше да се случи лесно и сосем бргу по овој јужен врнеж. А тогаш, кога ќе потече водата, да извади неколку кубика штици, што £ беа потребни на нивната Задруга. Му плаќаа двојни трудоденови за сите три дни што требаше да ги преседи тука. Но, и да не беше тоа, тој пак ќе се согласеше да дојде, зашто на Задругата навистина £ беа потребни штици. Беше единствениот, што и сам можеше да го стори тоа; само тој и Дуко знаеја да работат со пиланата онака, како што требаше да се работи со неа. И кога веќе Дуко не можеше да дојде со него, тој воопшто не се двоумеше кога се согласи. По својата дадена согласност, вечерта, кога поразмисли за неа, тој дури и му се радуваше на едно вакво доаѓање. Тоа во него не беше она што ги тераше овие двајца да дојдат без потреба со него. Кај нив тоа беше нешто за кое ќе се прикажува. Кај него си беше нешто сосем друго... Беше нешто сосем поинакво, беше бегање, тој сега можеше во мислите да му го каже и вистинското име. Да, она во него беше бегање. И задоволство од тоа што ќе избега. Барем за неколку дена, барем за неколку недели. Денес, додека чекореше сам по белината напред, и додека £ се радуваше на таа своја самота, тој можеше добро да сфати што сè е во него тоа. Сега можеше и да се радува што ќе биде неколку недели надвор од оној до ситници раздробен и познат ден во селото, кога сеќаваше како секој поглед, секој збор, оди против тоа да те препознае и признае. Те пренебрегнува, те премолчува, те принудува на една спарушеност, на изветвеноста од честите среќавања, од долгото гледање и од нерадосното познавање. А ти си бесен, да треснеш сè од земјата и да бидеш малку сам спроти нешто, против снегот, против оваа дивина. Да бидеш и суров, спроти една суровост со која сè уште не си стасал докрај да се фатиш в гуша и да ги одмериш силите; да ја изостриш и својата суровост до нејзината секавична острина, и да бидеш постојано буден спроти тоа неочекуваното, ненадејно и од неа и од самиот себе. Да бидеш ти, и да бидеш сам, и да се почувствуваш и самиот пред себеси ти, нов. Да избегаш најпосле, од сите оние луѓе, што крадат, што грабат за себе, како во животот да не постои ништо друго освен тоа приграбување. Да ги пуштиш за извесно време, сите нив, да ги носи врагот и тебе да те пуштат да те носи твојот. Или барем да се обидеш од некаде од подалеку малку поинакви да ги видиш; да го подзаборавиш сето она за нив; да го сметнеш тоа гомарното за нив; и да ги видиш во некоја малку поблага, малку понова светлина. Да ги оставиш малку да се подноват пред твојот поглед. О, мислеше, па јас сега толку многу му се радувам на ова што сум дојден тука, и веќе со никого и за ништо не би го сменил тоа. Со никого на светов не би сакал да се менувам оваа вечер. Навистина, со никого. Сега треба само уште да ги испратам овие двајца, мислеше, а после сè ќе биде како што сакаме ние. Во својата постела, во која сега отсекаде почнуваше да му извира миризбата на сонот, тој сосем добро си ја сети својата радост. Само што ни таа не можеше да му трае долго. Темничината продолжуваше да пламнува сè потревожно црвено; и тој еднаш толку добро ја виде безповратноста на сето што се гнездеше таму, што за миг ги имаше изгубено веќе и сите свои мисли. Оние двајца тешко достискуваа; а нему од тоа му дојде наеднаш и да почне да ги пцуе. Тоа беше само една од оние горешти далги; малку подоцна таа помина пак, а тој одново си мислеше: Кога би имал нешто да им речам; кога би ми дошло, боже, нешто такво за нив. Нешто ситно, мислеше, нешто сосем-сосем ситно, со што ни јас не би £ ги загубил сиве мои убави работи од оваа ноќ. Но, немаше во себе ниеден збор за нив. И тука не можеше да се стори ништо друго, освен да се остави и потаму настрана и да се молчи. Можеше само да насетува како се чувствуваат оние двајца сега. Им се чинеше како да се исфрлени надвор, мислеше, исто како дивинкине, што завиваат од гладот и од бездоносноста на оваа темничина. Ги имаат скоро истите мисли, што би ги имале таму, во снегон: а најдобро го сеќаваат и она, што би го помислиле оттаму, од снеговине за едни вакви скриени тројца зад некој ѕид, а само зад неколку чекори простор. Кога можеше и сам да го осети добро, голо сето тоа помисли дека оние двајца, сепак, и добро издржуваат. Но, нешто се доближуваше; нешто продолжуваше да се преоптегнува, и тој одново се наоѓаше бессилен за да стори што и да е за да не биде така. Исчекуваше, сè побезизлезно уплашен од тоа. Само уште неколку часа, – им зборуваше во себе на оние двајца, како на две деца, – кога би можеле да докрепите само уште неколку часа. Дишете длабоко и слушајте ги, и притоа размислувајте си на нешто сосем друго. Сега можете да им се наслушате; ова е само една таква нивна песна; неа тие ја повторуваат овде секоја гладна ноќ, а вие стиснете уште малку. И ова не е ни толку страшно, за утре да не сакате да си заминете назад; вие тоа морате да го сторите, токму утре, додека постои некаква разгазена дира по снегон. Задутре веќе неа ќе ја нема. А и јас не би сакал со никого да ги делам моиве ноќи и моиве дни овде. Вие бездруго ќе си се чувствувате многу добро дома, човече. Та и вие би викале вака, и вие би плачеле, би врескал до вишенебеси и јас, кога би ме исфрлил некој, гладен и сам, по оваа ноќ. Но, вие сте си тука, внатре, и сè што треба да се стори е да се лежи мирно и да се слуша како оние онаму завиваат, кога не може да се спие. Сега само слушајте ги, а после ќе можете и да прикажувате за ова. Ќе ви биде малку незгодно, кога ќе речете дека мене ме оставивте тука сам; но вие воопшто не грижете се за тоа. Та јас самиов го сакав токму тоа, човече. А ако не достискате, – им шепотеше во себе, – ако не докрепите, тогаш нема да ви остане ни за раскажување којзнае колку многу. Сè ќе отиде по ѓаволите, заедно и со вашиот, и со мојов мир. Уште малку, само уште некој час... Само што, нешто тука беше сè понеумоливо и доаѓаше сè поблиску. Тоа можеше да го заклучи секогаш кога ќе престанеше да размислува и кога целиот се престоруваше во слух, живеејќи со секој дел од себе само со она што се случуваше во неговата собичка. Црвените жарчиња од цигарите сè почесто се усвитуваа, правејќи од целата тишина на ноќта само една растреперена морница на нешто непознато и грдо. Тоа оние двајца тешко докрепуваа. Еднаш, кога беше веќе сосем изморен од таа нема и празна игра, во која постојано и попусто се пренапнуваше да смири некого само со своето присуство, помисли дека секој од нив си останува да си биде само она, што е, и дека тука никој никогаш не ќе може ништо да мени. Тој секогаш со нив само би продолжил да молчи и да се ребри. А оние и беа создадени за да тонат во она, што ги обземаше со својата бесповратна неумоливост. И тој беше фатен во тие гомарни шепи, и ни по илјада години не ќе може да им се отскубне. Тој знаеше сето време со кого е во оваа шума и во оваа ноќ. Ниеднаш не му успеа барем малку да го подзаборави тоа. Сега помисли дури колку и тоа негово ребрење е попусто. Дека кај оние двајца, за кои тој немаше зборови, веќе и немаше што да се сочува. И дека никој никогаш не би ни можел да сочува нешто такво во нив. Дека секој од нив треба да си го стори тоа сам. Му пречеше само што вака безизлезно му ја валкаа оваа негова ноќ. Отпуштен така од овој јазел, можеше и да се издиши; во градите немаше повеќе никаков снег. Насекаде наоколу беше топло, а тој прошепна: – Доста. Доста, – повтори, – страшно сум изморен, и ќе ве молам оставете ме малку да спијам. Малку да сонувам за нешто само свое, во оваа ноќ, создадена само за сонување. Заспивам јас, – им рече, – ајде, добра ви ноќ. Се проѕеваше, а по целото тело му мина бран млака сонливост. Сакаше да се излаже себеси, протегнувајќи се. Беше една исто така попуста лага. Она се случи токму тогаш. Еден силен писок, кој дотогаш само постојано се доближуваше, почна првин да крчи, како дивината да имаше проголтано остро парче коска, тука, во нивната стреа. Знаеше дека е најтешко да се издржи тоа, што во тој глас можеше да се сети, безмалку да се види, како волкот ја отвора устата, како грчот во стомакот му ја исправа главата, оптегнувајќи му го гркланот до крајната граница на еластичноста, и како секој мускул на него станува потврд од дрвото, сув и истенчен. И како притоа се белеат неговите заби, вивнати во безнадежната празна темница. Писокот никнеше и се изоструваше бел и како еден од тие гладни заби, безмилосно ја распаруваше од грклан, а потоа и ја растргнуваше целата ноќ. Волкот под нивниот прозорец така и ја изнаоѓаше и почнуваше да ја голта несит нивната близина; тој беше дојден колку што се можеше поблиску до нивната миризба сега, веднаш до ѕидот. Волкот ги имаше во својата уста и лигите што ги носеше во неговиот сон вкусот на нивната крв. Сонуваше во своето бунило тој и ја прославуваше таа миризба со еден ваков писок. Беше тоа еден од оние големите волци, во расцутот на своите сили, колку едно јунче; неговото влакно, речиси тврдо, како кај ежовите, сега линееше од гладот и почнуваше да останува по снегот со излепени прамења, како од мрша. А беше време кога му требаше најмногу сила. Беше еден од водачите на глутницата и сега беше просто опијанет од гладот. Кај него беше најсилно и тоа бунило, како што беше најсилно и сè друго, и машкоста, и инстинктот најдалеку од сите да изнајде нешто, со што ќе ја засити и својата глад, а и гладта на другите, со крвавите остатоци зад себе. Имаше глас, во кој стоеше и презирот кон стравот што е толку блиску до нив. Тој воопшто не кружеше. Знаеше дека тој од прозорецот над него можат да се заискрат и оние опасни трескотници, кои не му беа непознати и пред кои тој којзнае колкупати во својот волчешки век се засолнал во шумата. Решеноста во неговиот писок беше толку тврда, што низ неговиот глас се извиваше и прашањето дали тој сега воопшто и би отстапил пред истрелот. Од она што го пиштеше сега тој глас, оптегнат како полна напната струна над целата Бела Долина, излез не постоеше. Беше едно големо или-или, на живот и на смрт, некако токму такво бесповратно предизвикување, кое не можеше да не биде сфатено од ништо живо под ова небо. А кога тој глас беше најсилен, и кога од неговата продорност потреперија и стаклата на прозорецот, кога тој распаруваше со својата машка незаситна бол, токму тогаш еден помлад, поплаховит, уште несознаен за силата на своите извивки, се придружи кон него и ги направи уште посилни и уште понескротливи сите тие болки и предизвици на писокот со своето поројно мутирање. Веднаш потоа вресна уште еден потенок, посовитлив, помек, помолезлив, но со тоа и уште понеумолив и понескилив во својата виткост. Една волча тројка: еден самјак, неговиот помлад соперник, наследник, гробар, и неговата мајка, жена или бегалка од некоја друга глутница. Само една огромна, до болка раззината, ужасна глад, во тие испрекрстени писоци, пред кои си ја отвораше својата утроба и молкнуваше целата Долина, сета ноќ, сиот свет, престорувајќи се во една проглодана немилосрдна пустош, празнина што не можеше дури на да се одзвие, ни да лелекне низ најтенок проѕвон. Сиот простор и сета ноќ се собираа и се провлекуваа, изгинуваа пред тие три испреплетени крика, пред нивната неотстапна дивина, со која нагрнуваа, од ништо неомекнати, пусти и взаконети. Една цигара е фрлена на подот. Претседателот не се ни обиде да го отвори прозорецот. Скршено стакло, лом. Уште поужасна живописност на тројниот писок, чиниш до осетен допир по лицето. Без ништо поколебано, и без никаква преграда. Нагрна низ строшената отсобеност и само за миг затарашка наоколу скоро со својот здив што душка стрвно. Претседателот тогаш пукаше. Пукаше тој од својата автоматска пушка, со чијашто цевка пред малку го здроби стаклото. Трескотеше потавмина, продолжувајќи да го меле стаклото. Притоа тој и врескаше некоја само своја нечуена исповед. Кога испука сè што имаше во магацинот од својата пушка, Претседателот остана на прозорецот. Стоеше увизнат, а ноќта беше само безобѕирно тих шепнеж на снежниот врнеж, празен. Кој и не се слуша; кој само се сеќава со неговата опустошена мека густина и жеварење. Претседателот остана подолго таков увиснат, потих и од темнината. Тишината го зголемуваше до беспредел она во него. Стоеше згрчен и извалкан од она во него. Тој секако дури сега сфаќаше сè што сторил. По малку сосем тивко, како да вардеше да не разбуди некого. Претседателот го затинаше со некаков партал скршеното окно и едвај чујно шепотење нешто. Џбонеше низ темничината, сè додека не се добра до креветот и не седна со увиснати нозе тука. Миговите минуваа еден по друг, а тишината остануваше да виси. Изјаловена, како некој издишен меур, штура. Нешто мораше да биде сторено. Сега, уште еднаш, уште следниот миг. Змејко го сеќаваше и само го очекуваше тоа во своето легло. Најпосле тоа го сети бригадирот Језекил. Беше тоа една негова должност и тој мораше да се досети за неа. Језекил тогаш, плашејќи се веќе и да не задоцнил, испребрзано рече: – Ха... Тој го рече тоа речиси испрескокнувајќи си ги своите мисли. Сега се исправи на креветот, се налакти, а за тоа време веќе и дофати сè. – Сега ги нема. Камо се сега, – рече Језекил. Но, сите знаеја уште веднаш дека бригадирот Језекил лаже. Се гледаше тоа толку проѕирно, што дури на сите им беше незгодно од неговите зборови. Се гледаше дека Језекил се лажеше и себеси, дека го лаже и Претседателот, а него, и Змејка. И дека само заради него, заради Змејка, заради неговото присуство, лагата станува толку грдо провидна; морничави трпко. Но, бригадирот Језекил сега беше згазен до коленици во таа вода, и тој мораше и потаму, докрај, да продолжи да гази. Не заради себе: туку заради Претседателот. А и Претседателот не можеше да не го сети тоа. Но за сето тоа време и Претседателот продолжуваше само да молчи и да смучи. – Каде сте сега синковци мајчини? Ја излезете сега, де; писнете да ве видам. Ха! – тоа Језекил продолжуваше. Змејко се превиткуваше во своето легло, сега од некаква чудна, голема болка, заради Језекила. Претседателот бараша ова време како да ја прифати лагата. Беше незгодно вака наеднаш да се прифати таа; само да се посегне раката и да се земе. Најмногу пак заради Змејка во ќошот. Но, бригадирот Језекил ги имаше веќе претрпнато во себе сите тие такви болки; и сега беше само настојчив. – А можеби и свитка некој, што мислиш, ха... Претседателот сега рече со темен глас: – Јас и не пукав во нив... Та доречи, вресна сега во себеси Змејко. Доречи дека пукаше од страв. Доречи, испразни, така ќе се исчистиш. Ти, копиле проклето, со таа твоја измислена петелка. – Не пукаше по нив...? – прашуваше сега бригадирот Језекил. Тој бараше помош за својата лага, бараше само едно мало олуче, по кое ќе протече таа, и сега се потеше, кога и тоа мало олуче, што беше го подиздлабил, оној сакаше да му го одврати. – Значи вака, на веселба... – рече разочаран стариот. И сега тоа веќе имаше успех. Бригадирот Језекил не се излага ни во тоа. Беше упорен и тоа си го предизвика своето. Змејко од своето грло можеше да го сеќава она, што се случуваше таму, во темнината. Го следеше како се развива сето: беше еден стар начин, и можеше да се следи во сите негови лизгави преломи. Претседателот сега веќе мислеше дека може и да ја посегне раката, и да ја поземе лагата; дека би било толку просто и кога тој би пукал за да лови. Дека може сè да биде сведено на ловењето; и дека ниеден од другите двајца не можел ни да види како тој сам не беше во состојба да докрепи, да достиска, пред малку. И дека бригадирот Језекил можеби и не лаже... – Човек не може да заспие од нив. Сами ти се пикаат пред цевката, – рече сега Претседателот, откришум и со двоумење посегнувајќи кон лагата. – Ги испади. Сега нема ниеден, – постилаше само потаму бригадирот Језекил. – Ни уво не мрднува, ха... – Кога би можеле да се видат не би оставил ни увце живо... – тоа го рече Претседателот. Претседателот сега и се загнездуваше во туѓата лага. Тој се мачеше да се натера себеси да поверува во неа. Тоа во неговиот глас го имаше уште повеќе, кога продолжи: – А можеби и отчукав некој, а? Што велиш ти? – Ако не си пукал во нив, – одговори Језекил. – А бре пукав по гласот, кон оној, големиот, само... – Види го ти него, – реч е сега бригадирит Језекил, и сам седнувајќи на креветот. – Уште ќе ме тераш да ти правам ќурк од еден таков голем волк. Бригадирот беше задоволен. – Ќе биде тоа еден добар лов, ако сум го кутнал. – Претседателот беше сосема излезен од она, и веќе беше поверувал. – Еден лов на слепо. Слеп лов. – Го икмаш свиткано како ништо. А ваму, на веселба... Камо го? – Да беше месечина, – рече со подразочаран глас Претседателот. – Ќе дојдеме еднаш, кога ќе биде месечина, – рече на ова бригадирит Језекил. Тој подцна сети дека претерал; но сепак сети. Сега Претседателот си легнуваше. Ноќта надвор беше празно глува. Претседалот повеќе не можеше да молчи. Тој протече. То секогаш и станува така. – А велиш дека сум можел и по гласот, а? – Како да не, човече. Уште со една таква пушка како твојана. Уф... – рече бригадирит Језекил. – Само не знам дали ќе остане до утре, или пак да појдам да наѕрам. – Биди мирен. Нема кој... Бригадирот не дорече сè. Го прекина еден далечен писок. Беше како кога се јави првпатр оној силниот што завиваше до пред малку во нивниот прозорец. Беше истото тоа завивање, само доста поодалечено. Кон него сега се придружуваа и другите два; и веќе вутри ја бодеа ноќта некаде далеку зад врнежот. Оние двајца тогаш молчеа подоста време. Да зажалиш што не се глуви, помисли Змејко во своето легло. – Го разбудивме човекон, – рече сега Претседателот. Волците завиваа одново низ целата ноќ, оддалечени и сепнати. – Те разбудивме, велам, со Змејко – запна Претседателот. – Ништо, – одговори по подолго Змејко од своето ќоше. Знаеше дека мора да му одговори. Дека еднаш ќе мора и тоа да го стори. Рече уште: – А овие пеат вака; по цели ноќи. Треба само да се свикне... Дури сега сè си беше на свое место. Го сети како си е дојдено сето на свое место, и знаеше колку попусто било сè друго. Се мачеше да најде начин да докрепи нешто, но дури сега беше грдо и невесело сознаен дека токму вака и си било родено, сето ова со нив тројца во собичкава. И не било со нив поинаку ништо и никогаш можно. Му беше мака што можеа токму вака, на еден единствено нивен начин, да го извалкаат и него со уште нешто вакво ново од себе, оние двајца таму. Па сега, вовлечен сосем во тоа се прпелкаше и тој по безизлезот од тоа опуштено штуро чувство на докрај избербатен и посвоен во тоа. Беше празен, додека слушаше како оние двајца продолжуваат да разговараат, дека ниеднаш и не може човек да биде сигурен дека ќе нанишани добро само по гласот. Се мачеа да си ја сочуваат ноќта, оние двајца таму, и веќе се лажеа дека им успева тоа. А потаму тој ги слушаше веќе само нивните гласови, празни. Беше и самиот празен, и тонеше празно во млаката сонливост, без миризба и без убавина. Им рече само уште неколкупати: Да ве носи врагот... Денот дојде неодреден и сив, како некој што долго се двоуми дали да влезе. Застана нерешителен на прозорецот; просто се притули тука, и остана таков, допуштајќи веднаш пред својот нос колеблива полутемнина. Низ трите здрави окна од прозорецот, дремливо и штрбо врнеше густиот снег, а денот плашливо беше разденил онолку колку што можел и остануваше таков збунет. Змејко скокна од својата постела уште најпрвиот миг штом се почувствува буден и, по стара навика помина со обете дланки по рамената. Во здивот гребеше остинат чад од цигари. Оние двајца на креветот продолжуваа да лежат. Тие го гледаа со очи, во кои стоеше сè што се случи ноќта. Беше тоа еден заеднички поглед на човек до кого не сакаш ни да се добереш. Сега можеш да им речеш сè, помисли Змејко. Сè, што ти дели душа. А тие само ќе продолжат да молчат и да те гледаат вака будалесто поднасмевнати. Можеш да ги пцуеш, помисли, да им речеш дека се страшливци, дека се арамии, а тие ќе продолжат само да ти се смешкаат, вакви спитомени и, во најлош случај, само ќе те надополнат. Мислеше така сето време додека ставаше иверки врз живите грутки жар што ги отпрета од под пепелта во печката. Беше едно тешко чувство, една растргана тишина, од која нему устата му се искривуваше сама, не знаејќи дали да се посмее, или пак да се скамени во тој грч од допир на пајаџина што одбива. Дури кога го затвори вратничето од запалената печка му текна дека оние двајца сега можат на својот валкан начин да си мислат и на тоа оти ќе треба и да отпатуваат назад во селото сами. – Мислам време е, – им рече кога се исправи. – А вас и пат ве чека. – Ајде, – рекоа на ова заедно оние двајца. Сега тие стануваа и веќе чмуреа со своите цигари. Тие ваши цигари, мислеше Змејко. И тие ваш полни бечви. Широко ја отвори вратничката што беше натрупана високо со снегот однадвор и не мораше да се оддалечува многу за да подзастане и да гледа како мочката му пробива црвеникава инкаста дупка во снегот. Денот беше млечно бел и млечно неодреден. Се чинеше како да нема никаква тежина, со која да е стапнат во нивната долина; се чинеше како да ќе одлета само ако дувнете малку посилно во него, како она топче од презреаното семе на глуварчето, што се раштркува на сите страни при најмалечкиот здив ветрец. Се чинеше дека и тој ден ќе се разлета токму така на сите страни, а на негово место ќе остане само врнежот. Беше како некој застојан, заборавен во ноќта, откинат прамен млечна маглевинка, со кого си игра, искончувајќи го, и најмалата разнишканост на воздухот. Трепереше зад виорењето на снежниот врнеж, тој колеблив ден, а тука некаде, од каде што достасуваше скусениот поглед, неговата виделина и се спрпелкуваше во снежинките што кружеа; се испреплеткуваше низ нив, и денот просто исчезнуваше, сопнат, оставајќи ја на своето место само таа густа и мека ткаеница на снежинките. Само понекаде некое дрво, сето бело и прекрасно си ја подаваше едната своја страна, без димензии, како некој убав дел од недоразвиена фотографија. Пред да се врати, Змејко заграби грутка снег и долго ја триеше меѓу дланките. Меѓу прстите закапаа валкани капки. Со нова поголема грутка снег тој си помина и по лицето, триејќи ги најдолго слепите очи. – Добро утро, – подвикна уште од вратата. Му одговорија заедно, како деца, а после и тие отидоа надвор и се миеја во снегот. Змејко долго се бришеше со ризата што си ја донесе од дома. Беше чисто испрана и тоа тука можеше многу добро да се види. Беше дел од еден живот, кој можеше да биде догледан во сета негова топлина дури кога си надвор од него. Беше чудесна миризба на сончевина и на тих домашен говор; сакаше долго да £ го има на лицето нејзиниот усет. Оние двајца сега се вратија и поседнаа на креветот; а стариот, бригадирот Језекил, веќе и загледан во прозорецот со некаква сосила вратена сериозност, не можеше да не започне еден од оние свои необични разговори. – Ден, – рече бригадирот Језекил. – А ем е ден, ем не е ден. Сè ти е наопаку тука. Кога се разденува, насекаде животот се разбудува, наизлегува. А тука, гледаш, наопаку; животот бега од денот, замолчува. Се крие од виделинава, значи. Како да се задавил од виделинава, ха... – Ха, – рече на тоа Претседателот. Се смешкаше разговорчиво, а во проѕирноста од неговите граорести очи остануваше о н а. Насмевката од тоа стануваше разјадена, носеше некаква бледа напнатост. – Ха, ха, – рече Претседателот. А Змејко мислеше: кога си ваков, без ниедна трошка сигурност, и кога неа си ја загубил толку евтино, како овој тука, тогаш и не ти останува друго, освен да им ги повторуваш зборовите на другите, да ги повторуваш нивните движења, да чекориш како што чекорат тие, и да се смешкаш вака проклето загубено, а смеата да ти е сè друго, само не смеа. Овој сега е во состојба да ти рече сè; а јас го знам и како човек што знае да биде молчелив, како земја, особено кога ќе му појдеш по белешка за исплаќање на твоите трудоденови. – Ха, ха, ха, – продолжи Претседателот. Беше тоа едно јадро човечиште, само неколку прста понизок од Змејка, со широки раменици и со нешто несигурно сковано и на еден чуден начин колебливо во секоја црта од неговото лице. Кога ќе се гледаше во тоа лице, секогаш се имаше впечаток како на него да недостасуваше нешто, некој свијок на некоја брчка, или некаква длабочина, или можеби некаква цврстина што би го собрала во една целина сето, која продолжуваше да недостасува и колку да се мачеше човек да ја бара на тоа лице. Не, тоа воопшто не беше неговото малку подзамижано десно око; сигурно мнозина би помислиле за него дека е стаклено, бидејќи и впечатокот беше таков. Но, за оној што знаеше дека тука нема никакво стаклено око, провалијата на нескладот во тоа доста подуено лице изгледаше уште поголема и уште потешка за одгатнување. На тоа лице насмевката сега скоро и како да не беше болна; таа само ги тераше да му солзат суво неговите граорести очи. И штипкаше со погледот, пржеше. Претседателот продолжуваше: – Ти сигурно мислиш на она врашко завивање на дивината ноќеска? Добро име – живот. Ха, ха, ха, ама се шегуваш, старче. Оо, Змејко, го слушаш ли како се шегува овој шерет? Чуј го само... Обајцата зборуваа сè за него. Сакаа тој да ги чуе, да чуе сè што ќе речат. На Змејка му беа непознати такви, но тоа не менуваше воопшто ништо од она што тој веќе го знаеше за нив. Само му беа уште потуѓи. Ја сместуваше својата постела во ќошот и не можеше да најде збор за да им одговори. Мислеше: Па јас тешко ќе ги натерам, вакви, и да си појдат. Сигурно нема и да се двоумат многу за да ми го речат тоа. Тоа што тој не можеше да им рече ништо не беше никакво дразнење, никакво покажување дека сега целите ги има. Змејко никогаш и не мислел дека можат на еден таков начин да бидат ставени луѓето в џеб. Во тој миг и му беа далечни најмногу со тоа што не се покриваа и не замолкнуваа, кога тој нивни разговор беше сиот изрешетен од она. Кога би бил на нивно место тој сигурно не би можел на човека да му погледне в очи, и целото време барем би молчел; но кај нив и тоа беше нешто само нивно, и тој тука не можеше ништо да мени. Не одговори ни кога беше готов со постелата. Сега стоеше крај печката и гледаше како чајот зоврива во чајникот. – Живот, а Змејко? Ха, ха... – Живот си е тоа, а ти како сакаш речи, – продолжуваше бригадирот Језекил. Тоа старче знаеше да остане на своето дури и кога имаше такви, чудни мисли; а тоа често ги имаше нив. Не попусто знаеше тој по цели ноќи да ги раскажува оние романи, што ги беше читал одамна, пред војната, во весниците, во кои секој секого убива, или пак само некој некаде е убиен, а после сè друго се врти околу тоа, додека не се разврзе на самиот крај. Некоја малечка тајна, некоја нова игличка, или само капка засирена крв, од која подоцна се открива целиот заплет. Н екој велеше дека имал сочувано дома многу весници, во кои било напишано за сите тие работи. КАај некои тоа разбудуваше и некаков страхопчит; но Змејко ниеднаш не можеше да биде уловен во таа кобилица. Имаше испомнато доста градови во својот живот и тој, за да знае кој се завлекуваше некогаш со тие и таквите романи. Не се ни мачеше да им ги полни главите на другите за тоа, но за себеси тој и потаму нерасколебан продолжуваше да знае, дека е тоа само еден од начините на она старче да се провлече, да мине крај сè и меѓу сè без притоа да остави ништо свое. Сè беше така подредено кај тоа старче, што Змејко можеше веќе и зад секој негов гест да ја насети онаа негова чкулава рачичка како влече полека, како глувче, кон себе, сè кон себе. Понекогаш беше и интересно тоа старче; имаше тоа понекогаш и вакви, чудни мисли и, кога не ќе беше видлива од зад тоа неговата рачичка, тогаш Змејко него можеше да го слуша. Бригадирот Језекил, она старче, што сега беше седнато крај прозорецот, и беше бригадир на градежната бригада на Задругата, а Змејко беше само еден работник, мегданџија во неа. Не сакаше да го пренебрегнува сето тоа, но често немаше трпение. Амоеба тој и го прекина старчето, кога по малку рече: – Чајов е готов. Зелениот бронзен чајарник погруваше над печката; од малечката устинка излегуваше врвица преа и првин се пробиваше нагоре права; дури негде високо таа се распрамнуваше, изгинувајќи. Беше планински чај; летоска Змејко го имаше брано него по висовите и по камењарите над рудините, уште нераспулен; го береше за дома, но секогаш оставаше и тука по некоја китка, да им се најде. Сега му мирисаше во лицето, вриејќи; се чувствуваше спокоен од таа негова топла миризба; го имаше скоро и мекото чувство на допирот, кога ќе се дофатат за да бидат скинати неколкуте стракови од таа белузлива и мовлива трева. – А човеков ни се смее, – му рече сега Претседателот на бригадирот, пак со она напнување тој да го чуе. – Мажи, си мисли, и ни се смее. Гледај го каков ти е, погледни го само. И има право, кога е ваков, сполај си му. Сега беше на крај срце да им свреска. Да им тресне в лице нека одат по триста ѓаволски мајки, и да престанат еднаш да се врцкаат сè околу него. Да им каже дека тој тука нема ни што да знае, ни што да им проштава ним; дека тоа треба да си го сторат тие сами. Да им каже дека ништо ни тука не стои до него; или најпросто да им каже сè, што мисли за нив, па потаму нека се чадат. И да замолчат, ако немаат да кажат нешто друго, како што им се вели на децата. Премолче, едвај. А сепак беше изненаден. Најмногу од тоа што тие беа свесни и за она во него, и за сето. – Што имам јас тука да ви се смеам, – рече кога се посмири малку. – Нема тука ништо за смеење, – рече, правејќи се недоветен. – Само, чајов е готов, а вас ве чека пат. Треба да тргнувате побргу, да не ве фати ноќ. Беше наједноставното, но му успеа. Змејко дури и самиот се зачуди колку беше умно тоа што се направи дека е сосем надвор од сето, што беше во нив. Тоа беше само неговиот дел од целата лага и тој скоро се најде изненаден колку лесно ја изнајде и веднаш им ја даде. Сега двајцата послушно наседнаа околу масичката. Мислеше: Колку сум далеку од овие луѓе. Тие сега само гледаа во него, онакви замолчени, и го среќаваа истото. Змејко не можеше да стори ништо за да биде барем малку поинаку меѓу него, Претседателот и бригадирот Језекила. Негде во длабините од својата душа тој можеше и да се гризе заради тоа; но тука не можеше да се стори ништо за да биде барем и трошка поинаку. Знаеше тој и дека секогаш понатаму ќе си остане така; и дека само сè повеќе ќе се оддалечува. А некаде длабоко во нив, утре, кога ќе бидат сами, и кога ќе треба да се одмерат, тој знаеше дека и за она ноќеска, на некој нивен таков извртен и проклет начин, виновникот ќе биде тој. Можеби само затоа оти беше присутен; оти остана надвор од сето. Но, ни тука не можеше да биде поправено ништо. Беа само двајца од оние луѓе со кои тој не можеше да разговара; само двајца, со кои што бил најблизок при најпрвата средба, за потоа да почне само да се оддалечува секој на своја страна. Беше нешто такво, неизменливо во секого од нив; Змејко не можеше да прифати ништо нивно. А сега еве само чинеше сè барем да ги ослободи од овие нивни мисли дека со нешто ново сосем ги има; единствено да не се чувствуваат докрај прошупливени и купени; и му изгледаше дека успеал. Не веруваше многу во тоа, знаеше дека тие и не можат да размислуваат поинаку, но му беше доста што му го имаше барем привидот на тоа, а потаму сè остануваше да си биде само нивна работа. Беше задоволен што успеа да им го клоцне од под нозете, барем за оваа утрина, оној нивен задрнат начин на размислување. Молчеше, работејќи околу чајот. Тоа беше неговиот крст, неговата судбина. Тоа, да има многу, премногу луѓе со кои постојано, и ниеднаш не по негова вина, се оддалечуваше. Објаснувањата не помогнуваа. Беше потребно само вака, барем додека се со него, макар и со недоветноста да им се наметне. Наеднаш се најде себе си сиот фратен во нивните погледи. Го гледаа со некои чудно блиски, отворени очи. Наеднаш тие просто му се радуваа нему. А сеќаваше како и се поти од тоа кај нив и по челото, и по грбот. – Ноќеска. Требаше само да си се завртиме на другата страна, и да си спиеме; ич да не ги ни заушуваме оние, што виеја. Можеа тие и да ни влезат во собава; а ние пак требаше само да си спиеме мирно, кога сме со еден ваков. Погледнио го каков е, леба ти. Тоа беше Претседателот. Беше Претседателот, со онаа негова мека карирана кошула со големи црвени шарки, и со неговата пустина на местото од машкоста, што е за да докрепува, на неговото лице и во очите. – Блазе си му кога е ваков, – рече бригадирот Језекил. Беше тоа старчето со оние негови очички, што му играат итро и живо, и кои никогаш и не те погледнуваат право в очи. И со неговите ситни раменички, кои стануваа уште поситни од тоа што едното му беше доста пониско и исстрането. Во тоа старче Змејко никогаш не можеше да погледне без да се насмевне со жал. – И тој ќе ти остане тука, многу денови сам; и ни око нема да му трепне, – рече Претседателот. – Ќе остане кога е ваков. И одеднаш овие двајца луѓе, загледани во оној до печката, што немаше на себе мека карирана кошула, што беше облечен во волнено и тврдо исткаено, какво што носеле отсекогаш луѓето во овие краишта, имаа едно чудно чувство на некакво неначнато новооткриено задоволство, што сè има по некоја добро свршена работа, која биле претешка за нив, но која тие сепак успеале да ја свршат со своја сила. Да ја свршат токму онака, како што сакале, без ниедна трошка, без ниеден збор отстапување. Од нив сега наеднаш беше исчезнало сè друго; беше еден судбински миг, кога беа само со овој човек пред себе, и тоа им беше едно такво чувство, цело, како јаболко, а беше притоа дури и некаква измореност, која израснува во задоволство. Тоа го носеше уште првиот отворен поглед во овој човек до печката; но беше добро што макар и на крајот, сега тие успеаја да го видат. Ги гледаа неговите раце. И наеднаш им се чинеше дека сите маѓии и се кријат во нив. Беа две огромни, скоро валчесто исплетени рачишта, на кои и на крајниот член од дебелите прсти стоеше по една киска влакна, а обете имаа по еден набабрен зрел грозд дамари по наддланката. Беа неверојатно подвижни, и смешно несмасни со својата големина, тие две раце, додека си имаа работа со оанкви ситници. Беа добродушни и мирни, како две големи животинки (бригадирот Језекил: како две бачилски подрастени кутриња, ах, да), а беа послушни и питоми и сè ги губеше своите вистински размери кога ќе го дофатеа тие; сè стануваше некакво кревко и совитливо. Чајникот изгледаше во нив како некое ситно ваганче, бронзените чапчиња тонеа во дланките, а од лажичките што ги извади од некаде, чиниш и не остануваше ништо. И сè што правеа сега, пред нивните очи, тие две раце, изгледаше како да го прават од шега, но сепак, сè беше и така одмерено и меко, толку точно и без ниедно непотребно движење ни на малиот прст, што тоа беше просто чудо. И наеднаш им стана чудно: Како тоа сè досега да не £ ја имаат сетено тие убавината на сета оваа малечка собичка среде снегот; на тоа седело што го имаа одделено луѓето во белата дивина наоколу само за себе; и на леглото, и на развалената печка, и на прозорецот, пред кој снежинките, како цветови продолжуваат да ја играат во недоглед својата волшебна игра, понесени од бавниот плавен виор. Дури сега тие и двајцата можеа и да му се посмејат на по нешто од сето и со себе. Можеа да го опфатат со еден поглед и целиот оној огромен човек пред себе, онаков црвенокос, со здравје на бог што бликаше во секое негово движење, од секое влакно на неговата коса; и наеднаш тие веќе имаа испозаборавено сè друго. Продолжуваа само да се радуваат, додека тој поставуваше на масичката; сетија колку им е сè сосем добро. Сега јадеа. Беа широки деланки црвеникава сланина, а имаше и неколку глави кромид и лук. Чајот пуравеше и мирисаше од чапчињата во кои турија и ракија. Режеа од една полутина кашкавал, а често макнуваа и од големата конзерва сол. Еднаш меѓу Змејковите прсти во конзервата се срони една шарена сува пиперка, која дотогаш стинееше на прозорецот; од неа запрже слузокожата на носот. – Треба добро да се настивате, – рече Змејко со полна уста. – Ова помага. Јадеа долго, бавно, со задоволство, додека снегот надвор продолжуваше да си врне. Беше престанато со разденувањето, иако во нив остануваше очекувањето барем уште малку да се поразвидели. Сега беа само тројца луѓе во оваа собичка, а само по малку двајцата од нив ќе си заминат по тој врнеж, а едниот ќе остане тука сосема сам среде дивината. Беше тоа едно заедничко сознание и кроце, но сигурно, сменуваше сè друго во нив. Тоа им носеше чудна некоја отвореност во погледите; од неа на сите им беше многу добро. Оние двајца имаа сосем испозаборавено на ноќта; дури сега, наеднаш, тие чиниш и почнуваа и да живеат, просто ги сеќаваа миговите како ги доживуваат, и како ги испраќаат, ослободени од сè друго, полни. Тоа стоеше во погледите од оние двајца такво, што на Змејка му се стори еднаш и дека му се допаѓаат. Кога ги гледаше како се загледуваат низ прозорецот, тој знаеше сè, до најмалечка ситница од она, што го сеќаваа притоа. Знаеше дека веќе се гледаат себеси како го совладуваат длабокиот снег, а знаеше и дека ќе биде најдобро кога би ги држело тоа дури до вечер; сè додека стасаат во селото. Го ценеше тоа чувство во нив. Знаеше дека ќе заминат. Сакаше со нешто да им помогне и да им го направи колку што може полесно тоа. Сега сите само продолжуваа да гледаат во снежинките што се гонеа во прозорецот. Беа богати бели партали јужен снег и којзнае како сè уште не се свршува таму горе, еднаш да преврнат. Се прогонуваа една со друга толку спокојно, и надоаѓаа со таква неоретчена постојаност, како горе да ги имаше уште којзнае колку многу. Нивната бела, мека игра во прозорецот, се менуваше сега со чудна волшебност пред Змејковиот поглед; таа беше исто скокотлива и прекрасна, како кога беше помлад, и кога неговиот малечок син Јовко, уште додека не беше заоден, ќе го допреше со своите малечки прстиња по лицето и ќе земеше да му ги префаќа неговите усни, носот. А од тоа тој не се смееше на глас, она беше многу посилно и од смеата, му се разлеваше по целото тело, по сета негова кожа, достасуваше до секое делче од неговата внатрешност, како некоја чудна миризлива растрепереност, престорувајќи го целиот во една единствена черешнова гранка, преполна бели меки цутови. Ѓаволски врнат, помисли. Ќе имаме време да им се нагледаме. Сега беа дојадени и Змејко знаеше дека треба само уште да ги спотера овие двајца што побргу да си заминат. Инаку можеше да ги фати и ноќ, пред да стасаат во селото. Ќе подлипнат малку, кога ќе се најдат сами надвор, помисли тој, но ќе им биде многу полесно да продолжат. Бидејќи само така ќе можат и да ги избегнат сите оние работи што му доаѓаат на човека тука. Сега ќе одат, мислеше. А имаат и две добри пушки, и добро се облечени. Најпосле, тоа е сè што му треба на човек за тоа. А и двајца се; ќе им биде дури и лесно да одат по разгазена дира. За една ноќ таа не можела ни да доисчезне, ни пак да се изедначи во тежината на одот, како кога се цепи целина. Сигурен сум дека нема да им излезе ништо; но, тие најмалку треба и да бидат ослободени сосем од тоа. Нема да им пречи што притоа и за она завивање по нешто ќе знаат. Добри сте ми, им зборуваше во себе. Да знаев дека ќе бидете вакви, многу побргу ќе ви дадев да јадете. Сега ќе си заминете, и вечер како пупунци ќе си бидете в село. Ќе можете да си слушате радио, или да играте карти во ресторанот. А ние ќе си останеме овде, сами со себе, и ќе почекаме малку додека не разјужи. А тогаш ќе поработиме малку, и после еве нè и нас дома. Пред тоа ќе можеме до наситка да си ги гледаме снежинките како врнат; таков впрочем ни беше и договорот. А сè друго ни е сосем добро познато на сиве; на секого пооделно, и на сиве заедно. Оние сега ги запалија своите цигари, а тој веќе почнуваше да се плаши од тоа да не би Претседателот да почне со она свое проклето зборување. Тој човек не знаеше за наситка во тоа свое зборување. Но, за извесно време и Претседателот беше послаб од тишината, и сè уште немаше речено ништо. Змејко стана и ја прибираше храната. Печката беше усвитена и мирисаше на леб што се потпечува. Беше едно угодно, сито чувство. Кога допушија, оние двајца станаа и почнаа да се облекуваат. Змејко им помогна и ги подзабрзуваше во тоа. И сега веќе стоеја на вратата, сосем облечени и со пушките в раце. Сега само заминете, им зборуваше во себе. Ајде. Но, Претседателот беше послаб од зборовите. Беше тука и повратениот кураж, и една чудна решеност, а Претседателот ги имаше веќе смислено и сите зборови, и тој нив мораше да ги каже. – Значи, – рече Претседателот, гаснејќи ја својата цигара, – ти, Змејко, ние сме еве готови да тргнеме. – Гледам, – рече Змејко, како што би му рекол секому. Сакаше сè да сведе на тоа. Тие требаше само уште да се поднасмевнат, и сè ќе беше во ред. Но, Претседателот продолжи: – Јас мислам дека требаше да оставиме уште некого со тебе. Така и се реши на состанокот на Партиската ќелија, нели? – се сврте кон бригадирот, и овој неколкупати климна со главата, потврдувајќи. – Само, штом ти велиш дека можеш да работиш сам; е па тогаш нема потреба, а не би било ни правилно да губи и некој друг тука, фактички. Треба човек да ја познава работата, а кога немавме прирака ниеден друг, освен Дука, и кога тој не можеше да дојде, дефект, тогаш значи поседи неколку дена ти, две-три недели, мислам, почекај, ако разјужи, ако дојде водана, поработи, извади некоја штица, а после бегај. Ако фати цибрина, види; ако нема никаква надеж, иди си, нема што да седиш. Како што рековме, овие денови ќе ти се платат со по два трудодена, а да не зборуваме за тоа дека со ова ти ја задолжуваш и целана наша Задруга, а исто така и социјалистичкиот напредок на нашено село. Фактички, штиците ни се потребни, и ние без нив не можеме да направиме ни чекор потаму во... социјалистичката изградба. А некој ден ќе ти испратиме и една хајка, кога ќе идат на лов, да те надгледаат. Некоја недела, богати, сигурно нема да им биде тешко да навратат до тебе, да појдеш и ти со нив да ловиш... – Добро, – рече Змејко. – Сè е добро Претседателее, – рече. Сега и не му беше току тешко да ги слуша овие зборови. Го тераа сè повеќе да мисли на шегување. Еднаш зина да им рече дека би можеле да останат со него и тие двајца, уште некој ден, неколку ноќи. Му се стори и како да го виде на нивните лица она, што би го предизвикала таквата негова покана; се сепна. Место тоа, рече: – Можам сам. Што ќе денгуби со мене и друг. Одете вие, а јас ќе гледам работата да се сврши. Да беше некој друг на моево место, тој сигурно ќе му речеше дека ова ќе придонесе да биде примен во Партијата. Жално што го лишувам од тоа задоволство, помисли. И пак Претседателот, кој не можеше ниеднаш да го најде оној прост, едноставен потпирач во разговорот со него, оној човечки јазик за неколкуте недоградени павилјони на нивното задружно летувалиште, дека градежната бригада ги добиваше последните чкорки дрво поминато под бичкија, оној толку разбирлив говор за работата, џбонаше наоколу со мислите, рече нешто дури и за пролетеријатот, за авангардата и за местото на работното селанство во сето тоа, додека не се заплетка и тој во своите високи реченици од весниците. Од почетокот се виде дека тоа ќе биде уште еден митинг, кого тој мораше да го издржи, и тука одново немаше што да се прави. – Пушка, значи, ти оставаме, – се врати по сите беспатни скитања Претседателот, – како што е редно. Сам човек, дивина, а самотијата сама те јаде. Мислам дека е добра пушка. Не е којзнае колку нова, ама ќе служи. Другар Претседателе, тој самиот рече дека пушката е добра. Ти самиот рече, нели? – Тоа го рече бригадирот Језекил. И наеднаш на Змејко му зовре така, што веќе јасно сети дека нема да издржи. Се разбуди, некаде од најдлабоките длабочини во него, и пливна низ целата крв, како некој црвен пламен, така што повеќе не можеше да биде изгаснато. Та овие двајца овде навистина стоеја пред него и мислеа дека го прелажуваат. Ги виде, сега наеднаш и сосема добро, скоро како никогаш, – такви. Мислеа дека тука, застанати до вратата, го убедуваат политички и секако, го лажат за нешто, за што тие самите никогаш не би се согласиле. Та тоа никој и не го бараше од нив; но, тој во тоа и ги сфаќаше сосем нив. Му беше мака, му беше горчливо, до бол, само зашто и тие не се помачуваа да го сфатат него. И сè што правеше тука тој излегуваше дека го прави благодарејќи им ним и на нивното проклето зборување. Како да беа тие господари на сето, среде кое беше и тој. И наеднаш се почувствува како тие двајца луѓе, тие две исплашени копилиња, да му искрале сè убаво што тој имал и во таа утрина, и во неговата собичка, и во сите дни што му претстоеја овде, и откако знае за себе. Стоеше некое време со тоа зоврување во себе и, врз урнатините и од своето сфаќање за сето тоа, со задна сила и едвај се задржуваше само да не се размавне и да не ги истурка надвор, на снегот. Место сè од тоа само наежавен свреска: – Ама чујте, луѓе. Та и јас сето ова го знам. Го знам дури и подобро од вас. И останувам. Сакам да останам. Самиот се јавив. И имам зошто. Нема потреба од никакво политичко убедување овде. Задругата плаќа, а јас останувам. Ако немате повеќе во главите за да го сфатите и она другото, моето, тогаш и тоа нека ви биде доста. Знам дека се потребни штици; тоа и самиов го гледам; луѓето набргу ќе немаат што да работат; единствениот излез е овој, та јас бев и првиот што го предложив. Најпосле, ако не можете да досфатите во што е работата, тогаш барем оставете ме на мира, да бидам малку сам, и да не ги гледам вашите... муцки. Немојте да ми го расипувате барем тоа, со ова ваше проклето убедување. Ајде. Претседателот сега како да сфати малку нешто. – Ама не, – рече Претседателот. И, место да се навреди, место да се смурти, тој се смешкаше бледо. Се обиде да прирече уште нешто, но потем само одмавна со раката. – Тогаш ние заминавме... – Та тоа и е најумното што можете да го сторите сега, – му одговори Змејко. – Па вие веќе сте забавени. Мали се сега дниве, луѓе божји. И дури сега, наеднаш, полни со работи, кои што би имале еден на друг да си ги речат, овие тројца луѓе тргнаа да се испраќаат. Претседателот и бригадирот Језекил ги преметнаа преку рамо своите пушки и зачекорија по снегот. Имаа на себе дебели ќуркови, поставени одвнатре со кожа; снежинките се стопуваа уште штом ќе слетаа на нив, а Змејко го префрли пораменици својот забан и избрза да им разгази донекаде напред. Оние двајца само го следеа по стапалките од чекор в чекор. Змејко пооде доста по голината; но, на едно место му беше време и да се потргне од трагата и да застане в страна. Почека малку, додека не дојде до него Претседателот и тие сега се ракуваа. – Ако мислите да починувате, – му довикна на Претседателот низ густиот рој снежинки што виореа меѓу нивните лица со побелени веѓи, – починувајте откако ќе ја префрлите Големана Пресека. Немојте никако пред тоа. И држете се за вчерашнава дира. Меѓу дрвјана таа уште подобро ќе се знае. Претседателот имаше широки рамена и Змејко гледаше како виси, со цевката надолу, неговата прекрасна автоматска пушка. Имаше еден мазен црн проблесок по сите делови каде што беше бронирана и беше толку прецизно изработена, што на Змејка му се случуваше често да не може да си го оддели окото од неа. Ја сакаше исто како оние ретките луѓе, со кои што можеше добро да разговара, и сега само ја жалеше што беше толку неубаво посрамотена пред него од она со Претседателот ноќеска. Беше една таква пушка, создадена за со неа да можеш да скинеш сè што ќе наумиш, а никако да плашиш дивинки по пустина ноќе. – Значи, среќно останување, – рече Претседателот. – Добар ви пат, – рече Змејко. Претседателот имаше рака со некаков топол женски допир. Тој се поздрави и загази во снегот. На Змејка дури и му се допадна, таков. Старчето имаше сува, коскеста рачичка; и стегаше со неа тврдо; а потем и тоа замина, оставајќи му го својот студен мртовечки стисок. Се изгубуваше целото во длабоката дира, но чекореше пргаво, а од лицето му се гледаа пак само двете сиџимки од вршковите на мустаќите. Пушката му стасуваше до колениците, иако ја носеше на повисокото рамо и со цевката нагоре. Беше една долга француска карабинка, исто како онаа што му ја оставија нему, само доста понова, а стариот ја држеше припиена цврсто по целата должина од своето тело. Овој подобро ќе издржи, помисли Змејко. Сега ги гледаше како се оддалечуваат, нишајќи се низ длабокиот снег и еден миг се почувствува виновен оти толку многу го очекуваше ова кога ќе им го види грбот. А кога околу предниот зеде осетно да се згуснува магличавата непроѕирност на врнежот, оној одново застанува и му намавна со раката. – Ајде здраво ооо Змејко, – довикна Претседателот. – Среќно, – му одговори. Тогаш овој само продолжи да тоне, да се разресува во густата ткаенина на снежинките. Кога дојде на тоа место, и бригадирот Језекил застана и му намавна. Здраво. Нему не му одговори. Нему не му одговори, иако се обиде дури и да ја подигне раката и да му мавне. Но, нешто во него не му даде дури ни да му се одѕвие на бригадирот Језекила, на она старче таму. Просто не беше во состојба да го стори тоа. А продолжи само да стои крај дирата пробиена длабоко во снегот и да ги гледа двајцата како се лелкаат во оддалечувањето. Длабеа натаму по бездната густ врнеж две црни прилики, две дамки, една по друга, и сè повеќе личеа на сенки. Заминаа, – тоа беше сè што мислеше Змејко сето тоа време. Немаше ниедна друга мисла, додека ги гледаше како се смалуваат и се разнесуваат. Беше како некоја маѓија од која оние двајца се растопуваа во таа млечна нестааност на виделината, бидејќи тука всушност како и да немаше никакво оддалечување. Бездруго од тоа што им ги гледаше само грбовите. Отидоа, мислеше, а веќе знаеше сигурно дека ниеднаш дотогаш не ги сетил толку блиски, оние двајца луѓе, како во тие мигови додека го следеше нивното исчезнување. Кога беа на она место, каде што виделината на спрпелканиот ден се изедначуваше сосем со врнежот, тогаш оние двајца толку се затскрија зад густата чипка од развиорените котелци на снежинките, што тој сега сети и како го штипкаат очите; им ги виде и боите на божилак на пипиритките од таа напната и упорна загледаност. Но, и тогаш тој не ги пушти толку лесно да му се изгубат; не пропушти ниедно нивно нишкање, ниедно задно просенување. Знаеше сега дека тоа нивно колебање не доаѓа ни од чекорењето, туку дека таа игра се создава од чудната случајност на згуснувањето на роевите своеглави снежинки, а неговиот поглед, губејќи ја често својата цел, просто го проголтуваше целиот тој метеж таму, мачејќи се да го улови, или да си го создаде сам, секое живо прострелкување, секое матно просенување низ снежните преспи. Еднаш тој сепак мораше да ги пушти белината сосема да го проголтне. Просенија последен пат некаде угоре, тоа дека беа над него го сети само по болката во преоптегнатиот врат; прошарија низ белината која немаше никакви други димензии, освен таа вртоглава длабочина на метежот, која стануваше уште побездонна од тоа што мигновено имаше нешто во што можеше да биде впиен заталканиот поглед, таму, под паднатото небо кое не се разликуваше по ништо од наврнатата земја, се мернаа уште некој пат на дното од таа вртоглавичава провалија, а потем веќе врнежот и се заклопи зад нив, и ги скри. Со тоа одеднаш како да го снема денот и неговата длабочина, и остана сè сосем, сосем празно и плоско. Беше исто како кога си гледал само до пред миг една од оние ситни ѕвездички на бледото вечерно небо, и која сега наеднаш пред твоите очи ја проголтал пак во себе бескрајниот простор и веќе сосем ја нема. Не можеш да ја изнајдеш па колку сакаш да ја длабиш темнината со својот поглед, колку и да ја сврдлиш неа, бидејќи небаре и длабочината не постои без неа. Еднаш нешто одново му просени во погледот, но тој повеќе не можеше да биде воопшто сигурен дали беа тие, или само една игра на снежната ткаеница; а уште веднаш потоа не беше сигурен ни дека постоело некакво просенување. Сега мислеше и на тоа, дека и заради нив, а и заради себе, ќе беше подобро да ги поиспратеше малку подалеку; барем уште малку да им разгазеше. Да ги пуштеше сами на самиот почеток од обрастената угорница, што синоќа ја слегоа толку бргу само затоа што се стуруваа по неа, а сега ќе мораат да ја искачуваат. Попусто. Тие веќе беа заминати, и тој ниеднаш повеќе не успеа да ги пронајде. Луѓето отпатуваа, а тој стоеше сам крај нивните стапалки во снегот. Не ги ни бараше. Барем не онака, како што ги бараше пред малку. Но, не можеше ни да се врати веднаш. И токму што го беше почувствувал тоа, тој не знаејќи ни самиот зошто, ги побара пак и – за чудо – ги пронајде; но сега веќе и тоа на еден сосем поинаков начин. Му помогнуваа во тоа и неговите преморени зеници, во кои, со некоја маѓија на белината и на пренапнатоста, како на филмска лента, беа сочувани речиси сите движења и сето оддалечување на оние двајца. И еве се, тие се сега пак тука, на десетина чекори од него, каде што подзастанаа да му намавнат. И тој речиси и го гледа старчето како стои таму едно кусо време; речиси е тука и она негово гласче, ене ја и неговата пониска раменица во завртувањето. Сега тој може и да му одговори нему, гласно и со намавнување, и дури тогаш бригадирот Језекил и продолжува по разгазениот снег, со долгата пушка на повисокото рамо, додека тој во себе довикува по него да излегува и тој понекогаш напред, и да разгазува; да не го остава постојано да го цепи снегот само Претседателот, бидејќи тоа знае ѓаволски да измори. Само едно пријателско довикување, на што старчето, без да се обѕрнува, клима со главата, за да продолжи да го повторува тоа при секое пречекорување понатаму. Ги гледаше сега и како се изгубуваат, но немаше од тоа и никакво штипкање во зениците. Тонеа благо во белината, се расплинуваа во неодредени меки полусенки, малечки и залелкани во врнежот, а тој ги испраќаше, сè дури нивните црнки не смекнаа толку многу, како да се наоѓаа сè побезостатно прозрачени во својот бестежински лебдеж; и наеднаш беа и докрај неповратно исчезнати. Се најде себеси закопан високо над колениците во снегот, крај дирата која почнуваше трпеливо да ја полни врнежот. Помисли: Си нашол по кого да гледаш... Тоа беше како некој да помина со крпа по сета белина наоколу и како да ги избриша со најпрвиот замав сите тие превсенувања, сите бладања на неговите изморени зеници. Сам, вкопан во снегот, само со тој снег. Сиот потонат на дното од таа белина, крај дрвјата склевчени под тешкиот окитѕ, и самиот оловно тежок. Само уште еднаш се обѕрна по дирата: а потоа бргу и силно зачекори назад. Зградичката на пиланата, потисната како недоотворена кртечина под дебелиот снежен покривач, смачкана од една дебела снежна капа, прилегаше на недопрена печурка. Таму горе, на нејзиниот покрив, белината беше разјадена и црна само на местото каде што беше оџакот. Од таму и сега се кончеше темен чад; се чувствуваше неговиот мирис. На тесната пруга од ѕидот се црнееше стаклото со три здрави и едно скршено окно. Мислеше: колку ли е лудо и колку проклето попусто е да се завива, да се блазни, да се пека сета своја дива глад во тоа прозорче. И наеднаш тој веќе сосема добро си ја виде таа своја куќичка. Ја најде тука, пред себе, речиси исто онака блиска, како што му беше и куќата на крајот од селото; само што оваа тука сега имаше и некаква чудна предност со тоа како чудесно изгледаше во овој снежен ден. Беше како куќичките што се цртаат на честитките за Нова година; речиси иста како онаа на честитката, што му ја испрати неодамна неговиот Јовко од градот, во кој се школуваше во гимназијата. Чекореше назад, мислејќи сè повеќе само на тоа. Престана да биде со таа ведрина дури кога се најде застанат на горниот крај од својата пилана. Тука, пред него, во неговите нозе, стоеше јазот. Тој се влеваше во дебелата бука1, забиена во темелот од горниот ѕид на пиланата, како огромен лост, со горниот дел повисок и од покривот, исто како некој шумски џин да сакал со тој лост да ја откорне и да ја преврти ничкум нивната пилана. Во валчестата шуплина од буката, која колку се одеше подолу се стеснуваше по должината од десетина метра, сега му немеш ни прозвук на оној вечен, непрекинат заплисок струеж од остриот пад на водата од планинскиот поток, што се вливаше во неа. Во сè наоколу, затрупан под снегот, стоеше еден огромен, разлеан мртов блок мраз. Беше синозелен мраз во неговата длабочина, беше искадравен во дебелите столбови мранзули, полеани и плиснати надолу, како замрзнувањето да беше фатило и скаменило само еден миг од разиграноста на палавиот поток, со сета негова боја, во неговиот најпалав немир. Тука мразот беше заискрено бел, исто како сребрената смеа на пената, а таму беше сосем зелен и смирен, како замечтаените самовилски вирови. Само што тука повеќе не беше ништо живо. Остануваше со неразјадена поврвнина и под јужниот снег, тој мраз, и имаше цврсти корени и во скочанетата земја; неговиот монолит го имаше склештено сиот горен дел од пиланата, исполнувајќи ја и буката, а се наоѓаше загнезден тој и во внатрешноста од пиланата, во него беа сковани и сите делови од машинеријата што доаѓаа во допир со водата. Од него и сета пилана беше станата само една мртва куќичка догуша во снегот. Змејко сега знаеше невесело дека овој мраз ќе може да го стопи само нешто што ќе се плисне по самата земја, и ќе го стори тоа со таква сила, што ќе ја проникне длабоко неа. Нешто, што ќе ја натера самата да се разбуди, за да побара и да се отстегне, да се пушти. А за тоа тој ќе треба малку подолго да почека. Но, и беше дојден да чека. Ќе чекаме, мислеше. Ги собра рамениците. Се прибра во вратничката. Сега стоеше на прозорецот. Сам. Пуст. Само со оние неколку дрвја што можеа да бидат догледани и што се чинеше дека постојано продолжуваат да се веднуваат. Ја гледаше дирата што ја оставија по себе оние двајца. Неа снегот вредно ја пополнуваше. Тој знаеше дека врнежот ќе може и да ја зарамни сосем неа; но дека и тоа ќе биде само уште еден привид. Знаеше дека никој никогаш не ќе може да ги избрише докрај тие стапалки од снегот; дека тој ќе остане до својот заден миг со нив. Дури откако ќе се истопи сиот тој дебел пласт, и тогаш тие притиснати места ќе останат најдоцна да ископнуваат. До стапалка. Отидоа. Оние двајца сега повеќе ги нема; и ние можеме сега да гледаме до наситка како врнат снежинкиве. И тој гледаше во снежинките. Но, тоа ниеднаш не претставуваше никакво задоволство. Беа обични, заморни снежни партали што поигруваат долго пред неговиот прозорец, сè дури една од нив не сврте неколкупати нагоре-надолу, а потоа се шмугна низ скршеното окно и му падна на дланката. Дури тогаш помисли на оној, што пукаше ноќеска дробејќи го стаклото. И зеде да се смее. Смеата му ги цепеше градите и го тераше да вреска. Долго не можеше да престане. Му се смееше на сето она што го доживеа минатата ноќ и оваа утрина, а смеата сè уште продолжуваше да извира од него во палави клучеви и не сакаше да престане. Са, си велеше, сега, гушејќи се од таа смеа. Навистина, ги одбра луѓето по чии што стапалки ќе се загледаш како теле, мислеше, солзејќи од смеење. Се шегуваш, си рече. Уф, како врашки се шегуваш. Пукаше од смеа, сето време. И наеднаш сознанието беше сосем ослободено од близината на оние двајца луѓе. Тие едноставно беа заминати во снегот. Тие сега беа бездруго веќе на пушкомет далеку од него; веќе сигурно и почнуваа да се искачуваат по онаа угорница, одбирајќи ги неговите вчерашни стапалки и слепо држејќи се занив. А тој сега можеше да мисли на Претседателот и на бригадирот Језекила како с е к о г а ш, наполно ослободен од времените впечатоци. Можеше во него да се воспостави пак тој целовит однос, што се градел низ сите поминати години поодделно кон секој од оние двајца луѓе. А поминатата ноќ можеше да биде само нишка во тоа, околу која, како во процесот на кристализирањето, се собираше сè за тие луѓе кои тој сега ги гледаше од сите страни и во сите времиња. Дотаму што сега веќе сосем горчливо си се потсмеваше и себеси кога ќе помислеше на својата самота, онаков папсан од смеењето и испразнет од неговата експлозија. Стоеше на прозорецот, пред неговата постојана, судбинска осаменост и оддалеченост. Стапалките од луѓето во снегот, едвај нешто зарамнети од врнежот, беа сега како и секои други стапалки; она време, што стоеше во наврнатиот снег над дирите, го правеше ловџијата, кој сретнал на својот пат нечии стапалки, трагови од некого што поминал неодамна по тој снег. Со таа разлика што, според некоја карактеристичност на трагата тој успеал да распознае и кој бил тој што поминал пред него тука. Немаше повеќе ништо друго. И тој размислуваше за оние двајца луѓе. Мислеше првин на Претседателот и на сето време, откако го познаваше. Беа врсници. Но, за него тој човек отсекогаш бил еден од оние со кои тој најмалку можеше да разговара. Во секое од тие времиња постоело по нешто што го носело тоа; сега тој можеше и да каже што било тоа во секое од времињата, поодделно, но тоа како сега воопшто и да не беше значајно. Суштинско беше само тоа оти сето морало да биде само така. Ги чувствуваше сега тие два живота, како две напоредни линии, кои ниеднаш не се приближиле ни за една сламка, и кои чиниш беа осудени да останат секогаш најдалечни една од друга, колку што било возможно тоа. Колку што го позволувал тоа едноставно животот во едно заедничко време, и во едно исто село, со доста честите, постојаните совпаѓања и на судбините. Змејко ниеднаш не помислуваше кој од тие два живота бил оној вистинскиот. Не мислеше ни на својот дека е таков, но можеше да ја положи десната рака да му ја скинат, ако беше вистинскиот и како што треба оној другиот. Знаеше само дека не ќе може никој да го измени тоа; а за својот живот и овојпат мислеше како секогаш, дека е проклетство, но негово. Проклетство за кое беше создаден и тој, и неговото тело, од кое никогаш не се ни обидел да избега, а сигурно ни еднаш не ќе можел ни да го стори тоа. Простори за скитнување постоеле секогаш; постоеле тие и за него, и за Претседателот; постоеле и времиња кои и го барале тоа; во кои наеднаш било дотаму разурнато наоколу сето, што на прв поглед се чинело дека дури и тие линии, секогаш и премногу бргу, и премногу видливо, оделе една кон друга, взаемно стремејќи се. И притоа речиси и се слевале тие; но тоа всушност секогаш и со сè си останувало како што било. Секогаш одново тоа, во еден единствен, во најпрвиот миг за осознавање можеше да биде откриено и сега веќе јасно и да биде воспоставено какво што самото е. Секогаш сè си доаѓаше на своето место. И сега. Всушност, тоа секогаш и си било таму. Линиите секогаш само продолжувале трпеливо да се оддалечуваат. Беа тоа два сосем различни односа кон самиот живот, и тое секогаш останувале неизменети. Со нив беше роден, секој од нив. Тоа беше една потка, од која беше запредено сето понатаму друго. Тоа беа два различни света, иако вака се чинеше дека е еден свет, едно село, еден миг. Тоа се рзалики од ткаеницата на мислата, на душата. Змејко сега многу добро го знаеше тоа. Овој миг нему му се стори дури дека наеднаш би можел како пророк и да го изрече сето тоа. А постоеше тука и еден ваков ред на сеќавањата: ... Поворката на закопот го пробива снегот и ги напушта селските сокаци, одминувајќи бавно по стапалките само од оние двајца, што беа отидени изутрината да го ископаат гробот. А едно момче во бело, со некаква чудна подуена потрусаност на модрото лице од студот, оди напред пред сите, со барјачето и со белата наметка што ги даваа во црквата за таквите редови. Додека тие стојат со симнати капи крај патот, сигурно враќајќи се од училиштето, во тоа зимно пладне со еден силен и црвеникаво нечист одблесок на сонцето од зад валканите облаци. Засипнатиот, повеќе сипкав селски поп со извиткан тенок како штичка бел како вар нос и со проседавени валкани сиџимки нечешлана коса, спуштени по измрсените рабови од свечената одежда, пее бесчувствено и колку да помине редот, одвреме навреме: „Вечнаја памјат, вечнаја памјат“, затегнувајќи на секое „а“, а после некое од сите тие деца крај патот вели: „Дојдете“, и тие заминуваат со поворката кон гробиштата. Беше умрен таткото на едно нивно другарче од одделението, а оној што рече да дојдат можеби беше и нивниот учител; заминаа. Мажите што го носеа мртовецот, се менуваа постојано, а тој, Змејко, со торбичката со читанката и со таблицата преку рамо, ги притискаше со раката кондилите и моливите да не тропкаат внатре и мислеше на тагата. Мислеше на жалоста, ја носеше врзана во еден цврст јазел в грло; го раскинуваше и него и му го сопенеше здивот, но повеќе мислеше како ли расчешнува таа кога оној, што го носат мажите, е твојот татко, да е скраја и далеку. Мислеше на оној нивни соученик напред, во белата наметка и со поцрнетото извоштено сребрено барјаче. Тоа беше тој. Сега беа дојдени, и гробот беше единственото нешто што се црнееше во раскопаната расквасена земја во таа бескрајна белина наоколу, во тие снегови, во таа загиначка. Некои жени плачеа, а Змејко гледаше во лицата од сите луѓе и во она што стоеше на секое од тие лица, сè додека не го изнајде онојго. Стоеше сега веднаш до него, до нивното другарче со барјачето, и едвај си ја потискаше во себе желбата да му рече нешто, барем да го фати за мишката и двајцата да помолчат. Сè додека не откри како едната негова рака се оддели од рачката на барјачето и заграба во синијата што ја подава пред лицата од луѓето, а внатре беше пченица поштркана дебело со разнобоен некаков шеќер. Ситен, разнобоен шеќер. Пченица, ишарана, вапцана од синиот и од црвениот шеќер. И од зелениот. И уште веднаш потоа како му беше подуено уште повеќе неговото лице, од таа пченица, по која се поврати уште еднаш со раката, до него оној. Ја пикна во устата и јадеше цел грст, а во неговите очи не стоеше сега повеќе ништо друго освен таа лакомост, додека грутките земја се стркалуваа во гробот и удираа, одекнувајќи тупо по чамовите штици од сандакот. Мислеше само дека тој никогаш, воопшто никогаш, воопшто не и не и не би можел да се граба сега по таа зашеќерена пченица, најмалку да ја јаде неа, не дури ни сега, кога се работеше за еден туѓ татко. Не. Никако. Никако. Избега. Избега со трчање од тоа; и не знаеше каде престанал да трча. Секогаш бегал. Но, тоа секогаш останувало. Било вистина. Тоа никогаш не можеше да го сметне од мислите, од сеќавањето. Ни оваа подигната рака; ни оваа тупаница; што сега се трие по челото, сакајќи на некој начин да ја оттурне барем физички, со допир, таа слика од себе, тоа сеќавање, таа мисла. Но, не можеше никако ни да се бркне во главата за да се дофати од таму и да се отстрани тоа, што го остави оној, преодамнешен, најран снежен ден на гробиштата. Вистина. ... Како што беше вистина и онаа пролетна утрина додека на горниот крај од селото се собираше тајфата печалбари пред заминување, а тука беа и тапаните, веднаш тука, на ледината крај патот, и младичите веќе го играа и Тешкото околу нив, а тој беше со татка си скраја и мајка му молчеше крај нив со црвени очи; тој беше накитен со низалки костени, јаболка и по неколку ореи, првопратено, додека мајка му му шепнуваше „Змејко, сине“, а тој можеше да види како му се стегаат на татка му вилиците и како сите мускули набабруваат и се скаменуваат под поцрнетата кожа од неговото лице, исто онака, како кога татко му беше многу лут. Но Змејко сега можеше и по себе добро да знае дека тоа не е од никаква лутина. Не; тука немаше место за никаква лутина; Змејко првпат го имаше и во себе истото чувство, што го тераше татка му да си ги стега вилиците така. Можеше да види и како мајка му го доведе онојго. Тој беше веќе и повисок од таа здиплена старичка, онаква сува и вдовички свиткана у две губи. Таа појде право кај Башмајсторот, нешто зборуваше таму, Башмајсторот само климна неколкупати со главата, загледан во орото, а Змејко тогаш можеше да £ го чуе и гласот на старичката, тој глас од тажаленките на летните приквечерини, кога таа рече: „Чувај ми го, мајке, добро. Јеким е останато, биди му и мајка и татко по светон, убавино лична...“ Така тргнаа. Беа завршиле до второ одделение и потаму немаа учител; значи можеа да заминат. Орото се растури уште веднаш штом стана Башмајсторот и сега заминуваа, цела поворка, цела тајфа, додека жените повикуваа по нив „создраввиееее“, а буките крај патот имаа зелени, распукнати, набабрени пупки и селото во таа утрина се чинеше одеднаш толку убаво. Ги видоа одеднаш сите убави работи во него, и некако копнееја од тоа, сите со по една стегната вилица и со нешто меко, горко и ранливо во погледот, заскитан напред. Чекореа надолу, одеа кон светот, кон градовите, таму беше нивната среќа. Змејко беше во групата деца што заминуваа првопратено, како него; се чувствуваа мажи, имаа по десетина години, одеа да печалат. Знаеја дека тоа е судбинско и молчеа, спуштајќи се по удолницата пред себе. А после, кога беа во еден голем град и откако работеа доста време за да можат да сетат што значи да се качува копанката со варипесок горе, на високото скеле на една раменица, откога можеа да сетат што значи и сè друго тука, старците честопати знаеја во слободните денови, или онака, делникден, кога немаа што да прават на градилиштето, да ги пуштаат сите нив да се рашетаат по улиците од градот, да го видат, да го запознаат, за да можат да кажуваат за него. И тие тогаш ќе се плиснеа во една игрива група, која секогаш беше за себе нешто цело, а која знаеше просто и да се изгуби низ тие бучни улици, да се расплине низ нив, за одново да се збере. И Змејко не еднаш можеше да види, додека шетаа по оние големи дуќани и додека разгледуваа сè што имаше таму, како една рака се изделува тајум од нивната китка и посега таму, каде што не £ беше место. Таа рака честопати знаеше и да дофати по некоја ситна работа, и да ја повлече, а откако ќе го оставеа дуќанот, тогаш оној ќе го извадеше украденото и ќе им се фалеше со него на сите. Тоа се повторуваше при секое нивно потамошно излегување во градот. Тоа почна да се повторува и во секој дуќан. Валкаше. Ги валкаше и делеше, сите нив. Го валкаше него, Змејка; тој секогаш од најпрвиот ден се чувствуваше извалкан од тоа, со она свое постојано чувство за свеченост, со кое што ги примаше сите новооткрисни работи, со кое ценеше сè, што ќе го видеше првпат. Никогаш не можел да има таков однос кон работите; ниеднаш не ги посакувал за себе, пред да помисли дека за секоја од нив и тој треба да остави нешто. Мислеше само на убавината од едно такво имање кога ќе можеш она да го докажеш со отворено лице пред сите, а не можеше да не мисли и за нечистотијата на едно онакво имање. Знаеше дека го имаат истот во себе и повеќемината од нивната група; беа малцина оние, што му завидуваа и му одобруваа на оној. Тоа им го расипуваше празникот на среќавањата со градот; мнозина и веќе и не го признаваа свој. „Или еднаш ќе престанеш да крадеш“, – му рече еден ден на оној еден од нив, а можеби тоа му го рече тој, но тоа беше безразлично, – „или ќе си ја поскусиш раката со тоа твое крадење, или ќе му кажеме на Башмајсторон, да си знаеш“, додека се враќаа во приквечерината кон своите бараки. На башмајсторот никој не му рече ништо; барем не тогаш но затоа пак оној само престана да им ги покажува за некое време работите што продолжи и потаму да ги краде од дуќаните. Нешто подоцна тој престана и да излегува со нив. Се здружи со некој туѓоселци што работеа на едно друго здание. А набргу го видоа и со некои деца од градот. Некој рече дека си нашол дружина; а на Башмајсторот ни за тоа не му спомнаа ништо. Сето тоа му го кажаа на Башмајсторот дури една утрина кога оној цела ноќ не се врати од градот. Башмајсторот тогаш ги повика сите малтерџии; и тие нему му кажаа сè. А утредента, додека тие ги носеа првите копанки нагоре по скелињата, а еден мајстор од највисокото пееше: „Поминуваш, Јано мори, заминуваш, ми се смееш, Јано мори, не ми зборвеш“, оној доаѓаше до Башмајсторот, кој стоеше веднаш до нивното корито со малтер и тие можеа да чујат сè. „Башмајсторе“, – рече оној, – „дојдов да ми го исплатиш акот; јас си најдов друга работа во градот“. Башмајсторот го гледаше долго, предолго, тоа извишено момче пред себе, а после пак гледаше нагоре, кон скелињата, сенејќи си со раката над очите; за после пак да се сврти кон оној. Не знаеше човекот што да стори пред оној поглед. „Тој ак“, му рече најнакрај Башмајсторот на оној, „е акот од мајка ти; јас него ќе £ го дадам нејзе. А ти ела малку по мене“, и Башмајсторот веќе замина покроце кон бараката, зборувајќи си како за себе: „Си нашол работа, аирлија некај ти е; само мене ми е страв да не биде ова сè, што ќе £ однесеме мајке ти дома“, оној едно време гледаше по Башмајсторот, се подвоуми, Башмајсторот ниеднаш не се обѕрна да види дали овој доаѓа по него, чекореше спокојно, и најпосле и оној замина кон бараките. Потем беа смо неколку викови, некој од мајсторите довикна озгора така, за да чујат сите малтерџии, дека оној кому му е жал може да појде да го одбрани ако сака, а после беа уште неколку плачливи викови, и сето тоа заврши така, што оној истрача од вратата на бараката и ја спрашти како скакулец по градилиштето, а Башмајсторот дојде само до вратата и окара „Натемате – натема“, а мајсторот довикна озгора дека ќе се врати тој, дека никој тука не дава месен-обесен; но и тоа излезе лошо пророштво. Оној повеќе никогаш не се врати на нивното градилиште. Го бараа по градот целото тоа лето; ниеднаш подлабоко не му влегоа в трага. Дури есента, кога тргнуваа да си одат назад, кон дома, сите ќираџии, што ги товарија нивните алати и сè друго нивно од бараките, а зад себе оставаа една нова петокатница во градот, неа можеа сега и да ја гледаат, и да бидат задоволни од тоа каква беше, бела и воздушеста; дури таа подоцна есен, кога го оставаа и тој град разубавен со уште една нивна петокатна градба, тој бел град некаде по белиот свет, по нив од некаде се забра како нивна сен и еден испокинат младич, кој по многу нешто прилегаше на сите деца, што се среќаваат по станиците, бос и сам, држејќи го постојано растојанието меѓу тајфата и себеси толку големо, за да не може да го достаса никој, кога би се пуштил назад да го прогони, или да го фаќа. Патуваа дома; секој на свој начин. Оној патуваше така. Растојанието од тој сепак по некој ден зеде полека да го скусува; немаше каде. Петтата ноќ преспа тој веќе крај нивниот огон. Виде дека никој не мисли ни да го кани ни пак да го гони. Но, ни таа вечер ни утредента, никој не проговори со него ни збор. Тој уште помалку имаше уста да почне разговор. Башмајсторот како и да не го забележуваше; сето време додека патуваа. Нити пак некому нешто му рече. Дури последната вечер, кога си беа веќе блиску до селото, по недела и згора пат, Башмајсторот го повика онојго крај огнот. И тогаш тој нему пред сите му избоја сè, што имаше заработено, а згора му придаде нешто и од својот ак. „Еве“, му рече тогаш Башмајсторот на оној. „Да £ однесеш мајке ти исто колку што си носат дома врснициве твои“. Башмајсторот беше човек без челад; сите можеа да го сфатат за него и тоа. „В година“, продолжи Башмајсторот, „ние пак ќе одиме. Можеш да дојдеш со нас. Само, ако избегаш уште еднаш, кај нас повеќе не ќе имаш кај да се вратиш“. Оној веќаваше, оној плачеше, примајќи ги парите од Башмајсторот; оној дури и му баци рака на Башмајсторот; беше една голема, корава рака, испукана од делкање камен и од варта. Сите тие мислеа дека не можеше ни да стори ништо, ниедна трошка поинаку; и сите мислеа тогаш дека е сега сè готово, дека по ова на оној ќе мора да му дојде умот. А Башмајсторот само си ја тргна својата голема рака, помолче, помолче, а потоа само уште дорече: „Чуј, сине. Светов е голем, широк. А живеачкава може да се тера и вака – и инаку. Вака е тешко. Некако инаку може да биде и полесно. Гледај, помисли ти. Не веќавај брго. Одбери сам. Само нема поблаг леб од оној, што се јаде со вакви раце. Нема ни потежок, вистина, но и поблаг нема. Јас толку знаев, еве и толку ти кажав“. Башмајсторот сега пред сите го погали по косата него, а после се израстурија и позаспаа под своите забани. Оној долго, предолго липкаше во своето легло на ледината. Змејко уште долго не можеше да заспие од тоа липкање и од сè друго, што му се насобра таа вечер. Утревечерта влегоа в село. На ридот ги пречекуваа едно чудо чекалени. Сите им се радуваа, им се радуваше целото нивно село. Вечерта од сите страни на селото се слушаа песните од водарките. Дошле туѓоземјани... ... Но имаше и такви вечери кога водарките не пееја кога си доаѓаше од градовите оној. Жените тогаш се собирале пред куќата од мајка му, влегувале внатре и молчешкум ја жалале; тоа станувало оние денови, кога ќе се расчуело дека го носеле врзан. Било секогаш заради кражба. Кога ќе наближело времето за да го донесат, сите жени се растурале по селото, и тогаш го донесувале него. Обично се забираше со некоја тајфа ѕидари, ако беше тоа пролети, или пак со некоја група дуќанџии, есени, и пак заминуваше по светот. Секогаш заминуваше; и секогаш се враќаше пак празен, или врзан, секогаш во невреме. Се прикажуваше една шега дека одеднаш £ напишал мајке си да му прати пари да си дојде дома од градот, до каде што стасуваше железницата. Сите знаеја како дошол и дотаму. Ни најсвоите в село најмалку имаа радост за таквите враќалени. Оди и да ми се невратиш, – се паметуваше молитвата од мајка му меѓу нив што му ја беше изрекла при едно од тие негови испраќања. Беше едно проклетство, една горчлива судбина, една горчлива шега, која се прераскажуваше меѓу печалбарите од селата наоколу. Оној никако не можеше да си го најде своето место во сето. Оној никогаш не се научи да работи, сите знаеја дека тоа токму отаде. А сепак, сите имаа разбирање за него и мислеа дека со нив ќе успее; секоја група, секоја тајфа, што го повикуваше да појде со нив да се обиде уште еднаш. Ниеднаш не им успеа, иако постојано се обидуваа. Тогаш некогаш дојдоа и селските говеда, со кои оној акаше по планините, забирајќи ги од средсело уште веднаш по кревањето на росата и враќајќи ги во вечерите. Понекогаш, кога ќе му останеше во планините некоја заделена крава, што забегала од стршенот, или останала расипана од дивината, оној продолжуваше да талка по неа и во вечерите, заедно со нејзиниот стопан и со фенерче. Беше тоа еден тежок живот. Оној обично молчеше за сето, а сега чинеше како да го прави тоа со некаква нејасна желба да се казни себеси. И тогаш имаше едно од оние приближувања, иако Змејко не се сеќаваше дека некој од нив и рекол нешто за тоа. Траеше една – две години, додека оној не замина пак во градовите да печали, како сите. ... Не спечали. Беше војна. Беа вежбари во еден вод. Другаруваа заедно со сите земјаци од нивниот полк. Беа на фронтот. Се биеја со Италијанците, но фронтовите се израстуруваа бргу, само за ден-два. И тие немаа ни зошто да го држат својот фронт. Ја бранеа добро границата, излегуваа на крај со италијанските напади таа рана пролет, што опснежуваше, се гонеа по спиндилиите на албанската граница во тој април, но наеднаш станаа свесни дека веднаш во нивниот тил се веќе германските тенкови и дека тие продолжувале сето време да ја бранат една земја, која беше прегазена самата во себе уште одамна пред тоа. Просторот на земјата што ја бранеа не беше поширок од десетина километри, а целата држава беше веќе капитулирала, додека тие за неа ја освојуваа Албанија. Дури некој не јави дека Германците се наоѓаат веќе и во нивните касарни во градчето, каде што им беше гарнизонот. Напуштија. Како сите други војски на кралството, а тие ја фатија тенката патичка за дома. Беа десетина души земјаци и постојано се држеа еден за друг, а сега се договорија и заминаа; една ноќ едвај се пробија меѓу германската тенковска колона. И можеа, тие неколку дена, додека се искрадуваа, да ги гледаат пренатрупаните патишта со сиот им от на државата; беше како некој да ги имаше истресено, исфрлено, крај главните и други друмови, сите државни магацини, сите воени резерви, сите комори, заедно со нераспрегнатите коњи и со сите други воени возила, запрени, или стркалани крај џадињата. Одминуваа крај тоа, носејќи го дома само голиот живот и, ако беше возможно, гледаа да ја сочуваат само уште својата пушка; воено време, не знаеш. Само оној, кога беа наближени до селото се оддели од нивната група и скитна некаде, сам. Се врати в село по неколку дена, терајќи пред себе караван коњи, претоварени со сите оние работи што можеа да се приберат по џадињата во тој април. И додека сите селани ги возобновуваа заборавените навики во планината крај нивното село, кои во времето додека тие печалеле по светот, беа насобрале по малку слоќ за да можат да изранат по неколку жетви, а војната ги имаше испобркано сите патишта и сите граници, – оној тогаш шверцуваше со автомобилски гуми. Доаѓаше в село ноќе и го напушташе ноќе. Го викаа Штука, а тој правеше фодулог со спортските панталони до коленици и тука собрани, сошиени оде војнижки штоф и со италијанските шкарпи и чораби високо по цеваниците и сè друго војничко прекровено на себе. Тоа траеше така првите години од војната. Наеднаш го снема. Го немаше цела една пролет; сè додека не се расчу дека заминал со партизаните. Тогаш одеа партизани многу млади и по некои постари, нивна пора луѓе. Одеа од сите села. Сите знаеја што значи тоа; секогаш и сите ја прифаќаа таа борба; помагаа со што можеа и сè почесто се случуваше да заминат нови групи. Низ нивното село поминуваа партизански единици. Заедно со повеќе мажи од селото, во една од нив отиде и Змејко. Беше тоа уште еднаш една нивна вековна борба, и тие, нивното колено како сите пред тоа, сочувство за предедовски, за татковски долг трпеливо ја прифаќаа и ја изборуваа и неа. А оној тогаш се прочу. Раскажуваа дека напредувал. Тоа сите за него сакаа барем еднаш да го чујат; и се радуваа. Мислеа дека најпосле и тој си го нашол своето место; мислеа дека имал и пред тоа нешто такво, неразбрано ни од нив, скапо во себе, за што ни самиот не си бил свесен; веруваа во тоа. Тоа траеше така сè додека набргу веќе не беа одново сосем сигурни оти местото во животот и сега останало непронајдено; и од тоа на сите им беше мака. Уште повеќе што самите требаше да £ станат цената на таа сопствена заблуда... Слегуваа од планините со своите воени единици, ги преземаа градовите, луѓето ги пречекуваа како своја војска. Оној беше назначен за началник на ОЗНА во едно од гратчињата недалеку од нивното село. И сите слушаа; колку и да сакаа да се направат глуви. Оној ниеднаш не излегол на улицата без едно одделение борци за лична охрана. Едно одделение од оние борци во англиска, или во гедрманска, или во италијанска, или во измешана од сите униформи, со шмајзери на градите, одело секогаш околу него; едно одделение партизани, штотуку слезен од шумата, по пустите голомразни улици од таа есен, кои во вечерите се исполнуваа со митинзите, со баклјадите и демонстрациите; а и во другото време оној се шетал низ тие улици и ретко кога излегувал без својата охрана, без тие добри, наивни борци, ослободители, со долги коси одзади, со реденици, оние што се фотографираа сосе шмајзери по црвоточните фотографски работилници, а нивните фотографии мрзнеа по излозите избоени со мастилави бои, вплетени во некакви срца, или излепени на џепните огледалца, оние сè уште со крпени петокраки на капите, што имаа најразлични и најнеобични форми, оние со изрезбарените петокраки на кундаците и со толку решки во дрвото, колку што непријатели секој од нив убил, едно одделение од такви борци, поредени од сите негови страни, а тој во средината, натегнат и голем, плештест и црвен во вратот, широк и мирен во чекорот, со неколку пиштоли и со слични тракатанци, додека луѓето наизлегувале на прозорците. Страв и трепет, мислел, јас сум страв и трепет овде; и нека чујат за моиве прошетки по овој бел град сите луѓе од моено вошкосано село, тоа е она што можам да им зарачам сега. Таков, навлегувал и во куќите од балистите, со кои до неодамна се војуваше, а сега или беа изгинати, или избегани, или пак позатворени, а тој вршел претреси и, кажуваа после, не им проштевал многу на оние, што ќе ги нашол дома, и на жените. Бил мајстор да ги изнајдува скриените пушки по сите шупливи ѕидови од скривниците, по бунарите, тоа сите му го признавале, но тој сè поретко заборавал на жените, кои често ги „сослушувал“ во својата канцеларија со теренски кревет и со стражар пред вратата. Така, сè дури не го нашле самоубиен еден од тие негови борци, некој што не можел да измолчи за сето тоа, па макар го кажал и во своето претсмртно писмо, кое почнувало со она доста карактеристичното: „За ова ли се боревме...“, во бавчата, до џамијата, крај турските ќиури, со пушката чијшто чкрапец морал да го врзе со сиџимче за палецот од ногата и дури така да повлече, бидејќи немал при рака ништо друго, освен тој долг бугарски карабин, во дрвот од чиј кундак пред тоа имал направено сам уште една нова решка крај седумте стари. Беше тоа само уште еден крај на уште еден обид. Еден негов крај, каков што можеше да му биде. Го испратија во селото да прави задруга. А крај ниеден не одмина онаа шега, што тие дни се носеше за него, уште и пред самиот да стаса в село. Го деградирале; а кога му ја давале партиската легитимација, му рекле: „Варди, зашто во книшкава не ќе има место да се запише веќе ништо ново. Ни за најмалечка казна. Ги имаш и досега барем за тројца...“ ... Сега Змејко лежеше оптегнат колку што беше долг на тврдиот дрвен кревет; а сето, што му помина низ сеќавањето, беше само еден бегол поглед врз сето она што го чуваше во себе за оној човек, што го испрати пред малку во снегот, пред да го мрази. Она, што го определуваше сегашниот негов однос, дојде дури после, во овие неодамнешни времиња; и траеше тоа и до овој ден, сиот снежен. Сега оној им беше во срцевината на нивните селски работи, а сето тоа беше токму онакво, за какво што Змејко уште одамна, уште од почетокот, се плашеше дека ќе биде. И, додека размислуваше за тоа, додека се труеше од тие мисли што го печеа во неговата внатрешност, Змејко можеше само да се превиткува како ремен, издолжен на тоа тврдо легло, пред да почне да стени. Оној ја правеше нивната Задруга. Еден ден во неа мораше да влезе и Змејко. Тој отпрвин можеше да гледа со недоверба и на Задругата, како што би гледал и на сè друго, што би го почнал оној. Но, после тој сепак мораше да се запише. Беше едно такво време, а и сега е едно такво време, што зачленувањето во Задругата беше неминовно, а оној сега беше Претседател. Задруга, мислеше. Колку е големо сето тоа. Јас сум го сфаќал уште одамна тоа. Таму беше можеби и причината да се согласам да го внесам и јас мојот имот и да го смешам со заедничкиот. И тоа, мислеше сега Змејко, а и оној мој брат. Но, и каде би одел ако не влезев, мислеше Змејко; која пустина би фатил, сам... Змејко првин беше бригадир на градежната бригада во нивната Задруга. Со неговата недоверба и со заплашеноста во него везден се мешаше и она неизбежно воодушевување, без кое тој не можеше ни да биде. Тие времиња Змејко многу често помислуваше дека не може да е повеќе никаков привид приближувањето на судбината со оној човек, со кого често си изнаоѓаше дури дека има иста мисла. Многу селани се призапишаа во Задругата, слушајќи го него, а Змејко ним знаеше понекогаш да им зборува за тоа со ноќи долго. На сите работи што ги започнуваше така, не можеше да не им се даде сиот, така што да не остави ниедно делче од себеси вон; беше создаден таков. И тогаш тоа најпрво време чиниш беше прероден што беше успеал некако да поверува. Но, правеше сè и сите други да му поверуваат. И навистина, луѓето му веруваа нему. Иако сега беше сознаен дека биле неговиот најгорчлив привид, сепак, тие денови ги имаше тој како најсреќните и највистинските од својот живот. Му беше добро и мислеше дека никогаш не ќе успее да се замати; пришто речиси имаше заборавено со кого си има работа. Го сакаше она, што се случуваше со нивното печалбарско село; луѓето тука беа запрегнати сите да си го бараат заедно својот живот, и успеваа во тоа; мислеше дека сите околу го чувствуваат токму такво сето, а сега знаеше дека грешел. Едноставно не гледал малку подобро тогаш околу себа уште тогаш, уште на самиот почеток. Беше загледан напред, а кога се гледа дека таму не можат да бидат забележани сите оние гомарни нешта што ти се препкаат околу нозете. Беа запнати да направат една добра Задруга; ниеден од неговите селани, заедно со кои тој до неодамна војуваше, а тогаш беа дојдено од Армијата, не се жалеше себеси да стори сè да биде тоа една навистина добра, една нивна Задруга. Едно село, како една куќа, сите добрини и сите грижи – заеднички, каде е тоа време? Можеше само да биде сонувано; а сега не ќе ме натераш повеќе да ти поверувам во тоа, заби коњски да пуштиш, мислеше. Жално за сето; а за мене пекол. А сето висело само на една тенка нишка и како само да си го чекало денот кога ќе се урне. Колку многу може да му одземе на човека само еден ден... Змејко сето време и пред тој ден насетуваше по нешто; целата година, додека беа запнати од петици да го направат она што го имаа наумено, не беше без таа невера во себе; но, ниеднаш не £ обрна достатно внимание, понесен од работата. Тие две нешта кај него ниеднаш не одеа заедно. Им правеа куќи на погорелците од војната. Ги ѕидаа, тие нови куќички, во еден прекрасен ред; им се радуваа заедно со дечињата што беа останати без куќи во оние неколку воени ноќи, така што веќе беа одвикнати да имаат своја дома, а сега од утро до мрак стоеја крај нивното градилиште и гледаа како никнат нивните нови куќички со своите чудно умни стармали загрижени очи. За после очите и на сите мајстори да им просолзуваат во непријатниот до немајкаде смешен плач, измешан со бранливата и во сапови надојдена смеа, крај тие дечиња додека им помогнуваа да се населат во нив. Беше понесен од тие едноставни убавини и човештини, во кои беа запливани со него сите негови од бригадата; никој не можеше да го натера да поверува дека макар и нешто малку наоколу и не е толку чисто. Сè до оној ден... Оној ден. Го градеа тогаш домот. Беше еден добро замислен, просторен задружен дом, полн сонце. Утрината беше чиста, како планински вруток. Чекаа на скелињата да им донесат вар. Беа качени високо, го ѕидаа вториот кат. На скелињата почнаа весело да се довикуваат, кога ја видоа колата што се подаде оздола по сокакот. Беа дојдени на работа уште пред сонце; тогаш никој не прашуваше за времето и за тоа колку си работел; за сите беше важно работата да се врши и да се искористи времето. Змејко му свика на коларот да растовари под него; но оној како да не го чу. Потера нагоре, по средселото. Змејко тогаш скокна од скелето и го фати коларот за вратот. Не беше време за шеги. „Каде?“ Коларот на тоа му рече дека таа вар ја носи кај Претседателот. Се извива – пргава змија – не се дава таа, првата мисла дека тој се шегува. Потребно му е да се преврти одвнатре, со отробата вон, до мигот кога мораше да поверува. Та зарем Претседателот немаше здрава куќа? А беше добро, си зборуваше сега сам со себе Змејко, добро беше што ја фрли мистријата и што замина по коларот додека некој по тебе запраша од скелето: „Што, зарем ти не знаеш?“ А некој друг од мајсторите прирече уште; и тој чу: „Сега ќе биде што ќе биде –„ Беше добро и што отиде кај Претседателот, и што виде дека со таа вар што вие ја чекавте целата утрина, и што ја штедевте, бидејќи ви беше пред крај, тој си ги дотерува ѕидовите во дворот, прави да му биде лично, и дека дури неколку мајстори од твојата бригада работеа тука, без да знаеш ти. Беше добро и што му се пикна дома, и што не му рече ни на здравје, кога го најде како поручува. Сето тоа беше добро како што беше добра и твојата прошетка низ сите соби по неговата куќа, каде што откри дека во секоја соба тој веќе има и по еден персиски ќилим, од оние што ги ткаеја девојките од Текстилната бригада. Тоа ти требаше да го знаеш. Беше крајно време и ти да го откриеш еднаш она, што некои веќе одамна го знаеја, кога ги најде во тие соби и сите оние ситници, што беа задружни, и кои, којзнае како, ти ги снемуваше една по друга од пред очите, без да го заушуваш тоа. Добро беше и што го праша дали некаде се должил себеси со таа вар и со таа работна рака и со сите тие ќилими на што тој ти се исклешти: „Знаеш, претседателска куќа. Може да дојде секој...“ А неговата руса жена, целата набрекната во градите и во рамената гледаше по стапалките што ти ги оставаше со своите опинци, секој миг готова да ти се врекне како да си £ згазнал на бос палец. Добро беше, кога излегоа по тебе во дворот што му рече нему: „Слушај, бреј, копилјаку мајчин. Зарем и од нас ќе продолжиш да крадеш...?“ Тоа не беа ни зборови; зашто ти уште ниеднаш во твојот живот не си имал нешто што би можел погневно некого да го прашаш. Јас пак ти велам дека беше многу добро, твое, сето тоа, сè до тој миг. Та еднаш мораше и да ти пукне пред очи, а потоа веќе зарем можеше некој да те запре да не одиш до крај. Не ти чинеше она понатака. Требаше, сега и ти тоа можеш многу добро да го знаеш, требаше со чекичот, што го имаше заборавено в појас уште кога тргна по коларот, а патем го пронајде таму и го зеде в рака да не ти се истресе некаде, требаше со тој чекич што се меткаше сега де во едната, де во другата твои празни, издолжени, тешки и увиснати раце; требаше со него, по главата, и да го пропаднеш на дну земи, тогаш, додека стоевте во дворот. Тука, во неговиот двор, Претседателот сиот блед и изгубен во вратата, поцеден по муцката од маста од пржените јајца, што ги поручуваше, со касајот в уста, да го акнеш со тој чекич, туп од камењата што ги кршеше со него во ѕидањето и сиот бел од исушениот малтер со сламки, ех, зошто не го стори тоа, зошто... Место сето тоа, ти, застанат таков пред жената и со оние тројца мајстори, што ти дишеа во вратот; пред жената целата раздрохтавена како пауница од задружната благота, како да не можеше да смислиш ништо друго освен да ги требиш сламките од засушениот малтер по чекичот во твоите раце, сè додека не ти текна онаа мудрост, која едвај успеа да ја протепкавиш во неколкуте збора што ги исцеди од својот гнев како од кремен: „Од утре да си сакаш друг бригадир за твојата градежна бригада, чу ли...“, со растреперени вилици и како да се наоѓаш под урнатините од твоето најскапо здание што некогаш си го градел, а тоа сега се уриваше над тебе, над твоите раменици, те треснуваше право по челото, те толчеше по рацете, во лицето, в теме, в тил, во утробата внатре, посреде, а нозете од тоа ти беа тешки како потонати и натрупани до над колениците веќе во тие урнатини. Едвај си ги отпрета нозете, оловни од тоа. И ги покрена, да заминеш. Замина, којзнае каде; се изгуби којзнае во што; го остави оној; со неговата гоена жена на прагот; го остави да си биде, да претседателува и понатаму да краде. Откри нешто, што те исуши целиот; откри нешто што помина низ тебе, како рофја, те изгоре и те остави да се меткаш со денови по шумата, по беспаќата, а деновите ти беа од таа пустош, црни. А требаше, сега и самиот знаеш, требаше да сториш нешто сосем друго, барем да покренеше нешто, да дигнеше глас, да запрашуваше, да ја испразнеше својата разгневеност во неколку прашања. А ти, ти измолче, за сè. Зошто ли измолче за сè, зошто...? Тогаш се совпаѓаше и твојот прием во Партијата. Беше предложен и тие денови дојдоа документите од Околискиот комитет. Го сеќаваше блиску, на дофат, она најмачното што го има да го реши човек за себе во нашиов живот, ако го решава онака длабоко и вистински, како што треба, а тоа беше о п р е д е л у в а њ е т о. А сега, мораше да откажеш. И ти откажа, а никој не те праша зошто. Требаше бездруго барем да има некој да те праша, за да кажеш; за да го кажеш она што го знаеше; она што те пребори. Така барем ќе кажеше сè. Не, си рече сега Змејко. Се превиткуваше како ремен на тврдото легло. Не. Не. Сите мислат така, а јас бев ваков каков што сум. И постапив така, иако и јас често не сум си воопшто воодушевен од себе ваков. Дека требаше нешто да се покрене во тоа не се двоумев ни тогаш; само што тоа исто така можеа да го сторат и другите, сите. И еве, јас сега мислам пак; не. Тука бев важен јас. И таков, утепан. Ништо друго потаму мене не ми беше важно. Беше најстрашно што во продолжение на целата година, пред оној ден, јас потајно и од себеси се бев ребрел постојано токму од нешто такво, скоро знајно. Не сакав да се обѕрнам наоколу токму од тој нечист страв, само да не го откријам, за да не ме убие со својата невера. Зашто нема ни покревко ни поплодоносно нешто од она, кога човек ќе потера кон една стран со сите свои дамари, полетал натаму и не сам, туку заедно со сето свое село. Нема покревко ништо од него тогаш кога ќе погледне во нозете и кога ќе си види дека токму тој, коренот му е – разјаден. Тоа го знаев многу добро за себеси, но и за сите мои околу; веќе однапред знаев дека тогаш нема да ми биде важно ништо друго, освен мојата урнатост. Мојот сон во калта згазен. Бидејќи таков тој беше далеку од тоа да е само мој; туку беше на едно цело време, наше, тој. Еднаш, кога и тоа беше видено, сиот спас, што беше преостанат, зарем не беше само во бегањето и во ништо потаму друго. Се сушеше разјаден не само мојот корен... И сега веќе ене го како споменик на тој ден, на сретсело, останат и досега недограден нашиот задружен дом. Оние ѕидишта кренати до чатијата, што сега се уриваат. Се страда исто само онака, како што мора... Меѓутоа, на оној не му беше тешко да си најде нов бригадир на градежната бригада. Само по некое кусо двоумење тој можеше да продолжи и да си краде. И сега не повеќе дури ни толку скришен. Ги задржа, ги излачи во Управата на Задругата сите оние, што можеа да го гледаат, да му повладуваат, па и самите да си го најдат своето место во тоа. И сега од Задругата, што ја сонуваше маѓепсан ти, и се создаде еве овој пекол. Змејко најнакрај сепак со нешто се здоби; можеше да види сè. Можеше да го гледа сето, и како се развива и како трае. Можеше да биде и свидетел, проклет од таа несвоја будност, но и посреден учесник во тоа како најубавата работа од нивниот живот се престорува во најлошата, што можело воопшто да ја има во нивното село. Оној ги насобра околу себе сите свои братучеди и ги направи бригадири, секретари, книговодители, магационери и членови на комитетот. И досега беше сега само да се застане на едно место, од каде што се гледаше целото село, и да се запраша чии се новите и најголемите куќи во селото, за да се знае кои беа тие негови братучеди и бригадири. Најтешко му беше сега токму тоа, што не беше само гледач; туку веќе и што му помогнуваше на оној во тоа и тој, и сите оние другите, што немаа ‘рбетник за преклонување. И тие и досега сосем послушно му помогнуваа нему со тоа што му ги вршеа најтешките работи. Знаеше дека и самиот, сега, го прави истото тоа тоа и со своето доаѓање тука, сред овој снег; на крајот од сите краишта ништо, до тоа што тие се живи, не можеше да биде нешто само нивно. Сè беше внатре, догуша. Сакаше да верува дека работата е нешто сосем, сосем друго; дека само таа и е она, што останува, што вреди; и дека никој не ќе биде ниеднаш во состојба да ја извалка барем неа. Дека е таа секогаш од сè таков вон. А сега ако се обидеше само да речеш нешто, можеше лесно да се стане и кулачки елемент, и ситносопственик, и малограѓанска стихија, и што уште не? А таа врата е многу широка за влегување, но за да се излезе од неа треба најпрвин да се знае да се провлечеш низ иглени уши. Би сакал да знам, мислеше сега, многу би сакал единствено тоа да го знам, како ќе заврши еднаш ова. Не ќе се најде ли некој маж што ќе го пречека на нишан некоја вечер, без да му ја мисли многу што може да му се случи после; некој, кому ќе му биде и премногу стемнето пред очи, за да не може повеќе ни да се обѕрне на тоа; да му биде во еден миг сосем сеедно со себеси сè. Или пак луѓето отстрана, поголемите и помудрите, ќе мораат еднаш да го откријат сето со нас; оние, што предојдуваат да видат како е во нашата Задруга, еднаш, на крајот сепак, ќе мораат и да се досетат аз да му ги проверат откорен сите работи и сето да го истераат на чистина. Мислам понекогаш дека тие и досега имаа многу можности и поводи за тоа; но некако сè уште и да се замешаат ги нема. Се продолжуваат години, врват златни дни, а нив ги нема. Место тоа државата отпушта и многу пари; ја помогнува нашана Задруга; што сè од сето тоа можеше да се направи, и колку многу убави работи за човекот наш, тоа само во сонот се гледа; само да имаше малку поинаков квас во себе она кучкино копиле, да беше на негово место кој и да е друг. Сега можам многу добро да го сфатам оној младич што не можеше да стори друго, освен да си го врзе чрапецот од својата пушка за палецот од ногата и да повлече. Бездруго бил во многу борби, тој безимен младич таму, сигурно многу сонувал за животот, сигурно дури и многу повеќе од мене, кога можел да постапи така по сите тие борби од кои испливал жив. Па тој често ме тера мене да помислувам дека сите луѓе отсекогаш краделе; па тоа е онаа неговата вистина, што тој ни ја наметнува сега на сиве која исцело и владее со нас. Така што дури и јас еве речиси заборавам многу работи, што ги знаев за животот, кога мислев дека сè зависи единствено од тоа колку се сака да се создаде нешто, и колку труд ќе се вложи во тоа, и колку чесно и ќе се сака и ќе се создава тоа, и само уште колку среќа ќе се има притоа. И дека не постои повеќе ништо друго, што би можело судбински да влијае. Скоро почнувам да заборавам еве јас дека може да се живее единствено од трудот на своите раце; и да се биде мирен и задоволен во тоа. Јас заборавив сега и што е тоа мир и што е тоа задоволство. А многумина ги испозаборавија тоа така за повеќе ниеднаш да не можеш ни да ги наведеш да си приспомнат за тоа; беа послаби и отидоа со него, ги позеде матната и сè само затоа што немаа достапно здрави раменици за да останат сами во снегов и да му се допрат. Но, и зарем мораш да го бараш од секого тоа, на тоа ли се сведе и цената на нечија чесност...? А мислев, заблуден, дека се раѓаме на овој свет за да работиме, сиве ние; дека живееме само додека можеме да го правиме тоа, да создаваме; а после, кога не ќе можеме да продолжиме повеќе со тоа, тогаш и си одиме од овој свет. И им го оставаме овој бел свет на другите по нас што исто така со радост ќе можат да го прават тоа. И сето тоа го чиниме само заради себе; бидејќи во тоа и е нашата суштина; и оние по нас треба да продолжат да го чинат тоа исто така само заради нив; и така со ред. Та зарем не е токму во тоа она најголемото во луѓето. Во она што успеале да го подигнат над земјава; во она што го измислиле, што го виделе во својот бел сон и потоа само го создале; во сето она што ја обвиткува оваа дивина како прекрасен сребреникав нивен вез од зданија, од светлина, од патишта, од спитоменост, од облагородени од трудот простори. Та тоа и сега останува да биде единственото, што вредело и што вреди; и е во сето тоа толку просто сè; само што е веќе далеку тоа и од моево расколебано знаење. А најголемата умешност ќе биде во тоа сите да се научат да создаваат и да го засакаат тоа; да се љубуваат создавајќи. Да знаат дека не постојат никакви споредни патишта, и да не ги ни бараат попусто нив; да не се губат воопшто во тоа, туку дека треба да се пристапи отворено и просто кон сето, а после веќе бргу ќе се види колку е угодно да се живее со тој сок, оној вистински сок на работите, како кога вечераш од дивечот, што целиот ден самиот си го ловел. Секој од луѓето просто со мајчиното млеко да го исцица тоа. Боже, мислеше, колку си ги сакав еднаш овие мои мисли. Во нив и сè друго што слеав. И од секогаш мислев дека токму во една ваква наша држава ќе £ биде токму место поинаку да не може да биде. А можеби и си е така, секаде на друго место, само не во она наше проклето село. Уште долго се превиткуваше на своето легло, загледан во една точка и далечен од денот. Многу често помислуваше и на тоа дека сите тие не се ни без по нешто, со што го валкаат животот околу себе. За себе си мислеше дека го прави тоа токму со бегањето; со тоа што знаел одсекогаш да се затвори во себе, да ги затвори сите врати пред нештото, што не сакаше да го види, и да темнее до безодзив таму. Луѓето исто така не смеат ни да бегаат од реботите што требе отворено в лице да си ги решат самите, се гризеше. Ти си јак и можеш да му се допреш на сè; уште ниеднаш досега не си се почувствувал преборен, кутнат на плешти, и можеш сè уште да бегаш. Но, дали е и тоа како што треба, кога сте сè помалкумина што тоа го можат? Имам зошто, си рече нешто после на ова. Сакам да сочувам во себеси нешто цело, сакам да бидам цел. И не го сакам воопшто само за себеси тоа. А такво вреди. Но, дали е достатно да бидеш самиот цел? Сам и цел? А сега си само тоа. Не, рече. Но, тоа е најлесно. Најлесно е и најтешкото со себе. Најлесно, мислеше. Долго мислеше: Најлесно... И ќе продолжам, си рече. Макаршто знам дека тоа не може да оди во бескрај. Еднаш мора да се реши. Еднаш; и тоа бргу. Пред да дочекаш и ти да ја видиш пред себе онаа бездна, што ја има видено она старче, со едното покусо рамо. Оној бригадирон Језекил, твојон; и да не се всади и во тебе страот од тоа што човекот мора да оди исправен во својот живот. Тажно, си рече. Навистина би било една црна судбина, си рече. Бригадирон Језекил, мислеше. Кога ќе помислиш на него и на сè, на што му е знак тој, ти иде да врескаш од толку црните шеги на животов наш. Мислам дека нема да стасаме дотаму, нема да чекаме толку... Бригадирон Језекил, мислеше сега. Стариот беше нешто сосем, сосем друго. А толку беше длабоко во сето тоа и тој... Она старче, со рамото што му остануваше покусо и покрај кожниот ќурк, сите во нивното село го знаеја како човек кој некогаш знаел да работи како никој; но и кому и онаа најскржавата правда му остана засекогаш ненадоместиво должна. Беше еден од оние ситни пипави ѕидари кои ниеднаш не се одделуваат од чекичот, од мистријата, од висакот и од пиличето; на нкои обично заедно со нив, збрани во една вреќинка им го фрлаат овој нивен алат и во гробот. Едноставно од што не можат ни таму да бидат замислени без нив. Меѓутоа, освен што неговата работа, светот сиот, му останаа на овој старец непоправливо должни, живото нему во надвечерието на староста му го одзеде дури и тоа. Па така и се доби овој грев, овој голем, наискажлив грев. Уште во детството, – имаше малку живи за да го паметуваат тоа, – заминал Језекил првопратено на туѓина со некоја тајфа. Сонувајќи и тој, како и сите од селото, со својата детска главичка, дека во тој свет што се распукнувал пред него под раното пролетно небо, ќе изнајде и за себеси нешто што ќе му биде доста за да го израдува барем со трошка од себе и ќе го прерани; дека ќе успее да сработи сиромашко со своите две вредни рачички за себе, и за оние што ќе ги погребе и што ќе ги роди. Но животецот, што почнал така, зел да одминува сиот во некоја тивка суводолица; се тркалале годините една по друга; а Језекил низ нив останувал постојано распнат на самиот раб од гладот. Далечниот свет како да ги цедеше низ триста сита добрините што можеше да му ги искамчи за себеси со своите ноктиња еден таков ситен, загубен човечец од планините, останат калџија во мајсторските тајфи до својата четириесетта. По скелињата, со рамото што му паѓа сè пониско од тешката копанка во искачување сè нагоре по тие метално-дрвени конструкции, од под кои, како пилето од под лушпата, еден ден секогаш се излупувало и почнувало да живее по уште едно ново здание, секогаш одново, во бескрај, сè си го добиваше своето, само Језекил покус... Само рамото станувало сè повеќе сништено, дотаму што се чинело дека носи некоја неминовна тешка копанка тој дури и кога поминувал по селските сокаци, дојден туѓоземјанин, со печалбичката врзана в крпче, скинат. Тој беше веќе таков сигурно и кога си легнуваше на постелата дома; и во сонот. Толку високи ѕидови имаше натопено со својот малтер; во толку градови имаше соѕидано зданија со својата копанка и со деновите од животот свој, што неправдата стануваше очигледна. Од сето тоа нему само секогаш сè пониското рамо. И само толку во џебот, за едвај да дочека додека не се започне, што побргу, некоја нова градба. Да е спремен да оди со најпрвата тајфа; понекогаш само по некој ден откако си беше дојден кај своите дома. Да појде одново со неа во некој нов град, во некоја друга земја, сеедно... И да се врати со уште пониско рамо. Така и го има испоминато целиот бел свет, оној старец, оној бригадирон Језекил таму; сиот тој бел свет, кон кого имаше толку малечки барања онаа најпрвата утрина, кога му одел. Со една тајфа тој отиде дури и во Канада; но ни таа, отадната страна од Океанот, не сакала ни да чуе да биде барем малку подарежлива кон него. И сега повеќе не постоеше ниедно место по ширниов бел свет, кое да не беше запознато со тој зарек, – на ова нивно ситно човече од мајсторските тајфи да не му пушти ни трошкичка повеќе од она најнеопходното за сувиот лебец. И ниту миг повеќе од едно до друго заминување да здивне. Да не стаса ни да подзаборави на тешката копанка неговото рамо. Без разлика на меридијаните, нему му беше мерено; само колку да се прерани гладно себеси и дечињата дома, кое небаре токму таа сиромаштија од едно до друго предојдување беше зела не помалку немилосрдно да ги множи. Сè поедвај Језекил дочекуваше и до нова градба. Утешуваше донекаде само тоа што Језекил во ова не беше сам. Но, токму тука веќе и дојде исто незабавно сама и онаа другата чума, која одеднаш и на еден сосем морничав, ужасен начин, ќе го издели сосем и од меѓу нив, сам... Се случи тоа задното лето веднаш спроти Војната; ете кога на Језекила судбата му позавиде дури и на тоа најскржавото. И посегна, камникот, и тоа да му го земе. Се случуваше сето тоа со стрпливоста што само злото ја има во себе, на едно високо скеле. Сега веќе е ѕидар, негде во него, вкоренувано бездруго низ сите долги изминати годиње, од самото детство, почнуваше да ги подава своите студени прсти онаа кај пеколната бездна, што за еден мајстор воопшто ја има. Зеде да се раствора и да се длаби; да тоне пред неговиот поглед; да разбива и да разбранува пред чекорот негов сè, што дотогаш било кораво и цврсто на кое тој стоел. Она во што со своите рачички, ножиња, со самиот чекор беше веќе до свикнатост впиен се распаѓаше токму тоа. За еден малтерџија како него – светот. Пекол. А токму беше дочекал ден да се размавне; да покаже и тој што сè знае. Да му дадеше проклетото тоа барем уште некоја година нему; да може макар и како другите мајстори, рамно со нив да го тера својот ѕид. Барем уште некој ден, натемаго го незел... Но, токму тоа не. Одеднаш речиси со крик, опоменувајќи со убиствениот незаборав токму на длабочината на провалијата под него, – онаа истата, со која како од шега си беше играл по најчипите скелиња цел еден живот, – во Језекила и зеде да се всадува тој урок. Се распаѓаше нешто од самиот негов поглед, ако не и бескрај длабоко потаму зад него; или пак тоа се случуваше некоја грешка во самата твар, во она од што беше создаден светов, дотогаш толку кораво. Ете, што зеде одеднаш едноставно со некоја вртоглавица да се бранува, да тоне. И зарем можеше и потаму спроти еден таков поводлив, душегубен лебдеж, да биде и Језекил оној што бил? Кога и сè што бил тој токму врз сето тоа, или наспроти сето тоа, и бил? Морничав, суров крај на сето. Тој е веќе сè подлабоко во самиот него; а не е ни некому да му се каже, таков докраен и срамен. Не позволува повеќе ниту миг да се подзаборави на себе; сè поретко изостава макар и најкночко конче од старата свикната сигурност, а да не го подгризе в корен. Никому не му значи ништо, што токму таму за таа кночка нишкичка беше запреден и се држеше сиот негов живот. Најпрвин тивко почнаа да му потреперуваат натколениците. Ништо, ќе си рече најчесто сам со себе: дури е и подобро, завардува. А и години се. Но, мошне бргу тој трепет се јави и во самата утроба; се одѕва од небројани страни од него и само за некој ден тој се најде сиот опсукан од него, в среде. Си го наоѓа веќе и во крвта од секој дамар. И, колку и да си го крие и од самиот себе ова старче Језекил, тоа стоглаво такво, и сè подолгопрсто, како октопод, тоа испловува жилаво веќе и до бледило по неговото лице. И само постојано нараснува. Обраснува. Впива. Надоаѓаат од по некој досега незнаен кат од самата утроба овие студени прсти; под тежеста од неговиот поглед веќе и самиот свет тоне. При секој скочанет опорит чекор, при секое едвај поголемо наднесување со поглед, при секое движење, се одѕива отаде крик. Морница. Глад токму по неговото ситно, суво, кусорамо снаже. Тоа е одмазда на од височините сите бози и врази, кои ниеднаш дотогаш и не стасале да бидат видени од него, бидејќи тој не се ни наднесол да ги види. Но сега, кога успеале наеднаш вака неумоливо да му го пленат и да му го обраснат сиот негов поглед, не допуштаат тие освен нив да има што и да е друго за него. Маѓепсан. Прочумавен. Прокажан. Без лек. Врзано веќе од ваквите невидливи за никој друг повити од овој страв, вџашеност, сè што неговото кутро телце при ова знае, е некако само да се дочипчи за најпрвото што подрака ќе му се најде. И кое, ако му го лаже погледот со својата невера, сè уште, сполајбогу, не е такво и пред допирот, стисокот негов. Израснува сè постраотно тоа, колку е повеќе грижливо криено само за себе; придавувано од неговите пргави рачички и спроти најблизок несвој поглед. Но, бргу и неумоливо сè така, се наоѓаат веќе и неговите раце обраснати и заплеткани до невидливост во коровот од сè помалку одреченото проклетство. Така темелно се вкоренува во него тоа низ сончевите дни од цело едно лето, што веќе и самите дни од едно цело лето, што веќе и самите дни остануваат без секаква виделина, лилави, за ова старче сè повисоко на скелињата горе. Подолго веќе оваа неверна сила ја има тој и во сонот; токму од таа страна и се наоѓа и до краен безостаток преплавен од неа. Небаре таму овој морничав страв од височините и беше се довообличувал и досега, без тој да го сети; токму во тие негови сништа. И сега Језекил само му го изнаоѓаше неговиот единствени извор. А тој, сега веќе најден, влечеше корен ако не и од неговиот најпрв ден на скелето, кога беше уште дете. Незабележан, тој него така така цел живот го следел. И го опоменувал постојано, само што тој ниеднаш досега не го заушувал него. Па сигурно така ја чекал сè поблиску својата жртва. Сè до овој миг, кога веќе беа сретнати очи в очи. И кога ниеден повеќе од другите немаше каде. Беше лето во кое Језекил немаше за себе повеќе ниеден друг сон; како да беше пукнала некоја брана, и сè отаде, превидувано досега, беше надошло единствено да преплави. Осамен, кутор и мал, истеран на оваа чистина, се наоѓаше уште недозаспан Језекил, стапнат сосем чипо, само со еден прст, на скелето од една градба, која ја има височината од сите оние недобројни зданија, создавани од него уште од детството, наредени едно врз друго. И? одеднаш скелињата почнуваат да се отпетлуваат; висат над пропаста бетонски плочи; тулите се сосем трошни под неговата кутра тежест. Нема таков малтер што би го врзал одново тој хаос. Само провалија, по која веќе и тој, по сето, се вее. А скоро и празнува злурадо бесконечната празнина долу; £ ја сеќава како допир нејзината жед, глад, одмаздничка стрвност, да го довпие во себе еднаш неговото тело. Се буди со вресок. Испотен, со коленици што долго не можат да бидат прибрани една до друга, стои на сите четири, впиен во тврдото дрво под сламата од леглото. Не е решителен дури ни да стане; не би можел ни тука, на леглото, знае. Мајсторите крај него си спијат во својата за него веќе недостижна топлина од нивните морни легла. А тој дури долго потоа, сопствено сениште, иссенето над зимското котило од поганите пеленки на својот пеколен починок, се извлекува и потаму на сите четири, и долго сè таков џбунка по ноќта вон. Што му вреди што секогаш на крајот сфаќа дека за сето тоа во него никому и не му е грижа; дека има што и пред кого да се крие, тогаш е сè само за пред самиот себе. Беше потребно да се преборува најголемото, што спроти себе некој ѕидар го имал, ќе може ли со своите жилави рачиња еднаш и против тоа? Секогаш беше само уште една нова утрина; а во неа, што и да сторил пред тоа со себеси тој, секогаш со себе по скелињата високо, највисоко горе, требаше да се искачи до безостаток со сè од себе. И да не се зачуди, што, како од неговата за ниеден друг невидлива таква ѓаволска тежест, поигруваат со право широките мостови на скелињата. Многу често уште патем се наоѓа вкопан како глувче, со секој нокот, во најпрвиот тврд дофат. На другите тоа отпрвин им прилега на шега. Некоја таква, негова, Језекилова. Но, кон крајот од летото веќе и секој од нив, од тие други, невесело, непризнато за себе, знаат веќе сè. И бегаат и од самата помисла за признание. И само го сожалуваат, бездруго, негде во тоа уше и несмисленото од себе. Секој ден сè пониско заостанува неговиот ред од ѕидот; на мајсторите од обете негови страни тоа им пречи; тие до едно време подвикнуваат кон него сè пак само шеги. А потоа од обете страни е само по еден надвиснат, смуретен молк. Само еднипати, кога изморени кон крајот од денот, ќе му се смачи некому од нив, Језекил не може да не чуе веќе и по некоја подмолна во себеси пцоста. Или молчешко чудење со собрани раменици од обете страни преку него. На Језекила никогаш од никого најмалку му требало прошка; но, зарем можеше тој сега и сам некому да му признае од себе што и да е и неа да ја бара? Да бара макар и трошка разбирање, за она што едноставно тој повеќе и не е сам еден живот цел што бил? Најмалку тоа; тоа е за некое момче најмалку на овие вишини горе. Најпрвото што се бараше за нив и беа здравите, пргави луѓе. Зарем те праша некој што не си повеќе таков; та тука за таквите нешта едноставно не ќе најдеш ни збор. Најблискиот не ќе ти ја прости таквата слабост; тоа ни самиот себеси. Тој им пречеше ним. Им пречеше да одат погоре со нивниот дел од ѕидот; им пречеше во лебот; во силата што ја имаа во своите снаги. Во тие нешта никој повеќе не прашува ни за причина; безразлично виделе ли тие веќе, или сè уште невиделе во него што е. Нешто неодредено е; и тоа ним огромно им тежи. Провалијата беше зината; а таа за себе освен она своето и не признава друго дно. Едноставно такво друго нема. И трмее така Језекил, едно лето долго, сè поглобоко под своето бреме од зимски накот. Од таа претешка за ниеден друг ни за смислување неподнослива проказа, чемер, јад. На најнечесниот начин што го има, таа со секој ден по едно ново движење ќе му врзе. Со сè пошироко отворени очи на овој беспределен страв тој повеќе и не гледа ништо какво што е. Обраснат до жиличка од најтенкото ткаење на својот сон во овој неверен заграб, варди само и потаму на тоа да не му даде пред ниеден друг глас. Надежта значи сè уште не е умрена во него. Што не минало, пак ова, мисли во себеси во посреќен миг. Обично во примракот, откако минал уште еден ден, а тој е заедно со сите мајстори веќе долу. Независно што на ниеден не му погледна в лице. Додека не ми се вдае, мисли да го начекам во мене сам. И само со едно единствено мое пргаво движење да му го свиткам вратчето под мене здола. Да го сметнам од рамо како уште една копанка гнас. Потоа бргу веќе ќе се заборави сево. А зарем би можела и да не му се врати повеќе ниеднаш нему некогашната кежава жилавост, од која бил исткајан сиот? Со која би можел без да трепне и по најтенката талпа, преку највисокото, со најтешката од сите други копанки, како ветер да мине? Тоа не можеше да биде. Ова е само уште една таква горчлива, проклета шега, со која се обидува да го пребори него оној зарек што отсекогаш отспротија го знае. Не можеше да биде да не му се насмее ниеднаш повеќе и нему еден син ден; тој во тоа сè уште не беше загубил верба. Сè до една случка, која го исфрли сосем од височините на скелото, засекогаш, како партал, неговото истоштено, исцедено, суво веќе за секоја пргавост и за секоја надеж, изрането старечко тело. Ни соништа, ни детство, ни правдина, ни долг, не беше во состојба повеќе да измени што и да е тука. Уште бедна безмилост само; и крајна. Се случи токму тоа, како секогаш впрочем таквите нешта на очиглед од сите, што едно градилиште го чинат она што е. А со тоа веќе и пред еден цел град; пред сите минувачи од него, подзастанати да видат... И го остави него, Језекила, дури и благодарен на тоа, што му успеало некако на крајот, отаде, од своето змиско гнездо, да си ги донесе на земјата цели своето пониско рамо и судбата неверна своја. Беше уште еден лилав септемвриски ден; за другите си беше тој секако, потаму и сончев и ведар, со високо засенето небо; доѕидуваа некакво банкарско здание во Букурешт, а тој се педепсуваше на највисокото скеле, осамен со својот дел од ѕидот. Беа останато до чатијата само уште тие неколку негови редови тули; пред некој час ѕидарите од обете негови страни беа ги зарамниле своите делови и беа пошле да запалат цигара. Не понудија помош, а и тој сам не се реши ни да ги погледне. Тогаш Језекил го повика малтарџијата да му ја донесе задната копанка. Малтарџијата беше едно вредно, здраво момче; косата му беше станата целата златна од сонцето на долгото изминато сончево лето; имаше две бакарни топки мускули по рамената и уште две поголеми надолу по неговите нишки, и еве го веќе и кај иде тоа кон Језекила со копанката на рамо. Од скелето, подалеку од Језекила, недостасуваше една талпа; но момчето ни дотогаш не му обрна ниеднаш внимание на тоа; поминуваше едноставно по онаа едната, што беше останата. Без да му мисли на тоа, момчето и сега, и овој заден пат, зачекоре по неа без да мени ни трошка од својот чекор. Одеше тоа по неа како да имаше под себе широк – преширок мост, сосем слободно, како што не одел ни Језекил во своите најдобри и најпргави дни. Љубувајќи му се од подалечку крај својот ѕид, Језекил сега просто чувствуваше како почнува да заздравува и самиот по сета своја утроба; по бездните од својхот неверен сон. Просто почувствува како првпат тоа лето сосем слободно здивна; мигновено дури и денот беше сосем син. Но, тоа траеше само додека оној момчак таму не беше стасан до средината од осамената талпа. Наеднаш таму момчакот се тептиса така, чиниш нешто мигновено го скочани посреде од неговото ветерничаво движење, некој токму таков навеан урок. Не успеа кутрото да го донаправи ни својот веќе добро започнат чекор. Еден таков неверен, сатански миг; неговата бесовска засечка во самото време. Беше само еден миг, а во него беше веќе загубено сè. Момчето беше чиниш замрзнато од него таму, а Језекил, останат без здив, сè што можеше во тоа беше само да гледа. Беспомошен за она момче таму; но ни за себеси ни трошка помалку доизврзан и веќе кутнат. Во тој единствен поглед, стрелнат кон него, момчето го имаше збрано сето, од кое Језекил целото тоа предолго и претегобно лето немаше сон. Сето тоа, до безостаток, до крај; и уште нешто, во ова случување од кое имаше сè помалку назад, над сето згора. И зарем имаше друг, што ова ќе го препознае во него таму, побргу и подобро, отколку што Језекил го знае? И само додека зина Језекил да му свика на тоа спрпелкано момче, да ја испушти копанката неврат, момчето веќе се отпушташе од исстранетата талпа. Провалијата просто го проголтнува неговото цврсто мускулесто тело и го позема тесниот процеп празнина меѓу скелињата и видот, што се стрмоглавува без милост до самото подножје од зданието; по него, во бавно некое вително кружење и смалување, се вее и неговата полна копанка, која се празни од нејзината кашеста тежест. Језекил може само да ги дослуша до задниот, сите тие тупи удари, сè посилни и сè поподмолни, надолу, без повеќе што и да е да има очи да види. Таму долу, одскокнувајќи де од ѕидот, де од скелињата, продолжуваше да паѓа младото цврсто тело со големите бакарни топки мускули по рамената и по мишките. Некогаш многу доцна, иако тоа се служи во истиот миг, сознанието од Језекила го распара еден препознаен од сопствениот сон, од неговото прикривање, продорен вресок; беше тоа таков глас, од кој се распукнуваат тука, пред очите твои, речиси видливо веќе и крвави, зачестени безмилосни боцкања со остер клин. Еден густ сноп такви шајки минуваат најпрвин во налети по целата кожа, потем се насобираат во темето, и тука, оловни, само тежат со својата згусната бол. И само уште твојата крајна препуштеност под нив; без можност и за најмалечок одѕив. Тоа Језекила го доскрши докрај. Безостатно, ни за пред самиот себе. На ѕидот Језекил не помисли да стави повеќе ни тула. Едноставно тоа повеќе не постоеше за неговиот живот. Беше збришано сосема, истругано од оние морници, шајки, како да го немало. Ниедно и ничие поминување по скелето не го запомни така крваво никој од сите оние луѓе, збрани околу несреќата на едно градилиште, како тоа негово задно спуштање до земјата. Се влечкаше по талпите надолу, по сета нивна бесконечна должина, околу-наоколу сето здание, бездруго веќе не и без некој постојан крик, лелек; се влечкаше на сите четири и во постојан некојх грчевит чипчеж; прстите полни спици, бездуго веќе и крвавеа, но и тоа без секој усет. Ниеден нити го зне, нити пак ќе го искаже некој сето, низ што притоа минуваше за себе ова ситно старечко тело, припиено до допир со веќе соголена коска, без секоја бол, во секое од овие боцкави заграбувања. Додека не се доспушти, по една цела таква морничава вечност, долу. Уште помалку има збор за она од неговите очи. Некоја морничава луда смеа продолжи уште долго потоа да го грчи и да го извива ова тело во правта; некаква таква грда радост, небаре надмудрил некого во заден миг, несознајна, небаре тогаш роден. Грдо. Од испарталените раце најмалку ќе го откинеш допирот на тврдото прашно тло. Пред Језекила не спомнуваа потоа скеле. Грчот се будеше штом ќе се најдеше подаден од прозорецот на својата куќа, само два метра над земјата. За овој човек, кому височините му беа судба и леб, беше преостаната само уште таа, плоскоста, праот. А самиот тој си беше едно такво занесено човече, со оние негови чудни мисли, што цели денови по она со момчето му се сновеше низ главата, дека и човекот, како и сите други живинки што земјава ја лазат, би требало да чекори барем на сите четири. Каква е таа неправда, мислеше, најмудрата живинка што ја имаш, а си ја исправил само на двете; толку чипо... Но, и тогаш, како и сите поминати години зарекот не се намали од нигде. Требаше и потаму да се продолжи да се живее; требаше нешто и потаму да се јаде. Језекил знаеше само една работа, и сега над неа беше седнат самиот да е скраја. Само од помислата на скелињата косата му се ежавеше; секоја жиличка од неговото тело врескаше: НЕ. Требаше да се бараат нови патишта; требаше да се допреранат сите оние дечиња што ги имаше изнародено Језекил со својата зорлива женичка. Но, токму тогаш и светот беше решил најпрвин да го разурне добро сето она што го имаше соѕидано Језекил во својот живот. Затоа сега не ѕидаа веќе ни оние што беа сè уште вредни за тоа. Беше војна. Како и сите други селани, така и Језекил сега ги копаше и посеваше со јачмен и со пролетна јарова пченица подновените нивки по шумските чистинки и по присоите крај нивното село. А уште најпрвите дни на Задругата, Језекил својот прв внук што го имаше од својот најстар син, го крсти Сталинче. Сиромав човек – жив ѓавол... Работеше нешто, повеќе белешкареше Језекил низ тоа најпрво време, додека Змејко беше бригадир на градежната бригада. Беше време кога имаше и отповеќе такви белешкари и евидентичари крај оние што работеа и што се натпреваруваа, та уште за еден згора; и уште и со таква судба... А кога Змејко откажа да остане бригадир, уште најпрвата утрина потоа, старецот ја изнајде некаде и ја зеде под мишка една стара заборавена и извалкана од ‘рѓата синдикална книшка од 1922 година, што се беше сочувала меѓу алатите и отиде со неа кај Претседателот. Од тоа набргу веќе се исплете сама приказната за најстариот комунист во нивното село. А внукот веќе беше регистриран како Сталинче. И немаше никаква опасност Језекил да не го добие местото бригадир на градежната бригада од Задругата што самиот го побара. Најпосле меѓу своите братучеди и чичковци Претседателот не можеше ни да најде погоден човек за тоа место. А беше добро и заради светот еден од бригадирите да не биде од неговата порода; тоа и Претседателот го знаеше исто така за себе. И сега тоа беше токму она старче што си замина пред малку и што пропаѓаше целото во дирата од оној напред. Сега, додека стоеше одново на прозорецот, загледан во речиси зарамнетата дира од оние што заминаа, на Змејка му се стори како да го виде пак тоа зачекорено човече, поклапушено од високата јака на кожниот ќурк. И одново ја сети во себе жива желбата нему и дури да му намавне. По лицето, како млака вода, му се полеа солзливата насмевка сожалување. Сè дури одново и уште еднаш не беше начекан токму тука. Ја жалеше не првпат Змејко загубената верба во своите раце кај оној старец таму; вербата во нивната умешност да создаваат, да градат. Нејзиниот недостиг му стоеше во секој негов збор, во секој поглед од оние очички, што токму од тоа и не гледаа ниеднаш в лице. Можеше сега само да го жали тој и самиот живот; и во животот него, она човече. А тоа отаде во исто време од своја страна си мислеше сега дека било попусто и сето негово чеперење по скелињата од светот. Токму тоа и беше нештото кое оној таму сега веќе и си го презираше. Од кое и се морничавеше тоа како од будалштините од младите години. Ете токму што, од сиот свој чесен труд; од својот единствен вистински свој живот. Од сите свои плодни денови. Жалеше што знаеше дека она старче сега веќе имаше и поверувано оти отсекогаш и било подобро, и ќе продолжи да биде, да се живее вака, како што живееше сега тој. Без да му се даде на животот што и да е од себе; без ништо свое да се остави во него. Тој на тоа сега ги учеше секако и сите свои дечиња; и сите внуци што ги има, и што допрва ќе му се родат. Тоа беше една таква пустелија, пред која на Змејка и сега му идеше да се расплаче од жал. Бездруго отаде и секогаш, кога ќе мораше да се поздрави со тоа старче, Змејко долго потоа го носеше во прстите впечатокот како да се поздравил со мртовец. Таа скоро телесна морничава жал во него не можеше да не ја сеќава и она старче; затоа тоа и гледаше секогаш да биде колку што се може подалеку од него, од Змејка. Толку подалеку, бездруго, и за ниеден друг да не може ни да помисли на некакво споредување. Тоа се засили до знаци на некоја прокажаност кога Језекил дојде на неговото место, кога стана бригадир. Она старче за себеси го носеше тоа бездруго и како некое ново прогонење; Змејко и го сеќаваше тоа секогаш такво; па и сам избегнуваше да се покажува во негово присуство. Еднаш порано, додека оној најгорешто £ се радуваше на својата нова должност и на сето што го имаше од неа, тоа беше толку незгодно, што Змејко еден од тие денови за малку и што не му пристапи на стариот да му рече да си биде мирен за тоа. Едноставно дека кај него е сè во ред. Најпосле дека тој, бригадирот Језекил, нема тука никаква вина. Бидејќи тој, Змејко, самиот посака да го откаже тоа место; и дека тоа ниеднаш, па ни сега, немаше ни најдалечна врска со него. Измолче, едвај; го стори тоа бездруго заради сите лаги, што мораа да бидат речени притоа; за да не се валка со нив. Она мораше да остане такво; требаше само време за да се позаборави. Или... И ова старче со она негово пониско рамо сега веќе само продолжуваше и потаму да си ги бербати своите вредни раце со сите оние ситни кражбички; и беше само сè порадосно во тоа, мислејќи и самиот дека еднаш, кога-тогаш, подобро некогаш, отколку никогаш, ете и тој мораше да дочека среќата да му се насмевне, сфаќајќи ги за своја среќа токму тие свои кражбички. Па на сè од тоа тој дури и да му создаде и свое име. Секогаш, кога ќе се изнајдеше некаде меѓу повеќе луѓе, и кога сите тие ќе почнеа да прикажуваат за своите доживувања од некогаш, од некаде, ни тој не остануваше должен. Само што, место да раскажува за себеси и за што и да е од своите денови, тој им ги прераскажуваше ним оние своите романи. Избегнувајќи на тој начин уште еднаш, и не без една само негова итроштинка притоа, да не остави нешто свое ни тука. Откажувајќи се на тој начин уште еднаш и крајно и од својот живот, и од својата судба. И сега тоа старче в село имаше веќе и нова куќа, како што имаа сите други бригадири, како сите братучеди и чичковци од Претседателот, а во секоја соба бездруго и тоа имаше по еден персиски килим. По еден од истите оние, што ги ткаеја девојките од нивното село во текстилната бригада на Задругата. Никаде непрокнижен, просто земен и однесен; ни прашан ни кажан. Старчето ги живееше токму така своите бели денови. Беше просто злочин што тие нему мораа да му бидат токму такви; и по таа цена. И тогаш како не ќе ти просолзат очите, човече, кога ќе го гледаш. Само штом ќе се обидеш и да го смислиш, онаков, мислеше и овој пат Змејко за него. Туку мавни ги, си рече најпосле еднаш. Сега ги немам пред очиве и зарем навистина морам и во ова свое време овде да продолжам да се гризам сè само заради нив. Овие денови без нив се погодни за многу други работи, што си ги сакаме ние; та нели токму заради тоа и дојдовме тука, си рече. ... Сега ги гледаше само снежинките. Беа меки и некакви пребели. И тие сигурно го имаа пак оној скокоткав допир, како прстињата од пеленаче по твоето лице. Кога ќе се загледаше во нивните роеви, имаше впечаток како со нив, со тоа нивно густо виорење што носи блага вртоглавица, да се спушташе на земјата целото небо. Пред него беше и шумата, задремана и вовлечена во себе; а ете ни тоа не можеше ни малку да утеши. Можеше само да го направи тих, многу тих, премногу тих; просто да му го одземе и здивот со таа тивкост. Но тоа исто така воопшто не беше нешто што можеше да го израдува. Најлошото беше што овојпат ја немаше водата. Да заплисне само со тоа веќе и да го проголтне сето во него, и сето наоколу, во својот сребреникав пороен шум. Најлошо беше што до беспредел наоколу беше сето вакво, безнадежно сковано во оној мраз. Тука ниеднаш дотогаш не било со него така; секогаш бил барем оној шум. Побараа нешто наоколу, во што би можел барем да се подизгуби малу со оваа безвера во своите мисли. Го најде прозорецот и уште еднаш се зафати со него. Го извади од шарките крилото со здробеното окно и почна да работи над него сè повеќе сиот во тоа. Со прозорецот беше бргу готов. На скршеното окно закова парче ламаринка; окното од тоа стана едно слепо окно; така правеа најчесто и во селото, кога ќе немаа при рака стакло. Додека работеше над тоа, со него се шегуваа ситните клинчиња, што требаше да ги дофаќа меѓу прстите и да ги наместува каде што беше потребно да ги закове. Притоа секое од тие клинчиња се престоруваше во некакво малечко, смешно и сосем непослушно животинче; знаеше врашки да измрда од меѓу неговите големи прсти. Но и тој не ги пушташе така лесно нив; не ги оставаше сè дури секое од тие вражиња не се најдеше заковано токму на местото каде што го сакаше тоа тој. Но, сега беше готов; сите тие вражиња беа наместени да служат. И тој веќе го имаше запнато и крилото на шарките и можеше само уште да го затвори добро. Во собичката му беше топло и јамакот шумеше на печката. Беше тоа еден бакарен јамак, во кој пред малку стави грст грав и го дополни со вода; под водата граот се белееше многу побело од снегот, и зрната жевареа, испрекршувајќи се во одблесокот; сега сиот грав имаше жебурави лушпи додека зовираше, и јамакот проблеснуваше црвено со својата загреана бакарна површина. Суправаше по својата собичка, сè уште со она скокоткаво чувство што му го оставија меѓу прстите шеговитите клинчиња. Целото време си мислеше дека е добро да ручаш грав, сварен со неколку парчиња сува сланина. Тука треба секогаш да ми е сосем чисто, мислеше; треба постојано да држам чисто и средено. Да биде средено сè, мислеше, тоа е еден од најголемите предуслови од кој зависи дали човек ќе може и да работи онолку, колку што треба. Кога е средено сè, според оној ред што си го има за себе секој човек, тогаш не постои повеќе ништо што би можело да го одвлекува од работата. И тогаш човекот е слободен да го стори најдоброто, сето она, што треба да го стори. Тогаш тој останува сиот со работата; и таа тогаш нему мора да му оди. Тоа беше една од мудростите на стариот стрико Дуко; тој секому му го повторуваше тоа. Змејко го разбираше многу добро сето она што се криеше зад тие зборови од Дука. Старецот зборуваше така, просто, и по свое, мислејќи притоа и на сето она другото, внатре во човекот, и на неговата среденост. Кога веќе не им достасуваа сили да го сторат тоа со сите, и со сето подалеку околу себе, тогаш тие се ограничуваа да го средат барем само она што беше околу самите нив, барем што беше во нив, зависно од нив, а она другото го менуваа. Бегаа. Не сакаа да бидат негови. Не беше нивно. Та тие двајца многу често не сакаа ни да слушаат, не сакаа ни да знаат, за тоа. Така правеа секогаш, кога ќе дојдеа тука по неколку месеци преку летото; тогаш сè повеќе и си живееја само за себе и само со себе. Тогаш беа и единствено мирни. Беше добро што и сега ги имаше мавнато тој, барем за извесно време, и што знаеше дека следните денови ќе ги мавнува сè повеќе, и од своите мисли. Сега беше избеган; и беше речиси радосен од тоа. Мислеше така, олеснет, метејќи ја собичката, откако го поштрка подот со малку водичка заради праот. Сега со метлата ја собра и онаа половина од недопушената цигара; се посмеа кога се сети како ја тресна ноќеска Претседателот, таа половина цигара, пред да стане да пука, или додека стануваше. Сè што помисли при овој веќе сосем оддалечен потсмев; беше: Мажи. Заборавиле што е страв, а ноќеска кога им дојде, му се подадоа да ги зграпчи за гуша, немајќи ништо со што би му се спротивставиле, така што оној немаше со што ни едни гласови да докрепи. Сега мислеше на страот. Тој знаеше што е тоа страв; тој го чуваше во себе и него, во едно мирно катче, и постојано го носеше со себе. А сега кога размислуваше за тоа, имаше впечаток едноставно како да се работи за еден дел од него. Скоро како за еден дел од неговото тело, за една рака, или за една нога. Страв од нешто во себе, или од нешто околу себе. Страот му е исто така даден на човекот, како и сè друго што го прави човек; и оној што го изгубил и него е исто така нецел, како да останал сакат. Затоа човекот треба да го држиш цел, со сите негови делови, што му се дадени. Па и со страот, што му е исто така даден. Мислеше за таа можност во себе да се плашиш; не би можел и без неа исто како и без здивот. Сигурно е ужасно, мислеше Змејко, кога сеќаваш како нешто ти недостасува, кога сеќаваш дека си останал без еден дел од своето тело, кој ти останал некаде незабележано по изминатиот пат зад тебе, во глотежот изминати денови, а ти си продолжил, носејќи ја празнината, постојано чувствувајќи се просто прогонет од тој несознаен недостаток. Сè до еден ден, додека некој нечекан миг не те присили да го побараш, и додека не откриеш дека си останал без него. Каде ли го загубив, мислиш, каде ли? Ќе го имаше пак само доколку си останал без тоа негде близу, за да можеш да се повратиш; но ако си одел без тоа толку долго за веќе да си имал време да ја свртиш и браздата на твојот живот во сосема друга посока, во која те довела и таа твоја загубена рамнотежа, тогаш и повеќе ниеднаш нема да бидеш во состојба било што да побараш и да го најдеш. А недостигот ќе продолжи и потаму да се влечка по тебе како празен ракав. Кај бригадирон Језекила, мислеше, тоа е и неговиот труд, сиот негов живот; старион е всушност целиот еден празен ракав. Страот од себе и од својата неправда, не само од својата кражба, тоа е сакатиот лакот од Претседателон. И сигурно е веќе дека ни еднион, ни другион нема да можат, немаат каде да се вратат назад за да си го земат она заборавеното пак. Затоа и ноќеска страот од дивината беше кај Претседателон онаков... Сега беше застанат и ја разгледуваше својата собичка. Пред него беше една средена собичка три на три метра, во едниот агол беше дрвениот кревет, во другиот гореше големата печка, над неа граот беше зоврен, до прозорецот беше масичката, а на ѕидот од дебели греди висеше неговата пушка, фенерчето и уште неколку листа хартија, од кои едното беше минатогодишен календар, со ливчиња што се откинуваат секој ден, на кој стоеја сите ливчиња неоткинати. Другите два листа беа фотографии на водачите, стоеја тука уште од првото лето, кога ја пуштија пиланата. Имаше секогаш овде нешто чудно блиско во погледите од овие двајца луѓе, во чијашто топла и сериозна загриженост Змејко многу често сакаше долго да гледа. Мислејќи си ги своите мисли, секогаш изнаоѓаше нешто едноставно и срдечно што би можел да им го рече и на едниот и на другиот од овие луѓе, за кои знаеше доста. Понекогаш тоа беше нешто сосем просто, како добро утро; а понекогаш, со онаа лутина во себе, тој знаеше упорно и да ги препрашува, да бара со право да пресудат тие по правина колку се вистински сине оние лутини во него; да му помогнат, со тоа што ќе му покажат што треба да се стори, бидејќи затоа и беа тука тие двајца луѓе. И секогаш беше сигурен дека тие ќе можат и да го сфатат него. И сега, додека се доближуваше до овие две лица на фотографиите, тој мислеше така. Внимателно ја избриша прашината од нив. Потоа ги бришеше уште неколкуте слики на кои беа насликани убави коњи што висеа во гупа пониско на другиот ѕид. Некако се случи сите луѓе што доаѓаа овде, да ги сакаат коњите, и секој од нив донесе по една слика со коњи. И сега тие висеа на ѕидот. Освен нив имаше тука уште една фотографија на некоја филмска девојка; неа ја донесе чиракот летоска, секогаш му ја оставаа и неа. Змејко најпосле ја избриша и неа од правта. Сега гледаше во календарчето и веќе мислеше на една шега од стрика Дука: „Зарем е потребно секогаш да се знае кој ден е; зарем не може да не се погоди, да се згреши за неколку дена, чудо големо. Неколку дена понапред, или поназад, тоа е за нас, шумскиве луѓе, една ситница. Трошка“. И Змејко веќе го слушаше подзарипнатиот од полота бас на оној тежок старец. И Дуко секогаш продолжуваше да длаби. Токму така и знаеше тој по еден, а понекогаш и по неколку дена, одвреме-навреме, да подречува по некој збор сè за едно и исто нешто, како да ги измислуваше, молчејќи, сите свои мисли за него, во тоа молчење од по неколку часа, за потоа и да ја каже некому, или себеси, – тоа никој никогаш не можеше добро да го знае, – загатката или поговорката, што веќе беше ја смислил: „Животот ти е цел, еден; тој треба така и да се живее, како еден живот. А не ти си зел и си ми го раздробил него на денови, на часови, на минути, попара. Е, знам јас и зошто си го сторил тоа: само тогаш и можеш денеска вака, утре – наопаку“. А по неколку часа: „И гледаш најнакрај, порасол, се насобрал кај човека цел еден живот. Сите ќе речат: Живеел тој и тој. Го викале Дуко, Трајко или Змејко. На целиов свет ниеден како него“. Змејко сега помисли дека на неговата чиста собичка би можела да му завиди и жена му, Мара. Мара беше една таква паќна жена што не сакаше да £ се метка посрекуќи сè и сешто; а сега беше останата сама во селото, подналутена од тоа што токму тој од едно цело село мажи оди толку дена сам во снегот. Мара за тоа не му рече нему ништо; таа никогаш не му се мешаше во таквите негови работи. Беше една негова добра жена; беше за него секогаш нешто топло и пријутено што го чекаше во нивната куќичка на крајот од селото; што ќе продолжеше да го чека секогаш додека не си дојде тој. Змејко ги сакаше сите нејзини работи, и сè што имаше со неа; а сега веќе и ја гледаше како му ги изнаоѓа недостатоците на неговото средување, и еве ја кај веќе си шепоти самата со себе: „Машка работа“, развртувајќи наоколу и досредувајќи како ветер. Му дојде сега и онаа тага што требаше да му биде заедничка со неа, но која секогаш продолжуваше да останува само нејзина тага, од тоа што не можеше да му роди нему уште некое дете; тоа лекарите го рекоа уште веднаш, штом го имаа Јовка. Змејко ниеднаш не чувствуваше дека му недостасува нешто, кога имаше една таква жена, како Мара, и еден таков син, кој по секоја завршена година во гимназијата во градот му носи сведоштва со одлични оценки и по некоја книга награда, но Мара ниеднаш докрај не се ослободи од сенката на таа тага. Змејко сега, и самиот бегајќи од нешто во сето тоа, се мачеше да погоди што можеше да биде во неговата собичка она, што не би £ се допаднало на Мара; сето време просто ја гледаше како го изнаоѓа тоа уште со првиот поглед. А кога не успеа да пронајде ништо, ја пушти таа пуста работа и отиде да ја сместува храната. Имаше неколку кусови широка сланина и едно поголемо парче свинско ребро; нив ги нанижа со еден канап и ги обеси на таванот. Понатаму ги обеси и венците кромид, лук и суви пиперки. Имаше шест сомуни од добриот леб, малку препечени и добро и добро затворени во корките, како ореи; нив ги смести од едната страна на сандакот во кој секогаш кога беа тука ја чуваа храната. Потоа таму ги сместуваше и другите ситници што му ги имаше ставено во торбата Мара. Сега го копаше подот во ќошот од една малечка просторија лево од вратата. Тука го чуваа алатот, а во земјениот под ги запретуваа компирите, на тој начин сочувајќи ги од мразот. Озгора беше еден влажен слој земја, добро набиен и со она бело потсветнување на голомразицата, додека ја откопуваше со казмата. Под него најде слој црвена земја што беше сосема сува и се раздробуваше во црвеникава прашина. И дури под неа се откопа сламата, од која тој внимателно ги отпретуваше компирите. Нив ги садеа во пролетните утрини во стотина огништа околу пиланата; се хранеа од нив цело лето. А наесен ги откопуваа оние што ќе останеа и ги сместуваа во тој агол, за да се најдат за некое вакво предојдување. Беа добри, средни компири од едно добро семе, бинте, што успеваше одлично во планинската земја; бели и трошни кога ќе се сварат. Но сега добро го зачуди тоа што ги имаше толку малу. Очекуваше дека ќе најде повеќе; сметаше во размислувањата не малку на нив; а ги имаше само неколку килограми. Ги извади сите, во сламата повеќе немаше ни зрно, и тој тогаш можеше само уште да ја запрета дупката во подот. Додека ги средуваше во сандакот, мислеше дека ќе има храна за едно дванаесетина дена, ако го распредели сето тоа што го имаше така, за во секој од тие денови да биде донекаде сит. Беше тоа доста време за да може да се начека погоден миг за работата, за која беше дојден; за дванаесет до петнаесет дена времето сигурно ќе се мени. Прашање беше само дали кон тоа тој да може и да си поработи малку, за потоа со свршена работа да си се врати кај Мара и сè да биде добро, или кон сосем спротивни страни... Не ќе биде лошо, мислеше сега Змејко, низ сите тие дни и да си удриме нешто, некој заек, или некоја срна; некоја дивокоза можеби, или некој јарец. Сигурно не ќе имаш ништо против, ако начекаш и некоја дива свиња. Да го пречекаме да помине тука, еден од оние самјаци, што не водат сметка колку е висок снегот за да продолжат да се прошетуваат од една млака до друга; што продолжуваат и во зимните ноќи да ги откопуваат корењето од папрадот и од другите билјачки. А може да се пречека и некоја нивна сурија што поминува и го остава по себе пооран сиот снег. Ќе излеземе, мислеше, ќе прошетаме по нешто такво. Ако го сретнеме, мислеше, ако биде среќа да го сретнеме, ќе можеше да ја преживееме тука и целава зима; едноставно да си останеме овде дури не разјужи еднаш, кога-тогаш. А пак ако разјужи побргу, тогаш ќе можеме да си однесеме и доам, заедно со една добра свињска кожа, уште неколку килограми диво месо, пресно и замрзнато. Ајде, си рече сега, добро, ќе видиме. Ниеднаш не беше свикнат да мисли на ловот пред тој да биде уловен, и сега се чувствуваше некако празен од таа своја помисла. Макаршто се лажеше и себеси дека беше во прашање ловот. Збор беше за оној дебел блок мраз, сето време, и за храната што ја има. За работата, за која беше тука... Но, и понатаму мислеше на ловот. Никогаш не брзал во своето очекување, и сега си личеше себеси како да беше истрчан пред него, а секогаш требаше само да биде пресретнат, тој, ловот. Требаше да биде долго чекан и пречекан без секое притајување; и нему неговото да му биде дадено до крај; без секое илје. Ловот никогаш не се ветува; тој ниеднаш не треба да биде измислен однапред; тогаш сето престанува да биде лов. Тоа треба да се случи оној миг, мислеше, кога ќе се најдеш сретнат. Дури тогаш треба да се стори она, што треба да биде сторено; а за сè пред тоа треба да се мисли само како на излегување на прошетка. Излегов малку да прошетам. И притоа, вистински колку што е возможно да се мисли на нешто сосем друго, на нешто свое, за кога ќе излезе дивечот тој да те сепне тебе, да те разбуди за себе, да те натера малку и самиот како и тој да се стреснеш, и во тој единствен секавичен миг да бидеш готов за она што треба да го сториш со пушката. Брзо и без двоумење, сигурно, исто како и оној отаде своето. Тој миг всушност треба секогаш да биде во тебе, готов целото време; да ги знаеш сите движења за него, изострен, постојан, но и скриен така, за и самиот да не бидеш за него свесен. Затоа и се вика лов. Ќе излеземе да прошетаме, си рече сега. Се согласуваш? И ни збор потаму. А сега на крајов мислам дека е време да се влезе тука, во оваа врата. Беше една друга врата во внатрешниот ѕид од собичката, кон која водеше еден широк премин и за која, всушност, и постоеше таа собичка; една врата, на која £ беше подредено сè и во живеалиштето и во целата градба, и Змејко полека се доближи до неа и ја отвори. Пред него пукна пространата работилница што ја опфаќаше целата куќарка, со по два прозорци од двете страни, доста посветла од одајчето и многу постудена. Идеше киселикава миризба на сурова буковина и суво штипикање на полотини во носалките; ковна загазувајќи до глежневите во белиот слој пилотини, по кои чекорот му беше помек и од снегот, а ги чуваа тука за да држат топло. Се доближи до нискиот тезгав, кој од обете страни свршуваше со по еден дебел и цврсто вкопан носач на бичкијата. А во средината, спуштена вертикално, како жив челичен заплисок, стоеше подмачканата плоча на пилата, целата исукана како сабја. Нејзините правилно распоредени запци, секој со по иглен врв на својата острица, светкаа со несита некоја остра светлинка, собирајќи ја во себе и усвитувајќи се и од таа скржава виделина на денот во своите илјадници одблесоци; такви се чинеше дека и ќе те испечат уште со самото тоа што ќе се обидеш да ги допреш. Во дното под неа стоеше наместен дебел трупец; челичните запци само што не се вкопале во црвеникавата, искружена од годовите, целина на буковината. Сето тоа мирување чуваше во себе и еден таков оптегнат лак. Змејко знаеше добро колку £ е лесно на таа челична ламја да се спушти надолу во еден замав; таа како од играчка би загризала во дебелиот трупец и би продолжила со знајната ритмичка постојаност да полетува, вивната нагоре, како челичен галеб. А после да паѓа пак и пак и пак, како од шега, трпеливо, без сенка од некакво напнување, без секаква измореност, сосема лесно. Всушност тоа и беше за неа единствениот начин на постоење. Да загризува и да се вкопува во мекото суво дрво. Најнеприродната положба во која што можела еднаш да се најде таа мајсторски направена пила, и беше оваа, во која стоеше пред него токму сега. Таа скочанета замрзнатост во пајаџинестата глува тишина. Го познаваше како својата дланка тој зауздан челичен порој, тој незадржливо вивнат заплисок чиста сила. Ја знаеше најмногу таква, дива, семоќна, а скротена, спитомена, послушна, но и немилосрдна во своето барање од пргавоста и од точноста и на човека што работеше со неа. Многу често и веќе долго ја беше имал во своите раце; и владеел со неа како што ќе посакаше и тој, но и таа исто така сосем рамноправно со него, за да го нема и сега, и спрема неа ваква, чувство за нешто живо. Па и, застанат крај неа еден миг, да се почувствува како да беше јавнат пак на некој разигран бинек, што корне искри со копитата, вивнат суза, одеднаш до бесмисла нежив. И си ја сакаше тој неа најмногу заради таа нејзина незаздишеност, заради таа сигурност, постојано во некој лет, а секогаш, со секое ново движење, сè со по некој нов писок, на којшто ниеднаш не е возможно да свикнеш и да ти биде обичен, бидејќи тоа и беше нејзиниот говор. Нејзин говор и додека длаби и во најдебелиот трупец, и додека го делка некој кежаво изврзан глужд, притоа само со звукот кажувајќи сè и за длабината на дрвото, и за себеси, и за тебе. А сето време постојано со она спокојство и сигурност, без да се промени ниту жиличка од ткаеницата на нејзините вивнати движења, тоа ритмичко полетување нагоре и плискање надолу, докрајчувајќи го секој глужд токму на она место, каде што го подбрала пред себе, во договорот со тебе, не отстапувајќи ни милиметар в страна од своето цврсто сновење. Наострен и самиот му се стори дури како да ја гледа и онаа постојана врвца пилотина, како фискија од двете страни на загнатоста на челичната плоча во дрвото, како се спуштаат тие бели сиџими по подот и како се расејуваат по целата просторија што поигрува под ритамот на бичењето. Беше само еден сон, еден миг; си помина, чиниш да го истрие со надланката пред засонуваниот поглед. Сето беше мртво, приклештено, болеше со својата неподвижност. Без длабочина, како на фотографијата. Се најде како и самиот миг-два не е моќен ни да пречекори потаму од таа скаменетост. Како да го немаше ни тој простор потаму; како да немаше каде. Можеше само уште да ги гледа сите оние букови трупци, наредени во карма кон тезговиот и длабоко потаму, готови да го заземат местот од оној што сега беше пред бичкијата, како и целата просторија да имаше стегнати вилици како него, застанат во нејзината средина, уште еден ненужен дел, отповеќен дел, од нешто што беше создадено да биде живо. До пред малку мислеше дека ќе ја сочува во себе онаа зафатеност со која дојде, па ќе може да ги посреди листовите, со кои, кога ќе е време, требаше да ги носи и да ги наместува трупците, намалувајќи ја нивната тежина; мислеше, а ќе најде во себеси желба да ги подреди и нив така, за еднаш, кога ќе биде потребно, да може само со еден дофат, со едно движење, да ги покрене и да ги намести. Еднаш, знаеше, тоа можеше да му биде од голема помош. Но, наеднаш немаше во себе ни трунка желба ни да се помрдне, маѓепсан од таа зачмаеност. Заедно со некакво бледило, што просто го чувствуваше како му лази по лицето, можеше да мисли само: Ќе ги здробам сиве овие трупци, до последниот; ми требаат само неколку дена, да не оставам ниеден од нив. Ќе ги наредам во еден огромен куп вити штици, тука, од оваа страна на тезгавов; ќе ја исполнам до таванон со такви штици. Уф, како би ги здробил, мислеше. Беше глуво, сè наопаку, дотаму што просто не можеше да се поднесува. Таа глувота чиниш го удри, чиниш го оглувна и него. Беше свикнат, додека беше тука да не постои ниедна жиличка од неговото тело што би имала во себе макар и најмалечка сенка од нешто такво. А сега не си го препознаваше ни трепнувањето на својот поглед. Работата го изострувала сејогаш и него, како и оној метален писок на бичкијата; тука и сите свои движења тој ги чувствуваше како му стануваат такви, остри; се чувствуваше за тука роден. Бездруго токму отаде не беше ни возможно тука нешто ни да се префаќа, да се потправува, да се поднаместува. Секое движење тука можеше да биде само или она најполното, вистинското, или да остане скаменето во тебе сето да чмае; токму затоа тој не беше во состојба ни сега да стори што и да е. Можеше само уште да продолжи да стои, скочанет, сеќавајќи си ја тупоста и на својот поглед среде таа пустина. Ќе потече ли еднаш водана, мислеше, ќе се откине ли таа од оној мраз; и ќе ја плисне ли еднаш својата сила во црнине копанчиња од турбинана долу. И ќе се покрене ли еднаш оној дебел ремен, ќе тргне ли... А веќе и околу тие мисли во него, застанат крај сите чиниш бесмислени ненужни делови, злослутна, стоеше скочанетоста на недовербата. Така што тој веќе сосем бргу не можеше ни да остане повеќе тука. Таа му паѓаше многу потешко од секоја друга осаменост што ја знае. А го знаеше многу добро, тоа годишно време во планините, знаеше сè што можеше да очекува од него, за да остане во себеси мирен. Секогаш се случуваше овде така врнежот да престане, а потоа или да заплисне југовината со својата блага бура што ќе слисти барем една дебела половина од наврнатиот снег, што ќе размекне, ќе спитоми, ќе одврзе и ќе му даде нему доста вода за да може да ги сврши сите работи, за кои беше дојден; или пак ќе наваса од своите диви посоки една од оние ведрини, ќе се изостри една таква, во која сонцето ни во најцрвеното и најзаслепувачки огреано пладне нема да биде во состојба да му излишти нему ниту една капка вода. Беа тоа секогаш оние северни ведрини, од кои мразот преку ноќта се стегнува како кремен, додека во попладнињата, само штом ќе почнат да капат капаците, а веќе светлоока, острината цибрина, гледаш ги маѓепсува со трепет на своите бели ѕвезди везовите мранзули по стреата и по ветките, додека тие не стасале да пораснат надолу само уште за една нова педа. Од неа тој сега не можеше да очекува друго, освен уште подлабока и потврда скованост. А во ова време од зимата, токму со иста рамноправност, можеше да се случи и едното и другото, и пак сè да си биде на место. Пречекори назад. За некоја утеха, само ја допре со рака студената плоча на пилата. Сакаше да ја сети жива под своите прсти, да ја стопли. Имаше чувство, со кое се поттупнува по вратот коњот под тебе, кога се тргнува на далечен пат; она чувство со кое му се префрла раката преку рамото од другарот, кога се има да се стори нешто тешко и заедничко со него. Челикот му одговори со тих, остер лелек. На едно место во подот ги растргна пилотините и го отвори ќепенакот. Темничина и мраз. Замрзнатата темничина меѓу бело искрадените блокови мраз, во кои скочанет и нем, каменее плисок на вода. Кога се исправи и кога зачекори, имаше собран, речиси смрзнат поглед, студен. Палежен од некоја неситост во себе, исто како оние погани и проблеснати острици на бичкијата. Имаше бавни, чкртави движења. Но во себе, некаде од своето дно, во онаа белина од својата будност, понесе од тука тој и еден зачекан, до задната моќ оптегнат лак. Исто како оној во исуканата бичкија, висока и готова секој миг да се вкопа во трупецот. Продолжуваше да живее потаму, без и самиот да знае, само во тој остро задемнет дел од себе, со сите други делови и од своето тело скоро нежив. Замина, подаден на таа маѓија цел. Беше безнадеж; но постоеше и чекањето, површно така во мислите го именува тој. Имаше меки стапки, имаше едно проклето чувство на половична присутност, на половична будност, со еден голем дел од себе талкаше некаде, изгубен; она што најмалку го сакаше и уште помалку го можеше со себе. Но, тоа беше и единствениот начин да се поминат и сите идни денови, навредлив, празен од сè нефово и полн сè со туѓи нешта, а – неизбежен. Секогаш во својот живот ги избегнувал колку што можел токму тие притаени чекања; а тука, кога не ќе можел да работи, тој секогаш ја пуштал макар и само водата, барем таа да се плиска, да прска, да се разбива во бела пена. Сега можеше само уште да стои увиснат на прозорецот од одајчето, откако ја затвори зад себе онаа врата, без да фрли повеќе ни поглед таму назад; и уште да гледа како пред него снегот продолжува со ужасна трпеливост и вртоглавост да го таке својот превез под паднатото небо, безизразно и морничаво со својата тежест. Барем снегон, кога врне, барем тој да има некаков шум, да заплисне, мислеше. Да не биде сè вакво штамовно глуво. Или барем да имаш уште нешто, што би требало да се стори; уште некаде да се појде. Продолжуваше да стои на прозорецот, со ноктите вкопани во дланките, со прежилени тупаници, еден црвенокос силен човек, како врзан во тие ѕидови, сам со себеси сосем. Без потреба и да се помрдне. А тоа беше во него како вик; веќе и како врескање во сонливата белина насекаде околу. Но, тогаш сè уште не беше заборавил на чекањето. На чекањето заборави уште следниот ден. Стоеше на прозорецот, низ кој денот ги процедуваше своите заедни малукрвни, притулени повесма виделина во неговата одајка, – по ноќта, чијашто црна темничина ја разнесуваа на парампартали сите гладни завивања на дивината, пробивајќи се и во неговиот сон, – а сега поминуваше со дланките по рамениците, што му беа тврди, еден огромен, црвенокос човек, а врзан во сета таа бесконечна зачмаеност; секое влакно од неговите мускули, навикнати постојано на живото и несмирено оптегнување и превивање, при што во себе ќе се острат и ќе се просребруваат притоа, сега беше останато да изумира во таа опуштеност; секоја негова мисла, навикната постојано да ја има во себе смислата, целината и патот, низ сите негови постапности, до она, што се работеше, што го создаваше; сега, кога немаше што да се чини и на што да се мисли, остануваше пуста, како катче полно застојаност и пајаџина. Имаше во себе полно такви катчиња; сега, застанат на прозорецот, беше сиот едно такво катче без живот. Тоа надоаѓаше во неговото силно тело во спори навеви, од кои се чинеше како по сета кожа да му избиваат некаки црвени безболни пликови; тоа мускулите во него боледуваат. Мускулите, со кои немаше што да работи, престануваа да просребруваат, гаснеше маѓија на потребата и на мислата од напнувања во нив, додека стоеше, ваков, со ноктите вкопани во дланките, со дланките прежилени од своите сопствени нокти, и едвај задржувајќи се да не тресне нешто со тупаницата така, за со еден замав да го здроби. Едвај здржувајќи се да не истрча низ вратата и да не земе барем да го гази оној снег, да го пробива тој прекумера изнаврнат, натрупан снег, да го изоди сиот, сè додека здивот не земе да бие во него како тапан. Но, во тоа немаше никаква смисла, а тоа и беше секогаш она, без кое тој ниеднаш не можел ни да започне ништо. Продолжуваше само да гледа во густите роеви снежинки, во чиешто виорење не постоеше никаква разлика од вчера, од завчера, чиниш денеска воопшто и не беше некој друг ден. Погледот одново му заскитуваше во магливата, бела шума од снег. Еден болен поглед, замрежен од чувството за изумирањето на искрежот во неговите мускули, нараснато во него повисоко и од неговите рамена. Остануваше на прозорецот неподвижен сосем, со сите тие премалени врескања во себе, и со еден човек, со еден сè појасно пронајден лик во сеќавањето, за кого што тој ниеднаш не мислел дека и го има сочувано во себе. Му надојде, сега, наеднаш тој нагрвали којзнае од каде од него, чиниш се породи фурија од некои непретпоставувани длабини во него, заедно со едно беснило, што го обземаше; со онаа лудечка желба да се втурне и да се искрши, да се издроби во тој снег. Додека сето тоа, и воопшто не само како пусто присеќавање, се вообличуваше полека во оној лик, во оној одамна сретнат и до пред малку веќе скоро умрен во заборавот ѕидар. Воскресна, чиниш сега сретнат, како нешто, што се случува веднаш, тука, пред неговите очи, најповеќе со неговото тело. И тој набргу се почувствува, целиот себеси, сегашен, во тој одамнешен лик, а неговото тело, веќе сето, се завитла во она, што отпрвин го имаше само во сеќавањето. За еднаш дури и да заплови изедначен и со некој бес, и духом и телом понесен и збеснет во тоа... Беше далеку во детството, а оној работеше во тајфата од татко му; го викаа Ристан, и можеше да подигне колку за петмина. Работеа во Грција, градеа некаков санаториум среде маслините крај стари некои гробишта, подалеку од градот. Ѕидаа повеќе зданија, а оној бушуваше на сонцето од сите тие дни; ги дигаше како од шега огромните блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да му расцутуваше со сето сонце од тоа лето, постојано во еден таков занес, широко насмејан и со сите нив околу себе. Со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори по нешто за секого од нив со оние негови огромни пегави и црвено издамчени рачишта, да им помогне, а притоа и да им се насмее со своето големо лице, на кое зрееше огромното задоволство со себеси и со сите други, доста поситни од него луѓе, што од своја страна исто се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешка несмасна шега. Беше како дома меѓу сите нив, оној црвенокосиот Ристан, за кого никој токму не знаеше да каже ни од каде е; беше се прилепил со нивната тајфа патем, како добра среќа, а сега беснееше со своите послушни раце по нивното градилиште, со душа блага и длабока како питомиот црнозем на тоа маслиново поле наоколу. Неговото име најчесто се извикуваше крај сите потерани ѕидови; сите како да му зборуваа нему и сакаа да се пошегуваат со него, тие дни, останати уште од детското паметување, полни со тоа црвено јужно сонце и набрекнати од него како зреани цреши. А во него, детенце, постоеше и една игра за тоа, дека сонцето во нив е еден разигран и разбеснет лав со сето свое здравје околу нивното градилиште што одѕвиваше од смеење. Црвениот лав на сонцето играше околу нивното градилиште, а сите мајстори сакаа да се довикуваат со онојго, со Ристана, и тоа беше еден живот во кој не постои ништо друго, освен тој празник на градењето. Радост. Сè додека не дојде оној ден, што му го уби лицето на Големиот Ристана, а смеата ископнеа и повеќе не им се врати. Тогаш нему, на малиот Змејка му се стори просто како да го виде црвениот лав на сонцето како се повлече во тревите и како остана таму спружен, а деновите од тоа добија нешто потпечено и безбојно. Како усни на жед. А велеа: „Жената од главниот инженер“. Велеа: „Таа, кога отишол еден ден во нивниот стан“. Таму го испратил главниот инженер да подигне нешто тешко, или да ги истресе ќилимите; но таму беше и таа жена, таа коза, што честопати ниедновреме се фрцкаше по градилиштето со своите пењоари, или пак со градите испрчени напред под својата жолта блуза. Велеа: „Таа“, веднаш потоа, кога главниот инженер отишол дома, а оној, Ристан, не можел да биде скриен, како што ги криела дотогаш сите други; бил огромен за да може да биде засолнет некаде, стоел среде собата, а таа висела, како играчка, на неговиот врат, здрвен и со отпуштени раце, целиот грч, пред на крајот и да се впушти во она, каде што го повикувал допирот од нејзините колкови: Дојди, колкав си, одлупи ме сева, стори ме црвена, усвити ме, како да сум била в постела со сонцето, дојди... Главниот инженер, велеа, стоел на вратата. Жената го видела и сè уште не го испуштила оној. Продолжувала да си стои усвитена на неговиот врат, спружена по целата негова должина, а само очите почнале да £ поигруваат како икри масло над вода. Тој постојал на вратата толку време, додека жената најпосле не си ги отпетлала своите раце од околу вратот на Големиот Ристана; а после, кога тој останал сам среде таа соба, го зеле, и жената, и главниот инженер, и го истуркале низ вратата. И сè може да продолжи пак исто; но не продолжи. Големиот Ристан многу добро чул како инженерот зад него рекол дека не сака да го види повеќе на ова градилиште. Големиот тогаш ја загуби работата. Црвениот лав на сонцето беше како удрен по главата; таков ошумоглавен, тој и се беше прибрал во тревите, гаснејќи. Оној огромен Ристан, истеран, отфрлен, се меткаше по градилиштето, готов да се расплаче на секој збор. Со оние свои огромни раце, што не можеа да бидат скриени никаде, толку голем, а толку ненужен. Лавот на црвеното сонце сега веќе крвареше низ устата со некаква болна пена, врескајќи и превиткувајќи се, устрелен. Оној плачеше токму со своите огромни, отпуштени раце, се препкаше по темелите, не наоѓајќи си го никаде своето место, а неговата црвена коса се посипуваше со прав и се излепуваше од потта, гаснејќи. Траеше денови и ноќи, денови и ноќи, а некој постојано трчаше и ги прескокнуваше темелите, се препкаше и паѓаше во нив, барајќи го, како некој загубен дел од облеката, она свое насмеано и широко место, постојано крвав на палците и по колениците, постојано крвав на лактовите, истоштен, со последните сили, како човек кој еве, за малку, за една трошка, што не дошол на дофат на нешто, што одамна го гони и кој што ги прави последните напори за да го достаса, да го прескокне, и така, постојано, сето време, додека нивното градилиште се престоруваше во едно проколнато место, од кое чиниш сите сакаа што побргу да се исчистат, во едно чумаво место, во една болна арена, во која што умираа, крвавејќи, и лавот и гладијаторот, кадешто им солзат очите на сите мајстори, бидејќи веќе сите тие добро знаеја дека она си беше отидено од нив, дека црвениот лав на сонцето беше сега веќе бесповратно папсан. Но, ниеден од тие мајстори и малтерџии не може да сторат ништо друго, освен да си ги бегаат погледите од тој крвав вресок во неговите очи, кога ќе застанеше крај нив, тој, Големиот Ристан, кој сега веќе не беше тоа, прашувајќи со секое свое движење – да не е можеби тука она неговото место, оној неговиот изгубен дел од облеката, онаа маѓија, без којашто деновите стануваа едно такво крваво прогонување. Не велеа ни тој ни тие за тоа ниеден збор; тој остануваше само по неколку мига крај секоја нова група, онака заздишен. Кога ќе ги видеше нивните избегани погледи, тој уште веднаш продолжуваше потаму, крај другите, третите, повторувајќи ги само оние свои пусти лудечки движења со своите раце. Со тие грамадни празни рачишта, што липотат огромно и изгубено, навраќајќи по стотина пати во денот крај секоја група околу тие темели, проклет. А тие, оф, тие не можеа да му кажат ништо за она негово изгубено место, ниеден од нив. Сè додека црвениот лав на сонцето не папса сосем, искрвавен и оптегнат во тревите. Сè додека оној не се смири и не остана таков, омелушен сосем и мирен, крај тие темели, без да направи ниедно и најмалечко движење, загледан в земи и плеснат. Така дојдоа оние ноќи. Во бараките тие ноќи никој не заспа. Месечината беше наполно сина, полегната во лелеав, залебден плашт над полето. Месечината одблеснуваше со онаа своја болна светлина над маслините и чиниш рееше тагување над оптегнатиот лав во тревите. Од сите прозорци, од сите врати, од сите процепи на бараките, сите ѕидари и сите малтерџии го гледаа оној човек, Големиот Ристана нивен заскокан како елен, како ги подигнува и ги префрла камењата од старите гробови, како ги дофаќа и ги фрла сите тие огромни стари ќиури, како ги заиверува еден во друг и како притоа камењата испуштаат црвени огнила. Никој од нив не прошепна ниедно зборче. Никој не ни помисли дека оној е луд. Оној човек повеќе не можеше да ги носи своите раце празни. Тој веќе никако не можеше да си ги совлада нив. Тоа препукна во него, и тој сега мораше со нив да прави нешто; мораше да ги изгуби за едно извесно време, да ги изработи, да ги измори, за да остават мирен, па колку бесмислено и да беше тоа пусто префрлање на камчиштата. Тој мораше да им го врати загубеното достоинство на своите две раце. И тој сега ги корнеше и ги префрлаше тие камчишта на сината месечина, ги заџидаруваше, сиот извиен под нивната тежина, ги беспокоеше мртвите во своето крваво беснило, од онаа страна на разумното, за кое што, сепак, ниеден од нив промолви ни зборче. Гледаа само како на месечината косата од оној станува одново црвена и, кога ќе се заборавеа во таа загледаност, на сите ним им се чинеше дека тоа пак црвениот лав продолжува со своето добродушно палавење, станат од тревите. Змејко беше само едно од децата, и стоеше со сите разбудени ѕидари на една проѕирка, гледајќи го низ неа оној по цели ноќи; сè дури не дојдеше татко му по него и не го одведеше до леглото. Но, никој не успеваше да заспие, зашто секого од тие изморени ѕидари и во сонот го настигнуваше она што се случуваше по старите гробишта. Тогаш еден по еден тие настануваа пак, како месечари и си ги зафаќаа своите места по прозорците; сите со по еден грч, што ги правеше голи, стегаше под очите и ги дигаше тие делови од лицето нагоре, нагоре. Молк. Како в црква. Уште како го разбираа онојго, сите тие; ни најголемите шерети не направија за тоа ниедна шега. Траеше неколку ноќи. Го држеше оној голем човек, а тој ги држеше нив, неколку долги ноќи сè полни месечина. Наутро го наоѓаа крај темелите папсан. Имаше огромни, спитомени, улегнати раце. Во косата, како сениште, почнуваше веќе и да се оближува црвениот лав на сонцето, добродушен и сит, мислиш вистинскиот. Знаеја дека им се причинува; очите продолжуваа да си ги бегаат уште понесмасно, сите. Иако тој не растрчуваше повеќе, иако не ги прогонеше со препрашувања. Тие ја немаа да му ја дадат загубената облека нему, без којашто тој сè помалку можеше. Сите знаеја дека ќе биде најдобро така, ако оној продолжи и потаму некое време барем да ја сонува неа. А оној, и кога беше буден, постојано гледаше во своите нозе и никого не забележуваше. Прошепнаа само постарите, додека беа насамо, дека е добро што не полудел, а тој детенце чу. Беше и некое задоволство да се гледа во него, онаков смирен, и покрај таа лажна ситост, што го смени плачот во неговите очи. Траеше неколку ноќи, и сите го гледаа до далеку отаде полноќ, понекои и до зорите. Камењата, шметнати, испуштаа црвени огнила, а оној прескакаше над гробовите како да е скраја, ниеднаш не стивнувајќи. Си дишеа еден на друг во тиловите, со погледи впиени во сите цепутки од бараките. Сè прекина една полноќ, беше како нешто да доистече само од себе и да скапче, и тие знаеја дека сите огромни ќиури од бел, зелен и црн мермер, и сите други камчишта и бигорите, сите тажни анѓели и сите камени венци, кави што може да ги има само на едни заборавени гробишта и само во Грција, што дотогаш ги беа престојале мирни меѓу тие маслини долгите поминати векови, сега се собрани на средината, здробени, и дека повеќе тука немаше што да се прави. Очекуваа притаени. Знаеја, сега требаше да се реши сè. Некој прошепна дека ќе биде добро ако сега си замине. Беше: ако си замине, значи останал цел. Токму таков беше гласот. Не заради себе, воопшто не заради своите ноќи; сè само заради него таму и заради неговите огромни рачишта; да не почне да ги враќа пак камењата онаму, каде што мирувале отсекогаш; да не би му удри нешто такво во рогот. „А што му знаеш каде ќе опне сега; може многу лесно и на нашине темели“, – шепна некој. Оној стоеше, превиткан и нем, на сината месечина, токму како некој од оние големите ангели од зелен мермер под маслините. Имаше две сити раце. Стоеше сето време на врвот на огромниот куп мермер, а во бараките сега никој чиниш и не дишеше; немееја, приковани до сите отвори од каде што можеше да се гледа. Тогаш оној се покрена полека и зачекоре кон нив. Заиде папсан, речиси влечкајќи ги по себе своите празни раце, своите долги раце, а тие во бараките дури да трепнеш изнаскокаа и веќе беа сместени секој во своето легло; некој зеде дури и да крчи, како во сон. Му ги слушаа стапките. Оној сврте неколкупати околу бараката, на неколку места постоја, постоја, и на крајот влезе во вратата. Го слушаа потоа како помина крај сите нив, така се доближи и до своето легло. Го слушаа секој шум; и како оној таму си ја зема својата вреќичка, како ги става во неа токмакот, мистријата, пилата, висакот и неколкуте клобариња конец, а после веќе и како си заминува со огромен, бавен, изморено сит чекор. Наскокнаа да го погледаат уште еднаш, штом го чуја како се оддалечува; наскокнаа сите до еден барем така да го испратат. Се наредија по сите отвори од бараката и само гледаа по тој темен човек под сината месечина. Го гледаа како се слеа со полето, како потона во таа ноќ, како се спушти и над него лелеав, плаштот сина месечина; гледаа кон таму додека беше возможно да се забележи макар и некое најмало движење на она место каде што се скри од нивните погледи во темното зеленило. И дури потоа сите молчејќи се враќаа во своите легла, изморени и претепани. Знаеја сега сите дека црвениот лав на сонцето ќе биде мртов до крајот од тоа лето; и на јаве и во сонот. Беа и задоволни онака, како што може да се биде задоволен по некоја ужасна смрт, на која £ претходела уште поужасна болест, од тоа што нема да го гледаат повеќе Големиот Ристана како го влече својот плач по нивните темели, со раскрвавените палци на нозете. Она умирање, кога нема со себе што да се прави, го имале сите барем по еднаш во својот живот; разликата беше само во тоа што кај него сè беше такво неспоредливо поголемо. Го запомнија. Не го жалеа. Знаеја дека оздравел; беа уште утредента речиси радосни од тоа. Си го жалеа само оној свој црвен лав на сонцето од тоа нивно лето што беше готов во тревите. Си ја жалеа својата смеа, која не им се врати повеќе ниеднаш, дури ни до првите слани од ноември, кога напуштаа. ... И сега сето тоа беше наеднаш така сосем будно во неговите мускули, и тој немаше во себе повеќе ништо што би му спротивставил на оној напен во неговото тело, и потрча. Веќе беше продуманил низ вратата и уште веднаш беше зел да го дроби сиот тој снег, забиен со своите скокови во неговата длабочина и завиорен во еден огромен круг околу зградата од својата пилана, среде таа шума, чии што дрвја прилегаа повеќе на облаци од окит, а здивот веќе му збиваше во градите како триста тапани. Папсан под бесмисленоста на тој напор, се најде дури по цели два круга околу својата пилана. Дури тогаш му текна на чекањето. Чекање. Беше нешто сосем добро, сета добрина беше собрана во тоа, во чекањето. Тоа беше единственото и што го извлече од бесното цапање и го врати назад, на прозорецот. Еден црвенокос човек, загледан во врнежот, но и со дланки кои повеќе не му се прежилени од ноктите, туку е полн некакво благо одврзување, отпуштање, додека здивот полека му се смирува. Но сепак, и покрај сите бладања, оној ритам на бавното минување на празното време мораше да го насочи еднаш и неговото траење во вистинскиот правец и сè понеусетно да ги стивнува неговите побуни. Во овој наш век нема и ништо полековито од времето, од неговото одминување, чиј што тек, со една прекрасна точност, длаби корито за себе во секого од нас. Сосем исто како и во себе за секого од нас. Почнаа, еден по друг да се точкаат тие матни зимни дни, во кои снежинките продолжуваа и потаму да поигруваат пред неговиот прозорец, сменувани од ноќите, чија што темничина беше како на најдлабокото дно од овој свет. Единствената промена, за која не знаеше однапред каква ќе биде, и единствениот знак на живот среде таа изумреност наоколу, беа неумоливите и со секоја идна ноќ сè поостри и побездонно гладни и силни писоци на дивината. Затоа, и покрај сета нивна несита морничавост, Змејко веќе секоја вечер одново ги исчекуваше токму нив, да ги чуе, да ја здружи со нивната исконска самотија и својата, бидејќи само со нив и му успеваше да заборави на себе. Затоа беше речиси радосен кога ќе ги дочуеше како се јавуваат од морничавата темничина, како се приближуваат кон него од сите страни, во своето секогаш ново и постојано кружење, секоја вечер одново со чувство за некакво среќавање со нив. Едни такви диви, жестоки, проклети завивања, преостри и чиниш првпат ги слуша, од кои ноќта се исполнуваше со нешто морничаво и страшно, но во исто време и единствено, на кое не можеш да си на ниеден начин свикнат. Неговото тело и потаму се побунуваше против зачмаеноста. Но, тој и не мислејќи веќе му робуваше на секојдневниот навик да го раздробува тој бес во своите мускули повторно упорно, секоја утрина, и повторно лудечки загазувајќи во длабокиот снег и цепејќи го со своите чекори неговото море во по неколку бесмислени круга околу пиланата. И враќајќи се од таму секогаш полн со една знајна, безумна и лековита насмевка во своите очи. Тоа само оној, Големиот Ристан, дојден во него повторно на добата кога му беше најтешко да се ути; извлечен од заборавот за да пробушува како првпат сретнат, кому тој, онаков збеснет и див, небаре едноставно му ја позајмуваше својата снага. Имаше и во тоа некој ѓавол. Бездруго отаде сега тоа веќе со секој ден носеше сè помала бол. Мислите, кроце и стрпливо, сами се ослободуваа од раздразнетоста што ја донесе со своето доаѓање; сето она таму беше сега сосем далеку од него, и тој многу често се наоѓаше себеси загледан и мирен, со едни такви сосем меки и стивнати размислувања, скоро плавни. Сè почесто знаеше по цели часови да остане на прозорецот и само да ги гледа снежинките, не мислејќи притоа освен на нив на ништо друго; а потем ја дофаќаше книгата со народни приказни и, којзнае по кој пат се занесуваше во тие долги и познати, шарени и мудри творби, секогаш повтор откривајќи во нив по нешто ново, што дотогаш не го знаел од таа книга. Неа ја имаше донесено некој тука уште најпрвите денови, и сите ја имаа прочитано којзнае по колку пати, така што лисјата £ беа станати дебели и разресавени од честото прелистување со нивните рапави прсти; но со ниеден нејзин лист уште никој немаше свиткано цигара. Денот на крајот, сепак, не можеше да му донесе ништо друго. Ја чекаше ноќта. И таа секогаш доаѓаше. И овој пат, неусетна ноќта беше влетала во неговиот прозорец, бесшумна и незабележана, така што кога се освести од дремливата занесеност со својата книга, во прозорецот веќе беше црно. Фенерчето не го палеше ниедна вечер. Во ова доба обично ја наполнуваше печката, така што се чинеше само уште што не тргнало да полета од разгореност тоа огромно буре, а потоа, издолжен на креветот, или притивнат на прозорецот, продолжуваше да чека. Времето му минуваше незабележливо до непостоење во таа сè попренапната зачеканост, во која одблесокот од вратничката на печката ја исполнуваше собичката со илјадници трепети на црвените сенки и полусенки, од чијашто игра стануваше пријатно и топло. И Белата Долина почнуваше да се буди. Беа најпрвин сосем далечни завивања, кои можеа да се дофатат само кога си вслушан по нив, исчекувајќи ги токму нив. Се одличуваа во ноќта до немајкаде тешко, црни и бездонни, како неа; искрснуваа, заглувнати, чиниш некакви притулени далечни искрења среде безживотната темница од нејзиното дно, а потоа почнуваа да се приближуваат, превртувајќи го како чорап светот. Токму онака, како што беше потребно тоа, за да се заборави на сè друго што било, освен на нивното наидување и потполно завладување со сè. Стана и отиде на прозорецот. Печката зад него беше усвитена од жар. Беше одеднаш наполно слободен и отпуштен, свикнат и смирен, скоро докрај расплинат во таа темничина, како полжав под своето самарче. Без секаква потреба од побуна, неговото тело не бунцаше повеќе за ниеден ненаправен чекор. Само едно тивко преместување во таа просторија, во таа долина, која сега ги тераше полека сите свои жители да се јават, како при некое маѓосно повечерие, да испуштат од себе по некој глас, секој по некој свој писок, по некое будно око, изострен здив и кон најтенкиот. Би се зачудил секогаш на таа своја постапка, но сега беше тоа токму тој, со онаа предалечна занесеност во својот поглед, и тој неа неодречно веќе и ја стори. Отпрвин сети како се надигнува во него нешто сосем непознато и непромислено, крајно се обиде да се залаже, беше едно просто издивнување; но сосем бргу не беше тоа. Беше глас; беше неговиот глас. Кога го сети дека е глас, тој не се ни обиде да го прекине. Малку се потштрекна од него, но сепак го пушти да му излегува продолжувајќи да останува и потаму разнесен со вниманието на сите страни; дури потоа, откако замолкна, беше свесен дека она беше само уште еден вик, уште еден знак за живот, во Белата Долина, сличен на сите и други такви означувања надвор, сеедно што беше тоа негов глас. Се извиши во ноќта како проклетство, како некоја негова глад, како тагување заради таа прогонетост, таа осама; беше една потиснатост во која остануваше секогаш на дното, ја поднесуваше без секакво дробење, а сега веќе и си ја извикна и тој сета своја безизлез, своето беспаќе, пред уште едно стемнување и чудно неосмислено будење се јави. Немаше ништо навредливо во тоа што се пошегува со себеси дека подивеал. Барем за пред себеси не почувствува ништо од тоа. Наеднаш беше дури и толку безразлично, и толку просто; иако го изненади. Остана таков, подаден со секоја жиличка слух, усет кон надвор, сè додека не се одѕваа сите завивања и од сите неочекувани страни. Некои од нив можеше веќе и да ги распознава. Остана, додека не помисли на себе. Остана, дури не се ни прибра докрај во себе од секоја од тие страни, каде што беше расплинат; додека не се изнајде таков застанат и заблуден, сам среде темнината. Сега се повлече во леглото. Почна да тоне пак во својата знајна млакост, во која сите работи добиваат чудна некоја извртеност, лудечка испреметканост, а пред некој негов внатрешен поглед, кој и во тој полусон остануваше постојано и потаму да дебне, кој беше исто така негов и исто онака вистинит, тој се прегнуваше со некои двајца луѓе, што требаа да заминат, а веднаш потоа ги гледаше, оние двајца, и како застануваат крај патеката, како дрвјата пренатрупани со окит, од кој и веѓите на оние им беа сосем бели, а со него се прегрнуваа сега и исчезнуваа полека по снегот нагоре, едно по друго, сите тие дрвја, а тој им намавнуваше ним со рацете, со сите свои десетина раце, од кои како бели перници се стреснуваше мекиот, огромен бел окит, а за сето тоа време некој некаде продолжуваше да ја дупчи таа шара, тоа платно, да ја боде, се мачи постојано да ја пробие, со некаква долга шилка, бела и цврста како заб, како од слонова коска, оздола, но тоа се надига пред таа шилка и таа наеднаш не успева да го продупчи и да се јави... Некој токму тогаш тивко потропа на вратата. Помисли: Некој... Беше веќе исправен. Темничината беше густа и сосем слегната во неговата одајка. По сета ноќ дивината зтвиваше како во свое царство. Дочу сега и едно сосем блиско ‘ржење, веднаш пред својата врата. Тогаш потропувањето се повтори. Беше сосем исто како да тропа човек. Една морница, што го престегна по целиот граден кош, му го истера здивот. – Кој е... Тоа го викна тој. Гласот му остана во стегнатото грло. Штама. Она ‘ржење што можеше да биде само волчешко, се повтори од подалеку. Белата морница страв се обидуваше да го скамени; но тој £ се отскубна во едно дрпнување. Просто ја сметна од себе, како парче канап, како смок, што му се опсукал по рамениците. Потропувањето сега се повтори сосем јасно и тревожно бргу. – Кој чука? – праша. Почека, а кога оној не одговори, Змејко тогаш се шмугна во темничината, го извади ножот и со сосем притаен чекор се доближи до вратата. Слушаше. Она сега повторно потропа. Тропаше долу, ниско, во неговите нозе. Беше н е к о ј. Змејко речиси можеше и да го чуе како дише од другата страна на вратата. Беше дури и некакво тивко гласче. Она ‘ржење сега беше далеку; но веднаш тука, зад штицата од вратата, некој збивташе, некој се гушеше. Тој и сега сосем тревожно потропа. Тоа некој бараше од него пристан, бараше колку можеше побргу да му ја отвори вратата. Инаку што друго би барал, кој и да е, во таа ноќ на неговата врата. Застана така за да биде готов секој миг да го употреби ножот и – отвори. Некакво сиво клопче просто се стркала во неговите нозе. Тоа уште веднаш, изненадено, се обиде да се врати назад, да избега одново во снегот, но тој веќе ја имаше затворено вратата. Со покренатата рака не замавна само за една трошка од мигот. Можеби затоа што она, уште со влегувањето, не само што не покажа никаков заб, туку така исплашено просто се стркала тука, подоста смешно, и тој не замавна можеби најповеќе од тоа. Сега го запали фенерчето и го пронајде. Стоеше, притиснато до ѕидот, непомрднато од најпрвиот миг, исправено и тенконого, едно растреперено ливотче, едно срнче-јаренце, а по неговото тело без прекин прострујуваше по една таква морница од која му потреперуваше секоја косминка од крзното на она слабичко суштество, кое како да го имаше џвакано меѓу острите заби сета волча ноќ надвор пред да стаса до него. Го гледаше пред себе, тоа парче живот собран во своето единствено клопче морници, со изглед на штотуку родено суштество, уплашено и диво, неподатливо, а толку од некаде блиско. Со својата непитома и преплашена кревкост, со својата кутра и кротка некрвожедност и беззаштитност, среде душегубната провалија на ноќта, небаре £ беше гласник на онаа прогонетата, жртвената нејзина страна. Ги гледаше неговите кревки увца и неговите очички; и оние четири тенки како чапарушки и растреперени ноженца; ја гледаше сета таа чудесија од кревкост и од невиност, со нешто многу и од тревките во себе, и со секој миг сè посилно знаеше дека таа дива ноќ не можеше да биде во состојба ни да измисли повистински гостин, што би можела да му го прати со својата несложена исповед, за да го зарадува во неговата самота, од овој, што беше тука, сосем недалеку од неговите нозе. – Добре дојде, еј ти, – му се смееше само по малку на она животинче, на оваа смртно преплашена дијанија пред себе. – Та довлези, не срами се. Но, оваа и ваквата рожба на набиената темничина, која знаеше и толку да уплаши, за повеќе да не постои ниедно засолниште, зад кое би можело подлабоко да се затскрие најпростото тоа дека си и потаму жив; здивот, мирисот свој, трагата; ете ова суштество ова е што сега ќе £ беше само уште една жртва на сета безбожна расплината и несита глад, што се клештеше со своите завивања по сета снежна пустелија надвор, ако не беше неговата врата, тој долгоушко, со своите кревки, растреперени, високи ножиња, не можеше воопшто толку бргу да го заборави оној што беше останал да крчи од другата страна на вратата; но, уште потешко, невозможно, беше да го сфати него. Бидејќи тие и беа, со оној вон, многу полесно сфатливо создадени еден за друг. И сето недоразбирање тука беше во него; што воопшто е. Независно дури што цената на тоа му беше еден ваков кроток, кревок живот; независно потаму што беше дури и неговиот живот. Змејко знаеше дека тука така наеднаш нема да може да постигне ништо; ни со своето стоење; ни со својата посегната рака, пред која срнчето продолжуваше само да трепери како прат; та тоа сега се плашеше и од својата сенка. И тој го стори само она што можеше единствено да биде сторено сега. Отиде во работилницата и донесе оттаму една ракатка сено на подот, а потоа срони тука уште неколку корчиња леб и седна на креветот. Еден таков заскитан далечен гостин можеше да биде и гладен; тоа беше сè што можеше со сигурност да се претпостави. Знаеше дека со ниедно движење не ќе може да придонесе повеќе во меѓусебното приближување. Не беше дури ни некое поткупување. Реши гостинот да го прифати, и само да го пушти сам да си го бара своето место во неговиот дом. Требаше подоста време за да може да забележи како отпрвин се испрекинуваат, а потоа и како стануваат сè поретки морничавите потреперувања во малото телце од срнчето, кое притоа ниеднаш не забораваше да биде постојано притиснато некаде, во некој ѕид зад себе. Така, братче, – му зборуваше во себе, – ти беше тој што побара од мене стреа, и јас ти ја дадов. А сега де пододврзи се малку, што си се собрал таков таму? Но, гостинот долго не можеше да прифати ништо. Остануваше притиснат, скучен и сам, а во неговите големи и кревки очички, какви што можат да бидат сретнати само кај срните, стоеше нешто толку далечно и стаклесто, во кое беше цела една непремостива провалија. Змејко во тие очи можеше да ги гледа сега со некоја беспомош и тага сите понорни далечини што стоеја меѓу него и тоа малечко, пролетошно срнче. Беа два живота, оддалечени еден од друг со многу илјадалетија самување; тоа не можеше да го премости ни добрината, која исто така имала време да им стане далеку заедничка. Срнчето не сакаше да се обѕрне ни на неговото сено, ни на неговиот леб; тоа не сакаше да ја погледне ни солта што тој, по малку се мачеше пак долго да му ја подаде на својата дланка. Тоа не сакаше дури ни да се облизне по муцката, каде што се излепи малку од таа сол, кога тој беше настрплив и му ја притисна со својата дланка. Една провалија недостасување на вабења, на зборови и на движења; едно извесно недоразбирање, едно проклетство на дивините, една кон друга. И уште трагично недосфаќање на некаков незнаен закон што сакаше да му го наметне на тоа живинче тој, со што едноставно се нарушуваше оној единствениот закон на остриот заб и на брзите нозе. На она бестрашно завивање и некое вакво притаено и скришно, бесшумно и крајно спротивно постоење како што расте тревата, како што дува ветрот. Оној закон што беше всаден во крвта, според кој и беше создавана ваква секоја жиличка, секое потреперување, и во оваа тупаница растреперен живот, со своето строго определено жртвено место во сето, без кое исто така ни самото тоа, сето, не можеше да биде. Најпосле од сите обиди му преостана само уште да го гледа; и тој долго само го гледаше. Кога се смирија така сосема, секој на своето место, срнчето веќе воопшто не потреперуваше. Влакното по неговото телце повеќе не беше онакво излепено; тоа беше суво и се згреа; потсветнуваше на него, суво и добро згреано. Знаеше дека тоа би можело да му биде доста, барем за оваа вечер. – Тогаш, добра ти ноќ, – му прошепна, легнувајќи. – Сакам да се чувствуваше како дома, – му рече уште. Во тишината од собата Змејко можеше едвај да му го дочуе уште и здивот на тоа вчудовидено срнче, кое, и покрај сите свои притајувања, сепак, мораше да го даде тој знак на своето постоење. И тој го прими тоа тивко дишење како една таква шеговита залога од својот преплашен гостин. Веќе беше добро наместен и смирен во леглото, кога се сети дека тоа малечко суштество уште ниеднаш дотогаш немаше чуено за огнот. О, тој не сакаше ниеден од нив во текот на ноќта да се испече овде. Тоа не. Скокна од леглото и ги прибра сите предмети од својата собичка, со кои сега ја загради наоколу целата печка, така за неговиот гостин да не може од никаде да пристапи до неа. Види лебати, шепотеше. Па нам едвај ни текна дека твојата мајчица немала ништо такво, како што е огнот, за да ти покаже за него што и да е. Колку си просто, скоро му шепотеше. Но, сега ние ќе те сочуваме и од тоа; ти само биди си мирно, и чувствувај си се како дома. И самото бргу ќе сфатиш. Се надеваме дека сосем бргу ќе видиш во што е работата. Ги шепотеше сите тие свои шеги кон малечкиот неук гостин, а на крајот одново го изгасна фенерчето и си легна. Ја слушаше сега, далечна, тажаленката на волчото завивање во ноќта, и во она, што го чувствуваше притоа, со некакви сосем ситни мравки морници по сета негова кожа, што се пренесуваше како ново лазење од секој близок лелек на гладот, тој го најде и најпрвиот допир со својот гостин. Во црвеникавата топлина од својата собичка, тој се почувствува себеси толку годулкаво пријатно, од тоа што тука, крај него, освен него имаше сега уште и некој друг, што потреперува исто како него пред тие завивања, со кого можеше да сподели сè, кон него можеше да биде добар што тоа одеднаш и во бранови зеде да го опфаќа сиот со некоја уште несетена насмевка, што долго не слегуваше од неговите усни, додека остануваше иззавиткан во ложниците околу своето тело и издолжен. Беше толку задоволен од сето она што му го имаше донесено во неговата собичка тој малечок гостин, што неколку пати дури и се исправаше од леглото само за да го погледне уште еднаш. – Еј, ти, – му довикнуваше. – Уште ли траеш? Сè што можеше да чуе отаде како одговор, остануваше да биде само она смрчкано, едвај чујно дишење во тишината. – Се плашиш, знам – му зборуваше. – Барем мене можеш сè да ми кажеш. Па ние сме ти веќе добри пријатели, човече. А од оние ич немој да се плашиш, тие тука повеќе не ти можат ништо. Ќе со повијат, повијат малку, а потоа и ќе фатат магла; како да ги немало. Греј си се тука, и молчи. Беше спокоен, но долго не можеше да заспие. Имаше во себе полно насобрана некоја мека нежност; а сега имаше со неа и кон кого. Заспа доцна и сонуваше како го јава оној свој бел коњ, кого само пред неколку години, откако го натовари со казмите и со плугот, го однесе во здржените тремови. Коњот живееше во Задругата само тоа лето. Беше нивниот најдобар коњ, но некој го претера и тој пцовиса, превиткувајќи се и со подуен стомак. Го сонуваше Змејко многу често својот бел коњ, својот Чилко; знаеше тој по цели зими да го сонува сè само него. А оваа ноќ во сонот тој беше јавнат на својот јадор коњ и одеше низ некаква сенчеста шума, додека клопотарчето на вратот на Чилка постојано приспивно проѕвонуваше. Патуваше Змејко со својот Чилко едно цело претпладне пат под дрвјата; често му слегуваше на коњот и го оставаше да го прозачека, додека тој одеше да присобере уште некоја од црвените шумски јаготки што зрееја по лединките крај патот. А потоа му скокнуваше пак врз самарот и продолжуваше да го патува својот спокоен летен препладневен пат под зелените крошни од високите буки, под синото небо, ишарано со бели ретки облаци... А кога денот се прикраде одново во неговиот прозорец со неговата неизмерна нерешителна виделина, во која будењето траеше долго, првото што успеа да го открие околу себе беше едно малечко, питомо главче, со две долги увца кои по својата боја и по тоа како беа порастени на неа најповеќе потсетуваа на два листа од една мека трева што расте по висовите. Тие увца исто онака и се помрднуваа, како кога дува тивко ветре низ тревата. Главчето сега посегна кон купчето сено. И Змејко можеше веќе и да го слуша карактеристичниот звук на џвакањето што го имаат сите копитари. – Еј, ти, – му рече откако добро му се изнагледа и веќе сосем буден на тоа живинче. – Добро утро, – му рече. Срнчето, не забележувајќи го неговото будење, продолжуваше да се пресига по една сламка од сеното и потоа долго ја поземаше со својата уста. Ги одбираше најтенките сламки, а потоа ги јадеше. Еднаш тоа си ја запрета муцката во трошките леб, веднаш пред него. Беше едно сосем мирно срнче во неговата одајка, и тоа траеше сè дури таа тупаница живот не го сети вкусот на солта. Тогаш тоа скокна. Беше една таква радост во него што тоа сега само разигруваше околу наронетата солца на подот, живо помрднувајќи со опавчето и кружејќи, без ниеден миг да си ја одлепи муцката од она место на подот. А кога таму немаше останато повеќе ништо видливо од тоа чудо на белите скрупци, срнчето и тогаш продолжи некое време да го струже со своето јазиче подот. – Еј, комшии, – му зборуваше сега од своето легло. – Полека, лебати, зарем така само за ден-два останавме без душеме, – му се смееше. Одговорот беше само едно игриво помрднување со опавчето, а потоа бргу и едно сосем поинакво отскокнување назад. Сега срнчето одново го откри него. Беше еден поглед кон неговата постела, во кој отпрвин немаше ни трага од онаа провалија од синоќа. Но, само штом го откри неговиот поглед, буден, заседна пак на знајната далечина, скоро со истата исплашеност со која се разделија во околчавите итри очи. Но, јаренцето сега знаеше и нешто повеќе тука, тоа веќе и истрча и веднаш се затскри зад сандакот со храната. Тој сега можеше да му го гледа само опавчето што продолжуваше да поигрува одвреме навреме таму. Знаеше дека некако вака мораше и да изгледа почетокот на приближувањето. Стана. Малиот сега сосем личеше на она, со кое синоќа му дојде. Се притисна на ѕидот и потрепери, исто онака. Но и Змејко сега знаеше токму што треба да стори. Ја поштрка дланката со сол и само ја посегна кон таму. Полека и крадешкум, без ниедно шушкање со чекорот, а веќе бесповратно соблазнето, срнчето зеде да се доближува кон неговата дланка. Се штрекна и се поврати притоа неколку пати; но повеќе ниеднаш така, за да не тргне одново кон него. И еднаш можеше тој многу добро да му го сети во своите прсти здивот на тоа живинче. Продолжуваше и потаму да си го крие погледот од него; но се смееше со целото лице. Смеата имаше нешто толку топло и скокоткаво во себе, што тој само по малку, кога го сети и допирот од јазичето на тоа ѓаволесто срнче на својата дланка, веќе не можеше да издржи и да не го погледне. И да не му се насмее гласно на тоа ситно, скокоткаво ливотче, со кое можеше и така веќе разбирливо да се шегува. Малиот се сепна, но само за некое време. Притоа имаше трпение само колку да погледне во него нагоре, да го погледа така подоста, но и да не отстапи ни чекор. А потем тој веќе и не мислеше на тоа. Не мислеше сега повеќе на ништо друго ни тој малечок бегалец од дивината; за него постоеше само вкусот на дланката од човекот, и тој продолжи само неа да ја лиже и притоа само уште да фрцка со своето кусо опавче. Змејко сега со другата рака посегна и да го погали по главчето и по ушите, и тој занесен во тоа, остана. Сеќавајќи како му се ежави под прстите тоа малечко парче живот што не знаеше за ниеден друг таков допир по своето телце, освен допирот на јазикот од мајка му, некоја итра, брзонога срна, се најде како премира од радост што јаренцето ни сега не се обидуваше да избега од него. Набргу во неговата дланка веќе немаше бездруго ни усет од она малку сол; нотоа воопшто не му пречеше на оној да ги прелижува секогаш повторно сите негови прсти со ред, скокоткајќи го до неиздржливост по средината од дланката. Еднаш Змејко веќе не можеше да ја издржи таа скокотливост и се исправи. Малиот некое време остана вчудовиден од таа негова постапка. А кога тој пречекори кон печката, малиот пак го најде своето местенце од синоќа и се притисна во ѕидот. Но, сега веќе никој не му обрнуваше внимание на тоа. И само штом тој се наведна да ја пали печката, малиот пак беше ослободен и полека, со оној свој срнечки чекор, се добра до неговите раце. Сега тоа ја подигна опашката и од таму се стркалаа некоку ситни црни брбушки и паднаа на подот. Можеше само да £ се посмее на таа преголема слобода на неговиот гостин и да го кишне. Јаренцето отстапи само за миг. Кога се врати, Змејко веќе ја имаше запалено печката и малиот остана маѓепсан од чудото на топлината, заборавајќи наеднаш и на неговите прсти, и на што и да е околу друго. Змејко сега го местеше леглоо, ниеднаш не испуштајќи го од погледот она опасно откривање таму. Срнчето еднаш пречекори кон печката и сега сакаше упорно да остане тука. Печката боботеше, распалувајќи се, црна, страотна; но очигледно најстрашно беше токму тоа невидливо заплиснување на топлиот воздух во неговото главче. Малиот еднаш не можеше повеќе да издржи на таа близина и сега едноставно ја жртвуваше својата љубопитност, отскокнувајќи назад и припивајќи се пак до ѕидот. Но, уште веднаш потоа срнчето веќе не си веруваше себеси. Оддалечено од печката му се стори дека се исплашило од ништо. Се доближи, полека, прикрадувајќи се на она место, го поткрена предното ноженце божем да пречекори уште еднаш, но ноженцето сега сосема само му се врати назад. И срнчето отскокна пак, сврте неколку пати поигрувајќи по собичката, секогаш повторно доаѓајќи до она место и секогаш сè побезумно отскокнувајќи назад. Огнот беше откриен побезболно и попросто отколку што очекуваше. Но, тука беше и купчето сено, беа и трошките леб, беше и црпката со вода, и прозорецот, и уште многу други работи што требаше да бидат откриени тој ден. Срнчето многу често знаеше веќе и да потскокнува од задоволство по топлата просторија, а Змејко везден £ се смееше на таа врашка игривост, живееше само со неа. А кога она враже истркала и потаму неколку ситни зрнца од под опашката, Змејко му ја отвори колку за една рака онаа другата врата што водеше во работилницата, и го пушти и таму да открива. Знаеше дека на неговиот гостин му е потребно малку повеќе простор за неговите игри; и дека тој сега ќе може и самиот да си го изнајде тоа и не отиде по него. Дури тогаш го забележа приквечерувањето. Пред прозорецот продолжуваше да се рони густиот невидлив снег. Се продолжуваше, тивка, нечујната трпелива игра на белите црешови цутови на снежинките. Беше поминат таму уште еден ден без него, во кој животот колку што може се прибра подлабоко под својата коруба и таму дреме, згуснувајќи го својот сок во соништата за она време еднаш кога ќе може да развие. И тука, и во оваа бела пустина еднаш ќе мора да дојде денот, кога ќе престане тој врнеж. Мислеше дека сега, набргу, во еден од следните неколку дни, ќе му биде крајно време. Гледаше како тивко се искончуваат невидливите квечерини. Уште три дена врнеше тој јужен, завиорен снег. Уште цели три дена небото стоеше налегнато над врвовите од највисоките дрвја и разденувањата се исцедуваа едвај да развиделат и во Белата Долина. Пред Змејковиот прозорец продолжуваа игралито да потреперуваат и да се колебаат дали да паднат на земјата, или пак да се вивнат одново нагоре, божем одбирајќи го местото за своето слетување, тие немирни воздушести снежинки, што надоаѓаа во роеви-роеви и носеа сонливост и чмаење. Ја чувствуваше и во себе многу добро исконската прибраност на сè пред тој висок снег што го покриваше сиот свет; беше притивнат како едно од сите оние дрвја околу неговата куќичка. Продолжуваше да трае, живеејќи само со некоја срцевина, провлечена како црвена врвца по најскриената средина по своето тело и од своите денови. И којзнае заради што, но низ сето време тој многу често во своите притивнати размислувања се среќаваше сеедно сè со еден лик, сè со името на еден човек. Тој човек беше оној старецот Дуко. Често му се случуваше по цели часови да мисли на зборовите од Дука. А бидејќи ја сочува навиката да разговара со своето срнче, тој знаеше најчесто тие неколку нему, на тоа живинче да му повторува сè што сакаше гласно да каже. – Дуко еднаш рече, – му зборуваше на срнчето додека го хранеше, – дека најјунак е оној што може најмногу да чека. Мислам сега знам што сакаше да каже. А ти, знарш ли? Но и секогаш, кога ќе помислеше првпат на оној старец, еден благ јазик тага го полазуваше по сета снага. Не прилегаше воопшто на некакво бесмислено испразнување; беше една дебела матица живот, натопена со највистинската тага што ја има. Беше затоа што Змејко отсекогаш мислел дека оној старец, оној Дуко таму, е еден од оние што вечно ќе траат. Дуко беше единствениот човек кого што за сето ова време од Задругата, го имаше крај себе и со кого можеше да разговара за сè. Знаеше секој израз од неговото лице, секоја сенка во неговите црти; имаше еден постојан впечаток дека го гледа пред себе, она лице, а додека ги изнаоѓаше неговите зборови, на Змејка му се причинуваше дека тој едноставно го зел на себе дури и ликот од оној старец. Просто го сеќаваше на своите рамена тоа тупо, но под површината и толку благо лице, од чиј поглед ниеднаш не престануваше да се точи некоја длабока, нагорчлива и потсмешлива добрина, која немаше ништо заедничко ни со двете големи торби под очите, ни со длабоко и несиметрично врежаните старечки долини околу устата, нити пак со неговата тврдо скована брада, веднаш под која се слеваше јакиот јунечки врат. Но, најпрвото што ќе го видеше на тоа лице секој, беше токму онаа добрина во погледот во која се капеше сè, и пред која секој мораше помалку или повеќе да се потсмевне, да се отвори. Иако во себе се криеше таа и нешто многу диво; и нешто многу просто и сериозно; тврдо. Со тој човек Змејко беше заедно уште од најпрвиот ден во Задругата. А потоа веќе само тие двајца и можеа да речат дека оваа куќичка на пиланава е нивна. Ја градеа заедно и заедно остануваа во оние сите изминати лета; ја знаеја како дише секоја педа од нејзините простории и им го имаа во рацете допирот на сите греди, од кои што беше и создадена таа. £ доаѓаа толкупати и секогаш како дома; тоа можеше да им трае сè до есеноска, кога ја напуштаа сигурни дека напролет пак ќе £ се вратат. Но, овојпат беше потребно да се дојде среде зима, и Дуко повеќе не можеше да £ дојде. Оној старец, прикажан по сите нивни села со своето молчење, а бездруго уште повеќе со оние ретките зборови што ќе ги кажеше еднаш, за пота тие да земат да кружат меѓу сите луѓе; оној старец, засаден во овие планини и заборавен од кога, како некој стар даб, рапав и сиот од некакви извиени жили, како судбина, без чиешто присуство животот би го изгубил чиниш одеднаш своето небо, некој темел врз кој исто така се држи, – сега повеќе не можеше да дојде. И тоа беше првиот чекор кон некои далечни страни во секого од нив, кај Дука веќе и сторен. Безразлично што Змејко го изнаоѓаше неговиот лик жив во секое катче, во секоја шега, сеќавајќи се просто како натопен во него; бездруго отаде што и целата таа зградичка беше натопена од здивот на оној старец Дука. Беа и траговите од големите Дукови раце; траговите што ги остава секој да лебдат по неговите стапалки во животот, кога самиот него повеќе го нема да им дојде; безразлично што овде и едното и другото беа сè уште живи... А оној старец како да беше токму така сиот останат и со својот здив овде. Змејко низ сето ова време се мачеше ниеднаш да не ја изрече до крај таа мисла; но ни мкислата ниеднаш не го остави него. Тие повеќе ниеднаш не ќе можат да дојдат заедно овде; и дури сега, на крајот, одеднаш воопшто не како ниеден коб. Инаку, што можеше друго да значи нивниот заден ден во селото, последната нивна средба. И заедно со тоа меко, но и беспределно такво, трпко полазување на тагата, мораше еднаш да се разбуди докрај во сеќавањето и сиот тој ден, до последниот трепет во него. И да го каже докрај она што беше појден да го каже. ... Ги повикаа преку задружната разгласна станица во управата на Задругата, нив двајца, него и Дука, а гласот на здружениот курир се изгуби ветерничаво меѓу куќите, приклекнати под тешкиот снег. И тој уште од далеку можеше да го види како се пробива од кон неговото маало по снежниот сокак, загазувајќи пак тврдоглаво своја дира, оној старец со едно бреме волнени шалови околу вратот. По некое време, влезени во оваа врата сам по сам, веќе стоеја пред Претседателот. Претседателот тогаш и им рече дека треба да дојдат ваму, во Белата Долина. Беше едно едвај забележливо вртење со главата во оној старец до него; Змејко дури тогаш и се загледа во неговото лице. И виде: тој Дуко, што стоеше крај него сега, повеќе и не беше оној неговиот Дуко. Беше само еден осумдестгодишен старец од кого мирисаше – корнеше некаква беспределна бол. Некако во истиот миг тоа го откри и Претседателот. Се избезумија од тоа, и тој, и Претседателот, иако тоа беше само некаква едвај забележлива повенатост и зимурливост со просенување на смил над старечките црти. „Тој може, – рече тогаш Дуко. – А јас, јас повеќе немам што да се гризе од мене. Еден човек кога има осумдесет години, станува сиот трат. Можеш само да си ги наполниш забите и да ти трпне од тоа целата уста. Кршете вратот од мене, чакали ненаситни, зарем не ви беше доста? Јас пак помислив им текнало на децава да фрлат на старост некоја помош, а тие – уф...“ „Ама“, се најде приклештен Претседателот. „Не можам. Чу!“ Тоа беше вик. Еден туп старечки крик, од него одекна целата зграда, тој и на сокакот се чу. И Дуко замина. Отиде, носејќи го своето незамисливо бреме од волнени шалови и една навидум само површна раздразнетост. Дуко си замина лут и на неговото здравје. Тука се рзаминуваа. Ни Змејко не можеше да остане само со тоа во себе. Истрча од канцеларијата. Старецот веќе заминуваше нагоре по средселото. По стар навик, тој ни сега не одеше по разгазената врвица; и сега цепеше тој по снегот нов пат, само за себе. Злослутна упорност, или само обид... Од која едно време Дуко застана и зеде да се веднува. Дури тогаш Змејко се реши да истрча кон него. И првпат во животот го виде оној старец испотен и задишен. Не рекоа ни збор. Змејко само го фати за мишката и го поведе кон патеката. Можеби постоеше и некаков отпор; но тој повеќе не сакаше да води сметка за него. Го совлада тој сè уште непреклонет само во мислата за себе старец, и немилосрдно замина нагоре. Го водеше дури не се добраа до самата негова порта. Старецот тоа не би му го позволил ни на својот син. Само се погледнаа, застанати на портата, а потоа тој го пушти. И старецот, првпат без да го покани, отиде под тремот. Уште тогаш, додека се враќаше кон управата на Задругата, знаеше тој дека стариот е готов. Стариот не сакаше да се предаде; вечерта тој дури испрати дете кај Змејка; порача да му подвикне, изутрина кога ќе тргнува, како што правеа секогаш, кога се договараа да идат ваму. По детето му одговори дека ни тој сам не се согласил да дојде, знаејќи уште посигурно токму од таа негова постапка, дека стариот е веќе навистина толку проклето, но и крајно неодменливо готов. Тој не сакаше да се предаде; но тоа сега повеќе го значеше обратното од што кажуваа зборовите. А кога тргнуваа со оние двајца во црните зори, тие само помолчеа крај Дуковата куќа. Болеше тупо и сегдепроникливото, тоа постојано, само привидно странично сознание за старецот; беше една судбинска бол за животот што мора да заврши еднаш, и тоа сега на сите длабоки трагови од неговите старечки раце во овие простории им ја даваше таквата сè повообичаена можност само да потсетуваат далечно и сè посмирено, сè поулегнато на себе. Тажно. Знаеше сè. Знаеше дека старецот не го поканил дома најмногу заради она, што го рече за помошта пред Претседателот. Знаеше секоја таква работа, која беше толку далечна од зборовите, што се чинеше дека не може никогаш да се дознае. А сепак, тој ја знаеше и неа. Та тоа беше Дуко; оној неговиот Дуко. Сакаше барем да живее, ако не можеше и потаму да доаѓа ваму. Сакаше барем да остане, и тој понекогаш да може да му појде, да поседат и да помолчат заедно. Но, сето време беше свесен дека оној не ќе може да издржи долго, без да доаѓа ваму, без да работи. Ќе се истопи како свеќа; него работата и го држеше досега. А не е да се крши кон ниедна друга страна... Би сакал толку да го најдам жив, помисли многу пати тие денови. Ако ништо друго, би сакал барем да го простасам и да му го понесам ковчегот. Тоа е она последното што можеме да си го сториме еден за друг, ние луѓево, мислеше. Беше сето време тажен, тоа беше неразделно од онаа прибраност во срцевината; тоа и £ ја носеше густината и длабочината нејзе. Само додека го хранеше срнчето или додека го упатуваше во некое ново откривање во својот небогат свет него, забораваше на сè друго и ја изгубуваше за некое време и таа своја тага. Инаку, секој ден наново ги повторуваше и тој сите движења од вчерадента; тоа беше веќе вкоренето и во неговото тело така што без нив не можеше ни да биде замислен ниеден и од тие негови дни. Во утрината не можеше да се смири, ако не развртеше неколкупати широко околу пиланата, загазувајќи до појасот во снегот, а квечерините не пропушташе да ги испрати до нивниот заден миг, веќе припнат и расплиснат на прозорецот со секој свој усет далеку од себе вон. За кога ќе се стемнеше да може секогаш одново, изострен до усвит, да почне да ги исчекува, скоро како пријателски довикувањата на гладната дивина. Откако ќе нагрвалеа и тие секое од својата нова беспосока, тој дури тогаш го крмеше своето немирно срнче и го тешеше да не ги зема толку при срце сите тие недалечни завивања, сè додека не се смиреа и не си заспиеја секоја на своја страна. Јаренцето се покажа една многу смешна животинка, која во утрините бргу и сосем забораваше на дивината. Тоа знаеше тогаш да застане пред излезната врата и да чезне за надвор, со оние свои очиња, така што тој можеше само да му отвори. Тогаш срнчето скокнуваше како бесно во длабокиот снег и запливуваше по него, дури не се запреташе на некое место и не папсаше од сите свои бесмислени скокови. Или додека не се притиснеше до некое стебло, скоро исчезнувајќи од пред погледот. Го дигаше на раце и го враќаше назад, и дури тогаш, за едно извесно време, и двајцата ќе беа задоволни и заздишани, а срнчето продолжуваше да го прогонува и да му ги лиже прстите. Беше една добра игра, макаршто нему и не му беше многу весела. Сигурно беше така и со срнчето. Сеќаваше во многу наврати дека е така. Сето време, додека ја играа сонуваа за преврнувањето; тоа беше првата работа што требаше да се случи, пред да дојде сè друго што го сакаа на свој начин секој од нив. Сега тој веќе не знаеше ни кој ден е откако беше дојден тука. Не беа многу денови, но нивниот број беше неодреден во неговата свест. Беше матно, како оној врнеж што сè уште не сакаше да запре. Јаренцето можеби мислеше дека тоа зависи од него; затоа, додека ја играа својата игра, тоа постојано гледаше кон него. Но, и тој сето време се обѕрнуваше наоколу, ловеше дали од некаде не се подал некаков и најмалечок знак, според кој ќе може да се понадева дека бргу и ќе го прекинат тоа нивно заедничко самозалажување. Сонуваа за тоа. ... Најпосле, еден таков изгубен ден, небото сето одлета нагоре и стана бело. Снегот сè уште фрфулкаше, но тоа сега воопшто не беше оној густ врнеж. Беа само ретки и сосем ситни снежинки; тоа како да се дотресуваа од дното на небото некои задни остатоци. Тоа го донесе разденувањето, кое сега беше бело и преполно некаква скоро чудна заискреност. Белата Долина беше зарамнета од високиот снег, а сите грмушки и нерамнинки по неа сега беа благи бели хумки по волшебно меката површинка. Шумата што почнуваше веднаш тука и ги обрастуваше догоре обете високи странки од долината, беше престорена сета во еден раскошен бел вез, во кој секое дрво претставуваше по една чипкаста плетенка окит. Целата шума како да беше еден голем кристал во сончев ден, зрачејќи некоја таква неповторлива нечепната девствена ведрина и мекота со сите свои бели гранки. Му беше потребна целата утрина за да £ се нагледа на таа волшебна шума под снегот на млечната виделина; а таа веќе сè посигурно грееше од високото небо. Сега знаеше дека го пречекал преврнувањето. Но тоа не беше ни единственото што го чекаше тој. Затоа уште во белината од тоа огревање на небото тој бараше некоја нишка, според која ќе може да го погоди она што доаѓаше допрва. Ќе биде ли тоа северната цибрина што со своите бели ноќи веќе се задава кон него од негде? Или пак од истите тремови таму, како разуздани бели коњи, се спремаа да ја истрчаат земјата и да ја стоплат питомите ветрови југовина? Кога би дошла, мислеше и ја посакуваше неа; само кога би затрубила со своите топли налети, една таква богата југовина. Боже, кога би одврзала, мислеше само кога би отпуштила, кога би погалила со својот допир, и би заплиснала, да потече... Со тие исчекувања во себе, што му ја зајазлија веднаш сега неговата радост со првиот ден со високо небо, тој бргу веќе не можеше да остане на прозорецот. До вратата стоеше којзнае од кога неговото срнче со кренато замечтаено главче. Го испушти и долго се валкаа по мекиот снег. А кога го врати назад, во собичката, и кога виде дека ни сега не може да остане тука само со него, Змејко ја зеде пушката и просто истрча низ вратата. Мислеше дека ќе биде само една од вообичаените утрински прошетки околу пиланата. Мислеше дека би можела да му биде една само малку подолга прошетка, заради таа прекрасна белина на денот под високото небо, заради огреаноста на Белата Долина во тој ден. Беше разоден по длабокиот снег и ведар, не очекуваше ништо. Но, му беа потребни само стотина чекори надолу, под пиланата, за уште веднаш да биде сигурен дека не ќе се врати бргу назад. Беше задоволен што ја имаше понесено пушката и доста фишеци во пазуварката. А таа спружена бразда, таа свежа ораница во снегот што можеше да биде догледана уште од далеку како ја сече неосквернетата бела зарамнетост од крај в крај по самата средина од голината, можеше да биде само една веќе и недвојбено сомнителна дира. Сега беше застанат над таа длабоко вкопана бразда и знаеше дека е поминат тука еден од оние сами диви вепрови, еден таков самјак каков што може само да се сонува. Без скршнување, расцепувајќи ја целината на снегот во една права линија, самјакот ја имаше пресечено остро Белата Долина, префрлајќи се од шумата од едната нејзина страна кон шумата од другата токму по стародревната врвица за една ваква зима. Оставајќи ја по себе оваа своја длабока трага, во која можеа да се распознаат не само стапалките од неговите копита, големи колку на јунче, туку и некоја поцрнетост од кирта од обете негови бедра. Беше еден од оние зрели самјаци кои и не обрнуваат внимание колку е длабок снегот, за да продолжат да ја бараат и да си ја пронаоѓаат својата храна, или да се префрлаат од една сурија до друга, семенејќи за новиот пород. А според дирата што ја имаше оставено зад себе тој, можеа да чекорат слободно едноподруго двајца помалезави луѓе. Според тоа колку добро се распознаваа отпечатоците од стапалките Змејко можеше да погоди лесно дека самјакот беше поминат тука сосем неодамна, најмногу пред два часа. Додека прозорувало и додека се ронеле сосем ретки снежинките во самото преврнување. Тоа можеше да се види добро според оној скоро пердувест слој наврнат снег во самите стапалки. Сега снегот повеќе воопшто не врнеше, и Змејко можеше да си го замисли многу добро тој грамаден сам крмак, тоа ѕвере со по два заба, вкопани напред во белината, со една огромна снага, под чии скокови и земјата сета татне, како се пробива во мугрите кроце низ неговата долина, веќе однапред насочен и без скршнување. Имал работа со такви ѕвериња повеќепати во својот живот; честопати знаел да ги лови, а неколкупати му успеало и да ги улови. Но, сè што можеше да каже со сигурност сега, беше дека ниту еден, кој било од оние уловените, или неуловени самјаци од неговиот живот, не оставал зад себе толку длабока и слободно размавната дира. А се сеќаваше и за оние неколку случаи, кога само за еден дел од секундата му успеало да се потргне в страна пред нивните извиени остри зави, дури неприродни и грди со својата поникнатост од силната чуручка настрана, и страотни со сè што притоа можат со тебе да сторат. Но, тоа секогаш било еден голем, еден вистински лов, во кој знаеше секогаш да заплови без двоумење, тој лов на осамените вепри. Знаеше да понесе од темно до темно, а многу често да се продолжи и на повеќе денови. Тоа беше еден негов лов, сите во неговото село му признаваа дека тоа е најмногу негов, во кој секогаш се впушташе. И токму таков тој сега неочекувано му стоеше тука, во длабоката трага во неговите нозе, и го мамеше. Беше една вистинска дира, најдена во највистинскиот миг. За да можеш само да изнајдеш една ваква дира веднаш, најпрвата утрина по преврнувањето на снегот, треба многу често да изодиш безброј шуми. А сега таа му стоеше нему тука, дојдена речиси пред неговата врата, и во неа можеше да се прочита едноставно и лесно дека самјакот таа утрина само решително ја сменил шумата; во тоа исто така немаше ни место за двоумење. Затоа тој не можеше да ја прими и како предизвик таа длабока дира во своите нозе. Змејко ја знаеше добро шумата отаде, кон која беше заминат самјакот. Тој ги знаеше по неа и сите млаки каде што можеше да биде задржан оној. А знаеше дека во вакво време дивите свињи најчесто и се хранат со корењата што ги ископуваат по тие млаки; ако не самјаците, како овој, тогаш сигурно суриите по нив, на кои им одеше тој. И веќе беше почнал да мисли каде би можел да очекува да го сретне. Додека стоеше крај дирата, загледан во прекрасниот, создаден за лов ден, во чијашто млечна виделина девјата беа огромни, воздушести и бели, и во кој владееше една таква неповторлива тишина под питомото зрачење на небото, Змејко, и не мислејќи на тоа, веќе и си ги исцрни со неколку јагленчиња од кибритот своите подочници. А потоа, кога очите можеа слободно да гледаат по сета чиниш одвнатре од самиот снег зазрачена белина наоколу, тој само мирно ја допуши својата цигара, – една од ретките цигари што ги палеше само при некој свој празник. – Потем само го настега магацинот од својата долга француска пушка со фишеци, ги престегна опинците, и појде. Замина по својата среќа што сама му беше дојдена пред вратата да го извика. Зачекоре по длабоката дира, по неа навлезе и во шумата. Одеше со чувство дека му гази в петици на она ѕвере напред, што поминало тука не водејќи сметка за него; беше лесно да се чекори по некој широк пат, беше одморен чекорејќи по него. А кога навлезе подлабоко меѓу дебелите стебла под снежната сеница на крошните од дрвјата, тој можеше да се покажува бесшумно во секоја од следните долки што му го сечеа патот. Пред секоја од тие долинки можеше првин добро да изгледа дали на сртчето од другата страна се продолжува трагата, и дури потоа, откако ќр ја изнајдеше со погледот неа, да зачекори побргу до следното сртче. Не очекуваше да го најде во ниедна од тие најпрви зглопки што ги освои толку внимателно; па сепак, и не мислејќи, тој веќе го правеше сето она што требаше да биде сторено до заден ред кога се оди на еден ваков голем лов. Знаеше како може да изненади секој сретнат грм; дека ниеднаш не можеше да биде сигурен што сè крие зад себе секој нов срт, секоја пресека; не сакаше изненадувањето да го прави поголемо отколку што мораше да му биде во ваквите нешта. Тоа беше еден негов темелит начин, за кој не требаше да се размислува. Беше во него тоа исто како да се беше фатил во некое оро, чиишто стапки нез такви, и тој беше целиот во ритамот од таа игра. Кога изоде подоста пат низ јадрата шума сè од огромни дрвја што мируваа над него, целите бели и забиени со своите стебла во неначнатата снежна земја, и кога беше сигурен дека тука, пред него, во следната долка се наоѓа најголемата млака, а дирата сето време досега, како стрела право го водеше кон таму, тој знаеше дека сега ќе мора да ја напушти веќе широката патека што му ја имаше направено оној, и по која беше толку лесно да се чекори. Се оддели од дирата и заоде на десетина чекори од неа, напоредно со неа, продолжувајќи да ја следи по нејзината посока, внимавајќи ниеднаш да не £ се приближи, но и не испуштајќи ја од погледот. Сега беше многу потешко да се оди; при секое ново пречекорување пропаѓаше до половината во мекиот ровит снег; беше заздишен само по првите стотина чекори, но тоа беа и потаму само правилата на таа игра, и она, што можеше досега да оди по дирата, беше само една олеснителна околност за него. Ја доби со своето ризикување дека самјакот не можел да се задржи во ниедна од тие поминати долки. Одеше многу бавно и, застанувајќи за да си ја смири заздишаноста, внимаваше на секое шушкање. Правеше сè што беше потребно да го затече самјакот на легало; или пак само како продолжува да го разнуркува со својата долга чуручка црноземот по млаките. А изненаден, така, самјакот можеше многу лесно да се пушти по истата дира назад и притоа да го собере пред себе и него со оние свои заби, и само додека трепнеш да го разнесе по снегот. Сега, ако сакаше сè да се сврши добро, мораше тој да го види прв. Ако ми успее да го видам прв, мислеше, само тоа да ми успее. Имаше претчувство како онаа долинка отаде да беше полна, нешто слично како кога се држи в рака полн орев, а знаеше дека дури ни тоа претчувство не му е како што треба. Важно беше единствено да се продолжи да се гази внимателно, и да не се заздишува, и да остене присебен. Единствено тоа беше негово тука; сè друго беше нечие таму, кознае чие, и секое негово посегнување таму можеше да расипе сè... Но, колку повеќе се искачуваше по ричката, зад која беше долката со млаките, кон кои право водеше онаа дира, толку почесто здивот почнуваше да му се напнува. Застануваше и продолжуваше да стои дури сето она во него не се разлабавеше сосем. Не му беше сеедно каде оди. Тоа, дека требаше да му биде сеедно, беше добро само за да се прикажува на некој нов ловец. Тоа всушност никогаш и не постои. Беше една празнина под лажичката што мораше да му поигра, кога се приближуваше вака, па ако сакаше да биде и илјада години ловец. Ниеден миг не ги пушти мислите напред, пред себе, постојано ги држеше по себе, крај себе, или само за наколку жекора напред, но онака, како што се држи ловечкиот гонич врзан за синџирот. Ниеднаш не пожела ништо; сето го чуваше за вистинскиот негов миг, дури ни во продолжение на тое сето време, додека гледаше како му се отвора пред погледот таа очекувана долинка, на чиишто млаки помисли уште првиот миг, штом ја изнајде дирата. Требаше да навлезе во неа заклонет зад едно стебло, порастено на самиот раб. Мислеше, приближувајќи му се на стеблото, на своите раце; мислеше на својот чекор, продолжуваше да сеќава некаква неизбежна радост, некаква неизбежна тишина, што му го опфаќаше целото тело, а сето време загледан само во тоа масивно стебло, извиено, вивнато нагоре сето и смирено во својата столетна рамнотежа под беличестозеленикавите висулки бради, со кои што беше обрастено по корубата. Тоа стебло веќе беше стасано да обори на снегот крај себе неколку откинати брадички. И, најпосле тој сосем се долепи до неговата студена коруба, тивок како поглед. Придушувајќи го шумот со дланката, тогаш ја откочи пушката, а веднаш потоа, крадешкум подавајќи се од зад стеблото, гледаше по долинката пред себе. Ништо не му го затскриваше погледот. Дирата, недалеку здола, се продолжуваше до средината од долката, а тука таа се изгубуваше во неколкуте црни паласки копно од млаките. Тука сме, помисли сега повлекувајќи се за да направи само еден чекор в страна. Трите круга копно од млаките беа поврзани со црни врвици, тоа беше дирата. Од последното, најмалото парче копно, дирата беше излезена и скршнуваше нагоре губејќи ја со секој чекор својата црнина, а уште погоре таа се закопуваше во неколкуте купишта смреки што беа покриени со снегот, но на повеќе места ги подаваа зелените вршкови од своите гранки. Над нив стоеше една голема карпа, сета црна, неа снегот ја покриваше како бела, развласена шубара. Сè што беше, можеше да биде токму така. До таа карпа, под неа, во мократа топла земја, во кореништата од тие смреки. Тука сме, мислеше сето тоа време. Имаше впечаток како самиот тој да го имаше оставено тука. Тоа го знаеше уште со првиот поглед кон долинката. Од карпата го делеа само стотина и педесет метра, беше доста далеку за да се мисли само на еден истрел. Но, во сите случаи тој ќе може да испука барем трипати. Мислеше на тоа и на сите секавични движења што требаше да бидат сторени притоа, а сето време не престануваше да ја држи пушката насочена кон онаа карпа. Постојано свесен дека неговата миризба што се искончуваше по белото пространство пред него, самото чувство за неговото присуство овде, макар и неименувано, но и толку единствено вистинско при ваквите нешта, еднаш ќе се засуче како фитил и, сега, или во следниот миг, тоа ќе стаса да се восне до задреманата свест од ситиот самјак. Знаеше дека нема да помине многу време додека неговата појава овде не го гребне по сознанието она притаено ѕвере, а тогаш тоа ќе мора и да се подаде од под својата карпа. И набргу самјакот веќе беше скорнат. Отскокна од под смреките, брефнувајќи така што само во последниот миг смреките го имаа изгубено од себе сиот окит и, застанат еден миг, затскриен зад нив и зад самиот тој развиорен снег, но со нешто малку од себе скоро видлив, задемне и самиот. Рацете знаеја што треба да сторат. Се најдоа во тој миг со оној огромен нерез, со она грамадно ѕвере, какво што Змејко немаше видено бездруго уште ниеднаш во својот живот, толку заедно што тој ниеднаш не знаеше да каже сигурно кој од нив се покрена прв; дали првин тој го повлече чкрапецот од пушката, или пак самјакот отскокна. Во сето тоа и истрелот се изгуби, просто како да не постоеше. Го удри, тоа го сети уште веднаш, уште по тупиот одзвук, уште пред да ја види крвта како се развеја во црвена перјаница како облак, по белината околу тоа погодено, збеснето самјачиште. Но, нерезот и потаму заминуваше нагоре, а тој пукаше уште еднаш и знаеше дека и сега погодил. Самјакот и потаму само продолжи да ја развева во една пепелничава виулица сета снежна целина пред себе, таква виулица не можеше да направи ни најсилниот ветер, додека тој продолжуваше и потаму да нишани. Истиот оној впечаток го имаше тој и при третиот истрел; тој сега речиси и како да си го виде своето зрно, додека леташе како оса и како се закопа во колкот од она страшилиште таму, изнаоѓајќи го само за малку истрането во вилицата. Но, оној продолжи и сега да отскока, како да не се случило ништо, цепејќи ја белината по сиот простор напреку меѓу ретките јадри стебла, пречекорувајќи и по десетина метри во еден заграб, а тој веќе слушаше како и самото тло подмолно протатнуваше од секој негов скок. Тоа оти погоди, и тоа што беше сигурен дека оној беше погоден, сега беше сосем сеедно. Сега, додека самјакот веќе заминуваше преку сртот, сиот обвиткан во виулицата што се развитлуваше на сите страни, половината црвена од крвта, беше сосем сеедно дали само го видел, или пак го удрил. И не само тоа, што оној повеќе не му даде време уште еднаш да фрли, и одвеја натаму, како и дрвјата да се потргнуваа да му направат пат... Остана со пушката в раце, зад своето дрво и бел во очите. Стори сè што требаше да биде сторено, вистински сторено и во вистинскиот миг. Беше сигурен во тоа, и само таа сигурност и можеше да го задржи да не ја земе за цевката таа своја долга пушка, и да не ја тресне од стеблото до себе така, за да ја раздроби на сите нејзини ситни делчиња, од кои беше составена. Подолго време не можеше да направи ниедно движење, онаков скочанет, маѓепсан, згрчено растреперен и блед. Се најде себеси, исправен, со пушката в раце како со прстот в уста, доста подоцна, откако големиот самјак се беше скрил зад далечнот срт; и сè што можеше да стори беше да запали уште една од своите ретки цигари. А сето време, додека повлекуваше од лутиот чад почна во него да се надигнува еден друг инает, кој исто така бргу чиниш го прегоруваше во себе секое такво глупаво чувство и со исполнуваше со некој барем привремен спокој. Остана таков додека цигарата не зеде да му ги пече прстите, а потем ја фрли и веќе загази кон смреките. Првин ги изнаоѓаше сите места каде што беше самјакот, додека тој пукаше во него. Потем ја гледаше крвта од која беше вапцан сиот снег наоколу. Најпосле, застана на сртчето од другата страна, знаеше дека само среќата, неговата среќа, или среќата од оној негов грамаден самјак не сакала да биде онака како што сакаше тој. Можеше да има разлика само од неколку прста растојание од она место, каде што имаше погодено тој во телото од огромниот див ѕвер, до местото каде што било потребно да се погоди; можеше да се види дека тој бил сосем блиску до тоа место, уште со најпрвиот истрел, иако не изнајде ништо особено за другите два. Но, среќата не го стори тоа што можеше да го стори; и тој во еден миг се почувствува наполно осамен, без неа. Сега само размислуваше за сите такви свои ловови и изнаоѓаше притоа дека тие речиси ниеднаш и не се завршиле со првата средба, макар и колку помали од овој да му беа тие секогаш досега во неговиот живот. Еднаш тој дури можеше да мисли дека тоа е само едно обично запознавање во кое можеше да биде направено и првото одмерување, или уште и првото бележење меѓу прогонетиот и прогонувачот. Беше некоја утеха, мала, бледа, но... Остана загледан во крвавата дира што се оддалечуваше пред неговиот поглед во недогледот меѓу ретките стебла што ја обрастуваа белата странка; во неколку наврати се силеше дури и да биде задоволен од сето што провеја онака мигум. Знаеше сега веќе и сосем добро дека ќе мора да има барем уште една средба во тој ден меѓу него и оној црн самјак што беше на ова место само пред неколку мига и тој тоа го виде; знаеше дека ќе бидат очи в очи со него барем уште неколку секунди, и сега мислеше само на тоа. Мислеше дека и тогаш, и уште повеќе токму тогаш ќе мора пак да успее да го стори она, што се бараше од него. И тоа беше сè што можеше тука и да се мисли, и неброено пати подобро да се знае. Беше еден огромен самјак, оној таму, еден таков, за кој потоа се прикажува со колена; замина нагоре, решен да му ја види душата уште со едно прогонување. Дури и безразлично кој кому, не заборави да помисли ни сега. Можеше да биде задоволен макар и со тоа што сега не ќе му ја измеша дирата со ниедна друга дира, што ќе го сретне, затоа што оној што беше бележан тука беше оној таму, и толку од него. И тоа добро бележан, како што се чинеше. Беше пак една шега; пречеше само отровата во неа. Но си ја препозна веднаш и веднаш ја повлече. А веќе беше и зачекорен по таа ретка, во предолги скокови крвава трага, со пушката преку рамо и пробивајќи се тешко, дотогаш додека самјакот не почна да остава зад себе пак една подобра разгазеност, кога престанал да скока, а сето време веќе наголемо размислувајќи каде би можел да очекува да го најде сега. Го прифати сето она, кон што го повикуваше неговиот самјак, на крајот и наполно веќе мирен. Изострен, со трепет, но и мирен. Каде ти, му зборуваше во себе на својот осаменик отаде, таму и јас. Ако ти чини, му зборуваше. Сè додека ни останува пред нас барем уште едно парче ден. Чекореше со постојано изострена готовност по секој свој долг и нерамен чекор, сеќавајќи го сега наеднаш во неговата полна стопленост и понесеност потсветнувањето на секое влакно од своите мускули. Сам и суров, во петиците на една рамноправна суровост, знаејќи што треба да стори во секој од идните мигови. Сето време загледан во снегот, што продолжуваше, иако посмирено, да се црвенее по целата издолженост од длабоката трага, која можеше само беспогрешно да го одведе на вистинското место. Знаеше, сето тоа време дека сите самјаци, ранети вака, како што беше неговиов мораат да застанат еднаш; и не толку далеку како што во најпрвиот миг се чини. Дека тие секогаш се прибираат во некое свое легло, криејќи ја, заедно со себе и болката во топлата земја од честаците. И уште при едно вакво море од снег. Можеше да се надева дека ќе го најде... Далеку угоре по благата странка, кога неговата разоденост беше престорена веќе во една свикнатост од која беше топло и пријатно во секое делче од неговото тело, тој, сосем мирно, продолжувајќи без тешкотии да се пробива, почна и еден обичен, тих разговор со оној свој самјак. Ти ќе речеш дека нема да можеме да издржиме, му зборуваше. Добро, можеш секако да речеш, ти. Немам ништо да ти одговорам на тоа, освен дека ќе се обидеме. Ти си еден прекрасен самјак, еден таков, по кого човек не изгубува ништо ни со тоа што ќе чекори само за барем уште еднаш да го види; ете каков си силен ти. И прав си, кога велиш така. Но, и ние сепак ќе продолжиме да се обидуваме, дури ни е полна пушкава, и додека нозеве продолжуваат да одат. И додека имаме пред себе ден. Само немој да заборавиш, продолжуваше потаму, дека носиш во себе барем едно од сите оние трите мои зрна; и дека местото каде што го носиш него, не ќе да е многу згодно за тебе, штом продолжуваш да крвавиш вака, по целата долга трага. И ти ќе мораш да побараш бргу засолниште со тоа мое зрно во тебе. Другите две можеле да останат и свиткани веднаш под твојата дебела кожинка, задржани тука, без да бидат во состојба ни да те раскрвават; едното од нив можело и да се слизне по твојата четина и воопшто да не те повреди. Но ова, што те тера да крвавиш вака, не ќе да е на некое многу згодно место; тоа може и вака отстрана да се види, му зборуваше веќе сосем смирено и без потреба од секоја отрова на својот самјак. Не постоеше во него повеќе никаква омраза, ни ронка непријателство кон овој прекрасен див вепар, црн и како слеан, со онолку многу сила во своите скокови. Напротив, имаше сега и нешто, небаре некоја чудна близина меѓу нив. Размислуваше дека ни оној, исто како него, не ги поднесуваше суриите, и секогаш низ животот ги оставаше тие да си бидат за себе, заминувајќи сам по честаците. Наоѓаше нешто многу заедничко во таа нивна беспотреба од мноштвото, и неретко веќе се радуваше со сета душа што овој ден му донесе една таква средба, препознавање едно вакво, и едни вакви размисли за сето. Ги немал одамна вакви живи и веќе со сплетена судба. Беа двајца осаменици и беа веќе скоро и пријатели; беа создадени да бидат вакви сами, а сè друго со нив, па и ова денес, беше само нивниот дел од самата природа. Кон тоа ниеден нема ни збор. Па и судбината како да ги имаше одбирано за да ги сретне еднаш, вакви и во еден ваков ден. Како да се работеше токму за еден ваков нејзин предизвик. И тие сега веќе беа повеќе нешто и од побратими, дури и со смешување на крвта. Токму тоа го носеше сега и она негово зрно во прекрасно скованото грамадно тело од неговиот прогонуван брат. Прогонуван; којзнае дури дали и тоа? Баран. Очекуван на местото и во мигот кога ќе смета дека е најмногу силен. Најповеќе тоа. За сето време од своето чекорење меѓу дрвјата, тој повеќе ниеднаш го немаше во себе она подмолно, проклето и застојано чувство од сите поминати дни за себеси сосем и онака пусто сам; постојано беше со оној напред, чиниш некој сопствен одзив, кој со своето постоење му одговараше на многу нешта од самиот него; тоа сигурно и неотуѓиво му го носеше сето време оваа крвава трага, што се протегнуваше меѓу нив, и притоа беше отсутна секоја помисла на бол. Не можеше да биде никако поинаку ни во оној таму, на другиот крај од оваа дира, кога веќе воопшто беа; и кога овој ден ги сретна нив. Мислам дека би било многу подобро, и за мене и за тебе, му зборуваше потаму, кога би застанал некаде поблиску, така, за да можеме уште до вечер да ја имаме нашата нова средба. Навистина, би било дури и незгодно од тебе, не би било твое, кога би продолжил да ја влечеш до некој твој беспредел оваа своја рана; така долго, за да морам и утре да ти идам. Незгодно ќе е со ноќта меѓу нас. Но, не и незгодно, Сè е кај тебе згодно; впрочем сè си знаеш сам. Ти си еден таков самјак, знај го од мене тоа, каков што ниеднаш повеќе нема да сретнам; кај тебе е сè згодно. И негде токму отаде јас веќе знам дека ти и ќе сториш така. Затоа ти идам. Овој ден напред не е празен; тој може да е токму со тоа полн. Туку, да не бараме ништо еден од друг; нека си дојде сè само, така е подобро, и така најмногу ни одговара и на двајцата. Сега знаеме на што сме, и јас, и ти. Сакав само уште да ти речам дека ни јас, по таа средба нема да направам чекор потаму по твојата трага. Сега е сè само од што верувам дека среќата ми била многу поблиска мене; и сакам неа да ја ставам на испитот уште еднаш; тоа е сè што ми останува меѓу нас, сретнати вака еднаш засекогаш и јас еве доаѓам по тебе. Но, штом видам дека повеќе нема смисла да продолжам и понатаму, а тое секогаш и се гледа токму во неа, во втората средба, тогаш и да не сакам ќе те пуштам. Ти бездруго не очекуваш ни сам да те оставам сега; мислам дека ти и самиот го разбираш во мене сето тоа, за да очекуваш нешто такво му зборуваше на самјакот пред себе, некаде таму далеку меѓу дрвјата од волшебната снежна шума, зачекорен и вгорен. Така, во пријателски разговор измина тој многу пат меѓу столетните стебла. На места по снегот немеше веќе ни капка крв; но затоа пак само неколку десетини чекори потаму тој беше целиот натопен од некое густо избликување. И Змејко знаеше сега дека неговиот пријател напред застанал во својата разоденост тука да си ја излади раната, да земе здив. За него, за Змејка, тоа значеше многу. Само по десетина чекори раната пак продолжуваше да ја цеди својата црвена шурка, оставајќи по снегот тешки и речиси црни капки згрушена крв. Но, колку и да беше сигурен чекорот во оној напред, знакот си остануваше знак. Тие веќе неодминливо, како што е ред, ќе се среќаваат дента уште еднаш. Сознајноста за ова му носеше на Змејка еден постојан штрек. Трагата го водеше низ многу млаки и уште преку многу преслапи. Понекогаш, мислејќи на сета онаа крв, истечена по бескрајните снегови назад. Змејко веќе и си велеше дека не би требало да биде изненаден ни ако го најде некаде недалеку напред папсан, или барем само преклонет во длабочината од својата сопствена дира оној негов огромен самјак. Но не; тоа можеше да биде помислено за секој од неговите поранешни самјаци што ги имаше ловено низ својот живот; само не и за овој негов пријател напред. Беа само негови недостискани, зелени соништа. А се сеќаваше на многу вакви прогонувања и со оние помалите негови вепри; знаеле понекогаш да се протегнат во бесконечност, од која најпосле е тешко и да се вратиш дома. Сепак, за сето тоа време, тој не ја сметна од ум својата готовност. Најсилното оружје на неговиот бележан побратим напред и беше тој огромен, недоодлив простор. Знаеше оној дека него, својот прогонувач може да го совлада само со тоа свое трпеливо, постојано одминување. А на Змејка сега можеше само да му биде мака што не си понесе барем малку храна; таа веќе и му беше неопходно потребна за едно вакво лидање. Набргу тој и во својот чекор го сети нејзиниот недостиг; макаршто тоа воопшто не беше во состојба и да измени нешто од неговата решеност. Место сè друго, тој ја наполни неколкупати устата со по еден заграб од белиот мек снег. Во разоденоста и во тој сè поблизок и сè посрдечен разговор со својот побратим напред, тој скоро и не забележа кога ги беше поминал трите огромни долини, што ги знаеше, и како се префрлува постојано од една во друга шума. На тоа мислеше дури кога трагата го искачи на висок срт, извишен над сите бели шуми наоколу, заздишан и со првата болка во колениците. Запали цигара и запре тука, откривајќи дека и пладнето веќе одминало. Помисли уште оти би било редно од овој рид да се врати назад; помисли дека секој умен би се вратил сега, штом она ѕвере можело да изоди толку многу простор. А сепак, не се врати. Замина потаму, по дирата, што беше сè уште испомолзана со оретчени капки крв, а сето ова време беше со мислата уште на неколкуте легла што ги знаеше од оваа страна на сртот, кон кои сега и го водеше оној негов самјак напред. Реши дека ќе може да се врати дури откако ќе ги помине нив. Знаеше оти ќе има ден да го стори уште тоа. А потаму ќе му остане само уште можноста да бега назад, кон својата пилана, без да губи време. Го најде својот самјак многу доцна, дури на последното легало, за кое воопшто знаеше. Во една шума, што се паѓаше веќе и во туѓоселски синор. Но, и тоа беше дел од играта на оној таму; и тој тоа мораше да го прими така. Беше подготвен за средбата, како што беше подготвен целиот тој ден. Уште штом ги догледа оние лески напред, зад нагорничавата голина, по чија средина се забиваше крвавата трага, го одмери во себе тоа. Во тие лески имаше простор и доста топла земја за во неа да може да се вовлече неговиот самјак и да си ја прикрие својата сила, и својата немоќ, меѓу испреплетканите корења таму. Леските беа речиси полегнати под дебелиот снег. Беше изморен, но сега најповеќе и неизоставно постапи според сите правила што ги знаеше воопшто за тоа. Постоја подолго бесшумен во својот завет, а потем се потргна доста настрана од дирата. Знаеше сè што сега беше многу построго и понеодминливо отколку при првата средба. Самјаците и нему секогаш при втората му удирале назад. И ним сега им е најповеќе неминовно да имаат пред себе една длабоко разгазена дира, по која може далеку полесно да се продолжи да се бега. Со нешто помалку подзагубен оган, тие тешко се решаваат да продолжат да цепат напред; а бездруго во нив веќе и одмаздата е зрела. Болта е бол; независно колку е таа нивниот дел од сево... Затоа тој сега се приближуваше тивко, и без здив до едно чамово стебло што стоеше на дваесетина чекори лево од дирата, в очи на оние лески, и стеблото му беше веќе сè поблиску. Сето црно и со својот вечен ореол од густа миризба на смола, несмирена ни под високиот снег, натрупан врз неговите виснати гранки, со дебели густи крстести чикери иглички, ќе му биде единствен заклон. Чекореше колку што можеше побргу, притаен, кон тоа црно стебло, чувствувајќи веќе колку му е сè пожестоко неминовно да го има меѓу себе и оној таму токму него. Беше постојано свесен за брзината со која можеше да се случи сè што требаше да се случи. Сега, кога тој беше толку многу откриен на голината, пред она што беше скриено тука, недалеку, во леските. Брзаше, свесен дека може да биде само за миг, само за чекор – доцна. Доцна, сега веќе единствено само за него. Беше сè поблиску до стеблото, пред уште да е докрај расколебан во својот избор. Проклето не стаса, сепак. Само за едно единствено пречекорување, за да биде застанат зад дебелото стебло од чамот. Само уште за еден замав, за веќе и да се допре до него и малку да здивне. Пеколно доцна, само за здив. Не стаса и веќе се уфна од тоа, проколнувајќи си го тоа свое задно ненаправено пречекорување, а и оној свој пријател, што дотогаш се таеше небаре е отсутен во леските горе, а сега, во најодзадниот миг, го прекина тоа. Бидејќи оној стана токму тогаш, без да го дочека последниов негов чекор. Стана, без да му даде да здивне, начекувајќи го во тој единствен миг од тој ден, кога немаше во себе достатно сила за сè што требаше притоа да се стори меѓу нив. Му остави само трошка време колку да стори нешто барем за себе. Леските се стресоа, како на тоа место да се разбуди некој одамна изгаснат вулкан; снегот се разлета на сите страни, а оттаму уште истиот миг, или можеби и нешто пред тоа, веќе и се подаде огромното црно клопче од телото на оној негов прекрасен, чиниш излеан од некој црн метал, настрхнат самјак, чиктисан уште со својот најпрв скок, со кој што беше излетал од меѓу леските, право кон него. Право кон чамовото стебло само на чекор од него. Му се приближуваше со сè посилно понесени скокови; од нивните единствени удари потреперуваше, протатнувајќи подмолно сета земја, и Змејко сега можеше со свои очи да види како оние негови завиорени в страна грдомасни само на прв поглед заби ги делнуваат како бритки сабји доста подебелите стебленки од дрвцата што му стоеја на патот. Самјакот, сиот крвав по целата страна од левото бедро, сега се судруваше очи в очи со него, и тоа беше страотно, но беше и право. Идеше кон него како виулица, начекувајќи го во единствениот миг, кога тој не беше сосема готов да го пресретне таков. Тоа и беше единствената можност за обајцата нив, и со неа оној се ползуваше, а тој можеше во себе да е само сосем согласен дека тоа беше нешто, што си беше сосема по правина. Змејко го знаеше тоа такво сето време, застанат крај чамот што беше доста дебел, а постојано со едно проклето чувство како некој да го имаше исфрлено на некоја таква судбинска ѓаволска чистина, и сè што притоа можеше да стори, беше да испука уште три истрела, нишанејќи колку што можеше повеќе право во челото од она заскокано ѕвере што стануваше со секој миг сè поголемо и сè понасочено кон него, право на него. Скоро како некој истрел, единствен и неизбежен. И за сето време, додека пукаше остануваше сознаен дека со тоа нема да може да стори многу, бидејќи знаеше сосем добро дека сите делови од телото на тој затрчан самјак беа заштитени во дебела кожа и скоро со непробојна коска, така што на тоа негово место не би му помогнала ни крштеница. Му се стори како да си ги чу сите свои три зрна како се слизнаа од кожата на нерезот и како иссвиреа по воздухот, рикошетирајќи, чиниш погодиле во гол камен. Од она зазбивтано ѕвере, сега го делеа само уште неколку десетини метра, само уште неколку негови скока, и тој имаше во своите жили мраз. Но, знаеше сега и тој дека беше дојден моментот кога повеќе не може да се смета на ништо со пукање, особено не со ваквиот усет за себе, спроти сето ова распафтано бреме од цврсто врзани мускули, слеано и згрчено во скоковите, што наближуваше кон него како виор. Имаше две несигурни раце кои просто и не си ги сеќаваше на своите раменици, а здивот му остануваше сè повеќе празен. Сè што му преостануваше сега, беше да фрли уште еднаш, а потем, кога виде дека ѓаволски не погодил, можеше да го донаправи уште оној свој започнат заден чекор, и да се засолне зад дебелото стебло од чамот до себе. И уште веднаш се покажа дека беше најодзадниот миг за тоа. Тој речиси чу како веднаш крај неговата нога, веднаш до неговата натколеница, просвире остриот заб од она виорно понесено самјачиште на негов дофат со сето негово страотно силно тело. Тоа го пресече така што веќе не можеше да направи ниедно движење. Сега можеше само уште да го гледа како заминува надолу, изнаоѓајќи си ја својата стара дира, она збеснето чудовиште таму. И само уште да ги исфрла по него преостанатите зрна во својата пушка, до најодзадното во неа, а веќе однапред сигурен дека најмалку со нив ќе може да го достаса за нешто осетно да му стори. Сè беше сега веќе само до него. А тој беше згрчен. Знаеше дека неколкупати и погоди, но ниеднаш не очекуваше сега повеќе ни сам дека би можел и да го совлада. Совладаниот, оној што требаше да биде совладан, и што беше совладан тука, беше тој. Застанат без здив и смртно исплашен под чамот, блед, ширејќи ја миризбата на својот страв многу погусто од миризбата на смолата наоколу. Дури сега во стеблото пред себе го виде местото каде што имаше закачено забот; беше како делнато од секира и од него почнуваше да се лишти густа капка смола. Многу лесно тоа можеше да биде неговата нога, неговата натколеница. Беше неочекувана среќа што не беше таа. Потаму можеше само уште да гледа по она црно клопче што стануваше сè помало во оддалечувањето, едноставно збрано во себе и како да се слизгаше по својата дира. Дури не го виде еднаш и како исчезна сосем меѓу стеблата. А тогаш еднаш, којзнае по колку, и по што не, што изврве низ него, наведнат, со пушката преку рамо, во која му беа уште два неубоити фишека, што ги изнајде на дното од пазуварката и ги стави за секој случај, веќе и зачекорен преклонето надолу по широката трага, проклето сознаен дека го надмудрија, дека сиот негов живот, така, за веќе ниеднаш да не се понадева дека може нешто такво да се повтори. Го имаше и го немаше, еднаш, сега. И тоа беше веќе минато. Уште долго го носеше неговиот мраз во своите жили; имаше еден постојан таков впечаток за себе додека се валкаше премален по удолницата, не ни забележувајќи ја воопшто крвавата ораница по снегот, како и таа да беше нешто далечно; како тој воопшто да не £ бил никогаш и никаква причина. И сега ваков проклето мал за да биде воопшто некаква причина за што и да е, не очекувајќи повеќе ништо од тој празен ден пред него, кој можеше да крие нешто во себе за секој, кој било друг, не можеше ни да поверува дека беше и најнеговиот, и најголемиот ден што можел да му биде. А беше, го знаеше тоа сега и според големината на неговата тага, што беше му ја оставил да ја носи... Змејко немаше ни чуено некој од луѓето од неговото село некогаш да сретнал еден онаков самјак. Беше еден нерез за какви што само во приказните можел да чуе; таков ни шумата не е во состојба да одгледа почесто од еден во стотина години. Тежок сигурно над триста килограми; макаршто оваа мерка на некаков неубав приземен начин, ненегов, зборуваше за неговите нешта; му се сретна на патот и го предизвика во еден онаков невиден празник. И тој притоа стори сè што можеше и што беше потребно да стори за да го има. Но, оној не се даде. Се ловеа тие обајцата низ сиот тој изминат ден, некако небаре создадени еден за друг; не можеше да рече дека не му беа дадени на секој сите негови шанси; таквите ги имаа и едниот и другиот во вистинската мерка што им припаѓа при ваквите нешта, и сега беше веќе докрај завршено сè меѓу нив. Со една ваква пушка, и со еден противник како оној спроти себе, па и со себеси во сето, тој сега веќе и признато, не можеше да стори повеќе. И сега беше веќе и крајно време сè поединствено и посудбински; сè поневесело и попроклето да се мири стрпливо и долго со единственото тоа. Во чекорењето снагата знаеше честопати да му се штрекне и да му се згрчи сама; и да се наежави сета на она место од натколеницата на десната нога, до бел усет за бол, за глужд. Тоа дури и најчесто кога сознајно бегаше и да помисли на оној миг. Пребледнуваше, а празнината што му се таеше под стомакот, му се рашируваше по сета внатрешност сушејќи му го грлото и носејќи блага вртоглавица. Беше нешто вон од моќта на неговото сознание; некој беше преплашен во него, и од тоа бегаше исто толку тешко, колку и од своето изморено тело. Тогаш и најчесто застануваше да здивне. Знаеше само, иако ни тоа знаење не му носеше повеќе никаква утеха; но, по време и сè подобро го знаеше тоа, дека една иста ваква празнина под својата лажичка носи и оној таму. Носеше оној од него и нешто многу повеќе од тоа, со сета раскрвавеност по своето лево бедро. Беше сигурен исто дека, ни трошкичка поинаку од него пред да се засолне зад чамот, се чувствуваше и неговиот побратим, кога го нишанеше тој на тоа најблиско растојание, и кога онака проклето не погоди. Тогаш беа и најповеќе едно; беше еден миг што најмалку сака да го возобновува во себе, а продолжуваше сеедно да е во него. И ништо од тој густо збиен миг не можеше да му избега на неговото око. А тоа токму такво, сосем рамно, беше и во оној. Змејко виде сосем добро како тоа му ја здроби снагата на оној сосем недалеку од него заскокан ѕвер. Ако можев некаде да го јадам, тоа можев да го сторам единствено тука, на онаа близина. Но, достојав; а не погодив, си рече. Погодив чипо; чув како притоа и зрното иссвире. Тоа на оваа близина мора да го има секој; го имаше видов дури и тој, иако е онаков голем и силен за десетина како себе. Беше некоја граница, црвена ознака до каде што можеа во тоа и еден и друг. Беа рамни во тоа. Единствено од тоа, знае веќе сè подобро сега, оној и се осмели крај него само да протатне и да не се обѕрне повеќе ни сам. Само онака да просвири со својот заб. Да беше макар и само влакно поинаку, оној лесно можеше и да се потсврти малку околу чамот меѓу нас; а тогаш... Тогаш се знае, човече... Ги имаа обајцата своите шанси; и обајцата сторија сè. Беше еден нивен рамноправен лов, и од него можеше да остане само ова, што го имаа во себе и еден, и друг. Тој не погоди; но ни оној исто така не ќе помисли да го има уште еднаш во онаква близина него. А бездруго дека и оној имал во својот живот секакви спроти себе; и од оние бездруго што се пентарат по дрвјата околу место сè друго... Подолу најде нови крвави заплиснувања; тие почнаа да се повторуваат на места в долж по сета трага, со по стотина чекори празнина меѓу нив; доаѓаа сега од некаде однапред и од десната страна. Некоја нова рана; некоја сосем подруга и проклето за влакно не таму каде што била преднамерена да биде. Но, ни тоа сега повеќе воопшто не можеше да значи многу. Потаму наидуваше и на цели парчиња црна засирена крв, исфрлени до дното од дирата и сè уште недоздрвени. Во едно од нив наиде на луштенка коска, дебела колку неговиот прст. Ни тоа не беше нешто што ќе мени многу. Со сета измореност, што веќе му се гнездеше во секој зглоб и со грчеви во гладниот стомак; со онаа изврзаност во своите жили и со денот што загаснуваше кротко и трпеливо, сето тоа повеќе не значеше ништо. Не постоеше повеќе макар што и да е што би можело да го наполни барем со нешто малку на неговото дно овој ден; и сега неговата јалова белина напред што му беше од зимниот заод зазрачена в лице остануваше за навек само еден јуначки, но за него и неуловен лов. Еден онаков самјак можеше да остави сега и по цели коски по снегот; можеше да направи и цела бурадија крв по должината од трагата, а пак да не помисли да падне, и тој да го најде кутнат во своите нозе. Кутнатиот, онолку колку што во себеси беше, беше тој. Бидејќи тоа меѓу нив на крајот единствено така и се мери. Беше една проклета мерка, и тоа; но и тие двајца ја признаваа единствено неа. И сега сè што требаше да продолжи да прави тој беше само да продолжи да оди. А потаму веќе да ја скрие и сам, да ја засолне својата кутнатост во колипката од својата пилана, и во тоа повеќе не можеше да помогне никој и со ништо. Ја симна пушката само додека минуваше крај долката во која првпат го беше скорнал. Мислеше на некоја таква заумна особина кај сите дивинки да се враќаат секогаш на местото од каде првпат си ги скорнал. Но, и тоа го стори повеќе како да си се шегува со себе, бессилен дури и да си претстави што би сторил кога навистина би го нашол. А потаму, кога забележа уште веднаш дека самјакот без секое двоумење овде продолжил по својата дира, знаеше колку е право и тоа што тие повеќе ни еднаш нема да се сретнат во нивниот живот. Немаа ниеден повеќе за другиот ништо, од ова што сега го однесуваа по својот пат секој за себе. Знаат да зацелејат како ниедна друга животинка, мислеше не без некое задоволство со својот побратим таму. А в раце не ќе ти се дадат, големи какви се, сè дури можат да направат макар и само уште еден чекор. Кога не си можел на местото да ги имаш, или барем првиот ден, тогаш, и ако се за паѓање дури, – по сета загубена крв, – најсигурно побргу ќе ги настигне некоја глутница волци и, ако се совладани дотаму, за да не можат да £ се спротивстават, ќе ја нахранат набргу неа така, за кога ќе стасаш ти да можеш да најдеш само иште некоја бела коска. Череп. Нема да најдеш ни крвав снег, зашто најгладните и најслабите од суриите и него го јадат. А ако успеат пак и нејзе да £ се спротивстават со своите вивнати заби првата ноќ, или ако успеат со нив да го фрлат под нозете барем еден, тогаш знај дека тие толку далеку ќе ја однесат својата рана што не ќе вреди повеќе да се обидуваш ни да ја замислиш таа далечина. Единствената работа што ја имаше за себе од сето, беше само тој пробиен пат во снегот. Беше лесно да се чекори по него, а тоа сега му беше сè повеќе неминовно, ако сакаше да стаса пред ноќ. Чекорејќи, можеше уште да подрече одвреме навреме по некоја пцоста, не знаејќи најчесто ни самиот кон кого. Во задниот миг за тоа, при мрак, беше во Белата Долина. Сè што можеше да донесе во својата собичка тој беше една китка брст, што ја накрши кога се присети на своето срнче. И една лута бол во своите зглобови, во сите глуждови, од која имаш впечаток како колениците да ти се превиткуваат сами. И уште една зината глад, од која скоро се офка. А тука беше и тоа непорекливо ѓаволско сознание за еден тежок пораз. Поразот му се причини уште потежок кога го отвори сандакот каде што ја држеше храната, и кога откри дека таму ја нема уште којзнае колку многу. Тоа беше секако и неговиот гладен поглед, но беше и една опомена, на која не се заборава. Некој беше посилен од него, можеше сè да оди во триста ѓаволски мајки. Тоа беше добро одмерено, тоа го одмерија кога се судрија очи в очи, а ни тој таму не се покажа којзнае како. Барем го вратив онаму од каде што беше тргнат, мислеше; барем го натерав да се врати назад во својата стара шума. Притоа и тој нешто сфати. Беше слаба утеха. Змејко му налегна на јадењето, а од тоа не можеше да му го оддели вниманието ни сето врашко скокарање на немирното срнче во неговите нозе. Следниот ден го најде иззавиткан во тврдото легло, со здрвена болка во сите мускули и во сите зглобови од неговото тело. Во прозорецот, како порој, натпрескокнувајќи се, се плискаше една уште побогата и уште поопределена виделина, чие што млечно бело довикување беше многу посилно од она вчера. Но, тоа воопшто не успеа да го разведри. Тлееше во него, чмаеше некоја собраност да молчи, да не се прават непотребни движења, – та сите движења се сега толку непотребни; та толку донемајкаде е непотребно сега сè, – да се помине колку што се може со помалку покажување на себеси, а од тоа дури и здивот му стануваше притивнат и слаб. Остана долго во кожените ложници што мирисаа далечно на штавење, загледан во една точка, наеднаш неспоредливо малечок за да ја исполни со себеси, со својата будност, дури и оваа своја одајка, и од тоа уште повеќе пристеснет. Беше една толку нерадосна сознајност за себе, оваа сознајност за тоа дека во решителниот миг не му достасало сила, машкост, чијшто никулец го носиме постојано во себе, заборавен, сè додека не нè изненади во една ваква утрина со својата нездржлива нераспнатост; и зарем би можел, каков што беше да очекува него да го одмине...? Сети како по лицето му се прелеа неочекувана насмевка, која не беше во состојба да си ја исчисти ни во своите очи од таа притаеност, дури кога го догледа срнчето, исправено на некако превисоките и претенки ноженца, до самото негово зглавје, сигурно веќе одамна очекувајќи го неговото будење. И дури тогаш, кога се сретна со неговиот веќе скоро спитомен кон себе поглед, можеше да биде барем до некаде сознаен колку длабоко беше зараснат во глувата мов од својата притаеност. Уште ниеднаш ја немал неа таква дотаму, што речиси и не £ го познаваше нејзиниот допир, што заглушува; и сега, најден сиот догуша во неа, заедно и со оваа своја насмевка во неа, тој скоро се размавна да ја отфрли од себе, сеќавајќи се просто задушен. Си рече: Ајде, станувај, што си зел да ми чмуриш тука? Дури кога беше застанат над леглото, виењето во мускулите се престори во сосем одредена болка, вистинита и остра. Беше нешто што можеше да се премавнува; но што исто така и годи. Тој успеваше да ја бори додека си го наместуваше леглото, и додека го палеше огнот, а и после, кога го хранеше своето срнче. Беше само неговиот неодминлив дел од сето; најмалиот. А сега оваа мала животинка му се радуваше нему, вратен и буден, отскокнувајќи преку сè што можеше да биде прескокнато во таа собичка, и палавеејќи по пилотините од работилницата, небаре знаеше токму што му треба. Многу потешко се ослободуваше, сепак, од ова проклето, тивко чмаење, всадено веќе и во најскришното катче од неговата внатрешност и отколку што можеше за таквите нешта да знае. Се мачеше да го сметне од себе сето време додека продолжуваше да се мие пред вратата со снегот; се мачеше да го истрие од своето лице неговиот млак допир, додека притискаше со белата грутка по слепоочниците и по густо обраснатата брада. Ни сам не очекуваше дека ќе успее, со тоа сè поизјаснето во него останато знаење, дека вчерашниот ден и би можел да е, да се има, без да ги остави по себе сите свои секакви, па и вакви траги. Како и да беше сè што беше, токму заради тие длабоки лузни во него. И додека тој ќе мора уште долго да ги носи нив во него. и дека тој ќе мора уште долго да ги носи нив. Додека сите тие денови што доаѓаат, не го смијат со себе барем тој нивен млоав, пајаџинест допир. Би било исто и со радоста; и со една знајна, а бесмислена, непротолкувана радост, која продолжува да поигрува низ тебе по секој успешен лов, мислеше. Нешто површно, ненегово, а сепак е... И којзнае по кој пат по неговото синошно враќање, но сега сосем одредено и како мисла, додека стоеше на прозорецот, заталкан со погледот по топлата виделина од денот, од која снегот добиваше мекота на нафрлан памук, во неговата свест проструи и тоа, за таквото робување, плитко, на едни површни нешта. Мислам дека ќе можеше да биде многу поинакво она што го имавме вчера со она диво ѕвере низ шумиве, да беше со мене барем уште еден човек, да не бев онака сосема сам – еден, веќе подослободен едвај мислеше потоа. Можеше да биде многу порадосно, сето тоа, помисли, а сигурно и многу поуспешно. Тој, другиот, да стоеше малку подалеку од мене, во оној миг, додека јас не стасав до чамот. И да му закопаше барем уште три меѓу ребрата, додека беше далдисан по мене, оној прекрасен, оној судбински самјак. Или барем само уште едно зрно, во плешката, онаков заскокан по снегот... Беше само една мисла, и тој неа не можеше да си ја препознае лесно како своја, сепак; ја отфрли недомислена уште во следниот миг. Но и таква таа остана да демне во него, како отворено око на непрепознавањето. И додека не успеваше ни да си поверува во оваа своја мисла, во самото нејзино постоење во него, неговото тело наеднаш се најде опсукано и цврсто стегнато во зимскиот допир од онаа незаборавна слика, кога забот просвируваше онака веднаш над неговото колено, и сиот се изви. Тоа не можеше да го оттурне ни со раката, со која одмавнуваше неколкупати, ежејќи се. Но, повеќе не можеше ни да се остане на овој раб и да не се завдаде во нешто. Во што друго ако не во она што се спремаше да му го донесе тој бел, заплиснат ден надвор, сето негово богато зрачење. ... Тој ден беше сега навистина полн нешто, кон кое што не можеше никако да се биде рамнодушен. Беше тоа еден немирен ден, и тој полека ги откриваше ветровите што се бореа за надвладување во него. Колку повеќе остануваше на прозорецот, тој можеше сè појасно да го открива тоа, а во длабокото претпладне тоа веќе сосем се одреди, и се изјасни пред неговиот поглед. Понекогаш на денот му успеваше да ја заплисне со својата белина и да ја стопли со своите одблесоци целата Бела Долина. Под високото млечно небо тогаш се зрачеше, зацарувајќи онаа блага плавна топлина што се плискаше од сите разискрени јадри пори таму горе. Но, не многу по ова од својот прозорец Змејко можеше да догледа како неа ја истуркуваат, разматувајќи ја, едни црвеникави, осојничави ветрови што избодинуваа како пепелничава коњица од северното небо, внесувајќи го сосем рамносилно својот наежавено модрикав немир, со оние бездонни пробиви, што ги оставаа по себе во исковитланата и наеднаш сосем поинаква, плаховита смиреност на облаците. Тогаш тој можеше да догледа како веќе и се преметнуваат еден врз друг, и како почнуваат да патуваат некаде на југ, сите тие памучни облаци, добивајќи потрусеност на сињак во своите израскинати пераници и, уште веднаш, штом ќе му се стореше дека веќе ниеднаш нема да има над себе едно онакво смирено небо, еден друг ветер, еден многу поблаг и попитом ветер, многу посилен со својата питома благост, ги земаше пред себе сите тие облаци и набргу потоа тие одново се распостилаа по сета небесна шир, кротки како јагненца и меки. Со секој нов замав ветровите од тој ден стануваа сè повоинствени. Набргу тие почнаа веќе и да крварат, заскокани еден спроти друг, како петли во најжесток судир. Како еден голем, бел петел на јужниот ветер, чиешто цвеќе беше црвено и месјато виснато; и како уште еден помал, но попргав и покавгаџиски петел, со полно модропепелаво во својата кочоперност, а цвеќето му беше модро и настрхнато суво. Нивното бојно поле – денот – £ се подавеше во еден замав до безостаток на нивната крвава пресметка, земајќи ја бојата на секој од тие ветрови, а како своја залога препуштајќи им ги ним токму своите облаци, секогаш и секому само онолку, колку што можеа да си ги одземат, да ги издвојуваат овие двајца лути противници еден од друг. И наеднаш белата мека небеска шир ќе ја собереше сета како во еден здив и ќе ја наредеше на еден стог на хоризонтот, оној северниот ветер, а од средината на високото, крвјосано небо ја гледаш веќе зината, со сета острина на своето срчено око, северната ведрина – цибрината. Во таквите пресврти Змејко за малку што не врескаше од својот прозорец, знаејќи за кременото скаменување на снегот, што можеше да го донесе тој северен ветер. Доколку се случи да надвладее тој тенок, остер ветер, не ќе може ни да се помисли барем малку да се поработи со бичкијата. А тоа и беше она најважното за кое тој и беше дојден. Ете што би било најголемата несреќа што би можела да му се случи нему овде. Тоа надвладување на цибрината, пред која сè го губеше своето значење и стануваше сосем ситно. Отаде и тој остануваше докрај празен и бесцелно зашуткан среде таа снежна тишина. Во миговите кога го имаше на лицето допирот на тој пепелав студ. Дај, богати, разјужи малку, му зборуваше тогаш некому невидлив тука, покрај себе. Разлабави малку, човече, нека омекне и твојана земја. А и мене пушти ми ја водана да можам да сторам, за што сум дојден, со сите оние трупци и со мојана пила. Дај малку среќа барем во тоа, му зборуваше. Но, петлите продолжуваа да крвават, а малку потоа небото одново зрачеше со онаа своја топла белина, наполно мирно во еден миг. Она што се случуваше со тоа небо, беше една работа, која беше вон од секој дофат, и која можеше да трае денови потераници. Можеше само да останува на својот прозорец и да очекува. Малку се израдува кога виде еднаш како прокапаа и капаците од неговата стреа; но уште веднаш потоа виде дека и тоа беше само една слаба утеха. И дека беше потребна некоја многу посилна топлина, некаков многу посилен и почудотворен замав на јужниот ветер, за да може да биде размекнат и сиот оној дебел потрусен мраз, што го чуваше врзан во себе целиот свет, а со него му ја скаменуваше и неговата мртва пилана. Некаде приквечер, кога капавиците од неговата стреа секнаа, тој ја напушти таа празна работа и се тргна од прозорецот. Изморен ли од тие најспротивни пренапнувања, или пак уплашен од сопствениот урок. Сега се доближуваше до сандакот и немаше никакви илузии за тоа колку храна му беше останата за идните денови за него. Сето време тој беше постојано свесен дека храната полека и трпеливо му завршува. Но сепак, тој уште ниеднаш не помисли дека ја има толку малу. Во сандакот му беше останат само уште еден сомун леб, стврднат и начнат на едниот раб, а во другиот агол стоеја уште пет ситни компири. На таванот висеа уште печестина главици кромид, и неколку чешни лук; а на врвката се проѕираше уште еден тенок ремен сланина. И тоа беше – сè. Беше сета храна што ја имаше за сите идни денови во кои допрва требаше да ја пречека водата, и дури потоа да мое и да поработи. Ги присобра уште ситните деланки кашкавал, што беа останати во крпата, во која еднаш имаше цела полутина од питата, а потем го донесе тука и шеќерот што беше преостанат во една метална кутија и реши дека сета таа храна може да му стаса сила-сила за уште два полугладни дена. Сега знаеше веќе добро дека ќе мора да стори нешто, доколку не сакеше да остане да чмае наполно гладен среде тој снег. Беше и едно заскитано крајче од мислата за тврдата удина што можеше да му ја донесе оној самјак вчера. Просто го имаше нејзиниот вкус, кога ќе се испече едно доста големо крваво парче, делнато од неа и посолено, веднаш, на жарот, така што солта да потплуснува додека го печеш, но сосем бргу веќе немаше сили, а ни желба, за да продолжи да се губи во тие сонувања и глодања. Но, тој уште ниеднаш на ловот не мислел така. Првото што го побара кога се исправи, беше сепак неговата долга француска пушка. И тој сега целата вечер ја чистеше неа на виделината од фенерчето, што реши вечерва да го запали. Притоа ги прибра и сите преостанати фишеци. Ги имаше петнаесет, и сите нив, пооделно секој ги бришеше долго со мрсната крпа. Секое од тие шилести зрна, што беа многу помалечки од врвот на неговиот малечок прст, при среќна околност би можело да му донесе по некој богат кус месо. Ваквото туѓо, нечие, прокрадено од принудата мислење на ловот, сега сосем натрапничко од неа, за миг губејќи ја од самото негово гледање сета таинственост што ја имаше до вчера во односот кон него, беше нешто што се изроди исто така во него низ тој единствен поминат ден. А и си беше денот токму за да му се прокраде помеѓу таа проклета притивнатост во сè што правеше со своите раце и што мислеше со своите мисли, нешто вакво големо и туѓо. Нешто како и негова внатрешна побуна кон таа помиреност во неговите движења, што така одвнатре и го разложуваше, и низ сета оваа квечерина го правеше наострен и здивен за уште еден обид. Кога ги сложи сите делчиња од затворачот, и кога го остави настрана сето зглобено и спремно, погледна низ прозорецот. Изнајде таму една ведра, месечева ноќ, во која, како црни сенки, продолжуваа и потаму да се развласуваат по небото топлите јужни облаци. Ветровите надвор ја продолжуваа својата борба, затскриени од синикавата темнина. Северниот ветер имаше голем помошник во ноќта и во нејзиното заладување; седеше тој сега раскочоперен врз заблескотените сртови во далечините, самоуверен и остер во синикавите, разискрени ѕвезди по високата цибрина; но јасно беше и тоа дека сè уште сè таму само еден привид. Потоа веќе слушаше како и низ таа ветрива ноќ надвор почнуваат да се јавуваат до вишенебеси изострените писоци на волците по Белата Долина. И сега можеше да биде и замислена добро сета изгубеност на гладните попусти завивања по таа празна ветровитост. Беше гладен, чуваше во себе едно тивко сожалување кон оние неуморни питачи, што £ молитвеа на ноќта, клекнати поколеници и загледани во ѕвездите. Но, беше сеедно и со чувство колку бесмислено може да биде тоа нивно празно завивање. Дури кога си легна во топлата, миризлива темнина на ложниците, по него пак, како некој што постојано го демнел, обрасте онаа мисла за самјакот и за себеси, сам, и одново го потисна во познатата преклонета притивнатост. Сигурно човече, мислеше со едни премалени мисли во себе. Да беше со мене барем уште еден, додека оној се чиктиса право, и кога сакаше да ме разнесе со своите очници, сандакон сега немаше да ни биде празен. Можеше да биде каков сака, оној; можеше да биде и еден од оние што крадат; требаше тој само да ја сврти пушката кон она ѕвере, да ја насочи кон неговите ребра, или, нишанејќи во нив, барем да го закачеше во задниот колк, и сандакон сега ќе ни беше така полн што ќе можевме да ги викнеме на гости дури и сите оние гладници надвор, и пак да остане за нас. Но, тогаш ќе имавме и мегдан да чекаме колку ќе ни се посака, со еден таков полн сандак. Што ќе речеш потаму на едно вакво имање, кое ослободува... Така во него, како црвојадина, неминовна, се вовлекуваше тивката, непозната нишка за себеси – сам. И за себеси гладен. Таа ако не и првобитна мудрост. Таа што сега трпеливо ги бараше низ него сите оние места, низ кои можеше да се вовлече уште и уште подабоко во него. За таму, во неговата срцевина, да може да почне и да се загнездува; и да ги снесе тука своите змиини јајца на сомневањето. А тој немаше во себе ништо со што би му се спротивставил на ова; напротив, самиот му беше негово гнездо. Од тоа, што ткаеницата на неговата сигурност во себе сега не беше достатно густа, што честопати сам си ја чувствуваше таква, пробиена, изрешетена, поникнуваше и го обраснуваше и таа притаеност, и присмиреноста на неговите движења. Една непозната недоверба во убоитоста од својата пушка, во вредноста на своите раце, против која не помагаше дури ни тоа што сега беше просто изморен и сакаше да спие. Но и во себе веќе исто така потајум решен уште утре да изнајде сè загубено од себе. Да најдам барем малку храна, мислеше просто, залажувајќи некого, за тоа. Но, и после, и кога беше совладан од тешкиот сон, таа црвојадина продолжуваше да го глода. И да ги населува и неговите соништа, терајќи го и таму, и во соништата, да продолжува да се ежи и да се преметнува. Да стенка и, со некакво чудно завивање, да им се одѕива веќе и неизмислено на сите оние расплакани и закискани од ветрот лелеци на дивината надвор. Она, со што највистинито им се одѕиваше тој ним, беше некаков плач по себеси неначнат и цврст, што се извиваше осетно до бол и во секој лелек од таа ноќ. Па така веќе сосем природно и во оној, што поникнуваше од неговото легло. Ја затвори зад себе вратата од својата пилана во самите искричави полутемнини на ѕвечкавите зимни мугри. Замина под високото небо со темносини паласки длабочини. По тоа небо, како јадри, развиорени искри, како сега полетани искри од некој развален огон, некаде зад источните планини, бели и јасни, речиси пред неговиот поглед се раштркуваа утринските ѕвезди. Снегот беше замрзнат и чкрташе како ѓаволот под неговите стапала. Тоа траеше сè дури не навлезе меѓу дрвјата. Под нив снегот беше мек и го зафаќаше високо над колениците. Чекореше по него, вардејќи да не се заздишува; тоа и оваа утрина му беше потребно повеќе од сè друго, додека се искачуваше меѓу сивите контури на столетните стебла, полека и цепејќи го снегот во една права линија нагоре по стрмната странка; често застанувајќи да се смири. Мислеше дека треба да биде мирен, најмирен денеска кога од тоа зависеше и дали ќе продолжи да биде гладен. Така и се пробиваше бесшумен нагоре, со едната рака постојано на пушката, чиишто железни делови веќе од самото излегување му се лепеа за јаболкцата од прстите од студот. Беше искачен до средината од странката, кога го виде денот. Денот беше еден остер заплисок заискрена белина, како бран, како еден бран од виделина, удрен во челото од онаа страна на пиланата, по чијшто грб се искачуваше тој. Од тоа столкнување со пиланата, денот, како усвитена и раздробена лава, се подаваше над врвовите, разбиен во најпрашинести искрички, а под неговата светлина планината стануваше челично сива и снегот под стапалките почнуваше да пршти, корав и тврд. Небото беше сето растворено во таа сивина, станато некако изгаснато модро, без ниедна ѕвезда и скоро исчезнато. Само со една половинка изгасната месечина, ниска, бела, и разјадена сосем од тој сеопшт искреж. Беше стасан токму на време. Денот го затекнуваше на самото место, каде и што го очекуваше. Постоја малку и со погледот лесно ги изнајде неколкуте шпели, за кои знаеше по таа угорница, некаде на нејзината најгорна половина. Беа веднаш над него, замина кон нив. Знаеше многу работи за дивите кози. Знаеше како треба да се ловат сите дивинки, но за дивите кози тој сега просто почувствува по кожата како се приближуваат оние волшебните пет минути, што се исто толку потребни за тој лов, како што е потребна и пушката. Од близината на таа доба тој речиси и потрчнуваше сега, додека се прибираше кон карпите. А кога беше дојден до нив, можеше бргу да го изнајде и местото, што ќе му биде најпогодно за демнење. Само се потисна во заветот зад еден извишен клин од каменот, и веќе не му беше потребно ниедно друго движење. Сега беше среќен со тоа што е толку добро сместен, а тука беше и неговата долга пушка, чиишто метални делови и потаму се впиваа врашки во јаболкцата од неговите прсти, но со која тој можеше од своето место да ракува многу добро. Тука беа и десетте фишеци што ги понесе; шест во пушката и другите четири во џебот. И тоа беше сега сè што му беше потребно среде тие шпели. Пред неговиот поглед, откриени од сите страни кон него, стоеја премазни белите рабови од сртовите. Беше во нивната средина, како во толчникот од еден таков огромен бел цвет, и можеше да ги опфати сите нив само со еден поглед и без да направи ниедно поостро движење. Таму, горе, по белините од скаменетиот снег, по кои се распознаваа траговите од јазиците на ветровите, почнуваше да зацарува некое волшебно усвитување, и тој знаеше дека го носи тоа оној сега веќе сосем неразбиен бран на виделината, што продолжуваше само да надоаѓа од зад планините, додека во сенките под него сè уште лебдеше густата модрина на ноќта. Беше згора над таа модрина, високо горе, заедно со тоа разискрено утро, ѓаволски добро за лов на диви кози, со сиот тој тврд снег и со далеку несмирениот раскош на разденувањето. Сега беше толку ведар, што речиси и не се чувствуваше себеси. Исто како да не постоеше ни за себе, затскриен зад шпелите во таа цибрина. Остануваше да постои само неговиот изострен и сеопфатен поглед. Очекуваше, постојано со некој страв од секое свое движење, како да се вардеше да не го исплаши и самото разденување што газеше околу со плаховит чекор на срна. А за сето време внимаваше само да не испушти од својот поглед ниту најмалечок миг на ниеден од сртовите над себе. Полека почнуваше и да ги сонува како наизлегуваат од некоха страна; и како се нанижуваат по рабовите од високите сртови, знајните од некој сон врвици дивокози. Една од оние нивни низи што секогаш го пречекуваат сонцето во таквата единствена синџиреста прошетка. Немаше ништо друго во себе, притаен во тие карпи; немаше дури ни вабење. Змејко знаеше многу ловци што ги вабат. Сега можеби би било добро и во него тоа, вабењето. Но, нешто и потаму одново не му даваше заради својот празен сандак и да дозагуби докрај сè свое во ловот. Сакаше да си зачува барем дел од убавината на своето исчекување и остана мирен. Му беше некакво залажување, сето тоа вабење од карпите, не сакаше никого да го прелажува и никого да го моли, го отфрли. Сакаше, најпосле да си продолжи да си биде тој; та токму затоа и правеше сè друго; за тоа беше излезен и оваа утрина. Кога се вабат, мислеше, секако не е ни толку вистинско, за да биде онака добро, какво што треба да биде; тоа го разјадува дури и чекањето. Секако дека не може да биде толку добро, тоа вабење, кога на некои им доаѓа и така што тешко се воздржуваат да не се разврескаат. За сето време, додека го мислеше тоа остануваше свесен и за својата глад, а мислеше и на следните денови, небројани што мораше да ги помине долу, во својата пилана. Најпосле, сè што произлезе од тоа беше само нешто како: Дојдете, вие козички... Или повеќе: Би било добро, кога би дошле сега... Но, тој ниеднаш не ги молеше. Тој просто не беше роден за да може да го прави тоа. Можеше тоа да биде и оној дел од него што продолжуваше сето време да знае дека тие еднаш ќе дојдат. Дека каде и да се, ќе дојдат сигурно на сртовите, сите оние итроноги и плашливи козички; дека тие не ќе можат да не наизлезат за да се прошетаат по еден од овие сртови пред огрејсонцето при едно такво разденување. Знаеше дека секогаш доаѓаат. Навистина, тој беше доста далеку од многу сртови; навистина можеше да биде и малку погоре, во една од погорните шпели, но барем успеа да ја зачува докрај својата затскриеност, а тоа сега секому би требало да му биде доста. Најпосле, секогаш бил сигурен во својата рака, кога имаше со себе една таква пушка; и едно место од каде можеше да се дофрли до секој срт. Не постоеше причина ни сега да не биде сигурен во тоа. Продолжуваше само да чека; сè друго беше послешна работа. И сеќаваше како станува сè поостер со своето приближување, оној миг, што го исчекуваше. Трепереше пред тој миг, но беше и некое задоволство додека го сеќаваше како му наидува. Тоа можеше да биде и следниот миг, не можеше ни уште којзнае колку долго да трае тоа негово приближување. Имаше нешто полно и глуво, нешто сосем решено и тупо од тоа, како некој полн, глув одзвук, сиот тој мир околу него, и сиот негов мир; тоа му го придушуваше здивот. Беше едно надоаѓање што никогаш не се одѕива од другата страна; но тој беше достатно стар ловец за да може да го сети вистинскиот миг, токму според таа притаеност. Немаше, сепак, никаква сигурност; продолжуваше и потаму да осѕанува само чекање. Огромно. И негово. Беше бессилен и попуст секој обид да му биде осквернето ова. И наеднаш – беше тука. Беше во сиот воздух наоколу, беше во сите планини над него, беше во сета тишина по сртовите, стоеше и во благата огреана синевина на небото, требаше само уште тој да го види. Го бараше со погледот по сиот снег наоколу, што наеднаш се усвитуваше, вцрвенувајќи се, што се запалуваше од таа црвенина, престорувајќи ја целата планина во една огромна кристална снежинка, на која слетуваа како румена пајаџина нишките зимно огревање на денот; а сè до што ќе се допреа тие, стануваше уште еден рубинен одблесок. Го сеќаваше дека е тука повеќе со здивот, според некој трепет по внатрешноста, сета; знаеше дека беше дојдено на тие рубинени сртови најмногу со својата кожа, по која она беше веќе и некаков игрив допир, а за сето време продолжуваше да лази со погледот по сиот рубинен свет крај себе, не испуштајќи ниеден миг, но и без ниедно поостро обѕрнување. Најпосле можеше и да ги види. Ги очекуваше целата утрина токму на оној срт, а сега ги гледаше како се подаваат од зад него. Беше првин едно невистинито прострелкување, кога не си сигурен дека не е тоа можеби само една одроната трепка во својот погледд, но уште следниот мкиг можеше веќе и да ги гледа. Една долга врвица од дваесетина дивокози се нанижа на најостриот дел од сртот; беше еден црвен срт, а дивокозите наизлегуваа чиниш прозрачни и како сонувани по него, недофатливо високи и тенконоги, целите како во некој сребрест оклоп на одблесокот, дури црвени од него, со стократно зголемени сенки, што се испружуваа дури до другиот срт отспротија, зачекорени и мирни. И сосем, сосем спори во приближувањето. Знаеше дека се такви и од сета игривост што ја имаа; во нивниот синџир беше собрана игривоста од сето тоа севкупно разденување, таа и ги исполнуваше нивните само привидно стамни и одмерени движења. Но, знаеше и дека уште во следниот миг можат да исчезнат, како изветреани; знаеше дека може да ги потплаши само едно мало сомнително раздвижување во воздухот, што не дошло од нив. Бидејќи беа сознајни дека се сами на тие свои вишини, дека тие се само нивни. Дури тогаш се осети задишен. И тоа можеше да биде причина за да ги загуби, онакви воздушести, прозрачни и мирни. Знаеше дека беше потребно само да не биде зачуван навикот ми пушката да се покрене толку бавно, за притоа да не биде предизвикано ни најмалечко бранче во воздухот наоколу, за да остане со празни очи. Но, имаше време, а имаше и место. Се имаше достатно и себеси, за да го стори тоа колку што беше потребно смирено и споро. За неговото движење да не се разликува ни малку по свијата незабележливост од она неусетно движење на сенката околу дрвото во сончев ден. Така ги очекуваше. Сртот завршуваше скоро вертикално над него, но тој не можеше да ги чека да дојдат до крајот. Оттаму тие можеа лесно да го видат. Одбра за тоа една поиздигната вршка понатаму. Беше доста далеку, дури и премногу далеку за секој друг, да ги нанишани на таа далечина; но, беше исто така и неминовно, и сега тој сето време мислеше само на својата рака. Имаше повеќе од триста метра; не паметуваше од колку одамна не му било потребно да нишани на една таква далечина, но сега, откако реши не сакаше повеќе ни да размислува за тоа. Ќе пукаме, мислеше, на онаа што ќе ни се види најмногу наша, а потем можеби ќе можеме да фрлиме уште еднаш, додека се збунети. Веднаш потоа си рече: Не, никако уште еднаш. Ќе пукаме само еднаш. И тоа е сега сè што имаме. И сè што ни останува од сево. Не мислејќи, само го доведуваше предниот нишан кон онаа вршка на сртот. Сега веќе ги гледаше како се доближуваат до местото што го одбра. Набргу можеше да биде сигурен дека тука ќе се исполни и она, што само го прижелкуваше сето време скриено во себе, но што немаше смелост да го оформи во желба. Дивокозите се спремаа да застанат токму на таа негова вршка. Тој знаеше дека секогаш застануваат; знаеше дека тие нивни врвици така и го пречекуваат денот, но ниеднаш не помисли дека ќе застанат токму тука. Никогаш не сакал ловот да му биде таков, каков што можат да го сторат најсреќните околности, бидејќи многу ретко се случуваше тој да наиде онаков, каков што се сонува. А ете, оваа утрина се чинеше дека ќе биде една од тие ретки утрини; и тој сега можеше само да му се љубува на тоа. Ги гледаше како застануваат. Првите дивокози го одминаа неговиот преден нишан. Застанаа подалеку и се свртеа напреку, кон сонцето отаде планината. Сега наеднаш беа застанати сите, застанувањето во нив беше како еден единствен грч, стапка од играта во целата нивна низа. Неговиот поглед беше многу спор за да го дофати барем кај една од нив тој миг. Беше толку наеднаш, тоа застанување во долгата врвица над него, што тој можеше да го види само следниот миг кога тие веќе стоеја, наредени една зад друга, свртени со бедрата кон него, полни со оној црвеникав одблесок. А тоа прилегаше како кога ќе се улови само еден од оние ретки мигови во гранките од трепетликата во летно попладне, кога на неа сите лисја се застојани. Сега дивокозите го пречекуваа денот. Една цела нивна поворка, една литанија можеби од единствените животинки од оваа земја, што така свечено и заеднички му се потчинуваат на тој ритуал на огрејсонцето. Тој ги ловеше нив. Беа толку исти, што немаше ни што да одбира додека ја бараше целта. Можеби ќе му беше најлесно да го земеше на нишан нивниот јарец, што единствен се одликуваше на челото од нивната тенконога врвица. Но, тој беше еден. И Змејко ја нанишани онаа, што беше настаната на самата височинка од неговата вршка. Таа самата се одбра уште кога застана тука. И тој веќе не гледаше ништо друго. Пред неговиот поглед стоеше сета само онаа грбушка на белиот срт. Вршката во еден миг изгуби сè рубинено, израснувајќи во неговиот сосредоточен поглед во еден единствен бел брег, со една дивокоза на најостриот дел од неговата височинка. И сето тоа сега полека се смируваше под чадорчето на предниот нишан од неговата пушка, кој поигруваше сè понезабележливо од неговиот притаен здив. И беше сигурен дека видел. Беше еден скоро нефатлив дел од мигот, но тој успеа да види како онаа, единствена одбрана животинка, го сети на себе неговиот поглед. Беше едно јарче, Змејо сега можеше добро да ги догледа неговите рокчиња израснати правугоре, а таму свиткани како куклушки кон назад, и тоа јарче потрепери еден миг и го побара со погледот; просто како да се помачи да се оттргне од сосредоточеноста на наговиот поглед, да избега пред неговиот нишан. Тоа се обѕрнуваше неколку пати, како фатено, среде сета смирена низа дивокози, а сосема само. Изделено од сите нив со тоа неведомо неспкојство, во кое беше готово уште следниот миг да скокне. Но, јарчето сепак го дочека него. Го чекаше сето време додека тој во своите карпи го повлече вториот раздел. Беше тоа едно многу добро, многу младо и многу пргаво јарче; ги имаше сите убавини на својот род, и човек можеше само да го сака и да му се љубува на тоа како изгледаше, чиниш порастено на оној врв, а и на сите нгови инстинкте. Но, уште следниот миг беше доцна за сè друго, што можеше да се обиде да стори тоа со своите итри нозе. По истрелот, кого снежните ридови го разнесоа како весел одѕив на сите страни, беше доцна и за Змејка да помисли дека ќе пука уште еднаш. Но, сега веќе немаше ни потреба од тоа. На сртот немаше останато ништо. Беше само еден гол срт, како и сите други голи сртови околу, некаде зад траеше огрејсонцето, а сето она што беше таму, можеше да биде само сон, ако не беше уште една црнка, што сега се спушташе полека надолу по чардакот од замрзнатиот снег и доаѓаше сè поблиску. Тоа беше неговото уловено дивојарче, по кое дури и не мораше да се искачува за да го зема. Беше неговиот лов, и Змејко сега можеше мирно да ги напушти карпите и да го очекува каде ќе застане во спуштањето од оние негови висини. Му замина во пресрет, чекорејќи бавно и полека палејќи една од своите ретки цигари. Ниеднаш не го испушти од погледот она клопче, што се лизгаше и ги добиваше сите свои четири нозе, и својата умрцната главичка во приближувањето, и тежината што го влечеше надолу по стрмнината. Притоа, додека го чекаше, тој немаше ниедна друга помисла; не мислеше дури ни на тоа што значеше за него сега еден таков среќен лов; беше само еден благ трпнеж задоволство што се раѓаше во неговата рака и во неговото рамо, и се ширеше по целата снага, обземајќи го сиот во своите топли бранувања. Пушеше, чекорејќи со цевката од пушката во едната рака. Цевката беше топла. Негде на средината од таа бела удолница, по која се спушташе, наближувајќи кон него, неговото јарче, неговиот уловен лов и неговото задоволство, стоеја два грма, покриени од снегот и станати две тумбарки. Јарчето се долизга до нив и тука запре. Змејо замина по странката кон него. Меѓу нив имаше две стотини метра напреку нагорничав простор, по кого снегот светкаше замрзнат како стакло. А можеби помисли дека ќе му биде многу полесно да се искачи првин правбоугоре, а отаде да тргне напресреќа во една права линија кон таму, бидејќи вака прекутрупа снегот се слизгаше како ќаволот и тој често мораше да оди на сите четири. Но, уште веднаш, во слизнувањето, му се пристори пред погледот во еден миг недовидено некакво помрднување; наеднаш го имаше вистинскиот впечаток дека по таа угорница не е сам. Тука, крај него, во таа близина, имаше уште некого; тој просто го сети неговиот здив и неговата зачекореност; еден ужасен впечаток за нечие крајно непожелно присуство; се додека не беше во состојба да ги вкопа петиците во двете вдлабнатинки, што успеа да ги направи за тоа во тврдиот снег, и да погледне нагоре, кон стените, до кои не успеа да допојде во ранината. И сега виде. Меѓу двете најголемите карпи од таа шпела веќе беше се послало едно огромно темно и распафтано клопче и, чиниш наттрчувајќи се со него, прибрзано и слизгајќи се по снегот, како во некое ужасно шегување со него, застанат сосем несигурен на таа лизгава нерамница, – заминуваше напреку, право кон неговото јарче. Една остра морница се надигна од неговите петици и му го поколеба стојалиштето, ползувајќи го сиот, а потоа се збра во неговите вилици и тука го склешти. Беше една таква лутина, од која очите крваво му просолзија. Се почувствува како најдивата дивинка од сè диво, што криеше во себе таа шума. Не можејќи да излезе во првиот здив, онака ужасно надојден и разјарен, викот му го распара грлотои згина без одѕив. Не мислејќи на тоа, побара веднаш да откорне со ноктитенешто од таа скочнета земја и да потрча кон црната прегладнета мечка, кон таа парталава мршарка што сега одеше са му го земе неговиот лов; од тоа ноктите му покрварија. Остана пак со празни раце. А онаа голема и несмасна дивинка само се подобѕрна едвај на неговиот вик, притоа и не застанувајќи и чиниш само промрморе нешто, со кое како да сакаше да го разлути уште повеќе. Беше исто како мечката да му дофрли уште и некоја цинична потсмешка за сметка на неговата лутина, во таа нерамноправна подигравка, во која тој беше во неспоредливо подредена положба, без дури и да застане барем да го погледне. Остана скаменет. Не можеше да мрдне ни со прстот. Тоа траеше сè додека мечката не се доближи сосем до неговото јарче, онака распафтана и несмасна, а потаму и додека не зеде, пред неговите очи, да го расчеречува со своите несмасни шепи неговиот лов и неговата среќа; тука, сосем недалеку од него. Дури тогаш ја пронајде пушката. И – понесен од тој ужасен гнев – еден по друг ги испука кон таму сите пет преостанати во магацинот. Уште на првиот истрел мечката го остави зад себе раскинатото дивојарче и остана свртена кон него. Потскокнуваше при секое негово пукање, а на крајот, кога тој удри во празната цевка и кога остана преклонет, со пушката, исто како и со празни раце, мечката одново си се сврте мирно кон топлото месо од јарчето, го собра со своите шепи од снегот и замина напреку, оддалечувајќи се. Таа сега одеше постојано подобѕрната, дури тој не се свести пак да ја наполни пушката. Сеќаваше, нишанејќи, како е исполнет до врвот со една таква наостреност, како самиот тој да беше она зрно во неговата цевка, што требаше секој миг да полета таму. Сеќаваше како има бели усни и вистински одврзани движења во секој дел од своето тело. Уште следниот миг тоа можеше да го почувствува добро на својата кожа и мечката од другата страна на таа снежна странка; нејкзе тој миг добро £ го покажа за себе тоа уште со првиот следен истрел. Сега одеднаш, пушката ја имаше пак сета своја убоитост, и тој дури во своето рамо го сети ударот на зрното во она огромно клопче со темно влакно, разбојнички распафтано во оддалечувањето по голината. Овојпат и му беше како ниеднаш верен впечатокот дека си го видел на белината своето зрно; одлетувајќи од врвот на неговата пушка тоа му ја фати насоката на она ужасно ѕвере, просто следејќи го в петици и сигурно настигнувајќи го. Додека не се вкопа такво, преостро, во неговата распафтанан арамиска зачекореност. Мечката уште веднаш го имаше исфрлено од себе своето јарче и стоеше свртена кон него, а по сртовите се расцепи еден тивок див рев, од лутината бол, во кој се стори како и дрвјата здола да го стресоа од себе тешкиот окит. Од оваа страна и тој просто го фати на своето лице нејзиниот поган допир. Сега се гледаа. Сега само продолжуваа да се гледаат, а мечката, сфаќајќи дека тој може и на тоа растојание да ја јаде, стоеше на голината. Далеку од секакво засолниште, на белиот бришан простор, погодена и расколебана, стоеше таа сè уште свртена кон него, обидувајќи се за време на тоа земање мегдан во двајцата, да украде некој миг и да се полиже по левиот заден колк, но притоа ниеднаш не испуштајќи го од погледот. Стоеше сега таа на повеќе од двесте метра од него, со неговото јарче во своите нозе, сега двоумење. Тој не чекаше; тој сега ја нанишани така добро, што цевката притоа не му потрепери ни за влакно. Така фрли, и уште веднаш знаеше дека во своите раце држи една таква ужасна направа, пред која ќе отстапи сè. Онаа голема расфрлана мечка, отскокна од неговиот истрел со некоја докрајна раскриленост на сите четири нозе. Се подигна бргу потоа на задните и остана така, исправена суза, погодена и згрчена, во едно такво морничаво превивање, во кое што болката бликаше многу посилно од секаков ревеж. Сега беше таа што тарашкаше наоколу барајќи нешто со што би пофрлила по него. Но, уште веднаш потоа мечката откако не најде што, пак се сврте кон него. Застана сега веќе без секакво двоумење решена да достои на својот грабеж. Како да знаеше и таа дека тој во пушката има само уште два фишека; просто подметнувајќи му го своето тело за тој да ги исфрли уште нив, а потаму да ја пушти. Додека стоеше, таков, прифаќајќи го и самиот она предизвикување, размислувајќи уште оти растојанието е преголемо за него, тој виде како ни мечката нема стискавец да чека. Таа сета првин се обѕрна кон јарчето, а веднаш потоа, чиктисувајќи се во неминовната пресметка, се фрли кон него самата. Мечката знаеше дека не ќе може на мир да ја насити својата глад, која беше толку неиздржлива во неа, што ја беше скорнала и од нејзиниот тврд зимен сон, сè додека се двајца, додека тој стои тука. Едниот мораше да отстапи. Пресното месо на растргнатото јарче, од кое таа не можеше ни да лизне, иако £ стоеше на дофат, мирисаше толку густо и раздразнувачки, што таа многу посилно ја сфаќаше таа миризба што опијанува, отколку болките од своите лути рани. Затоа и таа замина кон човекот. Замина, или за да отстапи, или пак за да остане сама; една здивена мршарка, чиешто огромно тело уште одамна не било во состојба да го држат сито ни дивите плодови, ни мравките, ни медот од шупливите дрвја и посегнала по крв... Ја гледаше сега таа зачекорена мечка како го скусува растојанието меѓу нив со секој нов скок. И уште веднаш сети како од зад него се разинува една длабока празнина, една ужасна провалија, и го влече кон себе. Беше чувство како некој силен ветер да му дува во градите и просто го оттурнува да отстапи. Се додржуваше на тоа место, застанат и обидувајќи се да нанишани, наспроти тој ветер, со последните сили. Еднаш успеа и да фрли. Мечката, што го имаше речиси преполовено просторот меѓу нив, се исправи пак и вресна толку ужасно и превиткувајќи се, што тој првин помисли дека таа потаму нема да биде во состојба да ја пронајде ни посоката кон него. Нејзиниот вресок како да го стивна за миг оној ураган, што му дуваше го градите, просто поткревајќи го од местото. Но, некакво сосем неочекувано веднаш потоа мечката продолжи да му се приближува со уште понестрпливи скокови. Беше една мечка, што можеше да прими во своето огромно тело уште неколку негови зрна, и да ја впие во себе сета нивна придушена бол. Но, беше тоа една погодена мечка, што сè уште онака диво можеше да чекори, и да продолжи кон него. Макар и со една не толку тврдоглава решеност; колку заради непостоењето повеќе на ниедна друга посока за неа, со сета крвава трага што ја оставаше по снегот; тоа беше нејзиното или-или. Да го гази или да допадне докрај во неговите нозе. А тој успеваше да се додржи на својот провев благодарејќи £ само на својата дигната пушка, за која продолжуваше да се додржува како за задна сè уште цврста гранка. Го чувствуваше сиот ризик на последниот куршум, но достојуваше. Фрли, дури кога успеа да дочека да го види тој огромен ѕвер, со онаа ужасна тврдоглава тупост во секое негово движење, со една таква тупа решеност во тоа како беше насочен кон него, пред која не постоеше никаква можност за скршнување, за отстапување. Со една тупост со која би продолжила да иде право кон него и кога тој би бил мртов на тоа место, на педесетина чекори од неа. Фрли сè уште со онаа наостреност во себе; но си го исфрли само своето последно зрно. И знаеше дека му остануваа само уште неколку мига во кои требаше да се реши сè. Условот за тоа беше тој да достои на тоа место, па и со празна пушка, сеедно. Достоја. Сето време зад него стоеше онаа провалија; под неговите оетици тлото се одронуваше, а сепак достоја. И ја гледаше мечката како се тептиса и како сосем се расколеба. Ја виде, на педесетина чекори, застаната, како дотогаш воопшто да не трчала, како да стоела отсекогаш тука, свртена кон него со грбот, расколебана, послезена подолу од својата посока, и сето време само обѕрната. Наеднаш како да му беше жал за таа така притивната мечка. Ја гледаше, сета крвава, исплашена и мирна и тој навистина ја пожали заради тој мир. Беше тоа една безмалку скршена, совладана мечка. Требаше да има тој барем само уште едно зрно во цевката од својата пушка. Но, неговата пушка сега не беше ни стап, на кој би можел да се потпира, онака празна. И мечката со времето како да го сети тоа. Таа отпрвин подолго само се ребреше од новиот истрел што го очекуваше, онака безмалку совладана. Но, кога истрелот не доаѓаше, таа најнапред колебливо се врати на својата дира, со крвта што £ се слеваше по снегот. а така вратена, таа како да се најде повторно себеси тупо затрчана, и уште веднаш продолжи кон него. Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнење на мигот, во кој таа и би се вратила; а кога човекот немаше повеќе со што да фрли, таа зеде пак да се шиба. Онака огромна и блиска, за да можеш да £ ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи. За да можеш да го видиш и секое превиткување заради тупата болка во нејзините скокови; за да можеш да £ ги видиш дури и нејзините крвави непца, за сето тоа време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно ужасна, здржана, придушена бол. И Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некое морничаво стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сè што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици. И расплакан, и совладан сосем, тој отстапи. Се спушти главечки по таа удолница, како да се откачи од нешто, што дотогаш го држело врзан; ја спрашти меѓу сеништата на белите дрвја, блед и поткасан, сам и совладан, и сега само се тркалаше по таа удолница, немајќи смелост ни да се обѕрне. Сето време со него надолу се тркалаа некакви огромни карпи, што бездруго случајно откриени под снегот, ги џиткаше по удолницата онаа разјарена ѕверка. А камчиштета се заиверуваа во стеблата и просвируваа здробени околу него. Не го засегнуваше сè уште ниеден од нив само по некое чудо, затрчан наслепо и без здив по снегот што тонеше. Му се чинеше, сето тоа време, дека ги слуша зад себе и оние тупи скокови; тие пуфтаа веднаш зад него, му беа в петици, бегаше пред нив, со задна душа в заби. Кога не можеше повеќе да направи ни чекор потаму, кога се спружи, гушејќи се во својот здив, долу, на работ од шумата со која се граничеше Белата Долина и, таков, останат легнат со лицето во снегот, можеше само уште да го слуша и уште да продолжува да биде свесен за тоа пуфтање на стапките зад него. Тие отпрвин удираа подалеку, а потем се доближуваа кон него, неиздржливо спори. Но, ни сега тој не можеше да отстапи пред нив повеќе ни чекор. Не можеше ни да се исправи, ни да погледне кон својот прогонувач. Се ребреше, очекувајќи го најпрвиот удар, првиот заграб на оние шепи. Ајде, врескаше, ајде. Но, мечката од зад него сè уште ја немаше да дојде. Едно време тој како да дочу и некое оддалечување на нејзините стапки. Дури тогаш ја покрена главата. И можеше да види дека зад него никадед наоколу всушност ниеднаш и немало никаква мечка. Дека насекаде зад него стојат само огромните буки, израснати во снегот и високи, наведнати под окитот. И откри дека она, што сето време му се чинело стапки, било само празното трпеливо паѓање на грутките од тој стежнат окит од стоплените гранки на буките; само едно такво зачестено паѓање на окитот, што се ширеше од една бука на друга, и што оставаше долу, во снегот околу стеблата, исти онакви трагови, како стапалки од некоја неповрзана дира. Тоа беше дирата само на еден ветер што ги разнишкуваше гранките и кому тој не можеше ништо друго да му види. Еднаш можеше да се исправи. Набргу можше и да продолжи. Замина преклонет кон својата пилана, што стоеше во самата средина од долината, и од чијашто стреа излегуваше тенок бел чад. Имаше сили уште колку да ја отвори вратата и да се отпушти на леглото. Пред да потоне во празната модрина, што му го преплавуваше сиот поглед, а потаму се расплинуваше и добиваше некакви крвави токови, помисли само уште дека она стреснување на окитот што го виде во буките надвор, беше нешто, кое, во некое свое далечно време, што сега воопшто немаше никаква врска со него, а сепак постоеше, тој и го очекувал токму такво да му дојде. Дрвјата токму така да почнат да ги стреснуваат од себе тешките грутки снег. Но, сознанието угасна пред да се доближи до она, што стоеше во сиот тој попаѓан окит. Со најодзадната нишка усет за јаве чу само уште како заплиснуваат, просто сливајќи се, шурките од неговите капавици. Победен. Совладан, безнадежно, во последната битка, што му преостануваше, здробен. Сега беше буден, лежеше буден на своето тврдо легло, а во собичката стоеше истиот оној ден, што го виде неговиот пораз. Буден, а немаше никаква разлика дали сè уште продолжува да се шлае низ заутеноста, која не беше никаков сон, или е присутен во таа виделина. Буден колку да ја сфати сета острина на својот пораз; една таква проклета и крајно нерадосна будност. Сотрен. Сега веќе немаше ни каде. А сиот свет, што можеше уште да биде негов, беше еден блед, бескрвен свет на победен; еден непознат свет, на кого можеше допрва да се свикнува и да се помирува со него. Мислите му беа жолти и лепливи, се кончеа скришум и ползешкум, многу слични на една трева, што ја викаат самовилска коса и што расте по најзглушените места и најниските присои; едни такви сосема лесни, тивки, шупливи мисли, токму како таа несигурно поникната тревка. За секој друг оној единствен избеган самјак и тврдоглавата мечка, пред која сè што ти останува е да отстапиш, не би морало да значи нешто толку големо. Секогаш во деновите напред постои можност да го изгубиш во првото задоволство во себе. Но кај овој човек, што беше вака кутнат првпат во својот век, поразот беше бескраен, бесповратен. Бил отсекогаш еден човек, којто си бил достатен на самиот себе, и кој ниеднаш не бил свикнат да бара од другите нешто повеќе, освен да бидат некаде тука, крај него, секој за себе зафатени во своите грижи, многу често дури и незабележувани од него; и ниеднаш немал потреба да ги побара, најмалку притоа да помисли на себеси вака, како сега: сам... Воопшто не сфаќаше дека тоа беше всушност само уште еден од многуте порази, што ги доживувал човекот пред стихијата. Мислеше само на себе, како секогаш. И дури сега, по малку, и на другите луѓе, всушност ги бараше нив. Навистина, тој во нив отсекогаш ги барал; но ова беше сосем, сосем друго. Тој и тука како да беше дојден за да ги побара нив; но и тоа беше исто така нешто сосем друго, а сега веќе само еден таков невесел и јалов спомен во него. Ги барал и секогаш останувал сам. Задругата му одзеде само една година од тоа, но тој уште ниеднаш не ги имаше побарано нив како сега. Секогаш имал во своето тело и во своите раце многу, за да ги остави, во замена за она што му била потреба, цел. И секогаш, и на сув камен, му успевало да создаде леб, постојано верен на сите оние клетви, заедно со кои беше и создаден таков, немајќи потреба да ги оттурнува. Беше роден за да биде тој, и беше горд со себеси, таков. Задните години многу често помислувал дека другите му пречат. Тоа беше само една негова помисла, кога беше лут, во која не беше сигурен. А тој, сега прв пат продолжуваше да ги бара нив... Лежеше; неговиот сандак беше празен и неговото тело беше скапнато; а тој беше притивнат и уплашен од тоа, со оние скржави полугладни оброци за сите денови, што требаше допрва да дојдат. Се гризеше дека било многу лесно да се биде сам меѓу сите луѓе, или барем со еден од нив крај себе, сред оној нивни свет, но оваа самота сега беше нешто толку сурово грдо и тој само за неа ваква можел ниеднаш ни да има сили. Беше уште една негова заблуда, заедно со сите други заблуди, што сега беа урнати во него; но од неа сега зависеше сè од него. Ги имаше урнатините на еден цел свет во себе, со докрајното проклето чувство за својата бессилност за некое спротивставување. Со еден впечаток за себе, како сега, во времето додека беше вака буден, да се загубиле од него сите маѓии во животот, кои му ги правеле онака негови и онака вистински сите дотогашни негови дни и, чиниш сега, тука, на ова тврдо легло, да почнала веќе да никне на неговите рамена, по неговото лице, во неговиот поглед, една тешка, тупа муцка на коњ. Едно чувство за себеси без радости, за себеси-победен. Собран во таа малукрвна преклонетост, со противнат здив, низ сето време се мачеше да £ се искубне од една мисла, што го прогонуваше, очекувана како кај секој поразен, и ниеднаш не беше во состојба да £ избега. Беше најпросто мислата на мечките. Имаше за него едно магично значење, тоа, што му се случи сето токму со мечка. Ниеднаш дотогаш не се имаше судрено со нив; макаршто многу често ги слушал низ својот живот како трескотат по шумата сосем наделеку нивните тешки стапки. Најнакрај, сепак, како изболедувана некоја болест, од неговото знаење сета пред себе во една густа и опорита грутка, понесена со крвта уште од детството, – една единствена молитва од едно единствено верување, – тој сега и ја исфрлаше една, за која имаше впечаток дека и е онаа највистинската. Просто прикажувајќи си ја себеси, неретко и гласно, отфрлајќи £ секој збор, што го чул, секоја слика, што ја понел. ... Бил еден од неговите предедовци. Бил еден – негов; прикажуваа често за оној. Прикажуваа секогаш, кога ќе го видеа него, а најчесто му прикажуваа за неговиот прадедо додека тој растеше; му прикажуваа нему, додека ја земаше врз себе ликата на својот прадедо. И можел многу често тој, Змејко, и според тоа нивно прикажување, да сеќава како под својата кожа го носи целиот оној свој, некогашен. При секој изблик на неговата природа, кога најповеќе си беше тој, при секоја малку почудна постапка во неговото растење и во младоста, постарите луѓе околу него само климнуваа со главата и зборуваа сè за оној. Имаше само една единствена разлика; оној некогашниот бил со една покуса нога. Но, тоа воопшто не пречело, тоа и сега продолжуваше воопшто да не пречи. Та покусата нога кај оној и не се познавала, толку, била само белег, според кој сите други ловци од селото во тоа одамнешно време можеле да ги распознаат неговите стапалки во снегот. Додека излегувале во утрините од селото да знаат дека тука, пред нив, порано од нив, поминал тој: човече, ене ја онаа негова патрива нога. Една вечер тој негов прадедо наместил на шумска врвица во корија стапица за диви свињи. Била есен, дождливо време, тој одел секоја утрина да си ја нагледа стапицата. Одел така неколку време, сè до она утро, кога уште оддалеку чул како таму нешто плаче. Плачело нешто во таа шума, што оној не можел, а да не потрча кон местото на испаѓаните наврнати лимонесто жолти лисја, меѓу сивите оголени стебла. Трчал оној, виновен, да помогне; а било толку слично како да плаче жена, она сè поблиско леликање, што тој заборавал и на нога и на себе... Како да плачела мајка, толку болно; а овој се истепал трчајќи низ таа мокра шума. И најпосле бил тука, на дваесетина чекори од својата стапица, на која толку проклето провикнувајќи го донел оној неподносливо болен лелек. Стоел под дрвјата и веќе можел сè добро да види. Го носел со себе и својот манзер; и за него во селото прикажуваа многу; Змејко знаеше само за фишеците од таа пушка, што ги наоѓаше долго по мутлите од старата куќа. Беа тоа едни големи фишеци, полни црн барут и со затка од мечкин лој меѓу барутот и зрното, направено од чисто олово. Но, неговиот прадедо сега не помислил воопшто на него, како и да не му текнувало за таа негова пушка, прикажана по својата убоитост, додека ја гледал мечката, што била фатена во неговата стапица. Била тоа една огромна мечка, нагазена и маѓепсана од тоа грубо ковачко железо, што го имал наличено тука пред неколку дена тој; била зграпчена за едната нога меѓу запците од тоа ‘рѓосано железо, вклештена тука високо до колкот за едната задна нога од таа пеколна направа, а бидејќи оној знаел многу добро да ги мести стапиците, другиот крај од синџирот со неколку куклуши бил изапнат за едно кутнато стебло, кое позволувало малку и да се повлече по себе, но кое воопшто не попуштало. Тоа и било ставено тука, да залаже, за да ја истошти фатената ѕверка, а понекогаш и да се истркала над неа и да ја смачка под себе со својата тежест. Било ставено за да го сочува само сонот дека сè уште може да се продолжи да си оди, но и за да се утепа токму со тоа, за да увисне, или барем да натера на папсување. Кога би била запната цврсто за некое неподвижно стебло стапицата, фатената дивинка секогаш можела, за сметка на својата несреќа, да си ја остави тука макар и половината од својата нога меѓу острите железни заби и да одмине потаму без неа. Но, никој од нив не ловел нозе. Сите за ногата ги ловеле животните. Не можела да ја остави само својата нога ни таа огромна приклештена мечка. Била останата тука целата таа; а крај неа било останато уште нејзиното мало рунтаво мече. Ни тоа не можело да продолжи потаму без мајка си. Мечката била тука, иззаплеткана и со до безмилост истрошени задни сили, без да може ни да се помрдне повеќе, само со таа најкрајна можност да продолжи да лелика, онака аловито и оптегнато, онака мајчински и без надеж. Тоа било сè, што можело, дури недозгаснато така, да продолжи да постои од неа. Тоа било сè, што давало и заден знак за живот во целата шума; и тоа сега го опфаќало сè повеќе во себе и овој човек со една покуса нога, на дваесетина чекори од стапицата. Го обземала и неподвижноста на малото, кусоного, волнесто мече, со сите негови сплеткани несмасни кружења околу стапицата, кое било физички сосем слободно и можело да замине понатаму, каде сака, или барем малку да отстапи од тоа колнато место, малку да се подисплаши од човекот. Не останувало и тоа постојано тука, постојано во некакво милкање околу фатената мечка, растреперено и збрано, во некакво сошепнување со неа, во некаков плач во сите негови движења и врткања околу неа, врзано за неговата стапица ако не и многу поцврсто преку млекото и преку крвта, отколку што може да се врзе за каков и да е синџир. Маѓепсано преку сè, што имала допрва да му покаже за животот неговата мајчица нему, пред да може да го остави, меѓу тие буки, во тие гори, во таквите нејзини дождливи есени, само. Тој малечок и бил најцврсто фатен во неговата стапица. Мечките го виделе човекот; тие не сториле ниедно движење за него; единствено од тоа што ни за себе не можеле повеќе ништо такво да сторат. Продолжиле само да си остануваат какви што биле сета ноќ; големата папсана под стеблото, безмалку преборена, кутната, а малото веднаш тука, до неа, а толку само. Старата мечка само го продолжила својот лелек, безнадежен и проклет; човекот сега можел да ги види нејзините солзи. Се тркалеле по нејзиното големо уплакано лице, мајчински и обилни. Стоел обземен на дваесетина чекори од нив, дури не станало крајно нездржливо неговото стоење. А потем ја оставил својата манзерка на мократа шумска земја и пречекорил десетина пати кон фатената мечка. Сега можел да ја види и ужасната голота на крвјосаната коска од ногата на мечката. И темната бразда крв, потечена и засирена по жолтеникавата шумурина. А била добро видлива сега и сета испразнета исплаканост во погледот од тоа грамадно животно, грда. Можел да ја догледа и морничавата молба, пред чија расчелустена зинатост, маѓепсан од неа, сега веќе не можел да стори ни чекор назад. Беше била чиниш една човечка, чиниш женска молба, а тоа оденаш и само му ја олеснувало положбата. Мечката ги имала истрошено сите разјарености од своето тело, сета темна сила за нив; тие биле истеени од неа со нејзината крв по лисјата и по ровитото шумско тло, од сето во неа била останата само можноста да моли; но зарем можело тоа меѓу човекот и едно онакво грамадно диво ѕвере да биде и – доста...? Зборуваа дека било и некое такво речиси човечко разбирање меѓу нивните два погледа; но тоа е сепак само за во приказните. Само што не постоеле зборови, велеа; но ни тоа не е за подруго. Инаку било толку јасно, она, велеа, што му го рекла со својот поглед мечката на човекот, што тој, велеа, потклимнат на својата покуса нога, веќе не можел да не ја послуша. Тој пречекорил уште неколку пати потаму. А кога застанал пак, велеа, расколебан во својата заумна сигурност, мечката тогаш ја подигнала едвај главата кон своето малечко до себе, велеа, го додушила малку и, чиниш му дошепнала притоа нешто, како жена, покажала кон него. Малото тогаш се свртело кон човекот, велеа уште, и, како дете, испратено да послуша, дошло до него, завртело неколку пати околу него, со наведнат поглед што моли, а потем седнало нешто подалечку и го гледало. Сосем исто како расплакано дете, велеа, дури така бришејќи си ги и солзите од своето лице со големите питоми шепи. И човекот повеќе немал никаква несигурност во себе. Мотрејќи постојано во тие две животинки, наеднаш со толку многу човечко во нив, тој сега сосем се доближил до мечката. Таа одеднаш и не леликала онака, сега само солзела и го гледала, велеа. Било токму како и дотогаш да плачела само колку да го довика него. А сега, кога тој бил тука, таа само солзела. И само погледот, кој, охрабрувајќи, моли. Едно време, кога тој се потокмил да ги стори и двата задни чекори кон неа, мечката, со сета преостаната сила и поднесувајќи ја сета бол на запците во својата коска, велеа, се свртела на другата страна, така што и коската причкртала луто. Но, таа не испуштила ни глас, велеа, додека си ја присегнувала кон него фатената нога. Таа морала да го ослободи, за тој да може да го стори она, што тука се барало од него. Тогаш човекот климнал со главата; било просто, како да разговараш со некој, што само не го разбира твојот јазик. И тогаш оној негов предедо со една покуса нога, велеа, се наведнал и речиси се допрел со лицето во тврдото, полно со миризба на шумите и на дивината, топло од неа и смрдливо влакно од колкот на мечката, а со своите две раце и со двете нозе тој најпрвин ја исправил стапицата, одново се чуло како коската чкрта од запците, што припиени во неа стружат, и дури тогаш се навалил со целата тежина од своето тело над двете маши од обете страни на стапицата и ја отворил. Ја отворил онолку колку што можел побезболно за онаа болна коска, велеа, удрена со по два заба од обете страни и распукната од ударот, и за сето крвјосано и искинато црно месо по таа нога. За сето тоа време, велеа, мечката била мирна, ја придушувала во себе неиздржливата бол, иако тој на своето лице го сеќавал ужасниот грч, што £ ја дробел громадната снага. Тогаш, кога ги отворил запците, човекот морал, полека и со обете раце, да £ ја дофати дури и ногата, исто како кога се поткова коњ, и така да ја подигне неа меѓу железата; тој и тоа морал да го стори. Дури по сето ова можел да ја пушти стапицата да се затвори празна. Кога бил готов, велеа, само останал седејќи задишан. Дури не се случило она, за што ниеден од оние, што прикажувале потоа, велеа, ниеден од тие очевидци и ниеднаш не заборавил да раскаже. Мечката, пуштена, полека се исправила, велеа. Стоела така некое време, како да се навикнува да биде одново исправена; и на сето што, со своите одврзани движења, можела да стори. А потоа се свртела кон него и му се доближила. Постојала пред него некое време, и на крајот се решила и самата. Се наведнала и му ги лизнала со својот огромен рапав јазик обете негови раце. Биле две крвави раце, обесени на двете колена, онаков седнат, и мечката му ги полижала нив. Дури тогаш таа можела и да замине нагоре, меѓу буките, обѕрнувајќи се повеќе пати, со мечето по себе, оставајќи го допирот од својата утроба врз неговите раце. Станал, велеа, дури кога трагата од оваа близина се исушила и истинала од неговите раце. Дури тогаш на оној негов предедо, велеа, со довикнување му се јавиле двајцата други ловци од селото, што стоеле сето време тука, недалеку, меѓу дрвјата, дојдени од другата страна, подлагани и тие од оној лелек, само малку подоцна од него. Кога се доближиле до него, го виделе како плаче. По време, велеа, некогаш многу доцна, сè што им рекол било да не прикажуваат непотребно за тоа. Но оние требало да си ги прегризат јазиците за да можат да измолчат нешто такво, што пред очите им било. Се знаеше само дека оној ниеднаш, до гроб, не рекол ни збор за тоа. Тој и немал зборови за тоа. Можел само да го стори. Тоа било сторено; и тоа немаше можеби и никаква врска со сказните. А дека било Змејко и сега знаеше со сопствената утроба. И тука престануваше веќе секоја мисла; секоја можност за горка погрда; секое право за што и да е. Но, тоа засекогаш остануваше во нивното село. Со таа подоцна со времињата досредувана молитва растеа сите деца; не постоеше дете, што ја не беше чуло. старците им ја пренесуваа на своте внуци, сакајќи да им кажат какви луѓе биле тие. Колку беа постари, со толку поосетна набожност во гласот. Да им речат: Ете вакви луѓе сме биле ние; небаре исто како – ете таков човек треба да бидеш и ти. Децата можеа да ја примат, а можеа и да ја отфрлат таа приказна на старците. Но, тие мораа да ја паметуваат неа. Можеше да ја прими; можеше горко и да £ се посмее, да £ се наруга, да ја поплука и сега во својот пораз и тој. Но, таа беше; беше и сега, тука, во неговиот усет. Ја гледае многу постраотна; каква што едино и можела да е, жива. Но, а после...? Отсекогаш знаеше за себе си дека е еден, што ја имаа примено цела таа приказна на старците, таа дива молитва на луѓето од планинското село. Но, тој ниеднаш досега низ целиот живот, сè до овој ден, не бил свесен дека толку проклето многу му е натопена во неа и секоја жиличка од неговото ткаење, секој негов поминат ден, секоја клетва. Беше како калемен со неа, некогаш, далеку во времето, пред да почнал да зацврснува и да расте. Така што единствено и постојано растел, каде што растел, сè на тој калем. Тоа можеше да го открие во сета негова вистинита видливост дури сега, додека плачеше, оптегнат на леглото, поразен, присилен да ја исфрла, да ја нагрдува, да ја болве; и сега наеднаш, останат без неа. Прегоруваше, губејќи ја во осквернувањето, во некоја црна гламна; се престоруваше во еден ситен, најситен човек, без ништо судбинско. А одсекогаш мислел дека го има; и живеел така како да го има. Неговата мисла крваво се превиваше барајќи некој сок, од кој ќе се напои и ќе престане да биде онака лепливо преклонета; немоќна и горка; сега една таква прегорена немоќ. Ја сеќаваше во себе како бара корито, по кое ќе потече; ги сеќаваше сите нејзини болки. И каде на друго место може да се побара и да се најде тоа, ако не во она топло мноштво, си мислеше примирен до крајот, а таму понекогаш исто така знае да биде и топло. Дури мислам дека отсекогаш и не ни било потребно ништо друго, освен тоа, мислеше нешто подоцна. Колкупати сме си префрлиле себе си сами заради сето ова бегање, заради сето ова изделување, заради секој поинаков чекор. Да, си рече; а сега имаме еве и можност да го отфрлиме тоа. И ќе го отфрлиме секако, и без да сме запрашани притоа и за нашата согласност. Сега сме питоми, си велеше, требаше еднаш и да се спитомиме. Требаше од нешто да ги скршиме роговите; а тоа со нас мораше да биде нешто доста тврдо. Сега беше тврдо и роговите се скршени, и ете, повеќе немаме ни за што да се гриземе. Сега можеме да се смириме, да си простиме, си рее. Тогаш, ајде, си рече, нека ни бидат простени сите тие гревови. До оној задниот, што ја сакавме отсекогаш онаа чистинка околу нас, сами, онаа белинка на неначнатиот снег пред нас и насекаде наоколу, оној пукнат пат во утрините напред. И воопшто, и тоа чувство, таа мерка, за напред, за назад. И сите други бегања притоа. И знаење што е наше, човечко, и што не е. Што знаевме бргу. Нека ни биде простено сето тоа, и нека биде чисто од него, сето она напред, а сега веќе немаме ни за што да се гриземе. Нека биде лесно, без тоа гриење, вакво лесно и по малку празно, но и здраво. Да, си рече, колку е сега наеднаш сè просто и здраво. На луѓето и треба постојано да им се приближуваш, човече, – мислеше сега, веќе и низ едно сè поблиску изнаоѓано присеќавање во себе. Треба сеедно да им се приближуваш, а притоа да им се помага, на секој чекор. Треба да си меѓу нив; и не е ни оддалеку доста самиот да си добар, барем не во ова време, кога го градиме новиот човек. Треба да ги правиш сите такви, – се сеќаваше веќе јасно сега. Не е достатно да не крадеш самиот, а да ги пушташ другите да го прават тоа. Зошто не сакаш; од каде ти е толку тешко да сфатиш, човече, Змејко? – се сеќаваше. Беа едни зборови, врежани исто така неплитко во сознанието, од едната ниеднаш и недозаборавена исто страна на неговите бранувања. Тој ни сам ниеднаш не ја давал да биде разјадена во него оваа хридина, меѓутоа, таа во него исто така не била никогаш стоплена така, за да ја осети како своја. Не беше сè досега за него ни право зна нештата така присилно во себе да им се позајмува својата топлина; тоа и требаше секогаш да зависи единствено од самите нив. Инаку му стоеше нечесно. А сега тоа беше најдлабоката негова рана; просто се изненади како наеднаш се најде наспроти тоа. Отсекогаш, всушност, за времето на сета оваа преклонетост, а и тоа пред тоа, додека се приближуваше кон неа, тој и сеќаваше како сите патишта водат таму. Кон тие зборови, кон оној човек, што ги остави во него нив, кон оној негов Брат, кон сè меѓу себе и него. Да, тоа му беше сега веќе и пристигнат оној негов Брат. Она момче, мислеше; а потаму и оној човек. Еднаш мислев дека е бесконечно далеку од мене и од многу други луѓе, една таква судбина на одбраните. На оние, што сакаа и што се бореа, што и живееја само за да сакаат и да се борат; и што најпосле успеаја и да го земат на свое преуредување животот. Се чини дека тоа би било и највистинското во овој живот; така одеднаш ми стои и мене сега; дека тоа треба да стане судбина на сите луѓе; но и тогаш каде се, сега, токму во ова нивно време, да дојдат да нè ѕирнат и нас...? Треба сега да помислам добро на една таква судбина, си рече, сигурно и она, што веќе го знам, ќе ми биде од некаква полза, штом почнав да ги сфаќам вака добро, штом сум одеднаш вака нејасно и настро со нив, со неговите зборови. Да, си рече, секако. Оној мој брат, си рече. Мислеше на својот Брат. Тоа сега му ја исполни со некоја непосредност сета негова темна јалова внатрешност и зрачеше во неа некаков живот. Тоа наеднаш го разбуди сосем од неговата притивната прибраност. Во неговата темнина, низ ликот на оној, што го викаше просто Брате, се родија и многу нови прашања, кои дотогаш во него останувале постојано нерешени, а изгаснати; кон кои немал одѕив. Тие сега живееја во темнината на неговиот пораз; зад нив дури како да се наѕиркаше и неговата белина, некакво расчистување. Моежби навистина патот беше таму? Мислеше на својот Брат. ... Минуваше илјада деветстотини триесет и седмата. Беше првата година откако веќе не беше ѕидар. Држеше тогаш гостилница на крајот од улицата во големиот град; мала гостилничка во предградието. Од другата страна на улицата беше широка порта на тутунската фабрика. Почнуваше да ги запознава луѓето на еден сосем нов, незнаен наин. Тие сега не беа повеќе ни калливи суштества, што се пентраат по скелињата; нити пак ситни точки, што се движат некако чудно, како клопчиња, по улиците, малечки и валчести, гледани од највисокото скеле, со таква чудна некоја форма и со уште почудни движења, гледани во тепето. Тоа му го носеа сите овие луѓе во сини комбинезони, валкани и изморени, со густ, трпок, отровен мирис што влегува во вратата од неговата гостилница. Тие сите се престоруваа спроти него во две големи, црвени, добри, гладни раце со набрекнати дамари, што побаруваа по нешто од него, онакви посегнати и морни. Им подаваше бргу, ракофатно, од зад својот тезгав, ставаше во тие дланки од храната, ги нахрануваше и ги испраќаше да си одат од кај него, сити. Секогаш се трудеше во секоја од нив да го стави токму она, по што беше посегната таа, а притоа неминовно и често знаеше отпрвин едноставно да забележи дека всушност и тој има едни две сосем исти како оние раце; тоа беше добро видливо секогаш, кога ќе ги добереше до нивните раце што бараа, своите, што подаваа. Сè дури немаше време и да се осознае докрај колку е и тој еден многу сличен човек на сите овие луѓе, што му доаѓаа и со кои единствено работеше. Луѓето гледаа да го искористат кусото време на одморите за да си ја заситат малку, или барем да си ја залажат својата глад, а тој – за да поработи; и тоа се повторуваше секој ден. Та за тоа тој и беше тука. А за тоа време чувството дека рацете им се исти, тоа чувство за близината, се вгнездувало во него со секој нов дојден човек, само; со секој нов чивт набрекнати раце, сè дури тоа во него, такво, не доизрасна и во некакво чудно чувствување како да си е дома, со сите тие луѓе во сините валкани комбинезони. Ги беше запознал толку добро, сите тие раце, што веќе не мораше ни да се обѕрнува по лицата. Општеше само со рацете, а својата работа си ја засака како ниеднаш дотогаш. Некому му беше потребен; му беа потребни некои многу. Тука го запозна и него. Влезе еднаш во неговата врата, онаков русокос, извишен, сиот еден ластар; влезе сосем бесшумно и со една пуста желба никому да не му падне в очи, бидејќи имаше една таква ѕвезда, крај која не можеше да си помине, а да не се забележи; бидејќи сите се свртуваа по него, нешто од него ги принудуваше да се свртат. Змејко секако го препозна лесно и според неговите тенки, предолги дланки, со долги жолти прсти, со кругли плочки на необичните нокти, со кои оној и побара од него нешто. Беа две пегави раце. Сигурно и тие го побараа она, што го бараа сите; но и тој сега мораше да се обѕрне кон неговото лице, мораше да го одличи, бидејќи тие раце на неговиот тезгав беа нешто ново. Тоа мораше да се случи уште првиот ден кога оној и се појави во нивниот кварт од предградието. Змејко можеше да го знае тоа уште веднаш, по малку, кога сите со сините комбинезони си испоотидоа, а тој остана. Онаков ластарест, невиден во гостилницата, тој сега побара од него стан. Праша, дали тој, Змејко знае нешто за некаков стан. Вечерта Змејко и го одведе него во старата куќа со триста чардачиња и со меѓувраќе, со чкртави подови и со миризба на тавтабити, каде што имаше собичка тој; а жената што ги издаваше собите, со крлемање, каква што беше кон сите, го прими на стан. Притоа младиот рече дека е студент и дека тие дни почнале предавањата на факултетите. Оттогаш секоја вечер се враќаа заедно кон своите прашливи собички, разговарјќи за фудбалските натпревари и за многу слични работи. Една вечер Змејко помисли каква може да му биде вечерата на тој извишен како ластар младич, кога таа се состои само од една чорба и кога може да чини само една круна. Кога ја виде чинијата преполна храна, што не чинеше само една круна, младичот просто отскокна побунет од својот стол, на кој седнуваше секоја вечер. Но потоа уште еднаш ластарестото тело едноставно се сви под Змејковата рака, со која на неговото рамо тој го присили одново да седне, држејќи ја во дланката исколчената клучна коска, до усет за нејзината соголеност под литата облека. Притоа само се погледнаа и сè беше во ред. Сега веќе беа добри пријатели и секоја вечер заедно го затвораа дуќанчето. Младичот често остануваше да средуваат заедно по рафтовите, ги местеа ќепенците, а веќе не разговараа ни само за фудбалските натпревари. На Змејка не можеа ни да му поминат незабележано сите оние скришни мигнувања и кусите загрижени разговори меѓу тој извишен младич и неколкумина од луѓето со сините комбинезони, од кои тој навистина ниеднаш не успеа да дофати ниеден збор, но ја гледаше сосема добро таа игра меѓу масите во своето дуќанче. Постоеше тука нешто, што тој го насети уште од најпрвите вечери, а една вечер не можеше и да не запраша. Сакаше да ги знае сите тие работи, сакаше да знае сè, што беше напишано во оние тешки купишта книги во собата од младичот, а сакаше да го знае и она, што го кажуваат и другите, забранетите, кои младичот отпрвин ги криеше под креветот, а за кои попосле Змејко му изнајде едно скришно место во подот од своето сопче. Младичот ништо не му кажа веднаш нему. Но полека, низ тие непрекинати разговори во вечерите, пред Змејка неусетно почна да се открива еден сосем нов свет, што сето време дотогаш таму останувал скриен, тука, под самата површина од сето, што тој го знаеше како неменливо и како од бога дадено. Мораше и да биде така за него, дојден во овој свет на градовите; и никогаш не можел ни да помисли тој дека е токму тука потребно толку многу да се мени. А сега, колебливо, несигурно, со триста недоверби, а сепак, секогаш со сè подлабок досег, успеваше тој да го сети мошне лесно скоро и како свој еден сосем нов поглед, со кој можеше да вникне во сите прикриени текови под скаменетоста на поприштето, што го знаеше и од кое зависеше и неговиот леб. Овој младич имаше толку остри зборови, со нешто толку волшебно во нив, што само со по неколку замавнувања во тие вечери можеше да го раскопа пред Змејковите очи сиот оној мраз, во кој беше стегнат животот околу него, а за кој Змејко ниеднаш не бил во состојба ни да помисли дека можел да биде и така соголен, разглобен и покажан. Имаше дури нешто и светечко во тоа, како објаснуваше и како веруваше во своите мисли, тој младич; имаше нешто толку ведро, а во исто време и толку аскетско во неговиот ум, што Змејко веќе и виде дека токму тоа и маѓепсуваше уште при првиот допир, уште при првата средба со овој младич. А кога веќе еднаш и поверува во неговите зборови, Змејко потаму немаше зошто да не се впушта и подлабоко, па и најдлабоко во сето. Многу често тој се изнаоѓаше себе си како дури не и првпат, туку откако знаел за себе, тој го чувствувал тој клуч, семоќен, кој само можеше да биде распознаен сега во зборовите на оној младич, од својот Брат. Се завикаа така еден со друг откако дознаа дека ниедниот нема вистински брат, едно подолго време тоа беше една нивна игра. И сето време тој чувствуваше колку е право, и разбирливо, и свето она, за што живееше неговиот Брат. Беше една вистина, која почнуваше да чекори по земјата, веднаш штом ќе се објасни така, таа вистина, нивна, сама бараше пат кон срцата од луѓето, и луѓето не можеше да не £ се приближуваат. Беше вистина; и беше сила. Не беше измислена од никого; постоеше откако е свет и век; сега само првпат беше изнашла кој ќе ја каже. Змејко го сеќаваше тоа многу добро и според себе; а не многу подоцна, уште првата идна пролет, тој можеше да ја види и нејзината сила. Празнуваше од тоа, беше среќен што таа вистина, која сега веќе беше и негова има и такви апостоли, каков што беше неговиот Брат, а и толкумина други околу него. Зимата дуќанчето им работеше како саат и беа задоволни кога имаа што да им испратат на Мара и на Јовко, кој таа зима веќе беше почнат да оди на училиште. Кога запролети тие двајцата знаеја да го затворат своето дуќанче и во неделните попладниња да заминат на фудбалските натпревари. И да викаат сето време, додека играчите растрчуваа по зелената полјана, а тие чувствуваа како во нив расте едно задоволство, што успеале да избегаат од оној нивен прашлив свет, од влажните зелени ѕидови на своите собички и од сето друго, што ги гмечеше. Беа среќни како деца, сонуваа за тоа преку целата зима, сега ја имаа барем илузијата за своите соништа и врескаа. Кога немаше фудбалски натпревари тие знаеја да заскитаат низ полето што се будеше, и таму, крај реките, каде што си ги переа своите кошули и чорапите, да го омаат пак она чувство. Тие денови младичот ги полагаше и своите испити во факултетот и Змејко секогаш во пладнињата го очекуваше да се врати од таму, со оној неминовен страв. А кога оној ќе дојдеше, тогаш и прозорците трепереа од нивната викотница. Младичот ги повторуваше пред него своите одговори од збор до збор, а Змејко знаеше да се испоти, сиот да пребликне од пот, вникнувајќи по некое чудо во сето тоа, можеби и недоразбирајќи им го значењето на зборовите, но сфаќајќи ја многу добро тежината на сета таа игра. Сè додека не беше сосем сигурен оти сето свршило, или пак не свршило добро. Но, викотницата не изостануваше. Потоа пак ги чекаа нестрпливо неделните попладниња за да заскитаат низ полето, или да одат на стадионот и да се изразвикаат, од каде се враќаа во вечерите со по една изморена топлина во градите, а низ сето време продолжувајќи го својот ниеднаш непрекинат разговор. Сè до оној ден, сосем во невреме, младичот сета утрина остана во дуќанчето, иако утредента требаше да го полага последниот испит; остануваше така шетајќи се нервозно од едниот до другиот ѕид, а не велејќи за тоа ништо; до тој ден, кога исто така сосем во невреме не започнаа од вратата на тутунската фабрика да наизлегуваат разјарени луѓе во сини комбинезони; првин една нивна неголема група, а по нив веќе и цела река, дофрлајќи по нешто гласно преку рамената, сите со заедничка разјареност во погледите, како еден човек. Како еден разлутен човек, токму така, кој треснал од земјата сè, кој повеќе не можел да поднесе ништо да се продолжи да се прави со него, кој се свестил дека е ограбен, и кој има исто така тука да го каже својот збор. неколцина од тие разјарени луѓе влегоа во дуќанчето, а оној, Братот, ги чекаше тука наостроен како сабја. Тие му објаснија нешто набрзина нему, грабнувајќи по еден сосем кус миг да се поднасмевнат во таа своја разјареност, со една исто така разјарена, но и задоволна насмевка, како по некоја успешна експлозија, која и нив ги исплашила, но и ги израдувала најмногу од сè. Тоа траеше сосем кусо, а потем сите се наведнаа и го слушаа, додека тој им зборуваше тивко, споро, но остро, отсечно, гледајќи го секого од нив со ни од него незнаен светнат, жив поглед, кому ништо не му се прокрадуваше незабележано. На тоа сите рекоа: добро. Змејко тогаш прв пат го чу зборот штрајк. тоа беа сите оние истрчани, разјарени луѓе, што имаа исто така во сето своето да го кажат. Тоа беше отворената раззината врата на тутунската фабрика; и џандарите што нагрнаа бргу во неа, празна. Тоа беше безработното меткање и мртвилото по нивниот крај од улицата од сите идни денови. Тоа беа и оние неколку собири, што ги држеа тие неколку стотини луѓе повеќепати во тоа време, каде што по еден од нив зборуваше, а другите одобруваа со викови и со ракоплескање. Тоа беа и нивните црвени знамиња, што се ширеа и се виореа на ветрот од таа пролет; и џандарите, што секогаш непримено ќе го одведеа оној што зборуваше пред себе кон џандармериската станица преку неколку улички. Младичот една вечер му објасни на Змејка дека тоа може да биде и глад во домовите од сите тие луѓе, што ја напуштиле работата, помирени со тоа, дури задоволни од тоа што беа станати до еден, и што никој не можеше да ги замени, додека фабриката секој ден губеше од тоа милиони. Змејко тогаш му рече од своја страна на младичот, дека сè што има тој во своето дуќанче, може да биде нивно. Се прегрнуваа тогаш и се пуфтаа по рамената, како две разбеснети животинки, врескајќи притоа најсилно од сите други нивни врескања од фудбалските натпревари. Змејко не ја сфаќаше докрај радоста во очите од младичот со таа негова постапка; бидејќи тој не можеше ни да замисли да постапи поинаку. Но, можеше да биде радосен, можеа да бидат радосни двајцата, а нивната радост им беше секогаш таква. Младичот беше задоволен и честопати повторуваше дека ова ќе мора да им успее, му објаснуваше дека ги притеснале в ќорсокак луѓето од монополот, го извеле тоа многу добро. А за неговата понуда му рече дека тој ќе мора да си однесе исто така нешто и дома таа пролет; тој токму и беше почнал да се подготвува за одење в село. Најпосле решија да го поделат по токму, сето она, што тој го имаше спечалено со свето дуќанче; па така да има сегде по нешто. Откако го сторија тоа, младичот рече дека дека и тоа добро ќе им дојде на сите оние работници, што имаат деца во своите семејства. Тоа се паѓаше во еден од следните денови, веднаш по оној ден кога видоа првпат дека и во нивниот ходник влегло сонцето. Беа само двајца џандари. Под нивните чекори подот во ходникот речиси потонуваше од чкртање, а тие веќе влегуваа во вратата од собичката на младиот брат. Го одведоа уште веднаш. Оставија само расфрлани книги по подот; оставија неколку откорнати штици, под кои не пронајдоа ништо; ја оставија и вратата отворена; вратата чкрташе како ѓаволот сето време потоа, а старата жена, стопанската на куќата што живееше во собата веднаш спроти онаа отворената, неколку дена немаше смелост ни да ја затвори, и одеше по цели денови изврзана со крпа преку ушите за да не ја слуша како чкрта при најлесно ветре. Ја запомни карактеристичната обоеност на рацете; кога тие се врзани со лисиците се покриени под ракавите; го запомни сопнатото чекорење со врзани раце, кај тој младич што продолжуваше и меѓу двајцата џандари да биде ластераст и извишен. Не можеа да му го одземат тоа ни додека го водеа пред себе по долгата спружена улица во ветривото претпладне на пролетта. Тоа се покажа потоа исто како и да го проголтнала земјата, оној негов Брат тие години. Еднаш, по две години, еден од луѓето со сини комбинезони влезе во неговата врата и го поздрави од Братот. Првин бил во Лепоглава, а сега го префрлиле во Билеча. Сосем набргу по ова беше Војната. Уште од првите денови, кога дочу за она, што се случуваше во планините, Змејко знаеше да си ги поврзе сите тие работи и повезден мислеше на својот Брат. А еден ден, кога и тој можеше да замине со една од бригадите, што поминуваа низ неговото село, тој и се понадева дека дека можеби ќе го сретне и својот Брат, таму. А кога се врати демобилисан и по Сремскиот фронт, мислеше дека ниеднаш повеќе нема да го види. Дека Брат му веќе и не постои. ... Но Братот излезе пак. Она пладне, кога војната беше оттатнета, и само нејзините сенки стоеја сè уште во изгорените куќи од нивното село; стоеја и во разурнатите мостови, и во разодградените плотишта, а по селските сокаци се тркалаа празните кутии од УНРРА, и селаните се облекуваа во половни американски карирани виндјакни со неминовна црвена шарка, и кога двете селски бакалници беа прекрстени во Кооперативни сектори, а секој нивен ден се завршуваше со по една фронтовска конференција, на која по двајца-тројца од нив продолжуваа да се запишуваат во Задругата; она попладне, во кое исто така многумина, продолжувајќи да немаат доверба, а и Змејко меѓу нив, најобично молчеа, како и сето време, сите тие денови, само ете онака се меткаа по цел ден по средсело, се шлаеја во вечерите на конференциите, и само молчеа, а дури кон полноќ си се разотидуваа кон дома; она пладне, кога ќе им станеше чудно ако речеше некој дека оваа вечер нема да има конференција, толку чудно и толку пусто, што дури и самите би ја закажале неа; она, додека исчекуваа задружниот курир – поранешниот пандур,– да притропа пак со барабанчето по сите мегдање од селото и дури се чудеа што уште го нема; во таа тишина, во која стоеја зачмаени на средсело сите мажи, а меѓу нив само ретко ќе пробучеше некој глас, кој може да бара или огон, или тутун, кој ниеднаш не кажуваше ништо повеќе; тоа пладне, во кое подоцна се насобираа сите крај една лимузина и еден џип, што пристигнаа од градот, носејќи уште една од сите оние делегации, што доаѓаа на конференциите и постојано им го зборуваа сè тоа пак тоа; сега веќе и од овие коли излегуваа луѓето и се поздравуваа со селаните со неприфатената, одгатната фронтовска желба за приближување; ете кога и каде Змејко уште со својот најпрв малку и подизбеган од сето околно лицемерие поглед го препозна онојго. Излегуваше последен од колата и пред него се потргнаа сите, правејќи му место и смешкајќи се кон него, а селаните гледајќи ја таа почит, се веднуваа и се оддалечуваа, мрморејќи си подмустаќ по нешто свое. Тоа навистина беше неговиот Брат. Повеќе не беше младич, но она ластарестото сè уте му ја оптегнуваше неговата тенка, пегава става во излитената англиска блуза со боја на пожолтени дабови лисја. И Змејко немае време да направи ни чекор кон таму, кон него, а оној веќе стоеше тука, само на чекор, во средината од групата потргнати од кај колите, и тие веќе си ги тресеа еден со друг рацете со истата, наеднаш небаре ниеднаш и несакната жестокост, која исто сè повеќе им нарастуваше и им стануваше пак сосем дива и разврескана во нив, продолжувајќи сето време од жестоко пожестоко да се потчукнуваат по рамената. Му се стори дека и денот дури сега навлегол во неговите очи и го заслепил, едноставно го исполнил сиот, така што тој речиси сети како е тесен во себеси и за да го прими тој убав планински ден наоколу, додека некој од селаните крај него на кои тој имаше заборавено сосем, но не и тие на него, бидејќи оној таму не забави ни да прослови: „Змејко е печен, вечер се запишува...“, а тоа сега небаре повеќе ни воопшто и не беше важно; беше само некое инаетење во него, на кое и сам однапред му го знаеше крајот, и сега одеднаш беше веќе и поминато, како да било во некој сосем подруг живот. Но, денот си врвеше по старому и барабанџијата со својот оптегнат глас ја најави пак вечерната конференција на Народниот фронт, а на светлината од газиените лампи и вечерта сите селани продолжуваа да молчат и да чмурат со своите цигари по ќошовите од единствената поширока училница на основното училиште, како секоја вечер, ниеден од нив не велејќи НЕ. И тие, што беа веќе запишани, го сторија тоа како потргнувајќи се, како двоумејќи се, и како со тоа да му избегнуваа единствено на своето предолго и претегобно двоумење. Сите тие селани вечерта го разбираа сосема добро зборувањето од неговиот Брат; тоа ги тераше да се ломат во себе, како за несреќа, таа вечер ниеден не се призапиша во Задругата. Се разотидоа пак молчејќи по сокаците, а Змејко го зеде својот Брат кај себе, го одведе наспање дома. Имаше многу работи Змејко да распршува таа ноќ. Многу исповеди да чуе, да каже. Мара неколкупати им влегуваше во собичката, таа повеќепати се обиде да им рече дека е многу, премногу доцна и дека е време да легнат, но ни едниот ни другиот едноставно не мислеа на тоа. Змејко му кажа сè на својот Брат. Тој му ги кажа сите двоумења на селаните. Братот му рече дека тој, Змејко, и покрај сè, треба да се запише во задругата. Змејко му кажуваше за сите работи со Претседателот. Братот му рече дека ниеден и не може да биде венчансо тоа секогаш да остане претседател. Таа ноќ Змејко чу многу работи за луѓето. Тој ги разбираше сите работи за луѓето, но тие некако на еден ваков наврапит начин многу тешко можеа да станат негови. Можеше само да послуша, но не и да продолжи да не размислува за нив. Утредента Братот си отиде уште во зората; а Змејко вечерта се запиша во Задругата. Го стори тоа исто онака, како што го правеа сите други, просто да помине на редот. Навистина, остануваа во него многу од оние работи, што ноќта му ги рече Братот. Тој со таа доверба разговараше и со повеќемина други селани, кои дента исто се запишаа во Задругата. Но, таа доверба, што ја имаше таа вечер тој, можеше да ја зачува само првата година. А тогаш сè отиде во триста ѓаволски мајки. ... Змејко и сега знаеше дека неговиот Брат е еден од оние, што раководеа. Неговата слика сè почесто излегуваше во весниците. Змејко добиваше од својот Брат честитки за секој празник. На тие честитки Змејко никогаш не одговараше. Немаше што да му каже. Или имаше многу, но сето тоа беше така некако зајазлено во него, што тој не наоѓаше како да почне; немаше некоја чистина, не беше начисто со самиот себе. И за оваа Нова година, заедно со честитката од Јовко, Змејко доби една убава честитка и од својот Брат. Се обиде и тој да му напише една од оние прости картики, што се продаваа во нивниот кооперативен сектор. Не успеа. Добро немаше; лошо не сакаше да му напише. Дури сега, кога се исправаше од своето легло, Змејко мислеше дека овојпат навистина и би можел да му напише барем тоа, дека е добро, и тоа да биде исто онака безразлично, веќе како и сите други нешта. Да го поздрави, и сега да му рече дека нешто сфатил. А низ сето тоа време, во него остануваше мислата за еден таков чуден живот, аскетски посветен на сите други луѓе. Му беше разбирлив, но секогаш продолжуваше да останува и премногу далечен од него. Сега, кога го сети и своето неволно приближување кон сето она, можеше многу добро да ја открие и длабочината, а и сето самоодречување, и сè друго, што некогаш само го насетувал кај својот Брат. Животот треба да се прави, се присетуваше, а луѓето, па на луѓето треба само да им се помогне, човече. Да им се пријде сосем блиску, секому поодделно, да се сфатат, а потаму да им се помогнува, да им се покажува што е тоа, а по сето веќе и да ги гледаш како растат со она во нив. Како тоа во нив, заедно со нив расне; и постојано ги држиш за раката и да ги водиш по тој тежок и сложен пат. Беа останати и зборови од онаа вечер; и тој сега ги изнаоѓаше нив. Продолжувајќи да длаби по тие зборови, тој можеше да црвенее, мислејќи на оној ден, кога отстапи. На тој проклет ден, кога откажа да биде бригадир, кога ги тресна од земја документите за во Партијата, кога не откаса никаде за тоа ни збор; и кога довербата му остана откината, како што може само експлозија од бомба да им ја однесе во војната на луѓето едната нога, или едната рака, и да ги остави сосем без неа. Но, тој не црвенееше ни само заради себе. Стоеше увиснат на прозорецот. И дури многу доцна, полн со тие себеобвинувања, можеше да го открие она, што се случуваше со денот надвор. Сега беше пак само тој, само неговиот јужен ветер и Змејко можеше да го гледа од својот прозорец него како заседнува над целиот свет и над сета негова Бела Долина, завладувајќи со неговите топли здивови над сиот ден. Сега беше пак тој топол јужен ветер, неспоредливо нараснат и бесповратно веќе беше го распослал небото во сета негова шир со својот мек млечен допир. Благите налети југовина ги пробиваа патиштата по самото дно од студената негостоприемчива белина, и веќе почнуваа да трубат во крошните од дрвјата, од кои беше испаѓан сиот окит и сега само стоеја мирни и кротки, од обете страни на долината, црни и покиснати. И снегот сега беше како спитомен и омекнат; лежеше во нозете на тој спалавен ветер како некоја кротка животинка, почнувајќи пополека да линее под допирот на неговите кротки прсти, станувајќи притоа не толку изгаснат, колку со една своја нова, спитомена белина. Го очекувавме толку денови, а сега го гледаше како му надоаѓа и сиот се занесе со тоа. Сето она другото, сиот тој ѓаволски гомарен сплет во него, одеднаш стана само едно попусто, јалово кинење. Ова беше живот, и тој беше негов. Истрча низ вратничката и се закопа ди натколениците во снегот, а со секој дел од своето тело просто како да го впиваше во себе дишењето на таа единствена вистинска, топла и миризлива југовина, што го преземаше во своите заплискувања и развевајќи го, го омекнуваше, сиот. Можеше да го слуша до наситка рикањето на тој спалавен јужен ветер низ длабожините од нераскрчената студена шума; тоа се плискаше како некоја пробиена брана, носеше уште несетена прекрасна топла раздразнетост во градите; носеше крајна одврзаност во сето, и пребликнуваше високо со секој нов налет, спитомувајќи со својот допир сè. Небаре целата шума одново никнеше над таа недогледна белина; секоја бука во неа како да се исправаше во тоа, отфрајќи ја од себе сета своја задремана прибраност, онаа притиснатост околу прекночката нишка од срцевината, трубејќи. Беше нешто вистинско како леб; надоаѓаше во разбеснети виорни коршии и се радуваше, родено. Беше негов ветер, што најпосле мораше да му дојде. Змејко сега просто го гледаше како му се киска во лицето, понекогаш му се чинеше како да го дофатол на своите дланки, тој бел питом кутрак на ветерот; имае еден таков впечаток за неговиот волнест мек допир. Снегот му ги квасеше нозете со својата спитомена мекота; беше задоволство да се цапа по еден таков совладан снег. Беше задоволство да се дише тој ветер, наситен со киселикавата зелена миризба на стоплените, разбудени буки. Беше здоволство да се дочекува сето она, што му го носеше нему таа разбодината југовина. Мразот во коритото немаше ни трага од својата срчена цврстина. По површината од тој зелен мраз, како некој долго да триел со топла дланка, сега стоеше едно магливо проблеснување, а кога го пофати сети под рацете само една пивтиеста водурлива обвивка, во која може да се забуца цел прст. По процепите од буката, веќе капеа тешки капки. Имаше впечаток како сè околу него да набарело и прокапало, дури сега можеше да ги види и да им се радува на звучните најадрени капавици од својата стреа, што се цедеа во густи шурки и ја длабеа веќе одамна до окопнување белината. Сега чекореше, понесен по тој ветер, просто како да се прегрнуваше со тој свој долго чекан и незаборавен ни во сонот гостин; празнуваше заради својата единствена исполнета верба и одеше таму каде што го поземаше неговото немирно кискање, додека не стаса до работ од шумата. Незадржливиот порој од будењето ја нишкаше сета шума и таа му се подаваше без помисла за назад, просто како да се водеше со него, испуштајќи ја својата моминска миризба на залено, вивнувајќи ги сите свои слочеви нагоре, во секоја најтенка гранка, во секоја притаена пупка. Меѓу стеблата во снегот стоеја вдлабнатинките од испаѓаниот окит, како единствени измешани дири, што покажуваа дека и тука неодамна веќе поминал со својот палав чекор на заводник тој јужен ветер. И отпатувал натаму во длабините, од каде што сега, заедно со она трубење, се слушаше како неретко прикрцкуваат гранките, кои му се подале сосем на неговите топли непреодливи прегратки, така за тој да може дури и да ги однесе по својот немирен, палв лет. Многу од нив остануваа да солзат со онаа слатка болка на трудницата, или продолжуваа ритмично и долго да повторуваат во занесот својот откорен преродбен стон. Ја остави шумата дури кога забележа како меѓу стеблата почнаа да се зафаќаат ветривите солзооки квечерини. Своето дивено срнче го изнајде целото закопано во една од длабоките стапалки и сега, многу потешко од секогаш, успеа да го фати и да го внесе нараце во својата собичка. Тој малечок на еден само свој начин ја имаше чуено многу добро трубата на будењето и веќе се беше затрчал онаму, каде што го повикуваше таа. Воопшто не сфаќаше тој дека она, што се случуваше надвор, беше сепак само еден сон, само едно потсетување и само едно такво будење, заметнување на плодот, кое допрва требаше да се носи низ утробата на шумата. Зелена миризба е сè уште далеку да е и зелена шума. Еј, ѓаволе, му рече, зарем не гледаш дека е за тебе сè уште рано? Ништо не заборави. Но, сега некако сето друго беше останато далеку зад него, во чекањето и во чмаењето. Беше тука, но беше и изгаснато во неговото паметување веќе скоро сосем. Живееше само со оној ветер. И знаеше одеднаш првпат без никаков шуплив прозвук, дека сега и почнуваат вистинските нешта, и со него, и со сиот негов живот, кој, независно од сите други нешта, остануваше и потаму еден, и негов. Од сандакот ја извади половина од храната, што му беше преостаната. Вечераше од неа пред прозорецот, што го остави отворен, за да не £ загуби недоживеан и неосознаен ниеден здив од сета онаа настасана и само во најсреќните мигови замислена фурија надвор. Кога беше готов, му извади на јаренцето сено и му го поштрка со малку сол; немаше ништо друго да му даде. Тогаш, не ни помислувајќи на дивината, чија песна дотогаш ја пречекуваше секоја вечер, се смести во леглото и веднаш заспа. Ноќта често се бидеше, вслушан. Но, и заспиваше веднаш штом ќе беше сигурен во сè што чул и не чул. Еднаш, заедно со испокинатиот писок на дивината по ветровита ноќ, сите среде сето тоа рикање на југовината низ Белата Долина, тој успеа да ја начуе и тенката свирка на водената шурка, што веќе беше потечена низ сифонот долу, каде што беше машинеријата на неговата бичкија; беше тоа едвајчуен но и сè посилен ѕвон на металното копанче од турбината; знаеше дека е сè уште рано. Но, ни во сонот тој не сакаше да загуби ниеден миг од времето, во кое можеше да го почне она, за што и беше жив. Се будеше како навиен често за да го следи неговото постојано нараснување, но и само толку, колку што беше потребно сето тоа од него да го чуе. А кога ветерот ја однесе со себе и долгата зимна ноќ, и кога на нејзино место ја истури виделината веќе на сосем спалавениот во неговиот немир докрај пребликнат ден, занесувајќи ги далеку по својата посока и тешките капки од капаците во неговата стреа. Змејко немаше повеќе но што да чека. Целата зградичка, со непречен предизвик, просто проигруваше од она поројно заплиснување на вода, што сега можеше слободно да се слева по шупливоста од буката и да се распрснува, удрена во коритцата од турбината. Беше грев да се испушта попусто таа сила. Бргу ги стори сите работи, што требаше да се сторат, пред почнувањето на еден работен ден, а потоа веќе навлезе со крајно одврзан чекор во вратата од просторната работилница, кревајќи виулица пилотини, сиот сосрдоточен во едно. Постоја мирен кај тезгавот спроти челичниот слив на запците од бикчијата, додека под него бесно се плискаше, пенејќи се, водениот порој, удрен во ѕвонливиот прстен од турбината, само толку, колку што имаше време да плукне во своите две голени дланки. Беше тоа еден таков прекрасен, семоќен ведор плисок што во него лесно можеше да се заборави на сè друго, освен на тие две свои големи и во еден миг одново откриени дланки. Стоеше во просторната сала, наострен како откочена пушка и сега, потресен од силината на некакво вратено задоволство со самиот живот, ја држеше во дланка рачката, што требаше само да ја притисне, за сите делови од околната машинерија да полетаат по своите виорни, строго преднабележани движења. И наеднаш тој веќе немаше што да чека. Се опре со целата тежина врз онаа рачка, ја сврте со сета сила на својот лакот. И, уште следниот миг, како по некоја маѓија, целата просторија околу чиниш полета, чиниш се понесе некаде високо, гледајќи со едно свое сосем ново лице. Дебелиот ремен просто отскокна, напнат, а потоа се вивна во едно бучно кружење, забирајќи ги по своето движење сите други делови. Скаменет грч во широката плоча од пилата како да се сепна еден миг, наоѓајќи се себеси будна, а потоа одеднаш, изнаоѓајќи го својот тек, се отпушти надолу, при што острите искричави запци веќе загризаа во кревката црвеникава буковина од трупецот што беше наместен пред нив. Во преднабележан лак уште веднаш почна да се ниже дебелата перјаница пилотини. И уште веднаш целата просторија го фати ритамот на таа усвитена, забеста, сребреста секавица на пилата, понесувајќи го во него и задното зрнце пилотина, запнато за пајаџинките во горните ќошкови. А светлината што ги усвити металните венчиња во електричните ламби, нанижани по таванот над целата просторија, беше како некој мек животен флуид, што сега ја одделуваше сосем во нејзината волшебна единственост само таа просторија од сиот празноок, изгубен свет на дивината наоколу, позлатувајќи ја, облагородена од семоќната мисла и труд, одбрана меѓу сиот див бескраен простор. Можеше да работи. Можеше да се напнува и да се превиткува, впрегнат; можеше да совладува и да биде среќен. Можеше да работи. Можеше да живее сосредоточен само во тој миг, сиот тука. Тоа беше сè, што отсекогаш го сакал за себе. Сето она го виде само со едно обѕрнување наоколу со својот поглед, во еден свикнат сеопфат, со кој си ја изнаоѓаше уште еднаш за себеси овој одсега таа просторија, а воедно подавајќи £ се и нејзе сиот. За потоа веќе ниеднаш да не ги оддели очите од она место каде нивниот поглед беше неопходен токму тој миг. Ја гледаше како се просребрува до невидлива проѕирност, иссвирувајќи пргаво низ дебелиот трупец, својата пила; ја гледаше како се взрачува прелесна во неговата длабочина, сè дури не можеше да ја префрли преку себе и првата вита штица, што ја извади; можеше притоа многу лесно, со сите примитивни лостови, од кои беше самоделски досетливо направен целиот тезгав пред него, уште во првиот следен миг да ги упати замавнувањата на таа подивена челична стихија во месото од трупецот, каде што му беше потребно нему, во милиметар, а пилата го послуша и одново писна. Имаше пред себе сè што му беше потребно; имаше едно одлично време што му носеше многу, премногу вода, сила; а тука беше и таа здивена машинерија, која беше готова да му се потчини и на најмалото движење на неговиот прст; и тој беше тука, и знаеше да ракува со сето тоа така, како целиот тој механизам да беше просто продолжување на неговите прсти, помисла, желба и, ни тој, ни бичкијата не мораа попусто да се трошат во ниедно непотребно замавнување. Иако до тој ден уште ниеднаш не бил со тоа сесем сам, тој можеше да ги совлада сите работи, што беа негови, и беше среќен од тоа. Можеше да работи. Ги одмеруваше сите свои движења и секогаш беше на местото, каде што беше неминовно неговото присуство; тоа му носеше едно неспоредливо отворено, разврзано и крајно целовито задоволство. Ќе работиме, мислеше, додека постои барем уште еден трупец; и сè дури трае и најодзадната фискија од онаа богата, надојдена вода, сила. Мислам дека ќе можеме да издржиме, мислеше, просто допрашувајќи се за тоа и со бичкијата пред себе. Спроти себе. Ќе се обидеме си рече, кога не чу ни звук на некое воздржување. Крадеше секој слободен миг за да го замести оној барем уште едниот, што го немаше тука, и, да го поднамести следниот трупец, што требаше да биде спуштен во еден миг пред неситото чудовиште на размавнатата пила; за тоа имаше одлични помошници во лостовите, што ги имаше смислено и направено со Дука во текот на сите изминати лета во оваа зградичка, и сега беше просто милина да се ракува со нив, онакви познати, излезени од под своја рака, и послушни. Знаеше што да побара од секого од нив, а тие ниеднаш не изневеруваа. Беше само еден дел од сета работа околу; се чувствуваше и себеси како само еден непогрешлив дел; остануваше буден за секоја ситница; буден до бела усвитеност, за секоја и најмала промена во звукот на писокот од пилата, за секој искачен милиметар од своите лостови, а под неговите раце сè одеднаш стануваше послушно и вредно. И најголемите трупци питомо се наместуваа во потребните лежишта; на милиметар токму онде, каде што беше неговата желба. Ги приближуваше и ги подготвуваше и најоддалеените трупци по ќошовите од таа просторија; ги прибираше пред себе како некое стадо, додека можеше да се оддели од пилата и да ја остави неа да беснее во срцевината од оној, што сега го работеше, а под неговите раце и тие по метар и повеќе полупречник дебели трупци ги напушта местата, вкопани во пилотината, и почнаа да се префрлаат еден преку друг. Се престоруваше, онаков напнат и жилав, сиот во некаков непогрешлив и цврст, усвитен лак докрај совладано и усмерено беснило, пред кој сè, за што ќе се дофатеше, одеше на своето строго смислено место; пред кој во сè наоколу се зрачеше неопходниот немир, царуваше сеопштото будење и покренување. Имаше пред себе една таква машинерија, на која можеш само да £ се радуваш; тоа ниеднаш не ја истенчуваше до крај својата напнатост, туку секогаш остануваше отаде барем уште една половина од нејзината моќ; во неа беснееше една таква здржана, зауздана и пресметана стихија, на која требаше само да £ се достојува рамноправен, па во сето тоа најбргу најмногу се радуваше што ни во своите раце, а ни во бичкијата не можеше ни да се насети сенка од некое и најмалечко крајно пренапнување што бргу исцрпува. Сè наоколу беше подредено во една единствена волшебна ритмична игра: сè се носеше по оној заплисок на водата под него, а тој секогаш одново £ се радуваше на секоја нова извадена штица, на секој нов изработен и раздробен трупец. Се радуваше на секој свој вистински заграб, на секое свое движење, исто како и на секое спуштање на онаа побеснета и на мигови до невидливост полетана чудовишно силна магија на пилата. Сè друго беше останато бескрајно далеку од него. Дури и повремениот отпрвин преплашен, а потоа веќе само докрај зачуден поглед од неговото јаренце на прагот, до каде што се решаваше понекогаш да му дојде, не беше во состојба да го натера да му се посмее. Беа оставени надвор од неговиот свет и денот што одминуваше во неговите прозорци, и налетите на ветерот, со оној нивен вака питомо спалавен и заскитан допир, и сите, сите други мисли. Само кога ќе подзастанеше во меѓудвижење, со виснати раце и еднипати веќе и со две капки пот по обете страни на челото, можеше да погледне мигум кон сето; но, уште веднаш потоа, секавично, сè исчезнуваше. Оставајќи го целото негово суштество само за да може да ја дочуе најнезабележливата промена во писокот на неговата пила, додека таа с’скаше низ некој глужд во трупецот под себе, за сето време чувајќи го на дофат малото кутивче со подмас, со кое поминуваше по зглобовите и по сите колена на механизмот. Не стаса да забележи ни кога над Белата Долина налегна топла темничина на ноќта; тоа го виде некогаш доцна, кога успеа со едно крајче од свеста да дофати и неколку заскитани писоци на онаа проклета гладна дивина, веќе привикната на звукот од неговиот труд. Некако токму тогаш почувствува глад. Ќе биде добро едно кусо здивнување и за него, а и за пилата, се јави одредена помисла. Се обѕрна наоколу и погледот му се насмеа додека го одмеруваше нараснатиот куп црвеникави штици, нафрлани на подот, уште топли од неговиот допир, а од другата страна смалениот за една добра третина куп на истркаланите трупци. Ја повлече рачката. Полека сè се смири. Истрча кон собичката; на прагот за малку што не се препна од свитканото, веќе и заспано тука клопче на неговото срнче. Тоа сега го исправи главчето и се загледа во него со своите ведри очички. Во сандакот имаше доста храна за уште овој да биде сит. Тоа му беше најпотребно сега. Не сакаше да знае ништо за тоа дека внатре не остануваше повеќе ниедна трошка. Беше сосем несложено и добро; не мислеше на тоа, воопшто многу. Уште веднаш сит £ се врати на својата бичкија. И се понесе одново во таа распнатост меѓу лакомата, ненаситна пила и дебелите трупци, секогаш ни за секунда непогрешливо присутен токму на местото, каде што беа неминовни неговите раце, досетка, помош. А само по малку веќе отскокнат сосем на другиот крај, а секогаш постојано во срцевината од сите тие мигови, незабавно и ниеднаш попусто, сосем исто како и незапирливиот сложен лет на машинеријата, со секое делче од себе, со секоја мисла, мерка на дофат, тука. Тоа траеше цела една предолга зимна ноќ, која ја осозна дури кога беше мината. Тоа се продолжи и во денот, што го најде веќе откако беше навлезен во неговите прозорци со неговата млечно бела заскитаност по ветровите, забележувајќи ја бегло и онаа некаква прашинеста белина, и не само заради неговата недојденост и својот изморен поглед. Сега веќе не можеше да £ бега ни на болката, што беше зела уште поодамна да му се загнездува во зглобовите. Беше веќе и свесен за неа; но знаеше дека и таа е уште бескрај далеку за да може и да го пребори. Можеше сè уште да останува крај таа неуморна поројна вода долу; имаше тој во своето тело уште многу движења, што £ беа потребни на бичкијата во незапирливото дробење на трупците. Можеа сè уште лесно да продолжат да бидат спуштени на она место, каде што беа потребни, сите тие трупци; сега, кога беа веќе сите наместени и наближени, тоа беше многу полесно. Едно време броеја во нозете само уште шест преостанати трупци, од сета онаа заплашувачка грамада, што беше наредена тука кога првпат £ дојде зафаќајќи ја речиси целата половина од големата просторија на приодот. Место нив таму сега стоеше празнина. Но, тој мораше да ги доздроби и нив. Најмалку себеси можеше да си позволи на крајов сега да биде дел од целиот тој изминат спалавен празник на разврзаната работа, што ќе попушти. Што не ќе додржи до крај; што плиткоумно ќе откаже во задниот миг. Продолжуваше да останува на своето место, гребејќи за тоа останување сила и од своите дланки.1 Беше дојден тука најкрајкраишта единствено заради ова, што го правеше сега; беше притоа еден неизмерно среќен човек, што доби сè што за тоа му треба; зарем не ќе го дофати тој секој миг од времето, секоја нишка од онаа сила и вода, што му беа дадени волку штедро и да не достои. Ова не беше на крајот никакво измислено искушение, како сите оние заборавените во него. Ова беше тој и неговата работа, сами, тоа беше сè, што продолжуваше уште да знае. Ниеден цел трупец, мислеше, сè друго не би било наше. Секогаш, кога ќе се дофати вистинскиот миг, мора да се истрае, мислеше, додека трае тој; а за совземање и за секакви шлаења таму може секогаш да се најде време. Тој не можеше да откаже; тоа не му го позволуваше ни оној ведор, ни за ронка нестивнат метален порој, кој не сакаше да знае за никакво запирање. Остануваше буден за секое движење, независно што за тоа му беше потребен веќе и сè поосетен напор. Остануваше, просто позајмувајќи острина од сета таа метална будност околу себе. Тоа траеше, сепак, само додека не го намеси и последниот од тие шест преостанати трупци пред челичната пила. Дури и притоа се чинеше и понатаму дека продолжува да останува сè да си биде во ред. Но, уште веднаш штом бичкијата се закопа во трупецот, а тој се поттргна настрана да здивне, онака скапнат, со две врени клопчиња умора под своите мишки, погледот му се запре на прозорецот. И уште само според тој кус мигновен замав знаеше веќе тој, ќе мора да дојде крајот. Токму тоа и можеше беспогрешно добро да му го каже она густо вриење на острите ситни снежинки, што паѓаа право, воопшто без поигрување; што едноставно се сипеа прегусто и преситно во посивената белина од тој ден надвор, кој заради нив и изгледаше како да е целиот една грутка настрхната студена голомразница. Тоа и југовината вон веќе го беше свршила своето и отпатувала. На нејзино место денот сега го донесуваше токму тоа золаво ситнење на пепелавиот снег. А првата работа, што ја носеше веднаш по себеси тој ситен северен снег, беше да ја стегне пак среде своето пепелаво замрзнување; да ја зачкрети во сите пори, да ја скамени, целата земја. Ете што замавнуваше сега вон со своите разбрзани пепелави поли; и сега тој можеше само да очекува сè што потаму со тоа иде. Му успеа да извади само уште четири штици од последниот трупец. Кога ја затера петтата и кога го углави трупецот да оди право, она, што се случуваше со денот надвор, можеше веќе да биде забележано сосем добро и во движењето на полупремалената челична плоча по нејзиниот процеп низ буковината. Беше едно тивко смирување, папсување на сета онаа разбеснета игра, едно тивко гаснење, што почна да се меша и да го разјадува и сиот нејзин вресок. Правеше сè, што беше до него, за да £ помогне да го совлада уште тоа и да излезе победнички до крајот. Но веднаш знаеше дека сето веќе беше протатнето и одминато во неврат, и дека се вчудовидувачки дури и тие негови којзнае во кој заден оган дочувани задни доцедувања, што беа сè уште преостанати. Успеа да ја дотера само уште таа штица, превивајќи се над трупецот. А кога се обиде по навик да ја почне новата, бичкијата веќе сосем бессилно се влечкаше и замачуваше. Додека не долази таква само донекаде во трупецот и тука сосем запре. Последното што успеа да го стори, беше да ја повлече онаа рачка, и самиот да го доскочани сето, што го држеше толку многу во својата виорна понесеност. Беше една глува отпуштеност и полегна, претешка, во сè наоколу за миг; ја исполни целата просторна сала, чиниш се превитка изребрена гладна волчица и, сива истоштена сосем се смири. Стоеше увиснат среде оваа докрајна изнуреност наоколу, а сите болки во неговото тело веќе почнуваа и да се здрвуваат, па и да завиваат во секој зглоб, секој со својата остината оловна грутка. Беше готов да се отпушти и самиот да се свие во меките пилотини во неговите нозе. Да си ги запрета во нивната мекота и сите свои болки по истоштената снага и така веќе да исчезне. Место тоа тој само зграпчи рака од црвеникавата мека раздробеност во своите нозе, сè уште со некоја задна топлинка во допирот, а потоа ја пушташе да му се рони меѓу прстите, сипејќи се исто онака бесшумно, пепелаво и право, како и густите ситни преспи на острите снежинки во прозорецот. Сега се дотетерави до леглото и се зави во покривачите од овча штавена кожа. Заспа веднаш, штим го почувствува допирот на перницата под својата глава. Бело наидува белата зина ноќ. Наидува бело и заискрено, целата во некој златест ѕвекот, се рони од бледосиното небо, чиниш една единствена пајаџинка, сребреста и залебдена; трепери со некоја чудна омарнина во првите бели ѕвездички, а потем се расплиснува над сета бела земја како руса девојчинска коса, престорувајќи го во еден миг сиот свет во некој дворец од бајките, поплочувајќи го со злато и исковувајќи на него безброј безброј бели сребрени филигрански плетеници, поштркувајќи го со илјадници одблесоци од бесценети камења, кои го маѓепсуваат погледот и во кои и волкот почнува да мечтае. Тука нема никаква темнина, никаква ноќ. Има само една тенка, претенка синевина, само една толку сина сенка колку за по неа да може да се расплисне богатата месечина, што истечува како полн заплисок заискрено бело вино од онаа единствена полна топка на небото, што стои на самата негова средина, како усвитен, пребликнаат саан. Всушност, ако има некаде ноќ, тогаш таа и ќе да е најмногу во тој полн, низок зимен месец. А потем ноќта почнува да се усвитува. На нејзината белина светот полетува во некоја своја несонувана залебденост, блескоти со сиот раскош, како невеста во своите срми и во своите прекночки везови, понесен од самовилски тивката полна мелодија на месечевиот прозвук, замечтаен во таинственоста од длабоките сини катчиња од сенките. Секое дрво, во овие ноќи станува по еден вивнат и неракотворен сплет филигран, секоја голинка по еден раскошен вез сребресто и златно. Велат дека ниеднаш другпат човекот не може со таква занесеност да ја престои целата ноќ на прозорецот; тогаш велат само го занела самовилската ноќ. Стоеше на својот прозорец по речиси цели два дена и една долга зимна ноќ сон. Тој уште вчера знаеше што му носи оној густ, ситен врнеж, што го прекина во работата; затоа не беше изненаден кога се разбуди и кога ја најде во прозорецот токму неа, белата ноќ на наидување. И сега таа се китеше пред неговите очи со своите ѕвечкави низалки; а тој не мислеше повеќе ништо, не чувствуваше дури ни глад, беше сето време сознаен дека само може и да се спрема за во некој најблизок од идните денови да замине назад; а ова во него сево имаше веќе и чуен прозвук на збогување. Беше задоволство да се знае тоа, со она тивко знаење по длабокиот, благословен, лечебен сон, загледан во овој прекрасен мир и сознаен со секое делче од своето тело со кое се сторило сè, што се барало од него овие денови тука да се стори. Беше една прекрасна и пребогата тишина, во која се слушаше како потплуснуваат дури и сребрестите одблесоци по дрвјата; неа само понекогаш ја нарушуваше познатиот питом шум на неговото ѓаволесто срнче, што ги одбираше покревките сламки од сеното, со кое го нарани кога стана, тука, сосем недалеку од него, и само тоа се чинеше неприродно. Дури и печката гореше некако без крцкот, иако целата беше усвитена; иако се разискри, и тоа само мигновено, за бргу и сосем да стивне. Според сета знајна изболедуваност на законот на ноќите во Белата Долина, која некој и ја нарекол бела бездруго во една ваква ноќ, од некаде од далечините почнаа и сега да поникнуваат оние диви писоци, целите во некакви кристални одзвуци и на некој начин единствени сосем свои, донемајкаде домашни тука, среде овој неземен заблескотен кат. Завиваа, не нарушувајќи ја воопшто ни со својата крајна писната болка оваа црковна тишина чиниш и надополнувајќи ја неа, дива и нефатлива, со својот безбожен псалм. А потоа зедоа да се приближуваат, довикувајќи се и извабувајќи се со некоја крајна безвера од себе на таа месечина еден со друг. Набргу во тишината беа чиниш чујни и нивните крадешки чекори; а одвреме навреме можеше дури да се види како по таа таинствена залебденост на сè прострелкуваат понекаде и нивните издолжени прилики. Кои исто неочекувано се искриваа уште во првиот следен миг, чезнејќи небаре расплинети во белината, и оставајќи во погледот само една колеблива игра на причинување и недоумица. Бидејќи сè што се случуваше по сета оваа ноќ, секогаш најповеќе и можеше да биде привид, сон; на тоа тераше самата нејзина невистинита светлина на одблесоците и на белите безбројни искрења на снегот, од кои и беше сета. И додека мислеше; Боже, колку неповторливи маѓии имаш на нашава земја, не помислувајќи притоа на ништо определено, тој си ја прибра до себе и својата долга француска пушка, ка настега во неа задната пачка фишеци, што ја имаше, и ја задржа до допир близу. Кога се сврте, веднаш зад својот грб го најде и она свое секогаш одново со нов преблик близок трепет новооткривано јаренце, исправено на високите, тенки ножиња, скаменето небаре £ е највистински споменик на убавината и на невиноста на дивиот свет. Несфатливо далечно од него и сето вслушано кон ведрата ноќ, целото потонато во одбирањето на сите нејзини шумови, настрхнато на нејзината белина, во неговата стојка како да беше собрана и сета белина и сиот нејзин раскош. И му ги носеше, раскошни во нивниот празник, сите нејзини трепети, кротки, во неговата малечка собичка, во тој малечок заграб од белото пространство на дивината. Еј, ѓаволе, му рече. Што има? Срнчето на тоа само мрдна со увцињата, како да му рече да молкне, а потоа одново се скамени. Еден силен писок, тогаш, што искрсна веднаш тука, небаре крај него, затрепери по сета ноќ и долго остана исправен и остер. Еден друг му се одзва од зад првите буки на другата страна од долината. А уште веднаш по нивното стивнување над целата Бела Долина се надигна еден таков заеднички лелек од многу арамиски гладни завивања, кој заплисна со својот сплет, така што од него чиниш се најде во осетно потреперување целата таа раскошна сребреста белина, заобиколена и гола. Сега Змејко можеше и да го гледа. Наизлегуваа на чистината, шест издолжени црнки; зашараа неспокојно по таа искричава залебдена маѓија, задушкаа по сите нејзини катчиња, одминувајќи прелесно, како да се слизгаат по неа, и сето време доаѓајќи сè поблиску до неговиот прозорец. Сега можеше да биде чуено и она нивно тивко, цвичливо скимтење, кое секој од нив го продолжуваше како некое само свое тивко мрморење; тоа се престоруваше и во жестоко заканувачко ‘ржнување, веднаш штом само две од тие остри вретенести прилики ќе се судреа очи в очи; или кога ќе се разминеа само за еден чекор. Секој од нив чиниш само за себе си ја пребаруваше сребрената чистина, не признавајќи никого друг, ничие туѓо пребарување; на она такво стреловито сновење набргу тој му ги слушаше и неговите стапки. Наближуваа, секој за себе, во истовреме чиниш и постојано отстапувајќи, секогаш готови да исчезнат само со еден скок, едноставно да се растопат во маѓепсувачкиот проѕирен лебдеж, но и понатаму постојано и трпеливо освојувајќи секој сантим од растојанието, што ги делеше од неговиот прозорец. Една таква бездна самота, што во својата глутница се ближи... Додека не надојдоа веќе и сосем близу пред него; толку близу, за да можат да им бидат видени и нивните остри муцки, и нивните опашки, издолжени зад нив и секоја како прекршена во нејзината средина од гладот и од мршавоста. Набргу можеше да ја насети дури и нивната погана, отровна миризба на една таква дива глад и преопната бездомна сила; на некоја таква зачудувачка жилава осама и неизгубеност сред раскошната бела пустош. Оние застанаа во еден единствен секавичен миг. Тие знаеја за него; тие сите го сеќаваа одамна на прозорецот, па сега и застанаа тие сигурно од нешто таму сосем свое, и сосем друго и неразбирливо. Токму како некој маѓепсничар да прекина од некаде од зад сите тие волшебни дрвја некаква игра. Сега стоеја, сите шест, со своите шилести муцки, секој од своја страна опрени во неговиот прозорец, на десетина метри од него, а тој на своето лице просто го сеќаваше и нивниот единствен поглед, кој го проголтнуваше. Траеше доста кусо, колку четири здива, или колку четири волчи соништа; веднаш потоа оној маѓионичар таму ја покрена пак својата волшебна прачка и дивината го раби одново својот застојан синџир. Сега тие зедоа да ги душкаат сите негови стапалки по снегот. На месечината понекогаш ќе проблеснеше стаклесто црно само по некој поглед, со нешто во себе на поглед од истечено око; ќе жегнеше само по некој отскриен заб. Но сега сè побргу сето се беше присторило во една такво чудно сновење околу неговата пилана, едно такво забрзано одминување, при кое секој од нив, со една неотстапна фанатичност во проклетата бездна осама и недоверчивост во оние сиви, изребрени тела, и потаму мораше да мине секое место, така што неколкупати се случуваше и да се судрат по два, а притоа само остро ќе прикрцкаа соголените очници, што сето добиваше вид на некоја вртоглава омарнинка. Една морничава крајно дивина, едно здружено проклетство на гладот, една погана стрвна заснованост околу, со која со која го изразуваа и му ги расколебуваа маѓепсан и погледот и сигурноста во шти и да е со нив. Едниот најнакрај надушка нешто под самата негова стреа. Можеше да биде само еден негов стар опинок, што го исфрли пред повеќе дена, додека чистеше под леглото. Волкот го преора сиот тој тврд снег само за неколку мига. Другите пет беа еден круг од секој миг готови да наскокаат, притивнати и пренапнати дивинки. Оној не стаса секако уште ни да го довиди откриениот опинок во снегот, сега веќе сиот закопан во јамата, што ја испрета со сите четири нозе, а веќе сите други, со едно единствено заедничко движење веќе беа наскокани врз него во еден налет. И секој од своја страна вплетувајќи се во тоа жилаво зачекнато клопче, давајќи му ја и својата решителност и сила да почне да се преметнува, сè повртоглаво пиштејќи со шесте различни, нападнувачки гладни и бранечки молезливи и исплашени процвичувања, и секогаш постојано само уште потесно прежилувајќи ја впиеноста до неразликување еден во друг. Ги раздели неговиот истрел. Ги одврза за миг и четирите ги немаше само додека трепнеш. Во крвавата арена на боиштето беше останато само едно од сите изребрени суви тела, и тоа се превиткуваше во морничаво жилаво умирање, продолжувајќи сето време да замавнува во празнината со своите задни нозе. Чиниш и во најодзадните соништа продолжува осамен да бега, некаде по некоја шума, меѓу некои стебла, однесувајќи ја и од онаа страна на животот својата исконска глад. Шестиот, што не можеше како другите да се искрие бргу, бездруго доста искасан, а веројатно и некаде скраја закачен од неговото зрно, си ја одвлекуваше премачно и бавно својата болка нагоре, накај шумата, потскокнувајќи само на трите, но не и без некоја крајна притаеност во себе брзајќи да си ја прикрие троногата сенка меѓу сеништата од дрвјата на белата шума под месечина. Змејко беше токму спремен да излезе и да го земе веќе и смирениот утепан волк од под прозорецот, кога уште веднаш, само штом помисли на тоа, го виде како од зад најпрвата сенка, веќе се подава и почнува прибрано да лази кон неговата стреа најпрвин еден; а само по еден трепнеж шумата ја напуштаа ползешкум и се насочуваа кон поприштето под неговиот прозорец барем уште десетина такви долгнавести прилики со шилести муцки, безгласни и со подвиткани нозе под себе, слични на штуки, кога ќе се гледаат озгора меѓу растителноста од мочуриштата. Првиот веќе беше на прозорецот. Тој се нафрли врз убиениот. Но над него уште веднаш беа наскокнати одново сите други, дотрчувајќи ветерничаво од сите страни. И мигновено вплеткувајќи се во едно уште побесно, побесповратно и повртоглаво клопче, од кое снегот прштеше и чиниш веќе и се огнеше со кристалните кршенки што постојано полетуваа далеку наоколу. Пијанството, што го носеше крвта, сетена на острината од гладните очници, завладуваше пред неговите очи над сите тие жилести тела, а ударите од забите по секој празен заграб ги тераа да завиваат од таа ужасна опијанувачка грозница; беше една глад, која ништо не беше во состојба да ја утоли, таа само растеше со секој дофатен залак; таа побеснуваше во својот лудечки занес, разгорувајќи се, тука, на дострелот од снежните грутки во стаклото меѓу него и нив, а нејзините писоци од болка и од настрвеност говореа и за можноста од тој испреплеткан јазел на крвавото беснило многу од нив да излезат и без своите сопствени колкови. Го расплете со нов истрел и тоа пеколно клопче, само од тоа што не можеше повеќе такви и толку блиски да ги гледа. Ги снема сите. По нив остана само една црна крвава пласка во снегот, неколку расфрлени прамени кожинка или четина; а уште еден ранет проклетник, кој или не беше толку умен, или кому му беше повредена токму жицата од инстинктот да молчи, заминуваше со продорно цвичење кон шумата, насобирајќи ги по себе веднаш сите тие гладни и, раздазнувајќи ја уште повеќе со својата животна крв стрвната сè побројна струја во сета нејзина безбожност, ги поведе кон своите беспосоки по сета ноќ. Доотидуваа по него, затрчани; ги однесуваа натаму своите прекршени подигнати опашки, понесени од крвавата развиорена луња, оставајќи му во погледот само уште повртоглаво чувство на дивиот бег. Можеше само уште да ги слуша како се јавуваат сè од подалеку, како му ја довикнуваат најгорчливата и најтрпка тага на белата, заискрена ноќ. По нив заминаа и таа нивна залелекана песна, оптегната како најдолга опашка од најстрвната комета, што ја имала во себе некоја ноќ, секогаш испиштувана од прежилено, загрцнато грло, и разнесена низ ноќта, чиниш без воопшто да ја нарушува нејзината тишина. Зад нив под месечината остануваа да се црнеат една зад друга само нивните изорани крвави боишта, по кои подоцна, како уште пострвни мршари, се собираа и го јадеа, го проголтнуваа до неситост сиот тој снег, само најстарите и најбессилните, на кои годините и раните не им даваат да се понесат на танецот на вистинското крваво оро. Сега повеќе не можеше ни да ги чуе. Сега тие ја однесоа толку далеку својата морничава песна, што тој, и покрај сите притајувања, не можеше да дофати со слухот ниту малечок трепет од нивниот крвав плач во далечините. Доколку не беше тоа беспределот на сиот тој бел врисок. Штотуку спремен да се прибере во леглото, забележа сега како на самиот најгорен крај од голината прострелка нова и сосем поинаква црнка. И само по малку, наполно откриена, таа зеде да ја крстосува неа со своите високи скокови. Беше тоа некоја пречудесна игра и сè повеќе се доближуваше; тоа со неа и она парче живот £ се радуваше, ја празнуваше по свое убавата ноќ, враќајќи £ ги одеднаш и на нејзината белина сите загубени и осквернети одблесоци. И на местото на очајот донесувајќи ја својата лесноумна веселост и разиграност, чиниш токму со некоја таква намера да помине со својот разигран заборав над сите крвави траги. Окото на месечината и само како да го позлатуваше неговиот ветропирест танец; па така ни Змејко не можеше од својот прозорец да £ избега на потсмешката над сета таа само привидна бесмисленост што му заигра во очите, мачејќи се упорно да збрише од нив сè друго. Во тие свои меки потскокнувања, среде кои многу често знаеше и да се теприса, вслушан, и овој жител на Белата Долина доаѓаше сè поблиску до Змејковиот прозорец. Беше зајак, тоа можеше уште веднаш да се види. Еден безумен долгоушко, кому храната не мораше да му биде крвава, кој можеше да се засити и со неколку избрстени стебленки, играше сам под таа месечина. Долго, многу долго и Змејко веќе не помисли на ништо друго, освен на таа игра, на нејзината смисла. Но, кога беше на средината од долината, доста блиску до него, и кога застана тука и се собра во едно сиво перниче со начулени уши што се вртат, сиот претворен во прислушкување, Змејко дури тогаш зеде да се подготвува. Знаеше дека и оној таму го сети; но и тој беше готов. Сивата плаховита прилика веќе мируваше на предниот нишан од неговата пушка. Истрелот одекна со кристален ѕвекот, како сета ноќ да потрепери со своите безбројни, невидливи полилеи, а потоа се разнесе во осетливото ехо, по нешто од себе многу слично на онаа гладна волчја песна. Зајакот остана неподвижен. Се чувствуваше како во тој миг да £ скинал некој единствен цвет на таа ноќ; од тоа дури и раката, па нешто и од внатрешноста, му потреперуваше. А беше гладен; и веќе беше истрчан надвор. Не, само по три чекора по замрзнатиот чардак од снегот, тој можеше многу добро да види како кон неговиот зајко се приближува една голема мачка, со своите меки, еластични стапки. Со своиите тивки, поводливи, чиниш лепливи пречекорувања на кусите нозе. Јасно беа забележливи и двете киски на ушите, и сиот склоп на телото од ѕверот, за да може уште на прв поглед да не биде наполно сигурен со кого си има работа; воопшто и да не помисли да се спротивставува. А рисот веќе го имаше понесено во устата неговиот зајак и сега се оддалечуваше со својот поган чекор. Не можеше да стори ништо против тоа што рисот беше побрз од него; а сега знаеше тоа е и некаков заеднички лов. Рисот отаде сигурно веќе подолго го имаше дебнето за себе него, сето време од играта на оној малоумен клапчо; па бездруго и многу поодамна од него; а сега тој беше побрз и го однесе во своите заби. Во него сега немаше ни некое поголемо бунтување, ни плач. Немаше ништо тој, што би можел да му спротивстави на сето овде. Сè такво уште многу одамна едноставно го имаше загубено неговиот род. Можеше само уште да стои тука и да гледа како само уште еднаш му го однесуваат пленот од пред неговата посегната рака. На местото од сето она, што царуваше во Белата Долина, тој имаше само една пушка, и единствено уште два фишека во неа. Не, не се решаваше да ги изгуби вака попусто и нив; а тоа беше една таква крајно несправедлива замена; невозможна замена за сè друго што чуваше секоја единка од животот околу него. За секое дебнење и секое предухитрување; за секое сурово наскокнување и секакво столкнување очи в очи, што го носеше во своето тело, во сплетот од своите мускули, секој жител од белата диво разискрена ноќ. Беше сам и беше слаб. Му идеше да вреска од тоа, застанат, како исфрлен на снегот. За него не сакаше да поведе сметка ни оној стар мршар, што токму тогаш почна полека да се довлечкува кон крвавата пласкапод неговата стреа; како воопшто и да не постоеше некој како него. И вресокот што го чуваше во градите, би бил беззаб и не би стасал подалеку ни од најпрвите буки. Место сè друго се прибра, притивнат, и веќе свикнат одново на таа своја притивнатост. Затвори зад себе добро, зашто тоа му беше сè, што му преостануваше, а после отиде направо кон легалото. Беше првпат единствено свесен дека ќе може да се отскубне од меѓу белите очници на овој волшебно пеколен ужас, што може да има и вакви несонувано маѓепсувачки одблесоци само со тоа што би заминал од него. Неговата суровост беше јагне спроти сето она, што се случуваше веднаш покрај него. Беше единка од еден род, кај кого беше до смешност загубена секоја пргавост, што ја бараше овдешниот живот од секој свој жител. Мислеше дека му претстои за некаков единствен замав само уште да ги собере сите свои преостанати сили, за да може уште еднаш и по свое да му се врати на својот живот. На оној за кој беше роден; и во кој единствено можеше да продолжи и да биде. Тој далечен живот, сега наеднаш криеше толку многу примамливости, што тој веќе почнуваше и да сонува за селото и за сите луѓе во него. За сите оние луѓе од кои поодделно секој носеше во себе и по нешто толку разбирливо и блиско. Ваму повеќе навистина немаше никаков пат. Затоа им се враќаше со мислите, како некој заден одѕив, на сите тие блиски луѓе, сфатливи луѓе; полн и некоја вина, и некоја токму таква скротена и спитомена добрина и разбирање кон секого од нив, сонувајќи сега наеднаш дури и за она старче со криво рамо, и за својот бригадир Језекил... А тоа, дека мораше да им се врати сам, тоа, што не ни помисли да ги чека да дојдат и да го земат, беше во него пак уште една работа, кон која тој не можеше ни да замисли да не се придржува. Сакаше да избега од нив, требаше да го стори тоа пак сам. На тоа не мислеше. Не постоеше дури ни накмалечко такво колебање, што би го натерало да помисли на тоа. Сè што беше само си остануваше и потаму да си биде; а во него остануваше и тој да биде тој. Негде пред зора, токму на добата, за која синоќа помисли дека треба да биде скорнат, Змејко веќе стоеше на својот прозорец. Надвор, како некој крајно провиден, кристален бедем, сè уште стоеше белата ноќ. На исток висеше сочниот портокал на деницата. Месецот, како малечко рисче, спитомен и милкав, демнеше со притиснато лице на самиот раб од шумата, готов секој со неусетен чекор момент да се притаи зад него. Од тоа, а и од некоја сребреста синкавост, што ја фрлаше пред себе сè уште далечниот ден, која само потреперуваше неодредена, но не можеше ни незабележана да мине, стануваше уште пораскошен и со уште повеќе дипли златниот вез на ноќта во дрвјата, над кои на места и потаму ѕвечеше со своите прапорци смирената месечина со проштален некој, тажен призвук. А оние сините сенки, сега нараснати, ја правеа сина скоро и сета ноќ во изгаснување. Веднаш под неговиот прозорец, како уште недоприбрана, заборавена сенка на таа ноќ, седеше еден голем парталав волк и гласно го голташе крвавиот снег од местото каде што беше синошната борба; само понекогаш покренувајќи ја шилестата муцка, тој и ќе завиеше, некако безгласно кон полускриената месечина. Не ни помисли на својата пушка. Само остана на прозорецот; а оној мршар таму, со своето суво тело и со својата старост, сепак мораше еднаш да го сети буден. Тогаш тој и отстапи кон дрвјата, скимтејќи по белината, со свиткан опаш меѓу нозете; којзнае пред него ли, или пред денот. И за сето време после, додека гледаше како месецот се дозагубува зад белиот раб на шумаа, а неговата месечина сè повеќе ја сменува залебдената, синкава заскриеност негде под самото небо, која и беше денот, увиснат високо над земјата и зачекан да стапне на нејзината поврвнина, Змејко сè повеќе стануваше сознаен за една осетна празнина по неговата внатрешност. Веќе мошне скоро таа му стоеше препашана, како втонат појас, по целиот стомак. Од неа и устата и грлото му беа суви и полни некоја запечена горчина. Беше глад. Мислеше од кога не беше јал. Беше тука повеќе од дваесетина дена, иако не беше во состојба да ги преброи точно сите оние безлични денови чекање. Половината од тие дни ги беше поминал полугладен. И сега неговиот поглед сам, со некакво однапред нечисто прикрадување, го остави прозорецот и замина кон еден тих шум, што го почувствува како се разбуди зад неговиот грб. Се приближуваше полека и еве почна и да го опфаќа во своите пипала кревкото, тенконого, исправено срнче, што стоеше на виделината од зората сето во некое сиво, свилесто просребрување. Сега наеднаш, сè уште далеку од секаква мисла, погледот веќе не беше во состојба да се оддели од тоа малечко живинче во неговата близина. Беше маѓепсан во оваа своја загледаност, останувајќи и потаму свесен само за онаа првата вистинска сетена болка на гладот во својот стомак, во чиешто превиткување беше престегнат како во исквасен ремен скоро до грч. И сега наеднаш веќе и како мов, како подводна некоја трева, меѓу неговиот поглед и она малечкото, долгоуво главче од неговото срнче, се залелка и се отвори на еден крајно поинаков начин, зародена првин во него, а потоа дури отаде одразена и во оние питоми очички на животинчето отаде, познатата непремостива провалија; му се врати овојпат на еден само негов начин, а веднаш со неа и едно зачудување; како можел да ја предвидува толку дни. Стоеше, загледан во своето срнче, а имаше поган поглед. Го имаше чувството за тој свој поглед и додека се сврте кон масичката и мигновено го опфати ножот; неговото сечило што проблеснуваше притаено на виделината. А сè уште не беше помислил определено ништо; ни додека почнаа да го чешаат јаболкцата од прстите со некоја подмолна потреба, желба и да го допре, и да го дофати тоа живинче, што стоеше веднаш тука, а се чинеше како да е наеднаш и оддалечено до недофат; скоро еден ист впечаток, како кога гледаш од опачината на двогледот. И за сето тоа време, додека ја посегнуваше раката, сега веќе и потклекнат; сето време додека ја приближуваше својата дланка кон она кревко, подисплашено срнче, притерано до ѕидот, мислеше само на тоа колку му е близок ножот, мачејќи се постојано да го има и него, и ножот, во својот дофат. Сигурно и ќе продолжеше тој барем уште некое време да мисли само на ножот, ако не се случеше она, што најмногу го очекуваше сега веќе самиот тој миг. Срнчето наеднаш изгубувајќи ја сета своја оддалеченост, со бавен, тих чекор, се приближи до неговата посегната дланка. Несигурно за да потскокне; но доста сигурно за да се приближи. А веднаш потоа, полека, скокоткаво, почна да му ги лиже со своето рапаво, зеленкаво јазиче, јаболкцата од неговите прсти. Срнчето лижеше токму на она место, со кое тој побара да го дофати, да го има под својот допир. Беше тоа нешто сосем поинакво, од сè друго, што очекуваше тој. Јаренцето ги познаваше многу добро неговите раце; и сега тоа само ги лижеше нив, задржувајќи се со јазикот најмногу на неговите нокти, на јаболкцата и на подноктиците, каде што остануваа скриените зрнца сол поминатите денови, неговиот вкус. Допирите од јазикот на срнчето и неговиот здив секогаш одново му носеа бран некаков сè потопол и сè попребликнат грч по сето негово тело. Нешто се напнуваше, нешто не можеше да биде задржано; и само по малку, сосем наеднаш, ненадејно, по сета негова внатрешност избликна некој скриен вир во него и му се плисна по сето лице, еден усет, од кој почнаа веднаш да му лазат некои меки, одвај осетни, скоро воздушести допири под очите; и од тоа само уште погусто му се зајазлуваше неговиот здив. Сè дуринне се дозгрчи во тоа сиот; и дури не препукна во пресилното и недопридушено липање. Остана долго таков, со посегната рака, со преблеснат поглед, згрчен; свесен и за плачот во својата растреперено подотворена уста; сознаен и за натенатите солзи по своето лице, кои ги пушташе да се леат сами. Јаренцето и понатаму не престануваше да му ги поминува секогаш одново сите негови прсти; а неговото тело како струна поигруваше на секој негов допир. Траеше еден век; за тоа време не постоеше повеќе ништо друго, освен овие рапави, скокоткави допири. Пред нив тој еднаш можеше само да ја повлече едната, и сосем бргу на нејзино место да ја подаде другата рака. Од таа внатрешна премаленост го освести дури црвенокосата, богата сончевина, што се плисна како пребогат плавен бран во неговиот прозорец. Ослепувајќи го, но во исто време носејќи му ја назад и способноста да се исправи и да се најде. Дури откако го свикна погледот на неа, можеше и да му погледне во лицето на денот надвор. Настапуваше, сиот црвен, тој ден надвор, дотркалувајќи се како огромна црвена кугла, како пламена некоја соспа, на која £ беше претесно дури и под вишното светлосно небо. Сега стоеше на прозорецот и го сеќаваше со целото тело она блескаво живинче во неговите нозе, како стои со исправена глава и исто како него загледано во прозорецот. Потресен наеднаш сфаќајќи дека во еден врашки миг бил толку самиот со себе, кога помислил дека би можел да го стори и она. Не можеше никако поинаку да мисли на себе си во она, што сега и минато го тераше да потреперува, освен како еден таков сатански миг во него, кој беше го повел предлабоко во себе. Сега си беше одново тој; и беше наполно свесен дека ниеднаш не бил ни во состојба да стори нешто такво со овој свој малечок, нечекан гостин, дојден во неговата собичка од бездонноста на темните ноќи, без кој едноставно не постоеја ни сите негови овдешни одминати дни. Тој воопшто никогаш и никогаш не бил во состојба да го приближи до него ножот; и тоа само заради некоја своја глад. Та единствениот празник во сето негово глуво чекање и беше помислата дека го имаше спасено токму тој малечок живот; и зарем сега, последната негова утрина во Белата Долина, среде сета оваа дивина околу, можеше и да помисли самиот сето тоа да го урне. Кога би било некое питомо животинче, – мислеше сега, ослободен сосем и како избеган од некоја стапица во себе, наеднаш наполно лесен и радосен со таа своја ослободеност, – кога би било некое питомо јаренце, мислеше, што си го израснал самиот, тогаш е нешто поинакво и тогаш би можел. Би било неприродно да не можеш, би имал некое право. Подруго би боло и кога би видел еден ваков малечок подалеку, затрчан меѓу дрвјата, немирен, див, а ти гладен. Само вака не. Не вака, со овој гостин, што трепереше онака исплашено првата вечер, а после ти даде можност да ги споделиш со него сите твои најоптегнати безгласности сред бездната самота; сигурно дека со него ништо такво нема да можеш. Едноставно ти за тоа нема да имаш срце, ни по уште стотолку денови гладување. Кон таму повеќе нема да ти заскита ниедна мисла, макар и пцовисал од глад. Па тоа би било месото од твојот другар, човече. Имаше и една ведрина во ова сознание; и таа нараснуваше со секој миг, додека мислеше веќе и на некои подруги нешта во врска со него. Сега, кога мораше да го остави тука ова свое срнче, тој мислеше сега и на сè, што требаше да стори пред да замине за него. Го погалуваше неколку пати по она негово главче, а тоа отпрвин стоеше под неговите прсти, а потоа почнуваше да скокара по собичката, секогаш одново приближувајќи му се и отскокнувајќи со оние свои ножиња. Тој по малку требаше да си замине кон селото, кон дома, и сега му го оставаше на ова свое срнче сето сено, што го имаа тука. За вода му надонесе од пред вратата големи грутки снег и ги распредели по сите садови што ги имаа тука; сите нив добро ги настега со снег. Најнакрај му ги разотвори сите внатрешни врати; да може да појде сегде и да најде сè што му треба. Дури кога мислеше дека ќе има доста вода, и доста сè, за едно такво ситно животинче, почна да се спрема. За себе имаше само уште неколку чашки чај, во кои го истури сиот преостанат шеќер, и повеќе ништо друго. Се престегна добро во своите обувала; ја зеде пушката и застана на вратата, со онаа потреба во секој пред тргнување да се прости со нешто. Јаренцето дури сега престана со своето палаво поигрување, со своето скокарање во неговите нозе, со кое го прогонеше сето време. Чинишнасетувајќи нешто и само, се смири крај него, не покренувајќи го погледот кон неговото лице, а постојано и со една поткренатост на главичката со чудна питомост во сета своја стојка. Осети, наеднаш, дека одамна ниедно негово испраќање не му било толку полно и толку вистинско. Го почувствува тоа свое испраќање како стои тука, во таа тивка застоеност, цело, и сè што можеше на ова беше да се наведне и да го подигне на раце тој свој мал другар, што почна и сега да му ги лиже неговите прсти. И наеднаш се најдоа тука, тие две суштества, стоеја сосем присутни и единствени со сè од себе во овој миг. Змејко го сети тоа сосем исто, како задоволство од некоја многу тешка, но и свршена работа, од која требаше само да се одмине потаму. Беше тоа еднаш едно негово постојано чувство; и сега го имаше пак, исто онака неначнато полно, чисто и силно. Еднаш тој сепак го спушти јаренцето и се одеели себеси од него со вратата од пиланата, што ја затвори зад себе. Стоеше само еден миг на пребликнатата сончевина, престегнат о бодар. Така без да се обѕрнува и замина. Снегот го држеше низ целата долина. Беше скован во цврст чардак, со педа опрашка од пепелав снег згора, и чкртаењ под неговите стапала. По него беше задоволство да се чекори. Можеше по тој снег сега да ги распознава и сите стапалки од дивината, што го сновеше тука цела помината ноќ својот крвав сон. Можеа да бидат догледани во сета своја ужасна расплинатост и црвените паласки крв; погледот најмалку можеше да ги превиди нив, заедно со прамењата од расфрланата волча четина. Еднаш во нозете го пронајде и прекршеното опавче на сув и сосем излинеан волчи опаш. Избега од тоа, загледувајќи се, онака зачекорен, во полното црвеникаво утро. Стоеше тоа над Белата Долина во сета полнокрвна надојденост, чиниш потплуснувајќи од некое здравје и заслепувајќи му го погледот. Кога беше разоден добро по белата рамнина, сети како низ јасниот утрински воздух му влегуваат в лице преперугите на првите топлини од сонцето, Целата земја, сета кристална палата на Долината, до пречистите голини на далечните сртови, исто онака, како и најситната прачка од околните дрвја, празнуваа; беше роден Денот. Беше тоа нечиј туѓ свет, и тој беше малечок за да ха сфати сета големина на празникот околу себе. Ја понесе од тоа само леснината и изостреноста, од која чекорот му стануваше поцврст, а задоволството со себе заминат и од целата таа утрина сега можеше да му узрее и до неочекувана насмевка, што ја сети во своите очи. Имаше пред себе предолг и претежок пат до своето село, и сега тргнуваше да го оди, сам. Знаеше добро што значи таквиот пат по еден ваков висок снег. Но, беше тргнат и да го оди кон дома него; а наеднаш тоа изгледаше толку просто. Продолжуваше да чекори, размислувајќи само на тоа дека тој и беше дојден тука за, откако ќе ја сврши работата, да се врати; и еве сега тој се враќаше дома. Тогаш среќно, си рече. Ниеднаш не £ го загуби чувството на онаа мирната празнина од себе, што понекогаш прилега и на некоја леснина во сето негово тело, но за која знаеше добро од што сè е. Таа му стоеше сето време, додека одминуваше по голината, но ниеднаш не му попречи. Беше нешто, што мораше исто така во себе да се носи, а додека заминуваше под црвеникавото сонце му се чинеше дури и дека е добра. Така стаса до оној заблескотен биљурен бедем на шумата. Беше еден бел покрив со синкави преливи, што се дигаше од пред него и се извишуваше до самото небо. Тоа беа врвовите од крошните на највисоките буки, со кои беше обрастена сета таа угорница, која тој требаше да ја искачува целиот тој ден. А под тој неракотворен покрив, по кој сонцето ги навеваше сите волшебни шари, стоеше една сива длабочина, испреплеткана и затната од стеблата, со луто до модрикавост, крвјосано застрашување на понорна сенка, од која ретко и злооко ќе се јави сино заискрена ѕвездичка од снежните кристали. Завлезе без двоумење во овие длабини. Тоа беше најдолгата и најзаканувачка препрека на неговиот пат, која одвај ја беше совладал во мислите. Беше една бескрајна угорница, што знае да ја дотера душата до носот и при летно искачување; но сега тој мораше да се обиде со неа и вака. Дури кога ќе биде готов со тоа можеше да смета дека стасал дома. И само по десетина чекори, откако беше навлезен во сивината од таа осојничава бездна, непризнато ни пред себе сети дека патот меѓу стеблата може да биде и единственото што би било во состојба да го пребори. Но, имаше во себе доста од онаа ведра зачекореност; а немаше нигде надалеку околу за себе ништо друго. Продолжи. Снегот тонеше под неговите пречекорувања со најлошото тонење, што воопшто може да се замисли. Беа два слоја од тој невидено длабок свет. Едниот здола, што го зафаќаше високо над колениците, на површината со една дебела подмрзната корка, која, иако тешко, но и секогаш се раздробуваше под неговата тежина. Најлошо беше што потонат во неа, тој најтешко можеше можеше да ја совладува во пречекорувањето. А над тој длабок слој стоеше уште едно колено висок пепелав снег, што се искреше пред очите со ретки проблесоци и беше студен како ѓаволот при секој допир на голо месо. Тој просто изгоруваше со својата осојничава студенина. Заедно со него, длабочината на снегот што требаше да ја цепи тој ден, го зафаќаше високо до над појасот. Сеќаваше како се заздишува при секој чекор по угорницата. Наеднаш толку бргу и денот како да беше умрен. тука, под снежните смрзнати крошни од високите буки, не допираше ни сенка од некоја црвеникава пребликнатост; а токму таква ја остави само пред малку на самиот раб пред шумата. Во лицето штипеше лутата осојница, а виделината изгаснуваше во некакво сиво димење меѓу честите скончани стебла со долги зелени бради. Од зад нив таму и го подаваше своето таинствено око во сенишното наѕиркање и кледовно лутата, сива магливост, и бесконечноста на недогледот. Од тоа, или од некаков страв, што се пораѓаше очекуван, како да беа скаменети наоколу и сите дрвја. И полека и во неговото тело почна да се всадува тоа топло подлипнато, сковано чувство за маѓепсаност и за сопнатост; чекорите му стануваа сè покуси по нагорничавоста, а по лицето му израснуваа ситни студени монизда пот. Во градите притискае забајаната замолченост на сета оваа недогледна вештачка шума, а колку што се искачуваше погоре во неа, празнината во стомакот почнуваше сè поосетно да му се извива до тупа бол. Одвреме навреме таа знаеше да му го згрчи целото тело. Во зглобовите и по глуждовите почнаа сосем незабавно да му се раѓаат и сите подзаборавени оловни кугли на болките и истоштеностите од поминатите денови. Потсетуваа тие и на сите изминати порази, растворувајќи секоја ситна радост со прекрасната утрина со срнчето, со својата храброст како капка в море. Сето тоа, собрано во едно такво, густо бреме, мораше сега да се носи таму, напред, кон дома; со тоа мораше да се тоне во длабокиот студен снег; тоа мораше да биде извлекувано секогаш одново од под тврдата кора, што удираше по цеваниците при секое пречекорување, како сè уште неизмислена букагија; окован. Застануваше да почива по секои десетина чекори. Колку одеше погоре, таа навика му се вкоренуваше сè понеумоливо во сите негови движења. Телото само свикнуваше да привикне само толку сили за уште еднаш да се зададе во новиот залет на тоа пеколно пробивање, превиткувајќи се и цепејќи, го тесниот премин низ закатанчената непроодност на сивиот ѕид угорница, по која пред неговиот поглед почнаа да му се испреплетуваат некакви синкави кругови, недофатливи, ужасно изгаснати и вртоглави. Нив тој ниеднаш не успеваше да ги најде и да ги погледне отворено; кога ќе ги побараше, застанат да здивне, тие просто како да се стркалуваа, притајувајќи се зад стеблата. За да излезат оттаму уште веднаш, штом ќе заминеше и ќе далдисаше при најпрвиот чекор од новиот залет. Денес ќе се гриземе, £ зборуваше во себе заздишан и безгласен на сета таа глува скаменета шума околу себе. Денес ќе се гледаме цел ден; а може лесно да се случи и тој да биде кус. Ме начека, £ зборуваше, а сега ќе видиме кој ќе надвасува. Јас заминав по тебе; и ти си сосема таква за да сум сигурен дека ниеден друг не би се решил да го стори тоа. Но, сега веќе попусто ти е и тебе сè; не ќе ти успее да ме натераш да помислам дека постои и назад. Јас ќе одам дома; и сега ќе се обидам да те поминам и тебе. Не беше никакво заканување. Беше само еден тих разговор во него, додека стоеше, смирувајќи си го здивот и веќе не ни обидувајќи се да ги избрише студените росинки од сето лице. Знаеше дека во оваа шума југовината беше стасала само колку да ја смекне површината на горниот слој од дебелиот снег; а после наишла северната ведрина и знаела многу добро што да стори. Зад него остануваше онаа мачна џвакана, ќаволска трага; и сè, што можеше да се стори, беше само да ја продолжува неа по бескрајната нагорничавост пред себе. Знаеше притоа да се занесе со часови во едни чудни размислувања за луѓето; понекогаш дури ги изговараше и зборовите, што би имал да ги рече ним; остануваше сал едно неразбирливо мрморење во неговата зазбивтаност, но тоа воопшто не £ пречеше на осојничавата тишина да си остане пак ненарушена и понорничава. Ниеднаш не престана да мрмори. Продолжуваше да се искачува, а во истовреме некако божем и да тоне во сета таа глува штамовина околу, веќе не ни очекувајќи некое полесно пречекорување. Веќе и заборавајќи дека некогаш можело да постои поинакво чекорење, од сето ова запретување до половината во снегот. Макаршто низ сето тоа време не забораваше да занележи и по некое познато стебло, по некоја позната делканица од секира во корубата од тие дрвја, секогаш држејќи се за нив, како за единствена нишка, што беше негова, низ таа наеднаш толку туѓа шума. Беше сознаен и дека тука некаде, во близината на неговата трага мораше да поминува и патот, по кој луѓето од нивното село одеа или се враќаа од Белата Долина. Тука некаде беше и трагата, по која беа дојдени со оние двајца; по која тие и се вратија назад. Се знаеше едвај, и тој ја избегнуваше токму неа, но не воопшто заради нешто од себе како кај Дука, туку само заради уште потешката пробојност на тој набиен и стврднат, скаменет снег. И талкаше така, еден сам човек, низ таа дива шума во снегот; се пробиваше тој низ магличевата пепелавост меѓу стеблата и длабокиот снег, кој во сè полут јазел му го врзуваше неговото чекорење. Заминуваше по таа угорница, ниеднаш не ни помислувајќи да преклони. Само понекогаш, кога ќе застанеше да здивне, можеше да се обѕрне назад и долго да се загледува во сината пробиеност од својата трага; во неговиот матен поглед тогаш, со нешто речиси лудечко од напнатост во себе, се појавуваше и една самозадоволна насмевка. Просто како во дирата по него да беше сè собрано, што би можело надалеку наоколу да го израдува. Така и се зацепуваше нагоре, заздишан до несвестица, син во лицето и испотен. Во зачекореноста пред очите му се спушташе стрпливо некоја штипкава темница; од неа овде-онде ќе прснеше искра, и бргу ќе завиореше по еден од оние сини кругови и ќе се засучеше, сè повртоглав, за да издигне пак некаде скраја од погледот, зад него, во некој невидум. Околу снагата постојано му се препашуваше некоја врена обвивка и тој гаснеше и тој ја гаснеше веднаш со по една рака од тој пепелав снег; студенината просто го испечуваше по јазикот и по непцата. А по оној кус миг, додека тој се растопуваше, пружајќи и некакво задоволство, во устата секогаш му остануваше една уште потврда корупка жед. Еднствената работа, што ја носеше тврдоглаво со себе, беше неговата долга француска пушка. Таа секогаш би била нешто сосема лесно за носење. Но, сега тој многу често се фаќаше себе си како веќе посегнал за да ја соне од себе и да ја зафрли во тоа модрило; и еднаш да се спаси од крвавото жулење на нејзиниот ремен. Тогаш одново застануваше до некое стебло, си го смируваше полека и стрпливо здивот и, ако не гледаше зад себе, тогаш очи му беа вчекнати напред, по угорницата, што требаше допрва да се преборува. Што требаше непримено допрва да се кутнува и да се остава под нозете таква. Низ сето тоа време во неговото сознание остануваше чисто само тоа, дека патот низ оваа угорница и при обично летно патување зазема една поголема половина од времето, за кое се стасува в село. Острејќи го тоа свое единствено знаење до крик, продолжуваше да ги прави сите тие мачни чекори. Додека угорницата се надвиснуваше над него, постојано топорејќи му се со некое свое урнување прао врз него со сета тежина и недоодливост. Но, тој секогаш успеваше да ја однесе малку погоре со себе си и неа; малку подалеку напред меѓу буките. И тоа се продолжуваше толку долго, што тој веќе и не се сеќаваше ни како почна; што повеќе не се обидуваше да предвиди ни дека некаде ќе заврши. Продолжуваше едвај да тлее само некоја незаборавена топлина таму, зад еден далечен рид напред, што му го влече сознанието и преку тој непроодив простор, макар и преку колку мал одѕив. Беше чисто како целиот свет и да бил отсекогаш само една ваква кобна сивина, во која синото се разлеваше сè посилно пробивајќи се и преплавувајќи сè друго со својата мртва потеченост. И само некаде таму, отаде сето, отаде тебе, стои сенката и трагата, зракот од оваа топлина, без кој те нема. Траеше предолго, за да може да биде некако измерено. Траеше една такво модра вечност, во која погледот добиваше некоја белина само кога ќе требаше да одбере дали тоа стебло пред него беше токму онаа, крајпатна бука; дали она, што се чинеше како деланка во нејзината коруба, не беше само некој поцрнет лишај. Тупите завивања во стомакот нараснуваа дури откако ќе застанеше да здивне, но тој секогаш ги предухитруваше. Силите ископнуваа полека и жилаво, оставајќи по себе една пуста болка на увиснатост во рамената и во тоа како можеа да бидат држани издолжените раце. Беше сам; тоа стоеше во него исто така не од сега. Како збигоросано липнување, како нешто недопроголтнато, застанато во самото грло, секната наполу помислата, ете како стоеше тоа. Од него понекогаш почнуваше дури и да боли по лицето и под очите. Некакво самосожалување го тераше да солзи, ваков гладен, ваков задишен, ваков бессилен и ваков сам. Сосем сам спроти тоа нагорничаво море снег, крај тие скочанети стебла, од самиот допир во кои му мрзне преклонетото чело. Неговото непрекинато мрморење беше се престорило без и самиот да знае како и кога во некое чудно подвикнување, кликтење, во кое се придушуваа издивнувањата. А беше тоа и единствениот начин да се преборат во себе, макар само да бидат превидени, и липотењата на ваквиот некаков уште несетен плач. Низ сето ова време тој и им зборуваше сè на тие свои далечни луѓе, без кои и беше сам. Сето време тој и само продолжуваше да им довикнува по нешто такво ним, неразбирливо и заздишано, како да брза да ги стаса. Неименувано токму од некоја невообличена, изнудена и сè уште непризната близост. Заедно со искрите во сино заблесканите снежинки, што му го боцкаа погледот со некоја подмолна бол сред лилавата изгаснатост на сè друго, исто онака воздушесто и нереално ќе зашаркаше сега и по некоја едвај видлива издолжена црна сен. Чинеше појави се негде на крајната граница од опфатот на самиот вид; ќе прошмугнеше таму некој кус миг, а потем ќе се повлечеше, нефатлива ни за вид, ни за слух, а најмалку за некакво појасно осознавање. Изгледаше исто онака вретенесто и далечно, како што изгледаат просенувањата на рибите во матна вода, и тој ниеднаш не стаса да го обгрне со некој поцеловит усет. Уште нејмалку го допре со мислите тоа прострелкување што изгинуваше пред и да е. За одново да се појави секогаш во некоја празнина од сознанието, каде што најмалку го демнеш, и веќе го нема пред уште погледот да стасал да преѕре по овој разресавен крајно недофат. Кога ќе ги забележеше чистите испреплеткани дири по золавиот површен слој снег, тој со мислите најчесто беше пред самата разгатка на сето она што се случуваше меѓу стеблата. Но, и така приближен, тој не успеваше долго да ги добере едно до друго овие две нешта од своето знење; едноставно беа две, и беа непослушни за што и да посакаш со нив. Ова потајно жварање наоколу така и си остануваше само дел од светот на сета таа изгасната сивина;едноставно како да беа само нејзините некакви таму неведоми траги, кои немаат со него ништо. Беше бездруго и некоја немоќ да го узнае вистински тоа; уште помалку барем засега, додека можеше да оди, да мора да смета притоа и со – него. Не се прекина ни еден сон; најмалку тој. Беше сон за нечие сосем несвое влегување во селото. А тој се сили во него, зазбивтан и со испрекинат здив, сосем исто како него, во тој свој сон, да си ја замисли средбата со најпрвиот човек; постојано го надоградува тоа свое нечие замислено пристигнување дома. Тоне проклето во некои сосем несвои слики, што му се создаваат и долго му се наметнуваат сами, сиот во овој како вечноста издолжен ден; но и се чипчи за нивната низа така што и навистина му останува единственото, што тој по секоја цена сака, и што успева наеднаш да не заборави да го знае. Секогаш го побарува; и секогаш одново му е тука. Сето време всушност и продолжува само да се искачува, тој-нетој, по нагорничавиот сокак од средселото кон своето маало, сиот престорен во лизгавици од нивните маалски деца што се санкаат по мразот, а му успева едвај и секогаш наново да дочекори само до пред својата порта од дворот. Секогаш едвај дотаму, пред да му се случиле веќе барем по неколку нешта, во кои едноставно сам не се препознава себеси. Во тие соништа тој така ниеднаш и не влезе во својата порта. Ниеднаш не му успеа да ги догледа сите оние работи, онака по свое, каков што беше тој и какви што и тие беа, откако знае, што би ги видел и што би ги почувствувал влегувајќи си во својата куќа на крајот од планинското село. Остануваше само и потаму да му се приближува на сето таму; и секогаш одново да ја напушта оваа своја празна работа, откако едноставно во тоа приближување не ќе се изнајде себе си со ниеден свој усет. Така не му успеваше ниеднаш да догледа и ниеден лик отаде. Но и, мачително сиот далдисан во тоа, тој ниеднаш не се согласи ни да ги дозагуби овие нешта. Најмалку нив... Така и сега се беше нашол скоро најдалеку сочуван во таа цел. Беше само на некој чекор до својот двор, кога одеднаш чу веќе определено сосем како нешто при’рже недалеку од него по неговата трага. Некое подолго време место сè друго тој само продолжуваше потаму со уште побрз и пожилаво пренапнат чекор на прогонет. Тоа сепак не можеше да му трае долго; еднаш мораше да застанат. А притоа сега веќе неизбежно и да се обѕрне. И сега можеше веќе и добро, и сосем нелажовно да го види. Беше еден од од оние проклети и проклето приземјени мршојади, и воопшто во тоа не беше новак. Тоа му го имаше изменето сосем и неговиот волчи лик; му стоеше и по сета негова снага. И сега се пробиваше назорум по неговата дира, како што го учеше неговиот подолг опит, а по него се влечеше едната негова задна нога, како само уште една сува, прекршена опашка. Идеше тој тешко, бавно, некое време не ни погледнувајќи кон него, сиот прикриен во длабочината од неговата дира; пречекори уште некој пат, пред да го забележи неговото застанување. А уште еднаш, кога беше доста доближен до него, што не можеше повеќе да не го види тоа, волкот веднаш отскокна назадечки, како попарен, со опаш провлечен под меот, за таму подолу да остане, спружен во дирата, со подвиткани нозе, а веќе свртен кон него со очи во кои како постојано да има чад. Еве го, најпосле, беше пристигнат и тој парталав отвор, што не ни помислува да нападне прв, туку само се влечка до заден здив по секоја изморена дира, тврдоглав и постојано како самата смрт. И како секогаш и сегде само очекува тој како премореноста и студот ќе го сторат своето, за дури по нив во некоја таква премалена скришност да дојде и неговиот ред. Најпосле беше стасан и тој од својата вековна задемнетост, чиниш од самите злокоби од древните клетви и маѓии дојден; и сега само го чекаше својот ред. Стасал дури и да се исплаши веќе да не би да го испушти својот миг, своите најпрви пет минути по сè што тука требаше да стане, помисли; затоа и пресметал дека ќе му биде позгодно макар и нешто подолго да си почека, ваков, отколку да стаса кога ќе е готов сè... Отстапи сега, како што би отстапил и секогаш тој; има усет за својот миг. Меѓутоа, тој исто така и сега си беше веќе овде; постојано не подалеку од неколку десетини негови мачни пречекорувања зад него. И сето тоа онака скришничко, само колку за меѓу двајцата нив. Сега само го гледаше. Змејко само ја гледаше сета таа парталава дијанија, таа кобна сен, бегајќи единствено од тоа да се впушти во сè што можеше да значи нејзиното присуство среде овој снег. Неговата изострена муцка просто болштеше со тоа колку беше изобличена при тој веќе и докрај кај неа завршен премин од дрзосен решителен напаѓач во еден ваков пролигавен ноќен демнач. Додека лудечки матниот поглед од неговите чиниш истечени и без секој див проблесок очи чадеше со некоја маѓепсувачка тупа стрвност, глад, олицетворена во еден ваков крајно изместен шерет. Зината вистина на неговото присуство, само по себе, се претставуваше како највистинското и најпонорничавото нешто овде, меѓу нив, што воопшто во животот го веќе думанеше спалавената огница од тоа што имаше и тој што да му спротивстави исто така на оној смрдлив створ во своите петици. И само што ја покри пушката, не успевајќи ни да почне да нишани, а волкот веќе го снема, како да не бил. Со свиткан опаш меѓу колковите оној сенишен парталко таму така и ја беше спраштил со своите верничави троноги скокови, сиот од празна некоја леснина на плашило, на сенка, што чиниш и си се врати некаде таму назад, за да се разнесе одново сосем во празнооката маглива сивина меѓу стеблата. Го остави во неговиот поглед мавтањето на здробената нога, запната само за уште едно парче кожинка и за некоја бела жила, што му се отфрлаше во трчањето чиниш некој туѓ, прикачен дел. Тоа избезумено бегање остави во неговите очи и некакво несвое, лудечко потсмевање, и тој, зачудувајќи си се со тоа и самиот себе, му се потсмеваше токму со него подолго на оној голтар таму. На оној поган партал, кој преку коските имал да пресметне само уште една во клочки излепена кожинка што корни-смрди на сите мрши од овој свет, и уште два заба напред, и потаму ништо друго. А кога волкот се доразнесе по удолницата сосем, истото тоа го натера таков, дури отпосле, и да вресне од некое задоволство. Волкот се исплаше од него. Викаше од тоа, исправен сред снегот, сè дури за миг одново не се пристори – најаден. Замина потаму откако му успеа да го придави во себе сиот свој зоврен бес. Но, и ова негово скоро непрепознајно, повеќе и несврзливо со себе, задоволство, се топеше пребргу низ новото напорно пробивање со врзан чекор. Додека едно ужасно свивање во стомакот, кое чиниш потсвире низ некоја срцевина посреде по самиот здив, не го остави на половина чекор папсан и сосем, сосем празен. Свиен и притаен така некое време под таа бол, не се ни обидуваше да ја предизвикува со тоа што ќе се исправи од под острите клунови на нејзината вила во својот врат. Тоа го можеше дури по подолго; и тоа небаре нешто самиот во себеси се демне. Дури сосем извлечен од под оваа бол, искраден од под неа, остана да седи во снегот. Она што се случи со него и со неговиот мршар пред некој миг не можеше повеќе ни да потсети одеднаш и на сето она другото, што од поодамна целото време се случуваше од сите негови страни. Тоа во него и се вообличи во својата целост дури сега, дури со помошта на оној негов веќе пристигнат подмолен демнач, со неговиот знак. Не само што не можеа ни да значат што и да е друго сите оние магличести, несфатливи прострелкувања на вретенестите прилики по сивилото меѓу стеблата на самиот најкраен раб од неговата моќ да гледа и да осознава, туку ни чудото на неговата изнајденост, ваков омелушен среде нив, не беше ништо од сето тоа вон. Напротив; тој и беше онаа единствена средина, околу која, без што и да е самиот за нешто поопределено да знае, овде всушност сето време и се виореше по својот бавен круг наоколу сè. Притиснат до ова стебло, одеднаш докрај си се виде, и себеси, и сето до бескрај околу себе. И некако истиот тој миг, следејќи повеќе некаков инстинкт, стана, и одново се загна во чекорењето нагоре. За дури низ неколкуте потамошни веќе свикнати поаѓања и почивки, да е докрај најасно во мислите и со себе, и со сè друго. Ќе чекори тој до оној миг, дури оние просенувања му даваат за тоа заден мегдан. Имаме сè, помисли притоа, што ни е потребно барем за најпрвото време за тоа, си рече. Макаршто притоа не се обиде и да го пресмета во себе си тоа, што го имаше барем за најпрвиот миг; нити пак се реши да си даде во врска со тоа некоја сметка и пред сам себе. Заминуваше носејќи £ го молкот на збигорената улетнатост в гради, сега веќе постојано изострен кон сите оние стреловити мигновени преспречувања на неговиот пат. Но, ни дивината исто така немаше ниеднаш смелост да му излезе на чист дофат. Так и остануваше околу едно подолго време само тој негов сенишно омеѓен круг; и една тишина, зад која од сите страни, продолжуваше да се насобира речиси во некој крештав ѕвекот, за да се слее честопати и во некој остер брмтеж, скоро свиреж, сета таа постојана силовита раздвиженост. Омарничава, се смируваше едвај само кога му беше толку, при почивките, смирен и неговиот здив. Но, тој го носеше сега и тоа најкратко сознание; тој штрек, без кој не можеше потаму ни чекор. Небаре демнет од зад секое дрво, чува и една своја остра подготвеност при секое движење, во секој миг. Тоа му го скусува секој нов залет, но во чекорот уште не е силно да му се смеша. Далеку £ е од работ на оваа пеколна шума, знае; но нејзината половина веќе одамна ја има оставено назад. Чувството за знајната веќе завлечканост во неговите петици притоа не го загуби ниеднаш исто. Бездруго затоа и му успеа да се врти, само по некое време, начујувајќи го уште првото ‘ржнување, што оттаму дојде. Се сврте во еден единствен замав, заедно со насочената пушка в раце, а во снегот пред него стана одново едно толку смешно испрепелкување, што тој уште веднаш врескаше со својата сега нездржана лудечка смеа. Беше како во некоја детска игра, при која волкот сосем не го очекуваше неговото свртување. Тој првин се скочани, штрекнат за миг, најдени такви лице в лице, а потоа на оној парталав створ му беа потребни многу ненужни, бесмислени движења, додека ја управи во пепелници по трагата надолу. Така, муцката твоја погана. Ќе бегаш и ќе прашуваш има ли уште... Таа смеа му помогна да одмине уште шест стебла нагоре. Сега веќе и ги броеше сите одминати стебла. Го освојувае споро и мачно секое од нив, а кога ќе го оставеше зад себе, имаше во градите толку здив и толку радост за да продолжи да му се приближува на следното. Знаеше сигурно дека продолжува да оди по онаа линија, по која некаде веднаш тука под снегот се наоѓа нивниот пат за Белата Долина. Тука беа сите нивни избележани стебла, а сега најбргу тој можеше во корубата на едно од нив да го прочита и она, што го имаше врежано со својата секира еден од младичите, што доаѓаа преку летото во нивната пилана. Во корубата беше направена стрелка на патоказ, а под неа со несмасни букви во поцрвенетото дрво стоеше: „ПАТ ЗА ИДРИЗОВО“. Ја почувствува далечната шега; му помина незадоволна потсмешка со некоја невкусност; но за него сега беше многу поважно што можеше со сигурност да знае дека веќе е одамна навлезен во втората половина од бескрајната угорница. Сето тоа заедно со некаква змислена група луѓе и коњи што поминуваат во летната сончеста квечерина по овој пат, беше само едно бегло враќање од неговата заталканост. Тоа му го донесе подолгиот одмор под едно подалечно стебло. На едно угорниче погоре се препна од затрупана ветка под снегот и падна. Веќе не се мачеше да се исправа. Продолжи на сите четири, и тоа за извесно време му донесе и некое скоро неочекувано олеснување. Повеќе не можеше да ја носи својата извишена исправеност, а сега и помалку тонеше. Но, најлесно му дојде тоа што во коленцето, место сета поранешна бол, сега се извиваше и една пријатна топлина, што се ширеше по сета снага и му ги подомекнуваше оловните јазли во секој зглоб. Ги немаше веќе ни оние остри удари при секое тонење од дебелата корка мраз. Затоа повеќе не се ни обиде да стане. Мислеше: доаѓа ноќ... Пред уште ни оддалеку да знае што се значеше тоа... И само се влечкае нагоре, на цеваниците и на рацете до лакти; снегот како да беше направен од големи, тврди скрупци, од чиј допир мошне бргу во подноктиците му се всади голата сува бил, но и тоа не мораше да биде забележано со некакво особено внимание, додека заминуваше со лицето во снегот, бидејќи дланките во дебелите нараквици можеше секогаш да ги замени со лактите и да продолжи да се придвижува со нив. Ајде, човече, Змејко, мислеше; треба да се побрза. Ноќта овде доаѓа пред уште да се помисли на неа. Додека застануваше да здивне и да ухне по неколку пати по своите сè поздрвени раце, незабавно откриваше како е понатаму упорно проследуван од парталавата прилика на мршарот пред него. Но, сега веќе и самиот да не мислеше толку лошо за тој ранет волк. Оној сакаше да доаѓа по него, па тогаш и нека си доаѓа. И нека оди притоа во триста ѓавослки мршарски мајки. Најпосле, тоа си беше негова работа. Вардеше само да може да го утврди оној миг, кога тоа прегладнето копиле ќе се обиде сосем да му се приближи; важно беше да не му допушти да му се приближи така, за да би можел да го дрпне одзади со онаа своја шилеста муцка, друго ништо повеќе не можеше да биде важно сега таму, назад. Та тие и двајцата беа толку премалени за сè друго. И толку беше за нив, за обајцата, напред сè. Кога се подисправаше, набргу, можеше добро да ги здогледа и оние најпрви модрикави загаснувања на квечерините, чиишто сенишно приближени копринки како да ги исткајуваа во своето сè погусто сновење оние издолжени прилики со шилести муцки и со прекршени опашки. Беше речиси и видлива таа молчалива игра со темнинката, што се згуснуваше и што остануваше и потаму да лебди постојано на истата граница, до која што излегуваа и тие околни придвижувања. Беше тоа она, што преку целиот ден го дебнеше од зад стеблата, а сега можеше и да излегува и да му се приближува, стеснувајќи го неговиот круг. И тој сега секогаш одново со тревога можеше да го наоѓа сè поблиску неговиот раб, спружен. Тоа трпеливо кончење на зловестата темнинка, и тие, сега веќе подоста видливи вво приближеноста црнки на дивината, што се испрекрстуваа и ја стегнуваа шумата во една таква скоро видлива пеколна морница меѓу нејзините стебла, насобирајќи се најгусто токму на границата од тој маѓепсан круг околу него. И потаму го оставаа во стеснатоста од овој круг само него; а бездруго според сè, како нешто негово, уште и оној, што му идеше в петици. Сето тоа беше токму онаа јанѕа, со која веќе го јадеше, ваков спружен, увиснатиот меч на недоодливата угорница. Снегот продолжуваше да ја губи дури и онаа своја скржава внатрешна просветленост, добивајќи некаква сосема невистинита испремешаност на сите темнини, што постојат. А секој нов заграб со раката низ неговата сива ронливост ја правеше уште потупа болката под неговите нокти, носејќи му го глупото чувство за некакви прсти зголемени колку полни вреќи. Во еден миг недалечен потоа, можеше само уште да подлипне, кога откри дека денот повеќе воопшто и не мислеше да чека. Денот сега си заминуваше зад некој срт пред него, таму како некој што те остава сред река без да ти подаде ни рака, и тука беше попусто секое довикнување. Не стасани да помисли веќе на ништо такво попусто, какви што се навреденоста и разжаленоста врз себе; тоа остана да боли во него само уште како некое тенко, но заедно со тоа незаборавено потстрекнувачко со задните сили од себе сознание и непрошка. Најпрвото, што го побара тревожно при ова, обѕрнат наоколу, сега веќе докрај препуштен на самиот себе, без непрокосновениот круг ден околу, беше една сниска, дебела бука, подоста стара и глужлива и нејзината крошна, на која, некој исто онака како и на сè друго од овој ден, не помислуваше првпат. И сега ја гледаше веќе, како да ја оставил, само неа тука, скоро на дофат недалеку од себе, полна сува напопаѓана шумурина со сè уште зачувани смрзненки окит. Токму колку тоа му беше потребно висока и ниска, сега го подмамуваше како заден и преостанат пристан. Успеа да се добере во коренот од ова дрво; а ноќта повеќе не беше ни само некоја темнинка што се прикрадува, туку беше стасана веќе и да заседне наоколу над сè. Ја виде неа таква над себе си и во оваа стара бука. £ го чувствуваше погледот и на онаа смрдлива дијанија зад себе, сосредоточен во својот тил. Тој поглед беше чиниш некако и самиот толку неволко близу сега; бидејќи беше и за оној таму неотстапно стеснет, безмалку неисчезнат, кругот, во кој сиот ден тие можеа да бидат само еден со друг, сами. Недалеку сосем сноват оние зачекорени прилики; ним дури можат сега да им бидат догледани и нивните нозе во тоа непрестано стрпливо чекорење. тоа тие навасуваа да го доразнесат сосем, до заден траг, неговиот круг; со вака надојдената ноќ, тоа ним повеќе не им го бранеше ниеден закон. Престорена од нив во некоја таква морничава стонога, ноќта така и ги притискаше нив двајца сè потесно кон стеблото, што за себе го имаше одбрано тој. И повеќе само уште сè побезизлено еден кон друг. Се исправи и се дофати со едно замавнување за ниските гранки. Имаше претешка, скоро непокренлива снага, на која ни по мнгу напнувања не £ успеваше долго да се провлече меѓу ветките горе, каде инаку би му било потребно само едно скокнување. Имаше неосетливи, тратесто неживи и непослушни мускули од рамо и од мишка; болеа само при секој нов обид. Имаше премрзнати прсти кои тешко го додржуваат она што ќе го дофатеа меѓу себе; така и остануваа секогаш само за малку недостатно силни да се вкопаат и да дочипчат. Но тој мораше да го совлада тоа стебло. Мораше да стаса горе, среде неговата топла шумарина, на три четири метра над снежното тло. Тоа дрво и како да беше порастено само за него такво овде; толку ниско и дофатно меѓу сите други вити и незамисливо вивнати во недогледот стебла наоколу. И најнакрај, со заден здив в заби, тој сепак еднаш веќе беше горе. Со крваво лице, со истрештени раце, претежок и со туптеж в грло, што долго не можеше да биде смирен, тој беше горе. А чувството за некакво пристигнување негде, дури и среде сета крајна загубеност во него и надалеку во недосег околу него, исто така незабавно му се јави. И беше некакво прибирање, некое чудно доаѓање, сето со него сега. И полека но и сè посигурно завладуваше со него во овие предолги мигови присмирување; овој усет за каков-таков пристан, засолниште, круг во кој е и потаму одеднаш само тој. Онаков притиснат и збран, онаков истоштен и притаен но исто така и со сигурноста недофат, недосег за ниеден до него овде. Еден човек сам во својот одамна, пред илјадници и илјадници години напуштен дом, знаеше и сам по нешто малку за тоа, приклештен меѓу двата пара и одново заштитен меѓу нив. Само со едно делче од мислите можеше да биде сигурен сега дека ни оваа бука под него не можела да израсте, ваква, на ниедно друго место, освен пред самиот раб од онаа веќе и изодена до пред самиот нејзин крај од него целиот изминат ден пеколно несвршлива шума. Наваса така бргу и некоја самосознајност дека нему на крајкраишта сепак му успеа да ја пребори, да ја кутне, неа; и да достаса еве на крајот и нејзиниот тил да £ го види. Па сега тука можеше тој да остане веќе и колку ќе му се посака. И тој еве и остануваше тука, меѓу самиот чатал од гранките, притеснато седнат, некако одеднаш и сè полесен во себе, и изненаден дури колку едноставно бргу му се беше извлекол од меѓу самите заби на некој наоколу толку близок. Ноќва надојде, човече, мислеше сега; но еве и ние стасавме, фала му на бога. А сепак, денот не нè дочека. Си замина без дури и да се обѕрне кон нас... Но и тоа беше само една игра, под која одамна £ беше разнесено до најзадното чувство за потпора, самото нејзино дно. Некаде горе, некаде високо горе беа веќе и неколку бели искричиња, чиј трепет некоја лутина го прави зелен. Ѕвезди. Со нив стрпливо и кротко, небаре низ остри распукнувања, се посипуваше сета видлива цибрина. На своето волчо небо ноќта го доби сега и својот волчи месец. Беше еден речиси бел, низок месец испловен под бескрајно високата празнина. Тука, под белите облаци на круните од високите буки, стоеше и потаму една изгасната проѕирна темнинка, што немаше никаква белина ни во најбелите мигови од белата зимна ноќ. Месечината ги пробиваше здружените круни од дрвјата под окитот во сосем ретки, испокинати и морничаво светли пруги, кои на оваа подмолна, злоока темнина и даваа некоја сина длабочина, а самите среде згрчената зачмаеност прилегаа повеќе на врескање, по еден таков остер пробивен крик, отколку на зрак месечина. Тоа и од таму, и од небото, демнеше со своето гладно око еден осаменик, готов секој миг да ја исправи муцката и да завие по снежната дива штамовина. Остануваше меѓу сувите лисја на своето дрво, наеднаш притивнат до последната граница на притивнувањето чиниш и пред самиот себе. Беше исплашен од нешто што не можеше да го опфати со погледот. Она се подаваше само да биде сетено; залебдено, но и единствено вистинско во таа белузлава темнина што мрзне. Некоја јанѕа виси над земјата, будејќи ги само своите жители, и придушувајќи сè друго со неговиот сопствен здив. Се најде тука и остануваше, сепак само еден непожелен дошлак, натрапник среде овој скован мир, и сеќаваше како едвај дише. Оваа сознајност надоаѓаше заедно со стинеењето на неговото тело, со нездржливиот трепет во вилиците, што сеќаваше како му се гнезди и во секој доцелеан усет за сопствената телесност. Беа и едни лути завивања во колениците, и боцкаво трпнење во подноктиците од рацете, блажеви во слабините. И она познато чувство за здивот, исполнет, затнат од некаков снег. И повеќе ништо тука не беше само впечаток. Тука беше сето само една вистина, во која наеднаш се најде. Во неумоливоста од која како да паѓаше сè, зад што беше скриен, оставајќи го гол спроти една таква бедна пустош. И ноќ предолга и зимна, што допрва треба да врви. Стоеше и сега тука, веднаш под него, токму тој, најпрвиот нејзин гласник. Сето време остануваше сознаен за неговата застојаност таму. Дури и го виде како се добра до неговото стебло. Се довлечка и довде, следејќи ја неговата длабока трага во снегот, и остана токму каде што се прекинуваше таа. Оној долу исто така знаеше сè сосем добро за него овде, горе. И сега лежеше тука, здола, само се таеше таков, со трите нозе подвиткани под себе и со едната оставена, небаре заборавена, назад. Лежеше тих, постојано со муцката дигната горе, а гладот продолжуваше само да му чади погано од неговите очи. Да, тоа беше тој, неговиот мршар. Неговата парталава сенка и неговиот придружник, со сета своја смрдеа под него. Така што ако се отпуштеше од меѓу своите ветки тој, и да му падне право в заби. Но, овој овде беше и една таква кутра дивинка, проклета и прогонета и од своите. Таква, таа бездруго, уште со помалечка надеж за излез го продолжуваше своето вечно кобење долу. Беше трпелив, а и што му преостануваше друго, тука, на три метра под него, вршејќи си ја својата работа со упорност што вџашува; а тој горе беше оној оној чеканиот. и зарем можеше да не сеќава, при секоја помисла на оној долу, просто како го престегнува в гуша допирот од една таква проклето приближена мрша. Беа сами. Беше и тој сам на своето дрво; и волкот беше под него сам. И ноќта беше ноќ за сами суштества, една и премногу придавена ноќ само за притеснетата до нејзиниот најпоследен пристан осама. И тој првпат го знаеше вака добро тоа склопчен во својата шумарнина. А што се однесува до нив двајца, тие и беа останати во неа сами за да си свршат некоја само нивна работа во четири очи, како купувач и продавач, како купувач и џамбаз, и тоа наеднаш беше и толку просто што дури и тој ја сфаќаше сосем добро упорноста на мршарот под себе. Најпосле, сами без и сите оние други лиотки, што прошмугнуваа низ мртовечката темнина наоколу, иако тоа беше доста далеку од ова пеколно дно, на која му беа претставени тој и неговиот демнач. Сега знаеше дека, заедно со него, заоден по неговата дира, и тој негов неволен придружник преку целиот изминат ден, всушност само продолжуваше да се крие, да се засолнува и сам од сите други волци. И дека тој тоа можеше да го прави единствено во неговата близина, во која другите не се решаваа да навлезат додека беше дење. Така и беа осудени на неразделност, некако како кога се водат со еден чифт лисици коравиот убиец со ветрогониот шеретски престапник. Тоа беше онаа скршена, само што недоразнесена нога од оној таму. Таа и беше сето, кое требаше да остане скриено пред догработ и на најслабиот од неговото несито племе; и тоа си остануваше сега наеднаш еден само нивен двоен јазел. Неочекувано и за себе, тој и го пожали волкот. А веднаш потоа – незабележливо, но одредено, како што не било одамна одредено ниедно негово помислување, – испловено е на површината во него којзнае од кои длабини, она, што го натера скоро да шепне: – Навистина, кога не би биле вака сами... Волкот под него мораше да остане сам. Тоа беше законот на неговиот живот; па така тој го разбираше него и безмалу веќе чиниш и го примаше како некое старо познанство во оваа своја приклештеност. Но, сега остануваше да биде важен тој, всушност продолжуваше во него да постои само таа мисла, што беше одѕив на некоја слична мисла, некаде зад него, но воедно и еден неспоредливо посилен нејзин одѕив на оваа ветрометина и среде сета своја скукуленост. Пред неговата мисла остануваше да биде попусто истрошен сега и сиот напор од изминатиот ден, и сите превиткувања на неговото тело по проклетата, непробојна кора на снегот, и сета негова прегладнетост, и страот, и бегањето, сè до оваа безизлезна прибраност во крошната од старата бука. Сè, до самиот негов живот, излегуваше сега на една сосем нова, обесмислувачка чистина, губејќи ги сите свои суштини и оставајќи само празно, попусто талкање, кога ќе се обидеше да си го замисли макар и само она тивко брмчење на човечкиот говор во некоја квечерина. Споредено со тоа сега сè ја губеше достојноста за напнување и остануваше штуро. Она негово морничаво искачување по угорницата можеше да биде само едно просто изменување со еден друг, што ќе чекори напред, и сега тие двајца ќе можеа да бидат веќе в село. Или пак, дури ако мораа и да заноќат, па ако мораа и вака, и тогаш, тука, во неговата близина, ќе постоеше и некој друг, кому би можел секој миг да му речеш нешто; кому, ако ништо друго, би можел барем да му помогнеш. А тој, ако не со збор, тогаш барем со некое движење, со некое одмавнување, би можел да ти одговори, би можел да ти одговори, или барем да ти даде знак дека те чул. – Навистина, – си прошепна сега себе си, – зошто ли сум јас вака сам? Зошто ли? И тоа негово прашање остана да виси без одговор и да го дебне со својата неодгатливост од секоја страна, сè поединствено, нешто како оној остер изребрен месец; како мршарот, под него долу. Си беа далеку повеќе свои од него сите тие дивинки, што сега прошмугнуваа затрани недалеку од неговата бука. Во еден миг, некоја којзнае која од нив таму, се јави од своите далечини со првиот продорен писок. И така ја отвори и вечерашната тажаленка на гладот, исфрлен среде лутиот снег, а толку многу дома. Мошне бргу зазлелека веќе и сета шума. Се закануваше и молеше, се довикнуваше и се одзиваше, се предизвикуваше и премолчуваше, а сеедно остануваше да пишти, да вреска, сета таа сурија, која заедно бараше некој одговор, и заедно остануваше без него. Беше наполно сигурен дека неговиот глас, кога би го испуштил сега, сам од себе пренапнат во неговите гради, би бил многу покукавичко завивање, без и трошка од онаа решителност, што ја имаа во себе дури и најслабите и најдалечните нивни одѕиви притивнато и од она заскемтено молење, со кое се одѕва притивнато и колку што се може понечујно дури и неговиот мршар во близината, кој не можеше исто така ни сам да остане безгласен во таа морничава химна на гладот. Беше поразбирлив од него и тој волк на три нозе, сети како му завидува. Беше некоја таква заумна заумна завист, што ги здружуваше само на уште еден начин со тој негов сосед, и во тоа немаше скоро ништо навредливо. Набргу во неговата увиснатост почна да се раѓа и една своеглава непослушност на неговото тело, која најмалку можеше да му поминува незабележана уште во нејзиниот зародиш, и од која бргу можеше сè потешко да се бега. Преклонетоста од рацете се престоруваше во некоја трома беспомошна отпуштеност, која знаеше само за тоа дека преку денот снагата сега беше се изнамачила преку секоја мера; и дека сега му треба да спие. Сета негова телесност бараше сон; пекаше по него трепетот и од најодзадната жиличка од него, не прашувајќи за ништо друго. А тој во себе имаше најмалку што да му спротивстави токму на ова. Гладната и полна само превидувани превивања утроба имаше еден единствен начин да ја испрати таа продолжена, скоро нежива, празна темница, за да ја превиди и од неа да се скрие; одеднаш и тоа беше сонот. Во тоа не беше силен да го задржува повеќе ни стравот. Беше една таква крајна премаленост во сиот него, која едноставно не можеше да достои и потаму во состојба на една ваква увисната пренапнатост; за ништо такво во себе повеќе не се чувствуваше сила. Најнакрај, со бавни, долги и пресметани движења, сè со едната рака, тој успеа да го сопаше од половината долгиот појас. Потоа зеде да се испреплеткува со него сиот себе во сплетот за секоја од околните гранки, оставајќи се скоро спружен врз чаталите од старата бука. Изврзувајќи ја немилосрдно својата половина, своите нозе и надлактици, како што може да биде изврзувано сè друго, само не и своето тело. Го прежилуваше цврстиот долг појас со таква жестокост во престегнувањето, најмалку сакајќи да знае за болките; не само како да го правеше тоа со некој друг, туку и со некој таков здодевен друг, што успеал да го разгневи до задна мера. И уште веднаш, штом го доврза задниот јазел за дебелиот пар, тука, на дофат над лицето, клепките со уште ненасетена ниеднаш неумоливост веќе му се спуштија. Последното што притоа го чу беше еден до усетот на здив доближан писок, веднаш крај самоти него; но, ни него не успеа да го доислуша до крај. Се сонуваше себеси само како една од сите тие дивинки наоколу; талкаше по снежната шума, крсив – крс и се задржуваше на секоја повисока тумба; таму ја исправаше кон ѕвездите својата глава и почнуваше да завива. И во тој таков свој полусон го носеше со себеси сето време проклетството за некаков баран излез, за некој и најмалечок надежен отвор, што мораше да постои негде во тоа небо, меѓу тие сенишни сковани писоци дрвја. И само продолжуваше потаму со тој усет да претрчува меѓу стеблата, и пак до следната вишинка чиниш и само да завие од неа кон отворот небо. Се зеде на себе, не успевајќи да си го прекине својот заден вресок. Продолжуваше да ‘ржи и буден и да чкрта со забите; нешто единствено и премногу власно длабоко во него уште долго и не помислуваше да престане со тоа. Беше некој таму единствен начин да се остане и потаму увиснат над сивата провалија, вчекнат меѓу голите гранки; беше еден таков пронајдок од неговиот сон, нешто слично на трага кон единствениот вистински излез. Ако не друго, тогаш барем само уште малку време кон тоа. И тој продолжуваше низ полујавето скоро сознаен да го води својот разговор со онаа притаена, ранета и изобличена ѕверка под себе. И веќе мошне бргу чу тој како и таа му одгвара од своја страна, нему со знајното смрдливо, умилкувачки соблазниво, жаловито и во исто време толку стрвно подзивање, со некој токму шепот. А во сето тоа е и некоја сознајност дека ова меѓу нив далеку не започнува сега. Одеднаш удрен вака очи в очи со сета морничава пустош во сè околу; изврзан и распнат на најпеколниот можен начин што го има, тој сега и сознаен, и токму заради својата сознајност, зеде да завива уште понезадржливо надалеку околу. Врескаше нешто од својата бука, довикнуваше некои зовриени работи од себе кон некој невидлив таму, надвикувајќи со тоа и во самиот себе едно море без одговори. Се одѕиваше на секое ново предалечно завивање; го бркаше и го галатеше под себе оној зазејан парталав влечко; укаше, пцуејќи ја таа негова смрдлива загнатост по него, повикувајќи го на некаков мегдан. Сè дотогаш, додека и виковите, тие негови превисоки завивања без секоја смисла, не се престорија во некаков преоптегнат болен напен, во кој стануваше сега веќе сè потешко да се достои. Но, ни сам сега веќе најмалку си владееше токму со тоа. Не постоеше можност за какво и да е прибирање во знајната притаеност назад за ништо на овој свет. А можеби едноставно што токму до тоа одново скаменување, на дното од пеколот на сопствената тишина, подлипнат, нешто сега најповеќе и го плаши. Му се чинеше дека токму тоа би значело сега веќе и самопризнато папсување; умирање среде наежавениот студ и бесконечната штамовна сивина. Додека сета таа развресканост не почна да се насобира веќе сè околу некаков неочекуван, а едвај дека и неосмислен, на мигови највинстински негов повик, што имаше воопшто да £ го довикне в лице на сета оваа пустош. – Дај луѓе. Дааааај лууууууѓееее, еееј. И сега веќе го повторуваше само тоа. Во сите негови распокинати, неразбирливи обрти. Од молитва, до пцоста, до себе прекорувачко понижение. Го расчешнуваше во многу недовикнати и извишени слогови; но сеедно го продолжуваше. Без прекин, додека постоеше глас што можеше да биде извикан. Сè до задно место во грлото, кое не почнало да му точи само глува и пренапрегната бол место каков и да е глас. – Дај луѓе. Дај ги, па, ако сакаат нека крадат. Дај ги нив, па нека чинат сè, што можат. Сè, што е нивно. Дај, барем еден од нив. О, дај... Волците тој нов глас во нивната шума го примија отпрвин со една должна тишина, од која по ребрата минуваше уште поморничава неутешност. Долго време не можеше да ги чуе ни да поминуваат крај неговата бука, за да го извика тоа кон нив. Додека не почнаа и сами да му се одѕиваат од некаде од многу далеку, отстапени, но и неотсутни исто така. Нивниот лелек одбележуваше сега еден сосема далечен, повлечен круг. Од тоа молкна и се притаи и црната прилика на оној под него. Остануваше сè уште под неговото дрво, со исправена муцка; потсветнуваа неговите очњаци, голи, но молчеше. Молчеше долепен до земјата и чиниш не дишеше; само со здивот ја голташе миризбата на неговото тело. молчеше сето време, дури човекот над него продолжуваше да вреска ди кај што го држеше гласот; бездруго знаеше веќе по нешто и за тоа. Секна исто онака, како и што му дојде. Надојдената суводолица на виковите беше исцрпена; тешко си припомнуваше и за нејзината причина. А како некој близок крај од сето тоа остана само уште еден зарипнат, испрекинат, тих говор: – Дај човече, донеси барем еден. Само да го имам. Само да биде... Дури сега мршарот се одѕва со некое свое тивко, цвичливо скимтење; беспомошно и некако исто онакво, божем сакаше да му рече дека тој не е во состојба да му донесе ниеден од нив. Сега се одѕиваа веќе приближени сосем и сите други гласови. Волците всушност не ни мислеа да му ја отстапат на тој единствен вик сета своја шума; повлекувањето во нив беше само едно нивно сепнување, или само предизвик да се извади на видело тој сè што има и што знае. И пак се насобраа сè поблиску кон него; стегаа со својата морница, и тој повеќе не беше во состојба ни трошка потаму да ги оттурне нив. Сите негови обиди да се развреска пак пропаѓаа попусто уште во него; не сакаше да ги зауши нив ни неговиот сосед, што продолжуваше да си ја мрмори наголемо својата кобна исповест. Додека и неговиот заден неизвикан вик не му се сви во грлото, бессилен дури и за да одлета, нем и со остра телесна бол. Волците пиштеа веќе само на десетина чекори од неговата бука. Беа најгустиот круг, што кога и да е го имаше оваа ноќ. А продолжуваше и потаму да се приближува. Дури сега знаеше дека мора да преземе нешто ново. Нешто слично на она врескање, со кое би можел барем уште за некое време да ги истера од себе. Уште веднаш помисли на огнот. Првин си ги изодврза рацете, а потоа од сиот дофат со круг почна да присобира суви корупки и ветчиња и да тргне суви лисја по ветките околу себе. Збра многу од сувата шумарина, а потоа сето тоа го смести во малечко збиено бременце над еден трвлосан пар од другата страна на стеблото. На крајот ја изнајде и запалката и го џишна сето тоа во дното. Беше уште едно оружје на неговиот род; се радуваше, загледан во раѓањето на своето малечко, црвеникаво огне, што брзо и не чекајќи почнуваше да живее и нараснува, превивајќи се околу сите сурови гранчиња и плискајќи му ја в лице својата тивка лековита топлина. тука ги најде и остатоците од некакво старо седело, и огнецот од нивив сосем порасте. Така што сега веќе можеше тој да му го става нему и најсуровиот прат, што го скрши недалеку од себе. Од топлинката чудотворно му оживуваа неговите прсти, нивниот фат. Огнето го загреваше во лицето и по колената; а неговите одблесоци не можеа да откријат ни најдалечно прошмугнување. Макаршто сега веќе и ноќта небаре беше го кренала високо до ѕвездите својот бедем, оградувајќи се од неговиот поглед. Од своето дрво сега можеше одново да им се заканува на сите оние пропадени дивинки, кои мораа барем уште некое време да го остават мирен. Дури и оној под него сега беше поотстапен по дирата надолу, па така сè што можеше и од него да се види, беа само матните искрења на неговите полуистечени очи, две такви сосем празни жишки сред згустениот чивит мрак. Траеше можеби и нешто подолго отколку со виковите; но исто така беше омеѓено со време. Волците еднаш мораа, макар колку и неволно, со нерадост, да свикнат и на безопасната светлинка, што им ја носеше тоа несмирено суштество во нивната ноќна шума; дури за нив и тоа негово чипо огне не се престори само во едно такво откинато кршенче од големиот месец, запнато во чаталот од старото дрво. Така и почнаа тие одново, на штрек, но и предизвикани, да настапуваат и одново да се ближат. Набргу веќе и сновеа со своите чујни стапки околу него. Беа од секогаш поужасни со тоа што можеа да им бидат видени само по две мигновено разгорени синкави точки од нивните очи. Додека оној неговиот беше се довлечкал сега веќе одново неусетен под дрвото и, прибран тука, со заземено старо место, темен и само заскимтен едвај чујно, чиниш и самиот со некој предизвик се развртуваше наоколу кон сите оние таму. И сега тој горе не беше дури ни сигурен колку навистина сака да го пропади од себе него. Беше сепак некаква придружба; можеше тогаш и да остане, ѓаволот да го земе. А беше добар дури и да се разговара со него. И додека се грееше на својот огнец, што стрпливо се загнездуваше на неговата бука, дури и потплуснувајќи исто онака весело и пријателски, како дома, тој почна и да разговара со својот парталав сосед долу: – Еј ти, – му рече на оној под себе сега. – Попусто ме чекаш тука, знаеш. Мршарот измолче на ова, продолжувајќи да се оближува со скимтеж. Очите му гореа прематно и преплачливо; така што небаре и самиот со најголемо задоволство би се согласил со него. – Реков попусто чекаш; ме чу. Волкот сега само се обѕрна околу, небаре не сакајќи да го навреди со тоа што би му рекол што мисли сам. Не давајќи тоа да му го открие тој ни во неговиот неуверен потсмев. – Та знам јас, како не, дека тебе ова и ти е задната можност; но еве сè си мислам да не ти биде доцна кога ќе видиш колку лошо си ја одбрал. Само онака, со повреме посакав да ти кажам. Едноставно не пресмета добро; тоа. Ако мислиш поинаку, а ти остани, можеше. Јас тука не можам повеќе ништо. Само сè си мислам ќе ти беше поедноставно да си се завлечкаш по некоја малку поситна, а за тебе и нешто попозновита дира. Или да им се дадеше днаш на оние таму; накрајкраишта да се смириш. А вака сето тоа ти е толку безнадежно, брат, што јас еве цел ден денеска само ти се смеам и ти се чудам... Ова, недајбоже, онака; пред и мене со тоа твое отровно чадење таму да ме наведеш на некој грев. Беше дури и угодно вака да се продолжи да се разговара мирно со оној таму од крај огнот. Додека наоколу се продолжуваше, зад досегот на светлината од неговото огне, и потаму сенишно да се морничави сето; а да не успева да им го наруши со себе овој нивен малечок круг. Напротив, дури со многу нешто и од себе дозгуснувајќи го, збивајќи го во еден ваков угоден усет. Сето тоа време му успеваше нему да ја држи во своите живнати раце власта над својот огнец. Да му допушта на пламенчето да се распалува до една висина, до која ќе посакаше да го распали сам; а кога огнето ќе ја надминеше границата, тој тогаш и ќе го распреташе малку и горењето пак се прибираше во својата тивка затлеаност, послушно како питом домашен мачор. Но, и на огнот не му требаше многу време за да ги пушти своите корења во сувото дрво така што да почне и да му се спротивставува, обидувајќи се да му се отскубне од рацете сосем. Еднаш како запален стог сено, во еден здив, пламна сега шумарината на буката и го опфати по целото лице.. За малку што не отскокна од изненадување; да не беше појасот ќе се најдеше сигурно кај оној негов пријател долу. А кога беше изминат сиот тој мигновен пламен, оставајќи ја само миризбата на испрлено по неговата волнена облека, и искрички што шетаат по изгорените лисја, гаснејќи, можеше да открие дека пламенот беше го зафатил веќе скришум од него целиот пар, на кого беше запален, и сега требаше многу мака за потаму да го задржи во рацете тоа притаено затлеано, трпеливо горење во самата такеница на дрвото. Ги тргаше гламните и ги фрклаше по секоја нова четворонога сенка што ќе се приближеше до неговото дрво. Гламните беа силни само додека летаа во воздухот. Во снегот од нив остануваше само клопче чад. Но, неговите можности одеа само дотука. Сега можеше уште да гледа како тлеењето се пробива во илјадници такви тивки и зеленикави проблеснувања по сиот спротивен пар; и како го опфаќа во својата тивка разгореност сето тоа голганиште отаде. Сè уште немаше опасност за неговиот суров пар; меѓутоа мораше, беше заден час, да се мисли и на тоа. Огнот се свртуваше против него; тоа го доведуваше до бес. Неговиот сосед под дрвото долу, што сето ова време беше повлечен малку в страна, се прибра пак до стеблото и по старому си се склопчи на своето свикнато место. – Еј, ти дивинке проклета, ти реков дека тука повеќе немаш што да чекаш. Иш, поганијо погана... Зафрли нова гламна, што ја токмеше подолго скришем. Таа му падна на самиот грбник од волкот. И уште веднаш оној матен застојан мршојад демна и долу отскокна од своето место и забега надолу, занесувајќи се и кревајќи со своето налуничаво отскокнување по удолницата една незамисливо смешна виулица. Но, и на огнот не му требаше многу време за друго: освен да се повлече сосем на крајот од своите ветки; и само уште да гледа како дебелиот сув пар од другата страна се престорува во една единствена црвено-зеленикава грутка зазрачен жар. Го печеше со својата топлина и повремено го гушеше со густите лути клопчиња чад. Тоа така и ќе оди; додека не дотлее тој отаден дел од неговото дрво. А при првиот допир до суровото, огнот може лесно и сам да дотлее и да згасне. Но, еве и тој е тука да му помогне. Беше сепак една среќа со чудото од неговиот огнец, овде, горе. Се поттргнуваше постојано пред тоа, додека не се најде и во една сосема увисната положба, во која го задржуваа да не падне само подеблета ветка под него и неговиот изврзан појас. Во рацете му се преметнуваше пречејќи му, само уште неговата долга француска пушка. Можеше да се обидува да изнајде, или да си направи сам, уште некоја потпора за своето тело со помошта на подебелите ветки околу; да се загнезди посигурно меѓу нив, колку што му беше возможно тоа во неговата положба на закачен; но при секој таков обид и најмалото негово движење се претворуваше во опасна растреперена напнатост, а еднаш се најде присилен од тоа веќе и сосем да се присмири и само да трае. Од зад него допираа и потаму едвајчујните стрпливи потплуснувања на тивкото тлеење што продолжуваше да се шири. Неговата топлина и неговото застрашување трпеливо надоаѓаа кон опасното место во аталот од неговиот пар; по снегот, пламнувајќи, се носеа повремените одблесоци. Назад беше само уште еден демнеж, еден нов враг; а таму еден нов брут ја ширеше само неговата распнатост, болно сознајна и за таа опасност. Наколу немаше сега повеќе ниеден од црните зачекорени сенки. Помисли дека и на сите ним уим беше доста од тоа прогонење околу неговата бука. А дека, можеби ќе му биде време да почне да заидува денот.... Но, сосема набргу, како одговор на овој негов немоќен обид за утеха, пак по старата дира, зеде да се прибира кон неговото стебло со сенишно бесшумно довлечкување на свитканите нозе, познатата прилика на неговиот упорен мршар. Го гледаше како му доаѓа сè поблиску тоа ветерничаво суштество, со онаа негова постојана спремност да ја впие својата остра муцка во првата мрша, што ќе му се сретне на патот, и да остане таков, вкопан како пијавица, како крлеж, па ако сакаш скини сè друго од неговото тело, ако сакаш преполови го, истури му ја сета негова утроба; само ако си му ја оставил целата неа, неговата шилеста муцка, изострена од гладот. Волкот сега си се сместуваше, бесшумно подмолен, на своето старо место под буката. А неговата миризба, одеднаш, во еден густ здив, го испогани сиот простор, проклет и поотровен од секој чад. Наеднаш во него зовре сето насобрано гнасење кон таа кобна муцка, и сега тој мораше да стори сè, за што имаше уште сила, и да го испади еднаш засекогаш од тука него; едноставно од пред очи да му го снема. Првин се обиде да му свика; и £ врескаше подолго на таа дивинка право в лице. Но, таа сега не само што остануваше глува за сите негови премалени пренапнувања, туку уште и го напукнуваше токму со таа своја пренепрегнувачка глувота. Којзнае по кој пат му го повторуваше она, што во неколку задни збора му го истеруваше гневот од неговото грло, како заборавено зрно в цевка. – Дај луѓе... Барем еден од нив дај... О, ти проклето... Но и волкот имаше време да го пребори во себе веќе до крај и секој сега неможен негов вресок; тој сеедно изигруваше спрпелкан, небаре во некој свој сакан обид да отстапи, а постојано остануваше на местото. Остануваше, тегав и тврдоглав долу, не забравајќи ниеднаш да достои дури чиктисан спроти него муцка в муцка, со тој скусен простор меѓу нивните очи, и само во она божемно превиткување пред да пошол. Еднаш дури и му одговори со некое свое притивнато, цвикнато подзавивање, со кое како да посака да му се придружи на неговиот глас. Тој негов смрдлив, неоткинлив придружник; таа изребрена до горчива смеа негова сенка; неговата лита и подла коб... И при секое ново прикрцкување на неговите очници долу, кое доаѓаше секогаш при подголтнувањето, тој сеќаваше како прстите од веќе познатиот грч му се стегаат под гушата, и како од нив веќе и сè потешко доаѓа до здив. Тука скрајум, настасани одново во некој нов замав, и дури најповеќе отсекогаш досега приближени од сите страни, беа сега и сите други гладни осаменици од оваа ноќ. Беа недобројни, и ја стегнуваа стрпливо својата морница тука, сосем близу, само на неколку нивни скока од неговото дрво. Како да го чувствуваа тие веќе и бесповратно зоврен и само што незаврзан очекуваниот костец овде. Некои од нив и тука продолжуваа да ја извиваат својата клетва, исправени кон ѕвездите на првата вишинка. Некои сосем исто, дури и подголтнувајќи притоа во својот физички занес, оној под него и беше впиен кон неговата миризба, кон усетот на неговата топлина, крв. Во еден токму такво миг, приклештен сосем во нивниот јазел, тој и ја пронајде одново својата пушка. И веќе и ја беше насочил кон мршарот под себе. Но волкот, иако можеше да види притоа и секое негово движење, не се помрдна ни сега. Тој беше престрашен и од таа долга играчка во рацете од човекот над себе; но сега тој сосем лековерно не £ се подаде повеќе ни на таа еднаш веќе испразнета негова лапа. Тој само зави, малку посилно з’ржа, насетувајќи го сето она, што можеше да му се случи; но тој го стори сето тоа, сепак, и потаму упорно продолжувајќи да останува. Волкот продолжуваше дури и да раздразнува со тоа свое останување; со таа своја најназади насобрана валкана предизвикувачка храброст, а најповеќе и со тоа свое тврдоглаво чекање кога-тогаш тој да му падне меѓу неговите очници. Му се чинеше дека скоро го допира со врвот од цевката овој тврдоглаво корав, и наеднаш неочекувано отстојчив осаменик долу. Најпосле го имаше и на нишанот, токму во средината меѓу неговите матно разгорени очи. Повлече, не очекувајќи небаре ни самиот ништо ново и ништо особено. Тој и го правеше сето тоа по некој свој далечен навик, без помисла за очекување. Ударот од истрелот за малку што не му ја сфрли пушката од рацете; толку го изненади. А волкот уште истиот миг се сгрчи во некое непретпоставувано змиско клопче, и се отфрли ви еден замав далеку, колку два скока. Тој и потаму се извиваше по снегот, удирајќи само со едната задна нога по празнината над себе; еден докрај совладан волк, пронижен од обете страни и бессилен за што и да е повеќе друго. Додека не се смири најпосле поодалечен во слизгањето; и додека не зеде и да допретува сосем сред снегот, сè повеќе издолжен и готов. Остана на своите ветки, полн и некаква ситост; но ни неа не можеше да ја зачува којзнае колку долго. Набргу таа и се престори во скоро разбирливо, така некое просто и сосем верно сожалување кон она празно, оптегнато тело од мршарот понастрана среде снегот. Но, ни тоа не му потраа достатно долго, колку што му беше потребно за да го доузрее во себе ова чувство; од секоја посока по снегот наоколу почнуваа веќе да се редат едно до друго и да нараснуваат во некое морничаво подмолно приближување барем десетина издолжени црни тела, сите со муцките впиени во сиромашката миризба на крвта. Чиниш врзани за тоа недалечно испужено тело со некакви видливи врвки, кои никој нигде сега сите заедно ги повлекуваше, токму така со иста неотстапна присила им светеа загнатите очи. На волците не им требаше многу за да наскокаат. Уште помалку и за да се вплетат еден во друг, насобирајќи се во својата жилава топка, што отскокнуваше, прштеше, цвичеше и крцкаше секавично со забите. неразделно вчекани околу голите коски на смртта, како во својата единствена неизбежна патека кон идните ноќи од секој. Висеше над нив, а во очите му се пикаше сето она крваво распарчување, од кое ни сакаше, ни пак можеше да избега. Кое мораше да го гледа; и од него само да се ежи. Секој писок, секој нов скок, секој празен заграб и секоја болка во празното удирање на голите очници, здивен во себе самиот да го следи. Секое растргнување и секоја новоотворена шурка крв. Секој прегризан бут и секое распарано уво. Секоја капка крвава пена од пијаните челусти. И уште и секој нов затрчан меѓу темните дрвја и уште пред првиот скок веќе судрен со тој бесповратен сплет и веќе исчезнат во него. Кога не можеше да остане само притаен на својата едвај за некоја педа недосежна височина за нивните скокови, во која неретко, за еден кус миг успеваа и да ги впијат своите муцки секоја од тие отскокнати и спалавени дивинки; кога немаше повеќе сили да остане ни со затворени очи над тој ужас, токму тогаш, во најкрајниот миг, тој пукна уште еднаш во самата средина од оној бесовски див сплет пред себе. И сега веќе не успеа да ја додржи ни пушката; отиде заедно со истрелот натаму во снегот. Волците се растурија оставајќи по себе само неколку расфрлени голи коски. А во истовреме еден од нив, продорно квичејќи, ја повлече по себе едната свја безживотна половина, додека другиот, сигурно погоден посреде скокот, се стркала пепелничејќи со сета сила надолу, меѓу стеблата, собран во грчот и веќе мртов. Суријата се разнесе надве по посоките од двете нови жртви. И се развеа таа на две сосем, сосем спротивни страни, раширувајќи го думанот од својот крвав пожар надалеку по сите шуми. Ги слушаше како се јавуваат од обете нивни далечини, останат сам и увиснат, загледан во еден опул во својата падната пушка под себе во снегот. Беше му паднала само нешто малку понастрана од местото каде што сега, само до неодамна, скимташе прилегнат неговиот мршар. Сега беше сосем сам; сега беше дури и без него. Некогаш не и многу доцна можеше да забележи нешто, што со немилосрдноста своја го вџаши уште за еден досег од самото негово очекување. Едно сосем бесшумно приближување виде јасно недалеку од себе; а во него уште еднаш ја откри новата, а веќе толку многу јасна подмолност и луто чадливо горење што смрди. Оној таму, подаден меѓу сенишните стебла се доближи до коските; тој веќе и загриза со лут притаен крцкот една од нив. Кога го откри него на дрвото, волкот ја зеде коската со себ и отстапи сега-засега само нешто малку в страна. Кога беше готов со неа, го виде како се поврати онаму по нешто ново; го слушаше како мласка и како под’ржнува трпко од усетот на студениот крвав снег; потаму веќе не беше во состојба да гледа. Овде беше исто така сè во еден негов несовршен бескрај исто. Беше веќе осуден да не е без мршар; и сега еве го имаше и нов... Наеднаш сè стана сосем матно. Една беспределна матешина, во која и тој сега продолжуваше само неумоливо да тоне. Увиснат сосем, со рацете обесени врз двата странични пара, колку што само со својата тежина можеа да се држат; исто како некое задно живо тежиште од него да беше некаде таму веќе и отпуштено сосем. Сега токму така и беше насекаде околу одврзано сосем, скоро до крик, она, што до оваа граница време успевало да се докрепи во својата рамнотежа. Беше одврзано тоа таму до јазле; разлабавен ваков можеше сега веќе и да го поземе по себе кој прв ќе му дојде... Во мигновеноста од неговото полусознание остана само уште нешто, за кое можеше да се присеќава исто толку мачно, како за секој веќе однапред загубен сон. Беше сепак еден сосем тих глас; предалечен, а по него и еден предлабок одглас на нешто чиниш е далечен истрел. Тој звук потоа и како да се повтори поблизу уште еднаш. Напоредно низ сето тоа, едвај дофатливи за слухот, се носеа најкрајни некои одзвуци од нешто, што не беше ни писок, ни волчешко завивање, а тој во таа своја потонатост можеше уште да помисли дека вака можеше да се разреси во задните одѕиви само човечки вик. Беше уште еднаш едвај чуен остер глас; кој можеше да биде волчо цвичење, но кој не беше тоа. Како некој некаде да свирна. Луѓе, помисли. Луѓе, си рече, не сфаќајќи. Луѓееееее. И можеби уште само сивожелезното надоаѓање на денот. А нешто во него, сосредоточено до бледа искра, одеднаш сосем слободно од сите пренапнатости, се понесе во некој свој бавен вител. Можеби и како заден негов одзив; се завиори заден пат и потона. На устата поткасани му останаа зборовите, што немаше кому да му ги каже: Јас отидов. Навистина, отидов јас... Беа едни сосем далечни и благи, едни речиси неосетно тенки трепети од некаков тивок, топол повев; минуваа надоаѓајќи од некои неведоми страни, бранливи и лесни по целата негова снага, а потоа сè попусти му застануваа тука и почнуваа да се мрешкаат и да го греат. Тоа беше првото, што можеше да го сеќава, со оние најкрајни нишки на можноста за чувствување. Беше како некоја стара семенка, која долго време ја чувала во својата срцевина магијата за да го сети тој топол здив и да почне да се буди, да поникне под него. И беше веќе, пред воопшто за тоа нешто да знае, запливан полека во овој усет за себе, а неговата тврда корупка, што ја имаше како и секоја семенка околу својата свест, сега се отвораше со една речиси неосетна спорост, низ која сепак имаше и токму онолку, колку што му беше потребно, простор и сила, за да се подаде и да поникне. Иако не постоеше уште никаков пом за време, еднаш сепак, кога и времето можеше да се насети барем малку, тој беше сигурен дека сето тоа морало да трае многу долго; долго и неизмерно по патот на неговото непостоење. Тоа отворање на неговата семенка и тоа подавање на нејзиниот процеп. Сè дури не осети оти веќе може и да гледа; тој и оти гледа. Првото, што можеше да го види, онака поникнат и наполно отпуштен, ослободен од секаква желба и за најситно движење, без секаков грч, онаков апсолутно отпуштен и увиснат, беше еден бескраен син простор, што се отвораше пред едно такво негово споро поникнување. Наеднаш чиниш тој простор и го позеде во себе. Овој син бескрај чиниш уште пред тоа, пред тој да може да го знае тоа, му го беше украл и сиот негов здив во недосегот свои длабочини, со мирна, невидено палавна синевина, што го исполнуваше растојанието меѓу бреговите на неговиот поглед и сега просто само го вовлекуваше сиот кон себе, кон својата шир. Беше речиси една непозната синевина, во која би можел по цели денови да гледа. Би можел да плови низ неа со својот поглед; да се вивнува во сите нејзини беспокои и да открива секое нејзино катче исполнет до пребликнување од сите тие лесни и тенки црвеникави допири на повојот топлинка по лицето. А пак да си останува опуштен до непостоење и така сосем, сосем мирен. Би можел до самозаборав да ги прелетува со погледот тие неомеѓени сини длабочини; и ниеднаш да не му е доста. О, колкава радост имаше во сето тоа небо, што почнуваше веднаш од неговото лице и траеше постојано, без ниеднаш да се сврши; многу подалеку од допирот на неговиот поглед. Тонеше по плавната синевина, сето време, додека немаше никаква мисла, без и најмалечка желба за движење. Полетуваше по неа полн со топлината на својата тивка игра, во која потреперуваше и некаков бесшумен лет на пеперуга, некакво бело танцување, со безграничен устрем на галеб; во таа бестежинска собраност на сè што постоеше од него само во единствен поглед. Си го капеше лицето во богата синевина, ги собираше со погледот сите нејзини заискрени и невидливи бели прашинки виделина, а еднаш можеше да го откриетаму и синиот усвитен полн круг на зимното сонце. Дури сега можеше да знае дека она, што го чувствуваше како повеј, како топло мрешкање по своето лице, го зрачеше токму тој ослепувачки светол далечен диск, зафрлен по таа синевина. Дека тоа и го разбудило; а дека тоа сега и го води и неговиот поглед. Сега се шегуваше со Сонцето. Тоа му беше единственото што можеше да го прави, ваков залебден и вивнат во плавните далги од своето будење; и тој го правеше тоа. Само од себе, и само се шегуваше. Гледаше како врз неговите полузатворени трепки се исплетуваат од светлината безбројни игриви виножита: сини, црвени, винено-жолти, лилаво-зелени, со полно усвитени искрења, што се менуваа во една бескрајна низалка на боите, уште во првиот следен миг создавајќи нешто сосема ново. Сега сета суштина на неговото постоење и беше само во тоа да не го загуби од пред очи тој идеално направен круг во небото. А низ неговата крв и низ сите негови можности да чувствува, еден по друг, незнајни, се будеа сите богови со нивните усвитени кораби; сите бели атови и нивните пламени колесници; сите затрчани мкладичи со факели. И сите Сончеви Мајки, што го чекаат тој морен патник зад првиот брег, да му постелат и да го нахранат. А со неговиот поглед кон таа синевина одеа и сите молитви на сè живо на овој остинат свет кон тој усвитен, далечен бог. О, сонце! Тој знаше за небото. но, ова, што се распукнуваше сега пред неговиот поглед, откинат од сознанието, беше нешто што се гледа првпат. Небо. О?, колку е големо тоа... И одеднаш, а за него толку многу во вистинскиот миг; во оној највистинскиот и единствениот миг од вишнеењето на ова негово будење, таа неначната сина шир пред неговиот поглед ја распараа неколку црвеникави штркнати прачки; едноставно чиниш се распукна, се истрешти нејзиниот свод. А самиот притоа не стори ни едно ни најмалечко движење. Му требаше за тоа подоста време. Но, тој најпосле сепак виде дека се тоа само неколку блиски гранки, избрстени и црвеникави, прорастени на врвовите од неколкуте околни дрвја. Тој еднаш успеа и сосем да ги согледа нив. Беа неколку буки, само неколку високи буки, со нивните ветки, испрскани со чести пупки брст, родени под тоа сонце во зимниот ден. А еднаш, кога не можеше повеќе да не се обиде и да се обѕрне, едвај, тој ја откри во еден опфат и целата шума околу себе. Па, по мошне малку време, и тоа како на некаков чуден начин продолжуваше сето време и да се движи околу него, едвај осетно зазлелекана и во некое бавно, но постојано одминување назад, и сета таа шума. Најпосле така и се изнајде себеси, сиот. Еднаш мораше да се најде; тоа се знаеше уште веднаш, штом го сети она бавно будење. А сега беше тука. Се најде, испружен колку што е долг, врз нешто меко и оптегнато под сета должина од неговото тело, во едно ритмично одминување, кое сега можеше веќе и само добро да го сеќава под себе. Ги изнајде и трпките преболености на некакви болки во своето отпуштено тело; ги изнајде и сите истрпнати морници по својата кожа; а ја најде и таа лабава, апсолутна опуштеност во сите свои делови, во која и потаму не постоеше ни најмалечка желба да се направи макар едно, ни најмалечко движење. Дури и онај бавен, расплинат ритам на дишењето во неговото спружено наплешти и отпуштено тело, носеше само едно преспоро, речиси неосетно надигнување на градите, со уште едно помалку забележливо тонење. Беше оставен еднаш засекогаш некаков далечен јазел безизлез; беа изболедувани во сета волчо беспределна длабина сите болки од еден живот; беа прежилени до најзадната можна граница од врзувањето сите беспаќа што воопшто ги има, а сега одеднаш, незнајно од каде и уште помалку знајно како, беше испловила само таа опуштеност, која единственото што би можела да биде беше да е – крајот... Но, и која одеднаш за него мораше, ваква каква што е, да е нешто сосем друго; најповеќе со сето ова лелекање и одминување меѓу голите зимни дрвја. Тој сето време знаеше дека околу него е нешто и потаму какво што било; нешто вистинско и поголемо дури и од тоа; само затоа тој и се трудеше постапно, освен да го чувствува сè појасно него, и неговата таква вистинита и сеопфатна полнота да му ја види. А тоа беше одеднаш и најтешкото од сè друго. Продолжувајќи да се движи по сигурната посока од своето будење, тој бргу повеќе не можеше да остане само со тоа; мораше да стори нешто и сам, за да појде потаму во своето откривање. Му беше потребно само едно пренапорно намерно климнување со главата за да може и да го открие ако не сето, тогаш барем еден суштински, ако не и најсуштински дел од сè што се случуваше со него сето време. Беа дебели, сурови праќе од бука, два, по еден од секоја страна в долж по неговото тело. Помисли дека мораат да бидат уште два барем наполу покуси за предниот и за задниот дел од носилката. Веднаш потоа можеше да им ги доловува и лицата од оние двајца луѓе, што го носеа одзади. Беа припламнати о една здрава потпечена црвенина во самото нејзино настанување; а беа и испотени лица од двајца мажи, задишани добро. Некако според нив можеше да ги чувствува и оние другите двајца, што одеа напред. Знаеше дека му се свртени со тиловите; но и тие на некој начин како да му беа видливи најповеќе според нивната зачекореност. Знаеше дека и тие двајца напред го носат својот крај од носилката нарамо; мислеше дека, и извиен, каков што не би можел ни да замисли сега, би можел само капите да им ги види. Но, па тие четворица испотени и теш, безгласно зачекорени луѓе, со овие нивни пламнати лица, и го носеа на своите раменици токму него. Тоа тие беа го нашле некаде и сега веќе го однесуваа со себе онаму, кај што им се сторило дека тој неизоставно треба да си биде; додека ритмичното претпазливо нишкање доаѓа токму од нивните куси, претешки пречекорувања по дебелиот снег. Со нив тие, постојано, сопнато, но и решително одминуваа секогаш потаму, однесувајќи го кај што во негово отсуство беа решиле веќе да го сторат тоа. Па тоа и беше токму тој, испружен ваков на нивната носилка, без можност и за помисла за некакво свое движење. Останат на средпат и паднат таму, дури не наишле овие четворица луѓе, што не можеле ни да посакаат да го остават, тој сега одеднаш и потаму патуваше. Беа му дошле и го нашле тие на неговата бука горе, изврзан и веќе отпуштен сосем, а сега само го однесуваа на своите тивки, крајно претпазливи пречекорувања, молчеливи и заздишени. Ооооууууу, ооууу, ооууу... А по сиот него, проникнувајќи и во најсилната пора од неговото отпуштено во немоќта тело, натопувајќи секоја ќелија од него, пребликнувајќи во секоја празнина од неговата бол, заплиснуваше еден бран од уште несетена, благотворна топлина, која можеше да биде и вака на еден сосем непознат начин болна. Прилегаше најповеќе на некое прегусто насетено натопување со мед. Токму со еден таков преблаг и претпо усет сонце во себе. Ооооооууууууу... Лучето го носеа на своите рамена по сиот тој длабок снег, што продолжуваше и потаму под нивниот чекор исто онака врашки да тоне; или на места уште само да чкрта, смрзнат. Сето тоа тој можеше сега и да го слуша. Знаеше дека луѓето го носат кон селото; одземајќи £ го на дивината, тие го враќаа дома. Беа едни такви сосем неизмислени луѓе; тој можеше сега барем на двајцата од нив да им ги гледа предолго и нивните спотнати и вгорештени лица. Дојдени во еден нивен вистински миг, сега тие и го правеа она единствено вистинското, што тука воопшто можеше да се стори. Она, што би го сторил секогаш и тој; и секој. Тоа неговите соселани, соседите негови, луѓето од Задругата, кои ги познаваше тој толку многу, што ниеднаш не можел да замисли за нив и нешто вакво. Со своите нозе, со рацете свои, со оние нивни темнопламнати лица, тие луѓе го правеа единственото за коешто нему не му достасаа сили. Првпат ли сега...? Најден во јамката од судбинското премрежје, токму тие му го враќаа со својата сила нему она, што беше еднаш веќе и засекогаш загубено; бездруго и недостижно. Го правеа тие тоа просто затоа, што и тој беше еден од нив, еден од сите тие селани. Онаа густа топлина, онаа топла мека бол, сега го заплиснуваше при секое ново и заедничко нивно пречекорување. А еднаш таа таква не можеше да не почне и да му се насобира во грлото, и тука да го грее, да тлее меко, згуснувајќи се. Сè дури не беше свесен како тоа веќе почнува да му се тркала по обете страни од лицето надолу, кон слепоочниците, со еден ист таков свој жежок и мек допир. Беше тоа и потаму сè уште само едно просто продолжување по посоката од неговото будење; само едно продолжување на растењето на освестувањето во него, и тој сега плачеше. Солзеше увисна и премален за секакво друго движење; а беше некако и толку многу правошто не можеше никако поинаку ни да го искаже она, што се случуваше со него. Плачеше од тоа, што тој уште ниеднаш во својот живот не бил толку многу близу со ниеден човек, како што беше сега со овие четворица. Оооооуууу... Плачеше од тоа што не можел да помисли ни дека е воопшто можно да им се биде и волку близок ним. Од сето тоа тој сега можеше да продолжува да плаче. И уште, криејќи ја од нив својата освестеност, единствено заради тоа што немаше сили да им одговори, можеше да го слуша како пробучува повремено под него и нивниот нетивок, испрекинат од сповите, што ги носеше зачекореноста и умората, говот: – Го оставивме сам, толку време... – велеше сега недовршувајќи од задишеноста, оној напред од неговата десна страна. – Сам. – Рече неговиот сосед. – Најлошо... Што беше сам... – Сам... – повтори оној нискиот назад, што го држеше својот крај од носилката повеќе на своите црвени како цвекло раце, отколку на рамото. – Можеш да бидеш за десет души силен. И наврапит, и своеглав, и вреден повеќе од него. Само да не си сам. Ништо не ти вреди, кога си сам. – Гладуван е како пес, – рече сега оној десниот напред. – Се познава по тежината. Инаку, едно вакво ѕвере од човек... – Сигурно не му се вдало да си удри... Ништо. А Претседателот само на тоа се надеваше. Имал храна само за десет дена; други дванаесет – каде... – А упорит. Се фаќам со каул дека ги има избичено сите трупци... долу. И ја изодел сена ѓаволска угорница. – Упорит. Ама легнал... – тоа беше оној, што досега не беше рекол ништо. – Лошо ќе беше ако не дојдевме денеска. А понекогаш ова ни треба на сиве... Оној имаше и еден таков остер глас; и тој го сеќаваше него како некое немилосрдно, но и крајно неминовно стружење со цврста одмерена острина по некоја негова рана. Која можеби и болеше, но која исто така не би можела ни да зарасте, пред да биде истругана така. Му беше дури и најповеќе радостен на тој глас. Сакаше оној да продолжи и потаму. А оној рече само уште: – Ни треба да видиме до каде се може сам. – Предлагам да почиваме... Тоа беше оној кусиот одзади. И сега застануваа, сосем внимателно. Најпосле стоеја. Сега, исто така внимателно, почнаа полека да се спуштаат надолу. Израснуваа над него во сета своја височина четворица луѓе од сите четири негови страни, а после и се наведнуваа и го спуштаа потаму врз тврдината од смрзнатиот снег во нивните нозе. Ги гледаше сите нивни лица, сите четири лица од сите овие четворица познати луѓе, кои сега, исто како небото пред малку, мораше да ги открива на еден ваков, сосема непознат начин. Во таа негова длабочина од небото над нив, додека почиваа и додека си уфкаа во своите прежилени дланки; а и после, додека ги палеа таму своите цигари, собрани во една група недалеку покрај него. Стоеја и зборуваа нешто, повисоки од сите околни дрвја и од сите далечни планини; луѓе. Почиваа на црвеникавата сончевина, си ги оптегнуваа рацете за да си ги одморат. Можеше да им се љубува од својата низина низ полузамижани трепки, сè додека сите тие четири познати лица во еден миг не ги свртеа кон него. и додека сите тие не му се загледаа во очите. Сега можеше да види како сите тие четири лица добиваат на себе по една блиска, простосрдечна и некаква дури изобличувачка изненадена насмевка. Знаеше дека го откриле неговиот поглед; воомјазен, тој ги откриваше нив. – Еј, Змејко, – рече сега оној малечкиот. – Како е? – А имаше лице како црвена и валчеста насмеана месечина. Од сè срце сакаше да му одговори. Оние сите го очекуваа тоа. Немаше глас. Гласот беше далеку. Не можеше да си го изнајде, и покрај сите напнувања во себе. Не можеше да изнајде ни една трунка глас за да им рече дека е добро. Но, сега наеднаш, Оние лица повеќе и не го очекуваа тоа. Тие само се смееја гласно, а тој знаеше дека успеал, со лицето, со очите, да им каже дека сега е многу, премногу добро. Оние четворица бргу ги допушија своите цигари; ги фрлија во снегот. А потоа му застанаа пак грамадни од сите четири страни. Го подигнаа внимателно и веќе го понесоа потаму под високото небо.